12. Дванаесетта збирка песни „Плодови“ (1984) избрани песни

ЈОВАН КОТЕСКИ
ПЛОДОВИ (1984)

Најпознати песни од оваа збирка:
1. На мајка Петкана
2. Каца
3. Алки
4. Зрзе
5. Плодови



НА МАЈКА ПЕТКАНА

1. (разбој)

Ја видов Мајка насон
седната во бел разбој
ги распостила јатоците
од свежи млазеви предива.

До неа стомне пресна вода
дел од богатството сашно
за кое нема жива уста
за успокоение. Подавам рака
свежината се истура в блик,
мостот меѓу сонуваното
ме враќа врамена болка.

2. (леб и лелек)

Врзува белото бозје, се ведри твојот лик
Мајко
прваспија ги одмина бојлиите буки
и цела природа во круг ѕуни
и цела природа на уво заустува!
Небото истури жолти искри.
Липот се струполи на онаа страна
каде жедниците ги отнуваат
своите чисти солзи - извори.
Вжилени стоиме копајќи вземи.
Со унес ми ја откриваш милоста
како древна божица, смирена, мудра,
и ме наградуваш со висок збор,
со леб и лелек од нашиот живот.

3. (глад)

Садот на печката потпевнува,
Мајка преде, црвот резбари в дрво.
Снегот надвор се ѕида себеси,
трае урната, спокојна ноќ.
Пајак од еден до друг крај
врзува нишки пајажина.
Прстите снежат кадела во пранги.
Кандилце со бледи одрази
мечува нејасни сенки на ѕидот.
Нечујно се разлева темен глас:
- Зар само за мене се урна светов?

4. (ковчег)

Се затвори ковчегот на Мајка во зимска ноќ,
земјата си го поврати земното, небото светото.

Во ковчегот на Мајка има неколку диплени кошули,
везени од ленено костенливо платно;
неколку фотографии на татко ми од туѓина
и една дуња шо нî залисува со мириси.
Има едно крсте од вознесение во Јорданија
една празнина од болка
што ги исполнува нашите немушти зборови.
Ковчегот на Мајка ги содржи сите патишта
ослободени од земјава и продолжени до бога.
Таа назорум му се приближува за да го отвори
со една солза престорена во пламен.

Сред големите ризници на овој несмасен свет
ковчегот на Мајка е скапоцен, зашто дури сега,
свети со неповторлива душа.


УСЛОВНОСТИ


На една лоза во скрито лозје
две прачки расонети од сокови, се бичуваат,
тоа - која попрво ќе роди грозд
за да се престори звук и слика!
Ќе се разлее виното во вистината
дека времето ќе ги прекине стиховите
налик на вода во напуштен бунар.


КРУНИСУВАЊЕ

(прилог за историја)

Кон големата загуба што ја пека
твојата сенка за да го чисти
гнојот на самотните столетија
свирепо те враќа болка иста.

Не делото, а мислата те порази
дека ти треба несреќата да ја плетеш
во мрежа од пеплосани отровници,
збир на жени и воини: сурија клета!

Така, низ слепи проѕирки на лавиринтите
те доведоа трагите до сончев пристан, в кал,
каде во дамнешна некропола те крунисаа
на изгубени земји и боишта, безимен крал.


ПРЕДАНИЕ


Дека ќе пленат
тешки товари проѕирно азно
никој не се сомнева.
Најтешката кражба,
темното мукање, не се ни поместува!
Доаѓа од утробата,
ја завлекува самогласната болка
праќа порака по ведра гласница.
Богатствата траат со загубите.
Ти оплакуваш ликови и везеш,
пристигаш пред буните
до клопче змии
на близнаците Јане и Јанка
што ползат по сиви брегови.
Греј ми, Лично Сонце!



ПРИВИДЕНИЕ


Едно згрбено стариче
што ги носи ударите
како на рамна тепсија
ги пали стрништата,
ја издвојува светлината
и во песна ја вивнува
до гроздов Средозем;
староста ја потпира
врз своите искинати венци.
Не ја видов ни како солза!
Таа лекум се престорува глас
и не прашува, а зошто,
што има да нí каже?!


ПЕТКАМЦИ


Под порта меѓу палец и казалец
во детска игра жубори живот.
Потаму камењата во прав лежат
тие, како умрените, врз себе тежат.


ДУЊА

На тетка Елена, вознесена на 18 години

Како можеше природата
да се огрди самата себе,
да украде од прстите убавина,
миризлива матерка?

Дали ти се огледа ликот жолт
на дуњата, што ми ја даде Мајка
со збор: - "за душа на тетка ти -
а што му додеа таа на господа
што ја отсече како младо фиданче,
зошто и тој стана резил,
оти се посрамоти . . .?"


КАПАЈЦА


Смрзната насмевка на стреата
ја храни мислата на морето
дека кадравиот чад на мразулците
ги израмнува умрените во бројки . . .

Синџирче скинато за да се врзе.


ПРОЛЕТ


Ги отна Господ та истекоа мразој и снегој,
ни од писанието веќе нема никаква следа

Се загна Сонцето и им ја разбуди смелоста
на затрчаните што стигнале гонејќи се до полпат

Сега е време никнењето да се повтори збор по збор



КАЛЕМАР


Ова стебло
во сон ја допира
сушноста на она стебло,
зборува со јазик на светлината
и прима пулс. А кога еднаш ќе се види
способноста на врзувањето,
скокот што трескоти низ лак,
ќе исплови на видело вистина
променета во набабрена пупка.
Тоа е галаксија во создавање,
отворена капка за пад,
дело на кое се нижат засеци:
тоа што е мое и што важи.


СКУЛПТОР

На Блаже Конески

Откриено му зазрачи надеж од мермерот,
му се прошири нежноста за попристапна пора,
требаше да се оди натаму во пластовите
зашто и вечното истекува од белина.
Знам дека мудро ќе постапи длетарот,
ќе откине парче вистина од карпата,
па онака сам и насамо
ќе í се радува на својата запалена душа
гледајќи ја како изгорува високо.
Нема што да се крие од содржината на мермерот,
знаејќи дека насмевката го чека подоцна
пробивна и зрачна,
тој ја зачна скулптурата пред паѓањето како пред бога,
со огреано лице за плачење.


КАЦА

На Методија Фотев

Ја поправаш кацата од бел благун.
Дрвото избива од себе милостиво и светло
со црвени парулки по жилите-
Ги слепуваш дабовите деланки без да знаеш
дека прстенот што ги врзува
го разубавува садот за да се шири!
Ѕвони кацата од допир со прст.
Обрачите ги стегаат гласовите
но пред да се решиш да ја исполниш кристали
врати се кај дното
зашто само мала непромисленост
може да те открие како неискусен мајстор
низ една осамена шурка од убавина.


МОЛИВ

На Иве

Го зедов и почнав да цртам
лик на дете.
Тогаш и не ја насетував
волшебната сила на моливот
зашто под неговото зажарено срце
почнаа да греат десетици насмевки,
едно цело поле со весели сончогледи.


ПТИЦИ

На Јасне

Овој паун што ги занишал боите на космосот
се стопил во нив, во опашот ги препречи сите
реки што тргна кон море,
веселиот глас му го посипува грлото со нежност
додека ја ваби својата пауница
со виножитни зрна.

Ова подзаутено пиле, чешларче,
се успокои во летен пек
на зелен лист од гранка.
Можеби ситоста ја милува со спуштено крило,
подготвено секогаш за лет.

Овој ут застанат како прастар мудрец,
думи дека денот е лажна слика само на една ѕвезда.
Тој всушност се стопува во општата светост на ноќта
кога со темен глас ја довикува
својата скриена буна.
Во неговите очи и пердуви
има нешто од згаснатите ѕвезди.

ПЧЕЛА

(слика за еден пролетен ден, кога со стрико Санде
откривме улиште)

Можно е раѓање тиранија.
- Оти да не е можно?
Бликнува утринска жар
плови нескротена ала
прелетува мноштво заседи.
Кумова Слама - ронка плева.
Капе мед во дворец - цвет.
Пчела Владетелка
го вкусува исконот
и нî води слепо и грубо
да í го робиме Царството.


ГРАДИНА

(тетка Менка го губи виделото)

Влегува во својата градина
каде бубалките се стопуваат во жешки бои,
сонцето на секој лист поставува наковална
и удира,
а благ повеј светнува од челик!
Таа нешто шепоти околу корењата
на старата лозница,
го уми зворот мајче,
го мириса сочниот здив на лисјето.
Неколку залаци земја срка со матичето,
по осет ги одделува засенетите зеленики,
ги изложува на сонце.
Одвај ги гледа наврнатите цутови на кајсијата,
пупките што врзале како момински гради,
па си помислува, додека погледот го одмора
на распалавен јоргован.
- На слепото пиле
и господ му прави седело. -


ВИЊЕТКИ


1.
Седнав до вруток полн светла вода
и со очи голтка по голтка пиев
од еден дотек престорен во жар.

2.
Седнав до вреќа полна јадра пченица
и со очи зрно по зрно зобав
разлеано жолтило престорено во жар.

3.
Седнав до куќен праг, во осама,
и слушав како крцкаат гредите
со изгорени срца од потулена жар.

4.
Седнав под небо полно виделина
и низ допир го почуствував
животот си одминува растурен во жар.


САТАР


Сатарот лизгаво светнува в грло
Бликнува штедро а кратко
Се затвара без смисла и значење
Големото око на бикот
Блесокот се ослободува со резок молк
Сега е тешко и густо да се лабави
Смртта ословена и’ мигнува на земјата
Воловите ја рикаат својата исконска крв


ОРАЧ


Сложна ѕвездена запрега
открива бразда со светнат лик.
Земјата ја отвора душата,
камењата го гледаат сонцето
како откопани коски од прастар гроб.
Тогаш чудна мисла му доаѓа на орачот,
ги шири рацете, прави крст,
на воловите милозливо им вели
- Ангели, ајс,
ќе ве олади сочен залак трева!
Смртта се оддолжува во пресна ораница.


НИКАЈЦА


Буквите - пченични зрна
заспани скромни убавици
од твојата корава дланка
пијат вселенска влага.

Под пепелта на скровито саќе
чекаат пролетни топли ноќи.

Улавите априлски ветришта
чешлаат кадрави мироносници
што ќе вјасаат темни и голи
низ мукањето на јадроста.


ЗАЗРЕВАЊЕ


1.
Едно пиле синиче го сече пладневна огнарка
тоа се врти како ситно видение
и го позема јадра свежина.
Голем намет е летниот ден
во опитот се сознава дека зрното залебува,
дека избива безвластие на природата
за да се затвори самата во себе.

2.
Се вратија од планина темни,
едниот ги влече сенките на шумата
превртени крилја од слетан орел,
(малку се лизга водата на изворите
во пробивот на светлината),
другиот се покажа со горчина што го фати
офтика, во матна мрежа. . .
Магарето усти молитва од трнот,
старата се приближува до ѕидот, прашува:
"Зар само толку зедовте од денов?!"


СТОЖЕР


Се врти мојот коњ
се врти и врти,
под копито сјајно
соѕвездие. Запалено
е јадрото, магичен број
присилува на пораз.
Се врти мојот коњ
се врти и врти,
до воденичен камен
светлосна година.


ЗРНО


Зрното е зафатено од појад.
Ништо од летнината.

Се покажува жена
- расцутена гранка
над пожолтена постела.

Обликувана и’ е ставата.
Набуен прелест во простор.

Се устремува возбудата
шибнува топла болка
низ мноштва морници.

БАГРЕМ


Можеби не му е наклонета почвата
на багремот во овие краишта,
можеби затоа снежниот цут
не се огласува оваа пролет. . .

Тоа тој го расплетува со познат лик
што бледнее некаде во планините,
во една куќа заскитана на пладнето
како да бега самата од себе. . .

Тоа тој како да се расонува сред жетва
кога сонцето ја фрла својата златна котва,
кога ветерот е благ а раката чиста,
кога меѓу зрното и окото светка нож. . .

Тоа тој сега како да си создава слика за ликот,
како да остри на грлото сечило,
како да го рони снежниот цут
во намовнатата морница на штрекот. . .


ТАА


Жена. Посветла
од зрно кај Пена
Дење сонува
црница потонува
Ноќе црпе лика
смеа два три крика
Таа издивка ѕивка
понежна од роењето
на долненските гајди


ПАТНИКОТ


Мирољубиво се приближи до планината
Со јазик на нејзините созданија, шепна:

Липањето не им стигнува да ја исполнат
мојата видлива тага што зацврстува редови
од бескрајните мноштва заспивања и будења.
Уште помалку, ако е пек, бојата на листот
од трендафилот и’ е туѓа на крвта. Туку, чуј! : -
тоа силно опива и ме принудува животот гол
да го споредувам со клобурец од извор!

Над српот го скрши лебот сув
се напи вода што избива обилно од камен
испишан со кревка, трајна мов.
Несносна горештина виеше од глад и страст. . .


СЕКИРА


Дрвосечачот почнува да ја сече сенката
исполнета со нејасен внатрешен немир
открива празнина на дрвото без смисла,
открива небиднина разгранета во свеста.

Потфатот го потсетува на летно сјајно пладне
кога ги одмерува силите во својата самотност,
кога зад врата пламнува лик на гола секира
залудно изложена на ветар од млада шума.


МУЛЕ
(неодредена песна)


Блика омарнина над калкан - кошаре,
поснопува пространства светост.
Еден јатак ме седнува на гола Синија,
ме предизвикува да прашувам, когашен ви е лебов?
- Јади и цркај! - вели, чекам со години
да ми доведеш црновлакнесто муле!
- Си го скопил ајгарот
што ги набава меризите во летен пек,
си му ја зел силата од темен ромор
пред да 'рзне кобила в античка драма!


ПРЕДЕЛ

Планината нараснува високо,
се огледува наспроти Присовјани
наликува на распарчена гемија.


АЛКИ

(старзаманско оро, по војната)


Писнува свирката на катун Еѓупци,
збива планината в подмолен татон.
Едно старче ја крева раката,
ногата ја подава како да влегува в гроб,
го фаќа ритамот на расплаканото пиле
и опа! - го почнува орото. Еден по друг
како алка со алка се врзува синџирот,
се издолжува од премалени тела.
На крајот од овој божји сплет
едно извалкано детиште со лице пердувче
го крева рачето во знак на лага
и со камшикот сплетен од живи тела
почнува да го камшикува господа
скриен во свирката што плаче.


ПАТУВАЊЕ

На Иван Трпчески

Не ги прелиста белите страни на светот,
- бродот што не тргна не стигна -
За тебе Буенос Аирес во маглишта
од кои нема да исплови.
Намачена душо! Не слушна детски крик,
не откина пранга од пранга,
не откачи алка од врат.
- Бродот што не тргна не стигна -
Морето ја вести својата трудна вода. . .
В заумија те бараа по изгубени боишта.
Јоргованите што не ги посати
никнаа во стројни леи . . .
Можеби само ја посмири страста за патување
пред смртта што и онака те најде.


СЛАЈЛО

По патот за Малесија
Завтасавме старец и дете.
Старецот со бастумот тупкаше во правта,
детето скокаше слично на јаре.
"Има доста до Слајло", вели старецот.
Крај патот постела од зрели кајкушки.
Каделата на главата од патникот
потсетува на ланските снегој од Ума,
на натрупаните лавини. . .
Среде изобилноста на природата
детето наоѓа зелен камен.
Како придружничка во летното патување
кон старецот и детето ја упатив песнава
за која ни до ден- денешен не најдов
формула и облик како да се напише!
Сепак на одминување старецот нî потсети
дека треба да побрзаме додека има сонце
зошто од Слајло до Сливица нî чека двоен пат.


ТРАГИ


Низ заплеткани патишта
откри нејасна азбука.

Крај бујни поила
подземен од ветер
го уми ситнописот.

Се јати над бранот стрв
жедоста што остава следи.

Тој и не насетува
што гони пред себе. . .

ЛИСНИК

(скица за песна)


Се натрупува свила
од илјада оголени едра.
Лист по лист шумата се дипли,
го открива славејот како ја точи
пролетната мора од рестурено пеење.
На козата вимето и’ се престорува
Млечен Пат, се разлева во нејасна
измаглина.

А желадот?
А јарето?

Ах,
во нив по еден заспан Демон бдее.


ЦИБРИНА

(запис)


Ситни лиотки се повлекува во мене
се враќаа по пожолтено лисје.
Виеја волциците во крупна ноќ,
се довикуваа во цибринеста низа.

Свирепоста на човекот- висок џган
полека а сигурно се коти,
луничаво ја мунѕосува природата
пред осакатена душа.

НА МИНУВАЊЕ


Од урнат ѕид со жолта низалка тутун
туѓа жена ни дава нејасен знак.

Возот обиколува планина,
почнува да се темни сеќавањето
за едно придружно литие, душо,
исполнета си со кадрави валми чад
од изгорено пелагониско поле.


МОШТИ

На Вселенов

Си му ги украл на Евангелистот
очите и брадата, без срам,
си зел од него честар шума,
зрно роса жиоќето што ги сложи.

Ако му треба ќе си ја врати
летнината од твојот восочен лик.
Ти само назорум влези в рај,
седни на трпеза пред црно вино.

Преслечи се во душата на ангелот
тој нема што да изгуби во тебе.
Може, навистина, да го удри дамла,
но питието е плод од негово поле.

Кога ќе си ги размените земните одежди
ви останува да се подзадумате над коските
зашто во едно пладне на југ ви ги најдоа
обесени на облак од билјур.


ЗРЗЕ

(песна за еден прстен од изминат век, кој се
зачувал како домашна реликвија)


Знам дека ти прилега!
Што ти прилега? Мислиш на турбанот
од црвен облак што се крева
како зафатено ткиво од рак.
Ти прилега парата што ја држиш
половина смоква, половина глад,
половина машка сила.
Што ти прилега уште?
- Ми прилега возбудата за која знам
дека нешто треба да се менува
со писмото под везот, со мислата
што дреме како жолта ждребица
во еден украден прстен од Зрзе.


ПЛОДОВИ


Кај нас не растат маслинки,
ни калинки дури нема,
прошарува понекогаш грозјето
тоа е драгоценост за деца и пилци.
Но затоа пак јаки се глоговите
и чемерика има колку за два - три века,
има пелин и босилек,
едно кралство расплакани цвеќиња.
Се’ е диво и отпорно,
хрането со цврсти минерали.
Изворите го зацврстуваат огледалото
и го превртуваат во ноќно мрестилиште
на исчезнати сенки . . .
Понекогаш, навистина,
намерници ќе донесат кошничиња јужно овошје
и тогаш ќе се потсетиме дека сме имале
земја крај море.
Некакви гласови од плодовите слушнале
или прочитале воени мапи
скриени тестаменти, можеби,
но овој расад од размисла не никне!
Кај нас и лаежот на кучињата
има поинаков глас пред пупењето,
кога ми се сони,
кршлива градина сочни портокали,
а тоа всушност биле миризливи сливи!
Чадосана земјо!
Од твоите склопци ми е земена семката
и во низалка ми ја бесат
по сивите межници на боиштата.


СУША, ГЛАС

На Мими

Од тешки кругови избива суша.
Сина линија под еден жолт престол
зад ликот на ангел во селско црквиче
освежува предел.

Сокот на гроздот му бега
како што ми бега бојата
на твојот течен глас.

ФИЛЏАН

На брат ми Благе

Така го најдов така го оставам
филџанот што ме потсетува
на белка од око, на капка од вар.
Се предава од рака в рака
веќе одминати два и половина века.
Од него пиеле горчина
Конде печалбарот што ги остави коските
во Лајпциг: (неговите внуци и правнуци
загинаа во бомбардирање, 1943 г. ),
Шабан ковачот, несуден шеик, што е в почин,
зашто ни зурлата на Фејзо, син му,
не ја подзапре смртта, а Мека е далеку! ,
терзијата Гавре од Локов, удвосан,
им ја кроеше облеката на зетовците
што ги нема повеќе дури ни во еповите,
(а самиот беше повеќе душа отколку тело) ;
"Чиче", која породот го стави в гроб
само за два дена, (чума, што ли?) ,
или Славе гајдаџијата кој со едната нога
í газеше на душата од земјата
додека со прстот í го земаше здивот
на гајдата што лелекаше во Вселената.
Кој не пиел со филџанот топла ракија:
дедо Јаким кој беше темен
како оставена планина на пладне
во зимска скудна незаветрина
додека гори камен и дрво од студ
тој ги прибираше своите светли очи
како расплакани срни во пештера.
Или дедо Наум! Нека прими прошка природата,
но тој во душата се’ уште ги топли
моите незаделкани зборови . . .
Васил, татко ни, нека филџанот го најде
зад заумноста на својата и мојата жед,
каде што светлината од темните извори се рои
и се проширува . . .


ЗУРЛА


Направена е од збор а кажува
како се робат во длабочина кралства,
како се врзуваат закони.

Жива змија на жар, пишти,
се храни со божји знаци
и досегнува други брегови . . .

Листењето и ронењето ги вага
на два шикнати млаза,
на два созвучни извора.

Тече свирбата свежа и густа
во светли јадри капки,
во рој напливнати мириси.

Својата свирепа страст
зурлата ја кали во оган
и дотекува како од оној свет.


ОГАН


Очи во рој килибарни пчели
одградуваат ден, заградуваат ноќ,
нив растопен јазол ги дели.

Некој во оган на жиоќе те оплакува:
отпарува конци од стара билка,
огрдено, цело јато пилци скапува.

Има натежната мисла ко пенушка таа друшка.
Со зли погледи од очи запалени прачки влече,
капе грозд налик на смрт пред вперена пушка.

Те мерка како змија в лак да те клукне:
оганот од очи со оган се довикува,
пламнува зелен облак за да те плукне!


БАЊА


Топли пареи и кадежи -
направи божји си играат со оган
Минерали во течни пластови
се вртат во вител од светлина.
Пред Белите Порти на Кораб
простор исполнет со восхит,
убавина од живи тела
ми се извишува во соништата?
Искри во матица водата,
небаре сум крунисан со венец
од сталактити.

Ја оставам Бањата и се упатувам
кон Отишани.


КАЈЧЕ


- Мајчина жено
за сите страсти
не гледај долу(!)
натемаго создава божество
од весло;
ти се причинува дека е храм,
тоа се пожолтени цутје
ги лулеат струите ваму - таму
и ако е со ум доста е да се види
дека припаѓа за да се рамни
во светлите сенки на водата.
Од полни цврсти капки
се истиснува кајче,
го фрла својот прастар лак
на брегот.
Ти си раширена перка
кон оној долу што чека.

- Ами што ти е, човеку? Оти да го клајш?


ЖЕНАТА ОД СЕВЕР


Со своите бронзени нозе
таа усмрти три кентавра
што и’ ги проширија акварелите
на нејзините поила.

Еда црна земјо од јужна страна!

Нејзините мисли
одведоа три синџири робје
од утоките до изворите
водата доби нагорен тек . . .

Еда врело сонце од летно пладен!

Со своите мазни колкови
таа ги разниша чардаците на сарајот
и како прелетна душегубица
се вивна во дрзовен плам.

Леле црна скорпијо од светла плажа!


ГОНГ

(гледајќи го од екран Екипажот на Вселенскиот брод
"Спејс шатл")
На Аврам Садикарио

Го поместија аголот
Земјата им се изложи
во обземен простор

Таа изби во привидение
шокирано од пламења,
ослободено светло недре

Сред густи размисли
им узреа руда - мрена,
гребнатинка од заспана жар

Ја нарекоа Вселенска грмушка,
струпец по кој трагаа божјаци
со гонг од цврсти ' ржи



МОРЕ

Прелева морето заситен застој,
во своите дела огнови множи.
Постои, стенка, се полни од себе
налик на листот корени што полни.

Пијат тирании за да се врзе
семожна светлина - вода во Едно,
од слог заемен копното го дроби,
пресипува браној в сончева пена.

Бројките двојни се лачат, а земно
внатрешно бегство надвор да се скрие,
течни постели црното го робат,
секнува слухот пред рикање гласно.


ВО ЛЕТНА НОЌ, НАД МАЛЕСИЈА, НЕБОТО
Е КИЧЕР ЅВЕЗДИ


(бладање)

"Не гледај поѕвезди"
(народна изрека)

Сонот сосем те издаде, не,
рече - сред увездени угари ја капеше,
рацете ти се полнеа светла 'рж,
можеше да и’ шепотиш на воденицата
за пленот што и’ го молзеше зрното. . .

Не велам лага, се сложува копијата
на немоќта дури штом ќе стигне
до оној пурпур гол за да се сјати
воскресението на јаснината.
Велам дека наковалното Рак в измаглина
ги точи твоите очи
Мукањето на крвјосаната Андромеда,
Квачката што ги собира пилците,
Ралицата што ја сонуваш додека ораш
огнени облаци в растопен Прстен . . .

Во скудна бескрајна ноќ
некој се доближува, ти ги краде коските,
ти ги растура крвните зрнца,
те принудува да се обезличуваш
сред растурено ѕвездено јато . . .


БОИШТЕ


Се всели непознат крвопија,
ги зазеде и запоседна пусиите,
ги подметна пожарите
и не прашувајќи кој сум, што сум,
ликува во моето тело!
Го создаде боиштето сам,
ги испомеша розовите градини
со розовите мисли,
отна мноштво извори матно да течат.
Се пресекоа патиштата на вените,
се слеаја реките на артериите -
борбата ја прифатија без крај . . .
Во општиот метеж
се скинаа мноштво невидливи нишки.
Пожарите навистина згаснаа,
но боиштето остана.

*
* *

Не мушти ме лозје бујно + крвта капе темно струјно.
Капе крвта, стега грло + на јазик се блазне трло!
"Не дотеков ако реков!" + зад мене се рои веков.
Ѕидовите немо сонат + соновите в прав се ронат.
Ако Господ ли ме фатил + зошто со смрт тој ми вратил?
Зошто вратил, кој ми вратил? + зар јас внук на сердар, катил?
Леле, лежам в платна збрани + отворени крвој, рани,
Што ме зачна мајка знае, + што ме роди пак се кае.
И ме најде и ме зајде + кажете ми сега, ајде,
Во оганот оти горам + само како в бол да болам
На коренот сок да бидам + прав и пепел да се видам,
Ме попари ситна слана + в отворена кратер рана.
Ќе ме нема, ќе ме нема + кој ме даде што ме зема?




*
* *

Можноста ли те роди + силата ли те згоди,
Јазикот ли те боли + болката ли те моли?
Зборот со збор се крви + крвје со крвје стрви,
Мислата ли се гласи + а ти со кого, кај си?
Кај си сред лаки бели + темни улишта врели,
Угриз од стара сказна + бегличка чешма празна,
Кај си, кај не си, ти си! + на клепка смрт ти виси,
Ти виси, ти ме двориш + со чиста совест кориш
Штом е дрвото пламен + со гол се рамни камен.


МЕ НАПУШТИ ДУШАТА


Ме напушти душата и сега лута,
пие од лик и од лак дива вода.
- Зошто ми е телото? Тоа е
кал што се меси, тесто што зазорува.
Така ми рече душата што ја видов
престорена во заталкана птица
засолнета во кафез од мраз
мери бисери тајна скаперница.
Ја видов душата од душа кај што бега
забрзана бубалка кон жолто цвеќе
ми го поттурна телото во сонот,
ми ја помести сликата во видот
а на минување како да ми подрече:
"Нека ми прости телото од кал
што сум одронета капка од ехо!"

За Јован Котески

1. Целосна блог-архива за животот и творештвото на македонскиот поет Јован Котески (1932-2001). Блогот ги содржи целокупните поетски збирки на Јован Котески од 1958 до 2000, како и неговата лична и творечка архива.

2.Материјалите од блогот се слободни за користење во лични, образовни и научни цели. Забранета е нивна употреба за комерцијални цели и без наведување на изворот и авторот.

3.Сите дериватни дела (правењето песни, раскази, романи, музика, сликарство, вајарство, документарци, филмови, стрипови, спотови, танц, фотографија, дизајн, мода, видео-игри, виртуелни светови... научни и стручни текстови, теорија и филозофија, публицистика... врз основа на песните од Котески) се дозволени, доколку не се користат за комерцијални цели и доколку се наведе изворот и авторот.

4.Авторот на дериватските дела мора целосно да го наведе текстот на оваа лиценца (на истиот начин како што се појавува овде).

5. Доколку некој автор спомнат на блогот смета дека се повредени неговите/нејзините авторски права, може да ја контактира Јасна Котеска на jasnak@gmail.com

...за Јован Котески од Јасна Котеска

Линкови за Јован Котески

Multimedia


Каменоресци. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк
Кајмакчалан. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк

База на податоци за книгите на Котески

Базата ги содржи:
1. Насловот на збирката
2. Годината на издавање
3. Издавачот и серијата
4. Пагинација и димензии на книгата
5. ISBN (кадешто го има)
6. Насловна корица

I. Збирки песни

1. Насмевка пред зорите (1958)
2. Земја и страст (1958)
3. Злодоба (1963)
4. Тежина (1965)
5. Пеплосија (1966)
- Земја и страст, 2 изд. (1971)
6. Сенки (1972)
7. Зелени порти (1975)
8. Хераклеја (1978)
9. Поморија (1981)
10. Бденија и сновиденија (1982)
11. Полилеј (1983)
12. Плодови (1984)
13. Тапија (1985)
14. Сончева белегија (1990)
15. Живожарица (1990)
16. Морници (1991)
17. Ралица (1992)
18. Лелејка (1994)
19. Самотија (1994)
20. Трагач (1996)
21. Приќе (1997)
22. Одрон (1998)
23. Разор (1999)
24. Кртечина (2000)

II. Избор од поезијата

1. Злодоба (1992) - избор
2. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - избор
3. Празник (1995) - избор
4. Решетки (1996) - избор од затворската лирика
5. Јован Котески (2000) - тротомен избор
6. Сончева белегија (2008) - избор

III. Препеви

1. Pesme/Песни (1974) - српски
2. Dragoste si moarte (1981) - романски
3. Strah i duša (1984) - српски
4. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - англиски, француски, руски.

IV. Песни за деца

1. Глувчето со двоглед (1991)

V. Книги за Котески

1. Поезијата на Јован Котески (2003) од Миодраг Друговац

Избрани песни

Јован Котески
АЛКИ (1984)

(старзаманско оро, по војната)


Писнува свирката на катун Еѓупци,
збива планината в подмолен татон.
Едно старче ја крева раката,
ногата ја подава како да влегува в гроб,
го фаќа ритамот на расплаканото пиле
и опа! - го почнува орото. Еден по друг
како алка со алка се врзува синџирот,
се издолжува од премалени тела.
На крајот од овој божји сплет
едно извалкано детиште со лице пердувче
го крева рачето во знак на лага
и со камшикот сплетен од живи тела
почнува да го камшикува господа
скриен во свирката што плаче.


Jован Котески
Трагач (1995)
поема

- извадок-

Пред да избереш девојка за жена
најпрвин избери огледало
на кое ќе се огледува муце од видра!
Според бојата на земјата по која се втиснуваат
твоите траги
одреди ѝ го тварот, не заборавај го зборот!
Храни ја извесно време со суво грозје
како што се хранат канаринките.
Пред да зачекориш во подвигот погледни ѝ ги забите
(бели?)
кажи ѝ неколку простени молитви гласно и јасно!
Наостри ја сабјата како секавица
низ Димна гора за да ти се гледа . . .
Потковај го коњот наопаку со клинци
- жолти дукати.
Не пропуштај го галавниот адут - виното.
Пред да избереш девојка за жена
појди на чешма и со часови гледај го млазот вода . . .


Колку и да ти се открива како светица
таа ќе ти ја одземе силата, човеку, не Господ.
Не срди се што не ти ја дополнила чашата
течен ќилибар, таа ја знае суровата мера.
И не бегај од неа како овчар од магла,
не оставај ја усвитена фурна,
таа ќе го пече тоа што ќе го рече
па макар ти да се здробиш на парчиња во Солунско!
Не број го времето со часови, денови, години,
симни го јарчето на сржбата од вратот
и врати се кај што се врти вретеното . . .
Инаку таа знае да биде и црвена мравка,
ќе ти ги растури името и куќата.
Ќе те остави гол како пиштол
а своите рудни богатства на имањето
ќе му ги отстапи на Беле Костурчето
што ќе ѝ ги прекопува со жешка казма!