24. Дваесет и четврта збирка „Кртечина“ (1999) Јован Котески - избрани песни

ЈОВАН КОТЕСКИ
КРТЕЧИНА (1999)


На Никола Јанкуловски
со особена чест.



Најпознати песни од оваа збирка:
1. Кртечина
2. Болничка соба
3. Шушуле
4. Крчин
5. Зрела ’рж
6. Лебедова песна
7. Време
8. Писмо
9. Привид
10. Свадбата во Кана
11. Последна строфа


СКИЦА

Земјава бледнее, лицево темнее,
а Флора налева цвеќе од дланки.
Некој си прочитал повесмо од албум!
Зошто да оставам и јас тестамент
кога се откривам - бигор камен . . .
На него втиснувам сосема на слепо
нокте на кртица што преора хумус
без да сети пред тоа, грозен ламнет!



КРТЕЧИНА


И еве се престорив ровка земја
избраздена со кртечина,
весла кртица со топло крзно,
со бело драскаво нокте
чепка кај што ме боли.
Една кртечина се затина,
друга се отина со матечина
од пресна, засирена крв.
Шикнува млаз вода оттаму,
одваму веќе несопирно тече . . .
Се престорив ровка земја
низ чии лавиринти одекнува
крикот на моето детство.
Наслушувам с'ска влекачка
одмотана од под студен камен;
белким е дојден часот
да се испорамнат сметките
меѓу небото и земјава
преку моево отворено тело.
Клинички центар, Скопје, јуни 1999 г.


БУНИЛО


Кревко црешово стебло
облечено в цутје ме потсетува
дека сме блиску до островски брег,
до минливи одвеани ароми
во неодминливи строги алеи . . .

Преку вена ми се слева крвна плазма
лава на вулкан жив!

Ќе ми се измолкне душава од телово
(змија од кошула!) и долго облакот
пенлив ќе ја притиска земјава,
ќе дриска посоп од снег.


БОЛНИЧКА СОБА


Двајца врвни мајстори
играат пинг-понг
топчето наизменично лета
од едната на другата страна,
успехот е променлив!
Среќата му се наклонува
на Танатос, но само за миг,
Хипнос ја презема играта,
победата е на негова страна!

Потоа низ некое далечно поле
пламнуваат сино-бели макови
како облека на медицински сестри
кои зачекориле кон меѓата, в сон,
со ведра, растурена смеа . . .
Една од нив вели:
- Крвната плазма ти е при крај,
моравме да те приврземе со завој
колку да не се струполиш од креветов,
да не одлеташ преку прозор на слепо! -



ШУШУЛЕ


Шушуле (инсект сличен на светулка)
секогаш се пика в уво,
сучи бела памучна преѓа
се преточува во фосфори . . .
Судено му е да созрева во сува трева,
да опстојува во погледот
ко строшен, вреден рубин . . .
Се променува во сина темјанушка
за да ја разубавее пенушката;
несетно орбитира околу земјава
со отмен, спокоен лет . . . Боже,
дали сум јас тоа шушуле?


НА ТРОНОТ ОД СОНОТ


Сонувам жетва од бронзени кипови,
сета антика се преселила в круг
врз бело торбе на отворена книга . . .

На ридот куќа гори, некој се капе
во матната река на мојот сон;
со стопени крилја на Икар летам,
на улица се создава злокобна збрка . . .

Се будам. Се чувствувам сериозен
како крал на Аргонафтите!,
(ги собирам нозеве на креветот
и и’ се молам на Сестрата
да ми донесе чаша вода.) Еве,
одвај се свртувам натаму
за неприкосновено да владејам
на Тронот од Сонот!


СВЕТЛИНА


Од каква кртечина извира
овој вруток од светлина,
- набуен млаз од искри?
Неизмерен во бликнувањето,
незапирлив во бранувањето,
во просторот издашно разлева
искон од нестварна пена!
Длето обликува лик на гола
паганка. Убоста и’ ја прековува
во пранга . . . Светлина,
про'ртена во повторна болка,
наспроти сите драги спомени . . .
Со каков карат да го измерам
ова бело злато на светлината
пред раната од темна крв?


ВЕНЕРА

Клунови на гаврани в кобна замка!
Таа лежи во срцето на земјата
и не и’ е грижа што и’ старее телот,
што и’ малее душата, што во топило е
гнила копа! Венера - кртица,
ме блазне со страст
пред два - три ожнеани снопа!
И’ ги отинам изворите
од благороден бигорен камен,
та ја кревам како икона
со посребрена рамка,
со неистрошена стрела на времето
сака да се престори кралица
со неограничена власт !


ЃУРКО ЛЕКО *


Вода блика од каменот
ко разголен светнат меч
и ја пресечува ливадата
на два чемерни зера!
Кој бил тој Ѓурко Леко
што ги собрал капките
во еден дулец од мраз?
Ѕирнал во утробата на земјата
и ја загасил жедта на привидот!
Ја брцнувам дланкава
во разголена вода на припек.
Се израмнувам со рамнотежата
на еден излеан млаз.
Дали некогаш моиве очи
ќе се огледаат во жуборот
кој скротува додека се повторува
во една порака свежа!



*Ѓурко Леко , име на извор во родниот крај на поетот


ВЕТРОВИ

Ги прелистувам антологиите
на ветровите
и ориентирот на минливоста
ненамерно ме цели;
Пердувите на ветрушките
ги позајмувам за лепези,
додека накривените кикиришки
го бичуваат тенкиот глас . . .
Стегам узди на атови . . .
Виори разбеснети
ја корнат сламната стреја,
додека чекам еден сафир
на скутале во крајполе,
ме разнесува студен ветер . . .


ДЕВОЈКИ


Тие се расејани цутови на кајсија
на црвено послана маса. Човеку,
оправдај им ја невиноста,
рамнодушноста на денот! Тие гипки
газели можат да направат и задоцнет
скок со еден префинет потег, но кога?
Но како да се разбере тоа послание!




СКЛАДНИ ЛИНИИ


Тенките линии
повлечени по каријатидите
на сонуваниот Партенон
ме ужасуваат од сознанието
дека никогаш нема да ги допрам!

Линиите на Медитеранот
повлечени од заслепени ластовици
што си го изгубиле патот
во магливо, морничаво утро,
го сонуваат скандинавскиот брег!

Утеха се наоѓа во знаме - ѕвезда
опточена со златен вез.
Една овдешна муза со валчесто тело
што ја брсти ветер - зефир,
(просто да видиш, да не веруваш!)
има толку складна линија
што може да го преврти сводот
од самиот почеток на коњските трки!

Таа има такви совршени кртечини
на градите, од што ти застанува
здивот! Складните линии
што никаде не се пресечуваат
го наведуваат коњот да ја загаси
водата со оган!



УКИТ


Во сонот игра ласица
копа тунел в снег.
(Сосем топла дланка
кинеше цут од багреми.)
Тоа беше пролетта. Да.
Во шарена божја бовча
стега зелен мраз,
ти подарувам азар - азно,
нестварно цвеќе на џам,
арабеска по смрзната мера!
Така мртовец чекори
а сечко по него рони
жолта роза во вир . . .Не!
Напластува снежен укит.


МЕСЕЧИНА
(романтична)

"Искапена во водите на Океанот"
Месечината ја спростира коприната
врз стеблата од пченка; зачната пајажина
наспроти нестварен шум! Се бичуваат
голите сабји на ноќта, ах! - мека
тишина не’ обликува во целина
од избликнатата страст; тие божји
штурчиња што штуркаат ја рануваат
Вселенат и го затвараат кругот!
Се’ гори онаму горе, еве ме,
сред часовите на ноќна жар
го симнувам прстенот од прстов
за да ја допрам сосема гола егзијата!
Поленовиот прав што се сипе врз нас
цели кон твоите копнежливи дојки.
Додека зад деветтата планина
брстат нестрпливи кошути; ах! каква ноќ
под Месечина, на легло од папрат . . .
Јури среќата на жолта кочија,
се устремува кон развлечениот круг,
една ала ги расејува забите на змијата
во растопениот восок на ноќта!


КРЧИН

Што ако сум рекол дека Крчин,
наспроти манастирот Јован Бигорски
ми личи на ѕвоно?! Исправен пред себеси,
човекот е ништожен да се истоветува
со материјалната стихија на Бога!
Да прави од себе назорен Демон!
Зошто ти е таква мисла за смисла
да ја впрегаш во јарем на вечноста,
да го дробиш својот остинат череп?! Знај -
Крчин е сличен на остината кртечина.






ЗРЕЛА 'РЖ

(елегија за себе)

Гледано од врв планина, в летна ноќ,
небото е отворена таблица
со светли ноти - ѕвезди; хармонија
во која се гнезди твојата свест;
човеку, не мати си го умот, сврти ја мислата
надолу, кон реката, насочи ја кон морето,
сосема си блиску, скоро на дофат,
до всленската нечујна музика!
Тоа, морето, се влева во океанот
(син на стопанкината ала - природа)
та ги огледува ѕвездите во жар;
се загрнува во бела гуна од светлина . . .
Остави го океанот нека се близне в бран,
слези до реката и на една шурка
исплакни си го лицето избраздено од грч!
Уште - што да ти речам? Тргај надолу
се’ додека не те распарче молња,
додека не те израмне со земјата
што ќе те престори течен сулфур
за да си расцутиш повторно во зрела 'рж . . .


ГРОЗДЕ

На платото застанав
за троа отпочинка.
Беше време на гроздобер.
Од лозјето наспротија
како од песна над песните
неочекувано исплови
русокоса девојка,
ми подаде црно грозде.
Капеа благодети од него.
Несомнено, жедта ми ја згаси,
но суетата ми ја пламна.


ЛЕБЕДОВА ПЕСНА

Таа ги испра кошулите ленени,
ги исплакна, ги полеа, ги стокми,
и со штипки ги обеси во дворот
да се сушат. Се доби впечаток
дека слетале јата лебеди
од некој божествен, волшебен свет.
Гледана од далеку, оваа панорама,
исполнуваше една нова слика
на спуштање лесни платноотки
упатени кон некој непознат брег.

Она што остана ненаквасено на изворот
се топеше во нејзината душа;
додека светлоста на ѕвездата деница
нижеше ѓердани од роса,
Таа со златни сандали на Сонцето
тропаше по барабанот на денот!
Го чекаше моето ненапишано писмо
со знаци - ноти на славеи! - и нокти
меѓу чашките и усните на цвеќето
каде што има многу простор за плач . . .


ОСИЛКА
(резигнација!)

Песна сложена, неускладена, тоа - така!
Се одигра драма со бодеж
врз птичје кревко крило;
песната никогаш не се поврзува
во темен звук на складна лира;
а тоа ти е како кога син камен
ќе протоне в длабок вир
или во уште поузреана тага
ќе блесне пронајден талисман!
Тоа ти е јачмено зрно со остра осилка
на врв на страчкин клун, при лет,
кога ќе почне отмено да штрака . . .
Глеј! Тогаш создава нова увертира!


МАЛА ЉУБОВНА ПЕСНА

Ја наѕира низ клучалката
кога се соблекуваше; оф леле,
какво тело! Лунѕаше со погледот надолу
се’ до задниот атар зад шумичката на Ева
каде што созрева "џана - тан" јаболко!
За друго не ви кажува ништо,
за друго сама таа ја подотвори вратата!




ТАА И ТОЈ
(вистинска приказна)

Тој го презре Мажот на Жената
кој спиеше и го сонуваше
златното јаболко на Ева . . .
Го отфрли идеалот како туѓ
на Данте, Петрарка, Кавалканти,
а бараше конкретно женско тело!
Во дворот доползе ко смок,
Жената се источка ко змија.
Зората беше далеку од денот,
со студен здив ги ретчеше ѕвездите;
додека Таа и Тој се престорија
наковална и чекан; дедо Хефајст
ги дуеше мевовите и го спотинаше
оганот. Таа му шепна нешто на Дојденецот,
но јас тоа не го слушнав, се колнам!
Бев зафатен со одмотување
на клопчиња јагули што се мешаа
во матниот вир на небесата,
под самиот јоргован цутен.
Таа ја одврза секоја клетка на телото,
Тој, како исучен сиџим,
се одвои и се упати кон стадото
што брстеше бел габер, во сонот . . .
Лепливи како зафатени полжави
ја плиснаа божествената плунка
и ја дочекаа зората со триста ата
што галопираа врз тронот зажарен.


ВОДА


Прескочи го ѕидчето, на местото си,
на местото е и ружата. Стамен мост
на близост меѓу меките латици на цветот
и на жената - прстите. Но, еве, доаѓа ноќта,
ја врти Земјата ко тестена топка,
ја плиснува промената на светлоста!
Малку ти венееш, телото ти е бакарно,
но што од тоа? Бакар свети и на небото!
Крикнуваш: - Дајте ми вода! - Крикнува
ружата: - Дајте ми само капка вода! -


ОРЕВ


Јас го пресадувам оревот,
се пресадувам и себеси со него
во атарот на својата поезија.
А веќе започнува есен:
Лисјата што беа исполнети јод
како киселкава реа на Карија
при расонување, ме опиваат.
Низ распавтаните лисја
на крошната на оревот
едно око ме гледа напорки,
со закана дека ќе капнам жолт.
Се искачувам по скала од тонови
додека пилците небески пивкаат
станувам акалец по солзи божји . . .
Крајна утеха: паѓаат плодовите на оревот
сочаните се одделуваат од катците
и стануваат биљури голи
со сладок зародиш во јатката.
Нанижани ѓердани од јантари
на кои не им се рамни
ни јадрите капки на ѕвездите
што солзат зад мојот сон.

Долината - смарагд,
небото - лапис лазур,
реката - сафир,
Ти - црн дијамант.

Оревот одамна
им се плукнал на јаглените.


ЗА ВОЗВРАТ . . .


Додека акам по заобиколен пат,
една расплакана жена ми подарува цвеќе,
другата светнат нож од молња! И двете
ме држат на раб од остреци. За топла
воздишка в пазува уште не сум дошол
до џитнат шилец за возврат! Некогаш
Мајка ми рече дека се’ треба да се прости
и да се препушти на заборав!
"Зар има поголемо срце од Небото
што во убајна се покажува, синко?! "




ПИРУСТИЈА


Три столба,
тројство од земја, вода, воздух,
го спотнуваат оганот,
а тој сложно им ги враќа
попречните железни греди!
Така е кога ќе се усвитат
ногалките на пирустијата
се покажува ѕвездено небо од искри,
едно богатство од стопени лири.
- Ајде сега нека се мери некој
со мене! - Ова обилно жежено злато
им го подарувам на елементите,
а останувам исполнет со нежност
пред оганот што голта се’
на вселенското растурено гумно.
Три костени пукаат во паузата,
три амбари исполнети со сладост!
Има дарови што ни ги дава природата
низ сомнеж на водовритица
од која се крева облак пареа.
Пирустијата се облекува во саѓи
и го чека идниот миг
да не’ исполне со снопје светлина.
Млекото во котлето на пирустијата
врие. Кипе верноста на Андромеда . . .



МОЛИТВА


Ги допре дланките една до друга,
ги преврте очите како за молитва
и струполен на масата му се потсмева
на Демонот што го гаѓа со чаша . . .


ВРЕМЕ

На мојот пријател Димитар Мирчев

Што знае Демокрит од Абдера
за времето, ако тоа е запрено?
Часовникот песочен тече,
Земјата шашардисано се врти
покажувајќи го лицето на Сонцето
"секогаш ново и чисто".
Ден и ноќ, ден и ноќ,
од неговото простување со воздухот
изминале повеќе од два милениума
а Тој "мисли" дека тоа било вчера!
Си ги пребројува низалките атоми
врз својот непобитен опит
и се уверува дека освен нив
постои несфатлива празнина
што ниту има почеток, ниту крај . . .
Во бескрајните вртелешки на времето
просторот се отвора во розов папок!
Инка што никаде не завршува . . .
Материјата, кога ќе се изделка себеси,
и’ останува да ја започне едноставната
игра на растурање и тоа е добро!
Во играта се добива простиот број (пи!)
што ги рони зрната песочни
од мене до тебе, од мене до тебе,
и назад . . .


ПИСМО

За релативните гледишта
на поврзаноста на просторот и времето,
за расчленувањето на атомското јадро
Сине, со бистер, божествен ум,
раскажуваш низ формули . . . А јас,
тоа писмо никако да го сфатам!
А и зошто би го разбрал?
Сега кога со лирско кајче запловив
кон неминовниот залез на сонцето
под една зажарена, светла бројка,
станав сенка под една проѕирна сенка!


АЈА СОФИЈА


На црквата - џамија Аја Софија
(во Истанбул), и’ велам: "мудрост, молчи"!
Минарињата ти се стартни ракети
за лансирање в неврат!
Ти доаѓам без збор, на Велипеток
за да се погледнеме очи в очи . . .
Ако те најдам набожна, жими тебе,
ќе кренам бунт! Тебе ти е досудено
да чмаеш! Да тонеш в молк!
Ако те најдам лична, каква што си,
ќе ги одминам туристите - мрави
што "сучат" црн конец во движење
и ќе ги замолам да не те гледаат,
да ги напуштат апансас Дарданелите!
Ти си родена пред 1500 години,
а мене ни око да ми тепне!
Ти се приближувам прост ко дрвен стап
да ти плукнам на дверите мрачни
за да ми ги покажеш мозаиците
пред мувлосаниот малтер од влага.
- Туку, чекај, не! - Доволни ми се
и столбовите за да ја загасам жедта!
Ете што може да создаде религијата?!
Религијата се престорува шарено стакло
што ни ги замаглува очиве од возбуда . . .
Тука навистина јас никогаш
не сум престојувал во Истанбул, ни на сон.
Најпосле Аја Софија си имаме дома.

***

Јас веќе не знам што кажувам.
Но знам, еден ден, ќе ме снема
ко никогаш да не сум постоел.


ПОВЕСТ

(перпетумобиле)

Најпосле Хераклит
(фиданка на кралска лоза)
се откажа од престолот
и отиде со децата да игра
"долга магарица! " - Нејсе,
на Хефешаните им порача
- никогаш да не се заситат
со пари! - И така би . . .
Тој си ја просолжи играта
"дај ми бабо, оган! ", а децата
го обликуваа во ведра смеа.
Сé на сé, додека граѓаните
се "голтаа" едни со други,
опчинети кој ќе ги наполне
дланките попрв со азно,
Хераклит со восхит гледаше
како магарето рупа сочен трн!
Искапен од сонцето, рече -
сé рамномерно гори
за никогаш докрај да изгори! -
Оганот го облече во божество.
Душата и’ ја предаде на реката
и еден ден се нурна
во Океанот на времето
за да се ослободи од тежок товар.
Да ги дособере зрната бисери . . .
Алчноста триж пати се повторува и денес
зашто "сé тече и се менува",
а незаситоста останува трајна!





ПЛАЖА


Речено е - којзнае колку пати
дека злато ти се истури врз кадриците,
но бело злато ти е излеано
и по целото гипко тело!
Додека во водата со вода
облината ти се бичува,
еве ти грст разголена свежина!
Сонцето ти капе на прст и на чело,
додека се престоруваш трева полежина
моиве изгубени илузии
друго сонце веќе ги злати . . .


ЦВЕЌЕ

1.
Снежните цавкутници,
развлечените магли,
дури и поленот на цвеќето
се само иронија на природата.

Познавав човек кој поседуваше алергија,
главата во пролет му се дуеше ко тапан!,
непријатна појава што го наведува
да се засолнува в темни простории,
да се крие од цвеќето како од Демон . . .

Еднаш меѓу зеленото кадифе
на младо дабово лисје
легнав распетие в долж и попреку
ослободувајќи ја секоја клетка на телото,
барајќи ја сопствената душа.

Пееја славеите за кои се уверив
дека не се иронија на природата!
Помислив дека славеите не се "свесни"
колку им е драгоцена симфонијата
што допира дури до страничниот раб
на Млечниот Пат, в Бездна!

2.
Се отвораа чашки на цвеќето,
водата тече, а јас им ја читав
патеката на бубалките во тревата,
барајќи ја сопствената душа.

Наспроти патеката -
девојка држи розов букет,
воздивнувајќи длабоко мириса
и ги покажува белите заби
како дирки на нова хармоника.

Сакајќи да го откријам букетот
(таму каде што ликуваше обилноста
на природата), безразложно се уверив
дека од цвеќето не се шири никаква арома,

(дури ни за трошка светол спомен!)





ПРИВИД
(Крушево)

Тој го тргна погледот од улица
(од врвулица на луѓе и мулиња)
што исполнуваа еден свеж акварел
во сенка на бели ѕидови,
та кога тргна надолу кон полето
се изненади дека житото му заличи
на разголено, женско тело!

Загна да се увери во привидот
дека косата и’ е несмасно растурена,
дека очите и’ се неодоливо смигнати
во блажен, хоризонтален сон,
дека двете дојки како кули на вазали
му се испречиле на телото возлеано
за да се исучат во пламнат камшик!

Едната рака и’ е стија под главата,
другата рака - змија меѓу колковите,
а тој, наличен кафез за пилци!
Меѓу чекутките, меѓу осилките на жетвата,
побрза да го ожнее својот божји дар!
Кога ќе види, што ќе види! На Пелистер
"снег, ко задник на бел коњ, среде виулица! "




ВОДЕНИЦА

(слика од детство)

1.
Од матицата на реката одвоија
фискија благотворна вода
во јазот се собира ко скротена жива.
Дење во огледалото на спокојот
јасенот огледува илјада зелени прсти,
ноќе месечината веѓата си ја тенчи.
На устието на Буката*
водата се прелева во совршен лак
и ја полни до газер посатката.
А на газерот - цифун. (Тесен отвор
што ја престорува силата на водата
во џиновски грмеж.) Тогаш млазот
удира во перката на тркалото
и го врти горниот воденичен камен
ко да е вртимушка од твојот сон.
Штракаат тракалките, зрното се меле,
брашното лата во пластови
ко да е позајмен опаш на комета.

Воденица -
едноставна направа на генијален ум,
сложена направа за потребите земни.


2.
При секнување на водата
по плитаците на јазот
пастрмките се прпелкаат очајнички
барајќи капка вода. Беспрекорно
Сонцето ги позлатува со парулки . . .

Воденичарот ги собира рибите
во плетено кошниче од слама
и ги носи до софрата на Сисвети.

Она што е дел од мене се покажува
во аромата на печен леб
во зажарена црепна од земја
кон која посегнуваат и Боговите.

Сега струјни кола го дробат зрното!

* Буката е направа од штици или од дебело, издлабено трупло од даб, каде што се акумулира водата


ЈАРЕ

(исповед)

Планината е постара
од сите напишани и ненапишани книги!
И еве јас ги прелистувам страниците
на падините осојни и присојни, под Стогово;
застанувам сред тревна лединка до еден џбун
и со камен за "одмазда" отепувам јаре!
Прекрасното сугаре, со крзно на жужер,
додека му излегуваше душата
откај строшеното муце, кутрото -
крвареше низ отворот на главата
немоќно да се оттргне од Џелат!
Што сум сакал да постигнам со таква
гнасна намера, со таков непромислен хир,
ни сега не ми е сосема јасно . . .
Дали тоа моите примитивни инстинкти
бувнаа незапирливо од погана душа,
или се одмаздував за неоспореното дело
што сум дошол на овој свет и што ме има?
Наоколу природата обилуваше со нежности
што се сретнуваат под девствените карпи,
но изгледа јас и тогаш сум бил само сенка
на демон што посадува несреќи на кошути . . .
За многу нешта, по долги години, заборавив,
но не и за очите на сивото јаре
што молбено ме гледаа додека умираше
со клетва - и јас да се мачам кога ќе гибнам,
да се валам преку сите рабови на болката
а тоа да ме "гледа" ко смешен привид!


СВАДБАТА ВО КАНА

(сонувано в летна ноќ)

На свадбата во Кана
(бев коректно поканет
и присуствував на овој
мошне величествен, свадбен чин.)

Кога меѓу свадбарите снема вино,
семејствата на младенците
почнаа да се натегаат
како кога две спротивставени групи
ќе почнат да теглат јаже!

Тогаш Господ Исус Христос
водата ја престори вино,
шљокаа свадбарите полупијани
славејќи го на светијата чинот.
Но тоа е веќе друга приказна,
древна!

Со невестата се гледавме очи в очи
и разменувавме бои на виножита
со брзина на филмска лента.
Меѓу нас дуваа топли ветришта.

Со ишерет и’ дадов знак
дека сега не е време за ризик!

Потоа колективно се упативме
во пустината
во потрага по една сперлива Овца.
Свадбата во Кана би и помина,
секој си го зеде својот дел,
јас својата неизмерна тага . . .

Се превртував во сонот . . .

Бев зафатен од недолична
похотна гнасна мисла . . .
Господе, макар и в сон,
прости ми ги гревовите!


САРДИНИЈА
(сонувано ноќта, на 7.10.99 г.)

Тие чудни заливи,
тие стрмни карпи!
Ах, Сардинија!
Никогаш невидена,
никогаш благословена,
коцка фрлена
пред нозете на Јолај!
Миризливи сирења,
градови бели,
до козарите и гробарите
има ли уште време?
Ах, Сардинија!
Ареса ми се бендиса
ровката кртечина
на твојот замрачен ум!
До споменикот на Атреј
има ли уште време?
Ах, тие разговори
по снежен бор . . . Продолжи!
Кога тргнува бродот
за Сиракуза, а?
Ах, Сардинија!
истресен аманет
од морни соништа . . .



КРВАВА РАПСОДИЈА
(апсурд)

Гинат деца, мајки, старци . . .
Сите грозничаво настрвени!
Доброволци, бегалци, прегалци,
војници в ровови, генерали,
шпиртосани, в газ наматени
портпароли; луѓе со високи
чинови и звања, тонат, за жал,
в мека, жива отровна кал . . .

Такт по такт, такт по такт,
така: се слуша крвава рапсодија
в дуо меѓу Лета и Лаура!
Првин од запад, па од исток -
ни ги испоганија небото и земјава
со гнасни отпадни истрошени дами
и со расфрлени испукани чаури!
Кој кому сега да подаде рака?

Тоа не се априлски шеги
туку авионски распрснувачки
проектили со ослабен ураниум . . .


ОВЦАТА ДОЛИ
(принудна кртечина!)

Наспроти јагнето - Ангел, овцата Доли-Демон!
Човеку, не чепкај во гените, со крв
не гнаси го ликот на Бог.
Што може умот човечки да создаде,
Чумата не може!
Човеку, испади ја овцата Доли
и бегај. Тој монструм од живи клетки
ти се заканува ко Робот. Овцата Доли
ќе ти го изблее исконот мајчин
и ќе те одведе в поштук без рог!
Заборави ја овцата Доли и бегај,
не ти треба стадо од стрв . . .


ПОСЛЕДНА СТРОФА

На Трајан Мартиновски

За вознесението ни збор!
Како кога пасмино волна
од меко руно на овца
се фаќа и останува
на бодликав трн;
како кога мислата ти се враќа
низ невидлива клучалка
што цели кон убавина,
та одвеана од фортуна, фурија
пропаѓа в понор црн;

како кога вест се пренесува
дека ем те има, ем те нема,
дораснат до самиот себе, исправен,
постоиш и непостоиш, в истовреме;

тогаш некој наврапито се приближува
и прашува: "Кој? Зар веќе и Тој
зачекорил во царството на
н е в е р м о р!"

За Јован Котески

1. Целосна блог-архива за животот и творештвото на македонскиот поет Јован Котески (1932-2001). Блогот ги содржи целокупните поетски збирки на Јован Котески од 1958 до 2000, како и неговата лична и творечка архива.

2.Материјалите од блогот се слободни за користење во лични, образовни и научни цели. Забранета е нивна употреба за комерцијални цели и без наведување на изворот и авторот.

3.Сите дериватни дела (правењето песни, раскази, романи, музика, сликарство, вајарство, документарци, филмови, стрипови, спотови, танц, фотографија, дизајн, мода, видео-игри, виртуелни светови... научни и стручни текстови, теорија и филозофија, публицистика... врз основа на песните од Котески) се дозволени, доколку не се користат за комерцијални цели и доколку се наведе изворот и авторот.

4.Авторот на дериватските дела мора целосно да го наведе текстот на оваа лиценца (на истиот начин како што се појавува овде).

5. Доколку некој автор спомнат на блогот смета дека се повредени неговите/нејзините авторски права, може да ја контактира Јасна Котеска на jasnak@gmail.com

...за Јован Котески од Јасна Котеска

Линкови за Јован Котески

Multimedia


Каменоресци. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк
Кајмакчалан. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк

База на податоци за книгите на Котески

Базата ги содржи:
1. Насловот на збирката
2. Годината на издавање
3. Издавачот и серијата
4. Пагинација и димензии на книгата
5. ISBN (кадешто го има)
6. Насловна корица

I. Збирки песни

1. Насмевка пред зорите (1958)
2. Земја и страст (1958)
3. Злодоба (1963)
4. Тежина (1965)
5. Пеплосија (1966)
- Земја и страст, 2 изд. (1971)
6. Сенки (1972)
7. Зелени порти (1975)
8. Хераклеја (1978)
9. Поморија (1981)
10. Бденија и сновиденија (1982)
11. Полилеј (1983)
12. Плодови (1984)
13. Тапија (1985)
14. Сончева белегија (1990)
15. Живожарица (1990)
16. Морници (1991)
17. Ралица (1992)
18. Лелејка (1994)
19. Самотија (1994)
20. Трагач (1996)
21. Приќе (1997)
22. Одрон (1998)
23. Разор (1999)
24. Кртечина (2000)

II. Избор од поезијата

1. Злодоба (1992) - избор
2. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - избор
3. Празник (1995) - избор
4. Решетки (1996) - избор од затворската лирика
5. Јован Котески (2000) - тротомен избор
6. Сончева белегија (2008) - избор

III. Препеви

1. Pesme/Песни (1974) - српски
2. Dragoste si moarte (1981) - романски
3. Strah i duša (1984) - српски
4. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - англиски, француски, руски.

IV. Песни за деца

1. Глувчето со двоглед (1991)

V. Книги за Котески

1. Поезијата на Јован Котески (2003) од Миодраг Друговац

Избрани песни

Јован Котески
АЛКИ (1984)

(старзаманско оро, по војната)


Писнува свирката на катун Еѓупци,
збива планината в подмолен татон.
Едно старче ја крева раката,
ногата ја подава како да влегува в гроб,
го фаќа ритамот на расплаканото пиле
и опа! - го почнува орото. Еден по друг
како алка со алка се врзува синџирот,
се издолжува од премалени тела.
На крајот од овој божји сплет
едно извалкано детиште со лице пердувче
го крева рачето во знак на лага
и со камшикот сплетен од живи тела
почнува да го камшикува господа
скриен во свирката што плаче.


Jован Котески
Трагач (1995)
поема

- извадок-

Пред да избереш девојка за жена
најпрвин избери огледало
на кое ќе се огледува муце од видра!
Според бојата на земјата по која се втиснуваат
твоите траги
одреди ѝ го тварот, не заборавај го зборот!
Храни ја извесно време со суво грозје
како што се хранат канаринките.
Пред да зачекориш во подвигот погледни ѝ ги забите
(бели?)
кажи ѝ неколку простени молитви гласно и јасно!
Наостри ја сабјата како секавица
низ Димна гора за да ти се гледа . . .
Потковај го коњот наопаку со клинци
- жолти дукати.
Не пропуштај го галавниот адут - виното.
Пред да избереш девојка за жена
појди на чешма и со часови гледај го млазот вода . . .


Колку и да ти се открива како светица
таа ќе ти ја одземе силата, човеку, не Господ.
Не срди се што не ти ја дополнила чашата
течен ќилибар, таа ја знае суровата мера.
И не бегај од неа како овчар од магла,
не оставај ја усвитена фурна,
таа ќе го пече тоа што ќе го рече
па макар ти да се здробиш на парчиња во Солунско!
Не број го времето со часови, денови, години,
симни го јарчето на сржбата од вратот
и врати се кај што се врти вретеното . . .
Инаку таа знае да биде и црвена мравка,
ќе ти ги растури името и куќата.
Ќе те остави гол како пиштол
а своите рудни богатства на имањето
ќе му ги отстапи на Беле Костурчето
што ќе ѝ ги прекопува со жешка казма!