Глигор Стојковски за Јован Котески (1993)

Глигор Стојковски

ПОЕТСКИ ЗАСЕК ВО ИСТОРИЈАТА (1993)


- “Го барате, а зошто Ви е?”- е првиот стих од поемата “Трагач” од Јован Котески. На почетокот, на прагот од влезната врата во поемата не’ пресретнува една констатација, една потреба (“Го барате”) и едно прашање, една негација на потребата, една јасно изразена резерва (“а зошто Ви е?”). Со овој стих, поетот уште на стартот ја дефинирал и својата и позицијата на текстот што натаму го пишува и ни го нуди: со еден потег, небаре како свое определување, но и како оправдување, а најмногу, се чини, како објаснување и како ударен ефектен вовед, Котески како да го става главниот акцент, како да ја оформува атмосферата што натаму свесно и доследно ќе ја организира. Имено, сета поема натаму ќе биде во духот на првиот стих: на лесен, непретенциозен начин, на места и докрај депоетизиран – да се фати трагата на историјата, да се откријат главните артерии низ кои течеле случувањата кои ја одредувале иднината, ја формирале тогашнината, а влијаат и врз сегашноста. Но, паралелно со распретувањето на магистралниот пат, авторот ја осветлува и сопствената трага, патиштата по кои врвел, кои го (о)ставале на разни попатни станици земајќи му, давајќи му, празнејќи го и дополнувајќи го – за да стане на крајот “ошумоглавен трагач” – збунет и од себеси и од времињата, од личностите што ги сретнувал во нив, жестоко сомневајќи се во нивната улога, во улогата што си ја одредиле, или поточно другите што им ја одредиле во она што се вика историја. Котески во оваа поема како да зазема критички однос, небаре има потреба од ново толкување, од разместување ан местата кои долго време се вгнездени, не би ли ја реорганизирал внатрешната рамнотежа.
Да останеме уште малку кај првиот стих. Малку подолу, кога ја почнува својата “расправа” со Александар Македонски, поетот нагласува:

“Вознемирено го кревам мечот од првиот стих на поемава низ чии жлебови се слеваат капки засирена крв”.

Читателот оправдано ќе се запраша зошто му е нужно на поетот да ја нагласи потребата, бессмисленоста од присутноста на трагачот, зошто имено, инсистира и тоа во оној дел од поетскиот текст кај што веќе продуктивно почнала да се остварува поетската идеја. Тоа, се разбира не би требало да биде обично навраќање на почетокот и потсетување на генералната определба. Многу поважна е сликата што се создава со мечот и засирената крв. Тие два симбола упатуваат на трагата што се отвора пред оној кој наумил да ја следи и да ја истражува, да ја копа и да ја прекопува. Првиот стих, кој не’ соочи со релативноста на исказот, добива нова вредност, дознаваме дека тој, всушност, станал меч, станал студено, остро оружје, со втиснати белези (траги) од минатите времиња. На тој начин поетот го менува својот однос кон трагачот – тој натаму ќе биде ангажиран, намерите му стануваат многу покомплетни, појасни и – бескомпромисни. Тоа мора да биде така, зашто кога се крева меч, се крева со намера, со намера да се нападне, да се удри, да се отвори пат. По овие стихови, очигледно Котески натаму нема да се двоуми, нема да постојат дилеми дали ќе биде потребен или не – трагачот, ќе го снема она – “а зошто Ви е?”- затоа што неговата смисла е пронајдена.
Лоцирајќи го предметот на своето уметничко интересирање, и елиминирајќи ги дилемите кои ги постави со првиот стих, Котески, некаде во првите пеења, во прашална форма ја потенцира доминантната теза што ќе биде подложена на поетска анализа. Имено:

“Дали потајум треба да се урне човечката природа? Дали духот е зборот или движењето на телото?
Што може да каже гласот а да не го разбере душата?”

Веќе рековме дека поетот нема намера да ги негира вредностите, според тоа и одговорот за потребата од уривање на човечката природа би бил негативен. Не станува збор за нихилистички однос, тоа и инаку би било во колизија со етичките домени на поетовата личност. Во прашањето повеќе се назираат оние сили кои со присила го менуваат строежот на личноста, го принудуваат на корекции на сопственото битие на приспособување или вклопување во шеми кои некој за некого ги формирал и во кои ја турка единката. За да ја смени, за да ја изнивелира. Тоа го сугерира второто прашање кое повторно е дилема, но таа дилема како да е упатена повеќе кон “коректорите” на човечката личност. Или, уште поблиску - ним поетот како да им остава можност да ја сватат својата заблуда, затоа што физичкиот принцип е, сепак, секундарен и резултатите од неговата примена се занемарливи. Третото “лирско” прашање, навлегува уште подлабоко – тоа воспоставува врска меѓу “внатрешните” реципиенти, меѓу оние кај кои се формираат претставите за случувањата и промените, кои ги примаат и толкуваат. Ако се поврзат трите прашања – стихови, исчезнува привидната дилема.
Во една ваква атмосфера Котески формира нов поетско – историски лик на Александар Македонски, цал Самуил, Марко Крале или Болен Дојчин, Лепа Ангелина и Црна Арапина (“поцрн и од стихот за петлите на Радован Павловски”). Тој полемизира, напати се подбива, или, на пример се ужаснува од варварските потези на византискиот цар “зашто трагајќи низ хрониките на вековите / по свирепост / не најдовме сличен пример на ѕверски окот / во течението на историјата”).
На крајот откако се “враќа ошумоглавениот трагач”, откако патот го одбележал со временски магистрали, забележува:

“Не сум пропатувал ни два милиениума наназад а веќе гледам: се преобразува пределот, огрдува пејзажот.”

Резигнацијата на поетот по патувањето низ историајта е доволно аргументирана во поемата: таму сретнува премногу бруталност, насилство, премногу обиди и желби за менување, за уривање на достоинството на личноста. Затоа и неговиот нагласен подбив, неговиот личен одговор на се’ она што го определило и неговото денешно постоење.

Јован КОТЕСКИ: “РАЗОР” (Матица македонска”, Скопје 1999)

За Јован Котески

1. Целосна блог-архива за животот и творештвото на македонскиот поет Јован Котески (1932-2001). Блогот ги содржи целокупните поетски збирки на Јован Котески од 1958 до 2000, како и неговата лична и творечка архива.

2.Материјалите од блогот се слободни за користење во лични, образовни и научни цели. Забранета е нивна употреба за комерцијални цели и без наведување на изворот и авторот.

3.Сите дериватни дела (правењето песни, раскази, романи, музика, сликарство, вајарство, документарци, филмови, стрипови, спотови, танц, фотографија, дизајн, мода, видео-игри, виртуелни светови... научни и стручни текстови, теорија и филозофија, публицистика... врз основа на песните од Котески) се дозволени, доколку не се користат за комерцијални цели и доколку се наведе изворот и авторот.

4.Авторот на дериватските дела мора целосно да го наведе текстот на оваа лиценца (на истиот начин како што се појавува овде).

5. Доколку некој автор спомнат на блогот смета дека се повредени неговите/нејзините авторски права, може да ја контактира Јасна Котеска на jasnak@gmail.com

...за Јован Котески од Јасна Котеска

Линкови за Јован Котески

Multimedia


Каменоресци. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк
Кајмакчалан. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк

База на податоци за книгите на Котески

Базата ги содржи:
1. Насловот на збирката
2. Годината на издавање
3. Издавачот и серијата
4. Пагинација и димензии на книгата
5. ISBN (кадешто го има)
6. Насловна корица

I. Збирки песни

1. Насмевка пред зорите (1958)
2. Земја и страст (1958)
3. Злодоба (1963)
4. Тежина (1965)
5. Пеплосија (1966)
- Земја и страст, 2 изд. (1971)
6. Сенки (1972)
7. Зелени порти (1975)
8. Хераклеја (1978)
9. Поморија (1981)
10. Бденија и сновиденија (1982)
11. Полилеј (1983)
12. Плодови (1984)
13. Тапија (1985)
14. Сончева белегија (1990)
15. Живожарица (1990)
16. Морници (1991)
17. Ралица (1992)
18. Лелејка (1994)
19. Самотија (1994)
20. Трагач (1996)
21. Приќе (1997)
22. Одрон (1998)
23. Разор (1999)
24. Кртечина (2000)

II. Избор од поезијата

1. Злодоба (1992) - избор
2. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - избор
3. Празник (1995) - избор
4. Решетки (1996) - избор од затворската лирика
5. Јован Котески (2000) - тротомен избор
6. Сончева белегија (2008) - избор

III. Препеви

1. Pesme/Песни (1974) - српски
2. Dragoste si moarte (1981) - романски
3. Strah i duša (1984) - српски
4. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - англиски, француски, руски.

IV. Песни за деца

1. Глувчето со двоглед (1991)

V. Книги за Котески

1. Поезијата на Јован Котески (2003) од Миодраг Друговац

Избрани песни

Јован Котески
АЛКИ (1984)

(старзаманско оро, по војната)


Писнува свирката на катун Еѓупци,
збива планината в подмолен татон.
Едно старче ја крева раката,
ногата ја подава како да влегува в гроб,
го фаќа ритамот на расплаканото пиле
и опа! - го почнува орото. Еден по друг
како алка со алка се врзува синџирот,
се издолжува од премалени тела.
На крајот од овој божји сплет
едно извалкано детиште со лице пердувче
го крева рачето во знак на лага
и со камшикот сплетен од живи тела
почнува да го камшикува господа
скриен во свирката што плаче.


Jован Котески
Трагач (1995)
поема

- извадок-

Пред да избереш девојка за жена
најпрвин избери огледало
на кое ќе се огледува муце од видра!
Според бојата на земјата по која се втиснуваат
твоите траги
одреди ѝ го тварот, не заборавај го зборот!
Храни ја извесно време со суво грозје
како што се хранат канаринките.
Пред да зачекориш во подвигот погледни ѝ ги забите
(бели?)
кажи ѝ неколку простени молитви гласно и јасно!
Наостри ја сабјата како секавица
низ Димна гора за да ти се гледа . . .
Потковај го коњот наопаку со клинци
- жолти дукати.
Не пропуштај го галавниот адут - виното.
Пред да избереш девојка за жена
појди на чешма и со часови гледај го млазот вода . . .


Колку и да ти се открива како светица
таа ќе ти ја одземе силата, човеку, не Господ.
Не срди се што не ти ја дополнила чашата
течен ќилибар, таа ја знае суровата мера.
И не бегај од неа како овчар од магла,
не оставај ја усвитена фурна,
таа ќе го пече тоа што ќе го рече
па макар ти да се здробиш на парчиња во Солунско!
Не број го времето со часови, денови, години,
симни го јарчето на сржбата од вратот
и врати се кај што се врти вретеното . . .
Инаку таа знае да биде и црвена мравка,
ќе ти ги растури името и куќата.
Ќе те остави гол како пиштол
а своите рудни богатства на имањето
ќе му ги отстапи на Беле Костурчето
што ќе ѝ ги прекопува со жешка казма!