Алекс Букарски за Јован Котески (2008)

За блогот: поезијата на Јован Котески
Алекс Букарски
линк

Интимистот - тоа е шифрата под кое е водено неговото полициско досие скоро 40 години не е политичка жртва како Ченто кој иако правоверен комунист, парадоксално денес најмногу го слават националистите, не е македонски Фауст (М. Србиновски) “двоен и со биографија полна контрадикторности“ како Венко Марковски, не е ниту брилијантниот актер со темпераментен и буен карактер Ристо Шишков со кој во извесна мера имаше слична судбина.
Хрватите го имаат Јанко Полиќ Камов наречен Витезот на црната пцовка а Србите го имаат Бранко Миљковиќ поетот што го уби пресилната реч и ременот (кој му го накалемија???) на тенката гранка на едно дрво 1961ва во загрепскиот парк, затоа ние Македонците допрва треба дополнително да го разоткриваме и студираме Јован Котески - поет интимист.
Камов и Миљковиќ согоруваат млади, порочни и славни, со луксуз да се помалку мрачни помалку песимистични, додека Јован Котески е тотална спротивност на сето тоа: кроток, скромен, љубезен и семеен како општи каректеристики на неговата личност; енергичен и страствен но и прекалено мудар како поет; полемичен, искрен и критичен при разговори со пријателите - последните две “алтер-ега“ биле повод со децении да се пополнуваат тефтерите од страна на полициски информатори прикриени како негови доверливи пријатели, многумина од нив, до ден-денес истакнати писатели и поети кои воочливо висат на полицита на националната книжевност.
Доживува некаква пристојна старост (ако воопшто постои таква?), но се соочува со поголема и подолга голгота испреплетена со разно-разни психо-тортури.
Судбина исполнета со многу јад, црнила и години на изолација и параноја.
Денес 17 години после осамостојувањето, фразеолошки што би рекле, Јован Котески често се случува површно да го “чествуваат“ и разни маргинални -исти од многуте идеолошки отпади, но освен тоа, со исклучоци од страна на некои интелектуалци, тој не е (о)ценет онака како што треба.
Ако некој мене ме праша, да биде институционализиран повеќе од потребното ќе наликува на сите омразени национални поети кои ги учевме во основно и средно.
Со исклучок можеби на Ацо Шопов и некои други.
Но, правдата, куца и бавна, мора да биде задоволена.
Пишувањето меѓу останатото е и во извесна мера истерување на некаква правда, (Д. Угрешиќ) зошто тогаш да не биде исполнета и правдата за еден праведен и неправедно обвинет поет.
На 19 години кога почнав да пишувам немав високо мислење за поезијата.
Подоцна ги открив Витман, Лотреамон и Буковски.
Оттогаш поезија читам се повеќе. Деновиве читам поезија и есеи од Јозеф Бродски.
Според него, најголем проблем за советската власт не било анти-советското ниту про-советското, туку асоветското.
Индивидуалниот поетски израз, надвор од нормите на официјалната школа, е доволна причина да доживеете прогон или егзил во некое тоталитарно општество.
Од таа поезија со која сум запознаен Јован опејува љубовна тематика, автобиографска со посебен осврт на тешките денови, има народна но не во класична смисла, родољубива, туку со мотиви од природните пејзажи&панорами, или “медитеранска ала Лорка“ (Б.Конески), има високоестетска поезија со стилистиката на старогрчка митологија.
Не сум сноб веднаш сега да би се нафрлил на југословенскиот социјализам, но факт е дека Јован Котески е жртва на полициски режим + кафкијанство + малограѓански менталитет - последното најверојатно поприсутно денес од кога и да е било.

Прочитајте го блогот со поезијата, биографските податоци, интервјуа и статии за Јован Котески, блог уредуван од неговата ќерка, професорката по книжевност Јасна Котеска.
Тоа е задолжителната литература што наставничката по литература никогаш не ви ја раскажала.
Но, во догледно време, таа грешка, како умее и знае таа ќе мора да ја поправи.
Затоа вие бидете спремни.

За Јован Котески

1. Целосна блог-архива за животот и творештвото на македонскиот поет Јован Котески (1932-2001). Блогот ги содржи целокупните поетски збирки на Јован Котески од 1958 до 2000, како и неговата лична и творечка архива.

2.Материјалите од блогот се слободни за користење во лични, образовни и научни цели. Забранета е нивна употреба за комерцијални цели и без наведување на изворот и авторот.

3.Сите дериватни дела (правењето песни, раскази, романи, музика, сликарство, вајарство, документарци, филмови, стрипови, спотови, танц, фотографија, дизајн, мода, видео-игри, виртуелни светови... научни и стручни текстови, теорија и филозофија, публицистика... врз основа на песните од Котески) се дозволени, доколку не се користат за комерцијални цели и доколку се наведе изворот и авторот.

4.Авторот на дериватските дела мора целосно да го наведе текстот на оваа лиценца (на истиот начин како што се појавува овде).

5. Доколку некој автор спомнат на блогот смета дека се повредени неговите/нејзините авторски права, може да ја контактира Јасна Котеска на jasnak@gmail.com

...за Јован Котески од Јасна Котеска

Линкови за Јован Котески

Multimedia


Каменоресци. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк
Кајмакчалан. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк

База на податоци за книгите на Котески

Базата ги содржи:
1. Насловот на збирката
2. Годината на издавање
3. Издавачот и серијата
4. Пагинација и димензии на книгата
5. ISBN (кадешто го има)
6. Насловна корица

I. Збирки песни

1. Насмевка пред зорите (1958)
2. Земја и страст (1958)
3. Злодоба (1963)
4. Тежина (1965)
5. Пеплосија (1966)
- Земја и страст, 2 изд. (1971)
6. Сенки (1972)
7. Зелени порти (1975)
8. Хераклеја (1978)
9. Поморија (1981)
10. Бденија и сновиденија (1982)
11. Полилеј (1983)
12. Плодови (1984)
13. Тапија (1985)
14. Сончева белегија (1990)
15. Живожарица (1990)
16. Морници (1991)
17. Ралица (1992)
18. Лелејка (1994)
19. Самотија (1994)
20. Трагач (1996)
21. Приќе (1997)
22. Одрон (1998)
23. Разор (1999)
24. Кртечина (2000)

II. Избор од поезијата

1. Злодоба (1992) - избор
2. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - избор
3. Празник (1995) - избор
4. Решетки (1996) - избор од затворската лирика
5. Јован Котески (2000) - тротомен избор
6. Сончева белегија (2008) - избор

III. Препеви

1. Pesme/Песни (1974) - српски
2. Dragoste si moarte (1981) - романски
3. Strah i duša (1984) - српски
4. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - англиски, француски, руски.

IV. Песни за деца

1. Глувчето со двоглед (1991)

V. Книги за Котески

1. Поезијата на Јован Котески (2003) од Миодраг Друговац

Избрани песни

Јован Котески
АЛКИ (1984)

(старзаманско оро, по војната)


Писнува свирката на катун Еѓупци,
збива планината в подмолен татон.
Едно старче ја крева раката,
ногата ја подава како да влегува в гроб,
го фаќа ритамот на расплаканото пиле
и опа! - го почнува орото. Еден по друг
како алка со алка се врзува синџирот,
се издолжува од премалени тела.
На крајот од овој божји сплет
едно извалкано детиште со лице пердувче
го крева рачето во знак на лага
и со камшикот сплетен од живи тела
почнува да го камшикува господа
скриен во свирката што плаче.


Jован Котески
Трагач (1995)
поема

- извадок-

Пред да избереш девојка за жена
најпрвин избери огледало
на кое ќе се огледува муце од видра!
Според бојата на земјата по која се втиснуваат
твоите траги
одреди ѝ го тварот, не заборавај го зборот!
Храни ја извесно време со суво грозје
како што се хранат канаринките.
Пред да зачекориш во подвигот погледни ѝ ги забите
(бели?)
кажи ѝ неколку простени молитви гласно и јасно!
Наостри ја сабјата како секавица
низ Димна гора за да ти се гледа . . .
Потковај го коњот наопаку со клинци
- жолти дукати.
Не пропуштај го галавниот адут - виното.
Пред да избереш девојка за жена
појди на чешма и со часови гледај го млазот вода . . .


Колку и да ти се открива како светица
таа ќе ти ја одземе силата, човеку, не Господ.
Не срди се што не ти ја дополнила чашата
течен ќилибар, таа ја знае суровата мера.
И не бегај од неа како овчар од магла,
не оставај ја усвитена фурна,
таа ќе го пече тоа што ќе го рече
па макар ти да се здробиш на парчиња во Солунско!
Не број го времето со часови, денови, години,
симни го јарчето на сржбата од вратот
и врати се кај што се врти вретеното . . .
Инаку таа знае да биде и црвена мравка,
ќе ти ги растури името и куќата.
Ќе те остави гол како пиштол
а своите рудни богатства на имањето
ќе му ги отстапи на Беле Костурчето
што ќе ѝ ги прекопува со жешка казма!