8. Осма збирка песни Јован Котески „Хераклеја“ (1978) - избрани песни

ЈОВАН КОТЕСКИ
ХЕРАКЛЕЈА

Најпознати песни од оваа збирка:
1. Амфитеатар
2. Статуа 1
3. Статуа 3
4. Коњи во трка



Сцена

Прстите допреа женско тело
и тоа во облина потече
како светлина во ноќта
Потоа се мешаа
јагули во клопка
и би нешто убаво
како отворање на света книга
како влегување во Хераклеја
И не смееше да се заборави
тоа што е преѓа кај жената
можеби нејзиниот глас
или јазикот што го прави
уште посвежо зеленилото
Нешто што се лизга надолу
како кованица
од можен бисер

АМФИТЕАТАР

Повторно оживува амфитеатарот
и како за чудо,
сцената ја попрскуваме со јод!
Пресната рана на откопот
заздравува
и почнуваме да ја подготвуваме
сопствената драма.
Во опитот некој се сопнува,
друг се ничкосува на под,
трет уште подолу
и публиката громогласно ја крунисува
туѓата трагедија.

ПОЧИНКА

Светлината рацветуваше над зелениот осој.
Како бегалец срцето в заседа гаснеше вар.
Камењата, тие мртви невини војници на времето
чекаа мајстор што ќе ги поддотера.
По ридиштата зазреваа жетвите и пееше славеј.
Сè дремеше меѓу два огна. Посакав невеста
меѓу две раце, коњ меѓу две нозе
и два брега сведочат за починката и огнот.

*
* *

Ја лееја песокта и се најде зрнце
поезија. Во збирот на пресните бразди
зрачеше. А не им беше до тебе,
до тоа што им грее и убавее.
Се заситија допирајќи ги
тивките огнови на крвта,
а си одеа како отсјај на рамо,
како ѕвек на коса, како допир
на зрели тела. Те имаа
и тоа им беше доста.
Но во мигот кога постоеја,
ги плисна нечуен бран
од минатото. Тенот им се покажа
ѕвездена крлушт.
Среде вџашениот шум каменот се вајаше
во круна од страв. Чекор по чекор
просторот оживеа во огромен влекач
што с'ска сред каменот.

АРЕНА

Веќе се насетува, тука е
гребнатината на каменот -
и очите се гаснат а прстите
се плетат, душата влегува
во арената, лунѕа
меѓу распуканите врчми, ги рои
мермерите во светли даги.
Веќе влегува со имињата
на гладијаторите што ги одвлечкаа
мртвечки коли, што ги ослободија
моштие од крилати борби . . .
Како заспан воин под зелен столб
ги бара, о, ги бара
телата што пловеа под тенок превез.

ВРЕМЕ

Трагајќи по една црна овца
како по илузија
ни се покажаа ливади со боливачи,
со бели и жолти,
со црвени и сини преданија на природата.
Минатото и иднината беше се согласиле
во сегашно јасно време.

ИСКОПИНА

Та зошто да пееме за тебе
а ти за нас и така
како глас на птица дарежлива
или дожд од модрина
кога ќе почне да врзува
грозд
во нас се освежува
твоето младо тело
и очите ти се полнат светлина
и ти одејќи
се нешто вртиш како Оса
што прво ни паѓа на ум
а потоа нè потсетува
дека постои Млечен Пат
и други големи чуда
пред кои Човекот клекнува
И како да се осмелиме
кога во мрежа нè фаќа
конецот што не го преде пајак
туку твоето слези качи се
и сега треба да те сместам
а ја оставам мислата
во еден простор како пчела
и врз гранките цутени
се поврзува времето
и водата оттаму тече
и мудрецот пак доаѓа
и нешто тажно се случува
како душа да стои простум
како да угрева женска убавина
И иста болка не заплиснува
и иста рака држи нож
очите на гроздот се исти
а стравот лебди
под гневот на сонцето
Но тоа што беше тогаш
го остави во еден скинат пердув
со милозлива насмевка
потоа се допре прстот до жицата
и потече гласот како млеко
Ѕверките со опашот предеа
и Човекот не бараше храм
туку кревајќи те во страсти
го изоде Зодијакот
и семе посеа од харфа
а мигот се отвори од боска
и твоето тркалесто тело
се откри ко зрело овошје

СТАТУА 1

Ја најдоа облеана во својот сјај
подалеку од храмот
среде распарчени глини.
Однатре ѝ бликаа потоци
на дамнешна зора.
Со тело што може да побуди
рака и мисла во скриен молк,
таа беше откриена на дело!
Наоколу пролетта со живи букви
ѝ го разлистуваше името:
на усните и сипеше младост,
по косата мирис од крин,
во прстите разлеано сребро . . .
Со извалкани тела од возбуда
пред светиот Олтар
каменувани од времето
поетите ѝ ја читаа пресудата
клекнати на влажно тло,
каде што ликуваше природата.


СТАТУА 2

Не да не ми беа драги Ми беа
твоите расчешнати гради
и папокот што не го прикажаа
поетите како семка
или како цвет од сончоглед
и уште поблиску
корнејќи те како билка
тие полека те разголуваа
и ти се покажуваше облината
како корупка од желка
Додека во сончев тунел
беше си ја заврзала драмата
се снајде
дојде до нас со уста
што цврчори како ластовица


СТАТУА 3
На Анте Поповски

Не ја изваја никој Таа заспа
Во топол ден среде афионово поле
Од болката ѝ се растураа стии
меѓу чашката и нејзиниот врат
најдоа кристална солза
Собери ѝ го зерот Посади ѝ го
во срцето што може уште да крепи
Меѓу градите ѝ се сползга
студено синџирче од змија Ај
од снежен мермер ѝ блика млеко
и светла орлица ѝ квачи
меѓу колковите Одгоре
три пауна сложно како смрт
ѝ ја влечат кочијата небеска

ПЛАДНЕ

Се разниша тежата на пладнето
од гулабов глас,
песната што зенит нема
се создава, потекува
ги преплавува студените тела
на мермерите.
Оф,
за еден допир би ѝ ги дал
сите победи, порази,
галските ножеви што се забодуваа
во сплет од жили,
би ѝ ги дал облеките на Атена,
храмот во Хераклеја,
свирките на Скиросовите ќерки,
би ѝ ги дал
и боровите шуми на Бигла.
Но во ископината паѓа
зажареното бреме на јули,
а гласот што се слева
во потенко созвучје на жежи - печи
овде одненадеж доаѓа на парчиња
како засирена крв.


ЖЕЛЕЗО ВО ОГАН

Се вдаде од утробата
што го одведе потаму
да трага бескрвни души.
Водата се соблече
од црвена топлина
во грлат сафир.
Ги напасе очите убавина
сонувајќи кула од мед
и блесок од скршена кама.


АТЕНА ПАРТЕНОС

Твојата пречиста убавина
се прелева во сноп светлина,
во жолта грмушка од сонот.
Извираш како од стебло
и лицето и косата и прстите
и скршениот извор од дојка
тече во друго тело, се меша
во друга душа, сличи на плодот
што се престорува во плод.
Го насетуваме здивот на животот
во тебе,
но правот во прав нè враќа,
а семето треба да се зачува
среде бурата, како крило од гавран,
што ја раскрвавува зората.
И ние, како мудрецот,
имотот би го дале
за сребрените гласови на водјето.
Но грлицата прелетува од брег на брег
а гласот в беспатје тоне
и ако треба да се благува
ќе зобаме грозде од плачот.
Садејќи го на претците болот
рацете пак ти се туѓи
и мирисот на твојата душа е туѓ,
се откриваш како поле на бегање.


МИГ
На Михаил Ренџов

Запира бубалката на каменот
и ножето ѝ мрда, поигрува,
другото ноже го пушта потаму
и зрак по зрак таа се слева
со мозаикот, станува камче
што го буди,
што му влева надеж дека живее.
О, вие што се кревате нагоре
не сте едно, а мноштво,
не сте осамени во својата убост,
ви треба само кроток од!


СОНОТ НА ХЕРАКЛЕЈКИТЕ

Мислата ми беше да градам трем
за еден воин од мермер
што остана овде да му се чудам
и секоја ноќ во крвта разлеана
да го будам
Сè во опачина
со надулчена гуна и со брада
слично на јарец пред скок
и со други одлики што му стојат
а треба да се рече дека му се здрави
алатите со кои ја длаби
убавата Афродита
и уште една река Хераклејки
Зашто пред да стигне воинот
гласот за него допре
до ѕидовите на градот
Во мислите на леките
запалени Хераклејки
тој растеше со Елен Скок
ликот од бронза му беше кован
од ветер над морска вода
и планината од него кинеше
страк по страк нежност
Но остана еве да му се чудам
и секоја ноќ
во крвта своја
да го будам


КОСТЕН

Тврдината качена в небо
ликуваше
падната во очите на коњот
и трепкаше љубоморно северна ѕвезда
На кревката пролетна роса
расцуте сино како дрен
сиот во улиште сторен
А сакав да те прошетам
низ мислите крај река
на планинска падинка цветна
низ угарите на муграта
Да го сврзам твоето со своето тело
да ги пуштам сите поројници на нежноста
да течат
Да те кренам високо
како костен што зрее


ЛИКОВИ

Звучните бранови што ги испушта
мермерната плоча не се мои,
не се мои черепите на кои
некогаш светкала жар од очи
(свеќата подалеку ги осветлува
ликовите.) Не се мои рацете на
старицата што ги врзувале снопје,
што јадреле цицките на невестата
не се мои. Не се мои свечените слетови
под сончевите пирамиди кренати високо
како писмо од дамнина, во утробата . . .
Не се мои движењата на тој
со дрво в рака што напинал да го искачи
злото а тоа му лепело сенка на челото.
Не се мои гроздовите натежнати од смеа,
ни небото што се буричка, што влачи
магла, што некој наумил да умира
галејќи пес, не се мои . . .
Не се мои двете статуи свртени со задник
кон Големата и кон Малата Мечка,
што нè чекаат, ете така, налик на чуденки!!

ЗАПИС

Те видоа светла и чиста
како планина на пладне.
Се огледуваше во острицата
на мечот што се престори
во расрдена река што рика.
Крај брегот раскошно стебло
сонуваше зрели плодови. Не,
немаше славеј на пупките,
тоа што трепкаше беше ти
в миг што згасна и се роди,
што се соѕида и се растури,
а нè прикова во златен оков.


ПЕСНА

Ги заплетка преѓите во себе
и спротивни сили ја повлекоа во неврат.
Не мируваше гласот, ни телото,
ни кучето што ги душкаше трагите
не скокаше со прастар ритам.
И наеднаш - езеро! а брановите
создаваа музика и галебот
леташе во пределите на сонот.
Ах, збери ги нашите мерки,
стежни кон сочни, чисти уживања!
Малку требаше да те почувствуваме
за божица. Но ти се скамена, а ние,
можевме ли да ти влееме душа
и да те пуштиме по стрмни друмови?

ФРАГМЕНТ

Кога гледаме обла карпа в рака
се потсетуваме на нешто кај жената
што му припаѓаше на еден крал,
а можеби сме ја имале сите ние
во мислата и така сосем кротко
ѝ се радуваме на нејзината игра;
нејзиниот недостаток е што таа
не е меѓу нас, живите, а броди
сè подлабоко во свеста, без цел,
со право на своја трајна победа!


ПИРОВА ПОБЕДА

И тие што ги носеа законите
ги сееја забите како просо.
Детската душа, запиша поетот
е млада и чиста како палма
што не расте во оваа стопанкина
Хераклеја, туку во убави леи,
меѓу топли заливи, таму каде што
не стигна нашата нога во бегство!
Имотот е пријатно уживање
за тебе, Пир, кога го тврдеа тоа
ја распалуваа светата вистина
и судеа можно зад волшебниот брег
каде што избиваше силата на зборот.
Но најсветлото од сè е, о, Пир,
да посведочиме за еден древен град
кој ниту расте, ниту умира.




АМОН
(статуа)

Не магла, а темна мисла
ми ја покрива планината,
па се мешаат шумови
и избива слаба искра -
светлина на птичјо пеење.
Не е тешко да се сложи
положбата на еден пејзаж,
човекот не е голем дар
што постои, туку што се вброи . . .

2

Јас и ти, Амоне, брате,
не доживеавме да бидеме азно
во иста гробница.

Не ти се чита болката таму кај е,
во грчот на лицето таа се двои.

Од мене до тебе има нешто
тврдо како метал,
размножено како овци в река.

Стопанкина, многу, многу нè има
пред дверите. За чудо,
ангелот е сè уште жив,
а сомнежот меѓу нас
си копа ровови.

ТЕЗЕЈ

Слично на песок зрел грееше
Кога се откажаа од него им се врати
Им донесе мирис што нуди спас
Што го исполнува големото Пладне
Но патот е долг а радоста кратка
Ископа златен бунар кон сонцето
И слезе во Пеколот Како камења од мајдан
Ги наоѓаше жените и на камен умре


ОДИСЕЈ
(цртеж на вазна)

1
Како рез на тенка молња
Тој се предаде црно плуто
во сопствено прогонство.
Го забоде копјето на тврдо
и низ залив на женско тело
отплови кон морски сјај.

2
Морето се отвори -
огромна бела капка
и ја виде на сон Итака,
о, ја виде кај му бега од око.
Бдееше потпрен дење и ноќе
врз својот заздравен умор.


3
Со сите страотии,
со сите бели сеништа
што ги голтаа далечините
дојде во Хераклеја
да клечи на колена,
да биде парче скршена вазна.


ПЕСНА ЗА АРЕС

Можеби спиеш со Арес окована
во корицз од слонова коска.
Можеби размислуваш за сонот,
- спокојна вода нарушена од весло.
Можеби колковите уште ти се пресни,
а сончогледот син! Можеби и ти
како сејачот во нетрпение гориш
да ја посееш смеата, потоа гревот . . .
можеби. Но блаженството дојде
како олуја, како вик и крик,
како вистина испишана со крвје.


КОЊИ ВО ТРКА

Очите им беа исполнети
со мишки цутен јоргован
Се бесеше мирис од матерка
на илјадазеленкасти ваги
Коњите се откриваа
во меко вајање од галоп
Погледите се фаќаа
во слапови од копја
се забодуваа на тврдо тло
додека во снежен благун
Сите сведочеа
за еден бескраен паун
што се кочопери
збирајќи ги боите на сонцето
но не во своите перја
туку во туѓите погледи


МОЗАИК

Крвта што постои под облак жубори!
Станува убаво што мислата
со мисла се клука
змијата со змија осата со оса
и тоа невино чудо расте од сончева бемка.
Летнува гулаб пред окото,
ликот во музика тоне:
се врти сè во круг од светло кон сенка.
Ги збираме зрната по широк друм,
птиците ги ловиме во кафез од фортуна.
Пред зрелите пчелини звукој
се предава со еден скок
стеблото што вести за ново пупење.
И ќерките со душа на пролетен дожд
врзуваат
во сенките на мртвите крилја.
Но ако треба негде да се засече
и крв од жила ќе тече.

ЛЕГИОНЕР
(мермерна статуа)

Тешко е, о тешко е да се суди
за потомството на коњот.
Колку што се приближувавме кон насилството
на засекот,
толку повеќе твојата сенка од мермер
стануваше живот.
Но кој ни ги сопнува нозете
кога ластовицата е морна
и крилото од твојот сон
во модро влегува.
Дали со пламен или со камен
Хераклејките ти ја поштеа нежноста,
о, кажи, дали секогаш снажи
прстот на раката што држи нож?


САТИР

Ако и сум изгубен во храмот,
тоа, несомнено, ме предупредува
дека нешто повеќе не мирува

На лесен допир крвари
Сатирот, црвенилото расте,
се множи во некакво лачење

Со секој знак што се јавува
во пределот на Евиниот брег
упатува на можни крикови

Какво и да е двоумење ги прави
да им се клапнат колената
во кои не остана ни капка крв


ВОИН

Српот на нежноста ме жнее
меѓу две зори. Исковано од светлина
тркалото се врти во својот круг.
Мислата ми е зрела лкако жетвата
а ти, засрамена во сонот,
блееш како шарена овца
по пладневните присои.

Не завтасувај ме во вистински час
без помисла за борба. Си ја плиснав крвта
кога јајце од кукавица ти висеше
врз тегот - колкови на негибната жена.


ГНЕВ

Се закри Вечерницата
и факели никнаа крај реката.
Отворено за удар
телото се грчеше во молк.
Ненаситно за крв
животното јурна на арената,
влакното му светна,
копитото му ѕвекна
и очите му се исполнија
со растопено црвено олово.


КРИК

Само за еден миг
дај мибела смеа,
дај ми детска душа,
дај ми зелен плод;
дај ми румен накит
пак да ти се вратам
и згустен и топол
ко набабрен крик.

СМРТ

Двајцата трчаа еден по друг,
едниот ја згази сопствената сенка.
Над черепот небото со морно око
ги милуваше студените пламења
од јоргованот. Прстенот сребрен
низ звучни бранови се враќа
да го дозатвори судениот круг!

ПРСТЕН

Како да минал глас
среде прстенот на Сатурн
каде самотијата ја крена правта
и гневот се разлеа во жестока роса
врз градите на статуа; ако кога и да е
сте гледале купишта коски -
тоа низ разбиени облаци, во бело делче
на окото, среде урнатини, о мрежи,
среде ѕвездените полилеи,
нешто светка, налик на змија
што се крева, земјата гори
(и како не би ја сакале вечноста)
кога жената се витка во клопче . . .
Ако кога и да е, како смртта, косела туѓа рака,
во пределите на можното, каде што сè оди кон сè,
и го прави, о море, моето бдеење кал,
(како не би ја сакале вечноста)
кога подалеку од ликот, наспроти пчелата и бакарот
пустошел умот.


ТОНОВИ

Полни немир и меки како перја
се спуштаа во играта на сонот
и се лулееја во мелодија
што ја откинаа прстите
и ја намамија душата, но не и крвта!
Им ги повратија младите денови
на вљубените и се стркалаа назад
како клопчиња згазени мушички.


ЛИРА

Гласот што се ослободува од тебе
има мирис на покосена трева.
Се сложува со движењето на телото,
се управува според некој закон
што му припаѓа на уметникот кога ваја
рака, нога, глава; кога кипот расте
не од камен, туку од искра во пламен,
кога се сучи телото и зачнува плодот
во уробата на семожната прав.


ХОРОВИ

Напорот од пеењето доаѓа
како изворска вода
што се пробива меѓу жолти цвеќиња.
На истекот на силите
хорот на старците се огласува со топлина,
на младите гласот им се запали,
стана усвитено железо што се кова,
што се прави божество во форма на бол.


ЖОЛТИ ПЕПЕРУГИ

Дај да ми се случи јас да бидам оној
околу чиј врат ќе се бесат гроздови
од прсти; дај да ги отворам камарите
каде што се множеле убавини и зла,
каде што се вајале витки женски тела!
Дај , Оче, здравје за да се тргне
од кај заднината на градот, да се гледа
небото како лушпа на лискун.
Овековечена е смислата на битот
и се шири, како плима, златното руно
на сонцето. Од мозаикот израснуваат
разгранетите рогови на еленот,
а жолтите пеперуги низ воздухот
разнесуваат нежни панделки од пламен.


ПРОКЛЕТСТВО

Читај во синиот чад,
походот е парче мраз,
дивечот под завесата
на дождот - божество!

Повтори ми ја сликата од сонот
каде што летаа трупци од стрмнина,
разјасни ми ја -
како се урива град!
Не ужас, а убавина се таке
кога патот нема застој,
а пределите крај . . .

Не ќе се искачи
мојата златна птица
на твоето голо рамо.
Не ќе писне бел кавал дома,
ни дома ти!

РАЗМИСЛА

Меѓу деспотството на вајарот
и вратот на лебедот
- изданка на термална вода.
*
Така да откинам, така
нешто од ѕидот каде што не е
налик на зандана во која цутел страв,
а можно, својата смрт ја терал
среде сражарница како истоштена тишка.
*
Тука не ќе се зарие копач,
ни збор не ќе се рече -
да се отвори гробот.
Ќе се ронат милениуми, а споро
ќе исчезнува од земјата
лик врз лик.


ПРЕМРЕЖЕ
(на отворена сцена)

Ќе останев сред минералите
во Катланово
израмнет со својата Хераклеја
која ниту нешто ми дава,
ниту ми одзема.
Ќе кружеа лисја наесен,
назима ќе се точеа снегулки
и смеа на расцутено дрво
ќе ме бараше напролет.
Јас во ново лето ќе се престорував
само за една цел што ќе ме знае.
24.10.1976 год.

За Јован Котески

1. Целосна блог-архива за животот и творештвото на македонскиот поет Јован Котески (1932-2001). Блогот ги содржи целокупните поетски збирки на Јован Котески од 1958 до 2000, како и неговата лична и творечка архива.

2.Материјалите од блогот се слободни за користење во лични, образовни и научни цели. Забранета е нивна употреба за комерцијални цели и без наведување на изворот и авторот.

3.Сите дериватни дела (правењето песни, раскази, романи, музика, сликарство, вајарство, документарци, филмови, стрипови, спотови, танц, фотографија, дизајн, мода, видео-игри, виртуелни светови... научни и стручни текстови, теорија и филозофија, публицистика... врз основа на песните од Котески) се дозволени, доколку не се користат за комерцијални цели и доколку се наведе изворот и авторот.

4.Авторот на дериватските дела мора целосно да го наведе текстот на оваа лиценца (на истиот начин како што се појавува овде).

5. Доколку некој автор спомнат на блогот смета дека се повредени неговите/нејзините авторски права, може да ја контактира Јасна Котеска на jasnak@gmail.com

...за Јован Котески од Јасна Котеска

Линкови за Јован Котески

Multimedia


Каменоресци. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк
Кајмакчалан. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк

База на податоци за книгите на Котески

Базата ги содржи:
1. Насловот на збирката
2. Годината на издавање
3. Издавачот и серијата
4. Пагинација и димензии на книгата
5. ISBN (кадешто го има)
6. Насловна корица

I. Збирки песни

1. Насмевка пред зорите (1958)
2. Земја и страст (1958)
3. Злодоба (1963)
4. Тежина (1965)
5. Пеплосија (1966)
- Земја и страст, 2 изд. (1971)
6. Сенки (1972)
7. Зелени порти (1975)
8. Хераклеја (1978)
9. Поморија (1981)
10. Бденија и сновиденија (1982)
11. Полилеј (1983)
12. Плодови (1984)
13. Тапија (1985)
14. Сончева белегија (1990)
15. Живожарица (1990)
16. Морници (1991)
17. Ралица (1992)
18. Лелејка (1994)
19. Самотија (1994)
20. Трагач (1996)
21. Приќе (1997)
22. Одрон (1998)
23. Разор (1999)
24. Кртечина (2000)

II. Избор од поезијата

1. Злодоба (1992) - избор
2. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - избор
3. Празник (1995) - избор
4. Решетки (1996) - избор од затворската лирика
5. Јован Котески (2000) - тротомен избор
6. Сончева белегија (2008) - избор

III. Препеви

1. Pesme/Песни (1974) - српски
2. Dragoste si moarte (1981) - романски
3. Strah i duša (1984) - српски
4. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - англиски, француски, руски.

IV. Песни за деца

1. Глувчето со двоглед (1991)

V. Книги за Котески

1. Поезијата на Јован Котески (2003) од Миодраг Друговац

Избрани песни

Јован Котески
АЛКИ (1984)

(старзаманско оро, по војната)


Писнува свирката на катун Еѓупци,
збива планината в подмолен татон.
Едно старче ја крева раката,
ногата ја подава како да влегува в гроб,
го фаќа ритамот на расплаканото пиле
и опа! - го почнува орото. Еден по друг
како алка со алка се врзува синџирот,
се издолжува од премалени тела.
На крајот од овој божји сплет
едно извалкано детиште со лице пердувче
го крева рачето во знак на лага
и со камшикот сплетен од живи тела
почнува да го камшикува господа
скриен во свирката што плаче.


Jован Котески
Трагач (1995)
поема

- извадок-

Пред да избереш девојка за жена
најпрвин избери огледало
на кое ќе се огледува муце од видра!
Според бојата на земјата по која се втиснуваат
твоите траги
одреди ѝ го тварот, не заборавај го зборот!
Храни ја извесно време со суво грозје
како што се хранат канаринките.
Пред да зачекориш во подвигот погледни ѝ ги забите
(бели?)
кажи ѝ неколку простени молитви гласно и јасно!
Наостри ја сабјата како секавица
низ Димна гора за да ти се гледа . . .
Потковај го коњот наопаку со клинци
- жолти дукати.
Не пропуштај го галавниот адут - виното.
Пред да избереш девојка за жена
појди на чешма и со часови гледај го млазот вода . . .


Колку и да ти се открива како светица
таа ќе ти ја одземе силата, човеку, не Господ.
Не срди се што не ти ја дополнила чашата
течен ќилибар, таа ја знае суровата мера.
И не бегај од неа како овчар од магла,
не оставај ја усвитена фурна,
таа ќе го пече тоа што ќе го рече
па макар ти да се здробиш на парчиња во Солунско!
Не број го времето со часови, денови, години,
симни го јарчето на сржбата од вратот
и врати се кај што се врти вретеното . . .
Инаку таа знае да биде и црвена мравка,
ќе ти ги растури името и куќата.
Ќе те остави гол како пиштол
а своите рудни богатства на имањето
ќе му ги отстапи на Беле Костурчето
што ќе ѝ ги прекопува со жешка казма!