15. Петнаесетта збирка песни „Живожарица“ (1990) Јован Котески, избрани песни

ЈОВАН КОТЕСКИ
ЖИВОЖАРИЦА (1990)


Во спомен на сестра ми Елена


Најпознати песни од оваа збирка:
1. Задоцнет славеј

2. Бројки за споредба
3. Орнамент
4. Медалјон
5. Римувана песна
6. Копче

7. Запис
8. Зандана

9. Аполон
10. Пенелопа
11. Спокој
12. Цел ден

13. Са-ноќ
14. Споредба
15. Оси
16. Демодок
17. Статуа

18. За една туѓа жена
19. Хрисеида
20. Обетки

21. Брисеида
22. Менелај
23. Диомед
24. Терсиј
25. Лаерт
26. Антиној

27. Сенката на Ајант
28. Смртта на Хектор
29. Бик

30. Поведение!
31. За Унер



Читајќи го Хомер


ЗАДОЦНЕТ СЛАВЕЈ

(елегија за себе)

Чистата варијанта на гласот на славејот
е минато.
Сега гласот на славејот е расклапан
(како кога паѓа лапавица),
лапа невкусни слогови
и истура шаржери - преквачени акорди!
Гласот на славејот е
дословна цавкутница,
(разлабавена иронија на природата) ,
сî повеќе мекнее,
но за споредба со ѕвездени полилеи
веќе не е.
Гласот на задоцнетиот славеј е
за во некое складиште
натрупано старудии,
тој е распарчено сино камче
фрлено среде ружопрсто отворање на зората
брилијант со музејска вредност!



БРОЈКИ ЗА СПОРЕДБА

На моите деца Васил и Јасна



Во време на робијата
мојот затворенички број беше: 6412.

Во Хомеровата "Илијада"
стихот 6412 гласи:
"Сега за татко ви ваш
ќе ја платите грдата грешка".

Понекогаш нештата
во времето и во просторот
се римуваат и без наша волја.
Што се може.



СТРУГАНКИ

Орнамент


Не очекувајте од мене да ви зборувам
дека морето е сребрен меч
опточен со златни нитки,
со ѕвезди.

Медалјон


(Музата мелета)
На грлицата со грсти и’ давам
јадри зрна пченица.
Што можам? Таков сум
и таква споредба
со тебе правам!

Сознание


На златната терезија од Зевс
пафтаат раширени крилја
и Вселената полетува
со пурпурно зрно во клунот.

Сипче


Сипче, безумно пиленце!
кажи уште колку ќе трае зимава,
колку ќе наврне снег?

Ти смрзнало клунчето,
ти се фатило крилцето,
само душа ти сипе, ти пее

Римувана песна


Во палатата на крал Пријам
Касандра слекува саја
сама.

Во плевната во Криволаки
Стамена растура копа
слама.

- Две жени,
два сјајни лика на светла кама! -


Зрнца

Градите на Андромаха -
нетресени круши горнички
О леле, окаен сум
пред една миризлива смрека
сонувајки модри и црвени боболки,
модри и црвени зрнца, Алте
за многударежна жена.

Чучулига на бедемот


По рабовите на крилјата нагрна
дел од посна земја
и топла морница.

Оживеа
на брановите од воздухот
угреа сјајна зорница


Копче


Шлемот на глава брани,
мечот преку рамо се спушта
и блеска.

Колку може да поврзе
едно обично, ситно копче,
со рецка?!


Загина Аписаон Хипасов


Треба да се сложат дарежливите останки на природата
во таква непоматена хармонија
што пред и да полета гулабот на смртта
нека го колвне зрното со страст.


Запис


Му се здроби снагата
божилакот преку него пие
синоока нежност од реката.

Сарпедон, Ликиецот


Светлата јадица е фрлена в море.
Дрвото отсечено паѓа и пишти.
Веќе е мртов Сарпедон, Ликиецот.
Грмада од мошти. Земја стежната.


Жалбата на Лета

1.
Ми донесоа зрела
Мисковина диња.
Кобник умира од злоба.
По развеаните розови цутје
чувствувам во сонот
Титие ме вклештил
дива, белозаба свиња.
2.
Крај море самотна смоква цвета
и миризлив ветер се шири
во топли, црносини витли.
Растура раскошни зделки!

Две души од устите
се преселуваат во царството на Лета
непогршно водени по трагата
на две одлетани стрелки.

Пајан

Копјата се забодуваат в тил,
мечовите ѕвечкаат во оградите на забите
панѕирите се потнат в крвје.
Воините гинат, Пајане,
Колку ќе трае оваа душманска војна?
Ова стопанкино подозрение?


Наусикаја

Наусикаја
со разлеани очи
те дочекува
те враќа во живот.
Те одведува со муле
среде миризливи плодови.
Изморен патнику!
По душевните бродоломства
дознаваш и сам
колку е драгоцена
убавината.

Зандана

Едно око, и уште едно, и уште едно . . .
и времето се набива во просторот
а просторот е грозно грд, офкање бедно!

Солзи

Се’ што скока и ползи
со оган во очите пламнат
од уплав и ужас солзи.

И така . . .

И така - мој Полидаманте!
не се слушнаа форминги гитари, лири . . .
Утре е нов ден, но изгледа,
борбата никогаш нема да се смири . . .


Злато

Бездушник е златото.
Ослободено од придружна мисла
залисува со студен сјај.
И глеј -
тоа не признава сестринска љубов,
се открива во неодложно предавство
- фарисеј!


Монолог

Ахил им говори на првенците:

Доста ми е само светлината
од изворите
за да го продолжам својот род
овде и таму
дајте ми капка роса
бакнеж на кремен и огнило,
икра и искра на плисната крв.

Гласниците на смртта молчеа.

Аполон

На робинките диви ко разгорен оган -
Талеја, Кимодока, Главка,
Халија, Мелета, Агава,
Галатеја, Лимнореја,
Аматеја скраја со кадрици коси
Аполон топли зборови им роси:
"Ако во бела пештера не може да заврзе род,
може да расцути злоба"!

Глина

Гласот на гулабите
во растопен калај тече
од кај дубравите.

Капините се затрчани легии.
Далеку облаци, луњи, чад . . .

Не знам како можеле да из'ртат
од пресна глина.

Пенелопа


Мека и обла како топка
цела зафатена од страст
(како растение од повит)
се виеше
околу корави машки тела

Нагонот и’ влегуваше длабоко во утробата

При создавањето на светот
боговите ја одредија Пенелопа
за постојано потулено жарче
жедта да ја угасува со жед

Што стори, црн Одисеј?
Зошто почна да го ораш морето?


Плажа


Густото тело на жената
црпи песок и зраци.

Со жива азбука од школки
меѓу брегот и морето се децата.

Густа, пламната вејавица
шиба од женско тело.

Спокој


Двајцата влегоа во морето
водата им ги обли телата.
Ветерот молкнат. Божествен
некој спокој.

Во едноличноста на модрината
двајцата воини во истиот миг
не мислеа исто, а едниот
просторот го гледаше со едно око.

Долон

Од се’ во сознанието остана само еден коњ
и СТРАВОТ на Долон
кој како смарагд од себе блеска.

Истурено е оловото од облаците
и само со крвава кожа од лав
се доразубавува небесната фреска.

Ленени кошули

Сме носеле ленени кошули
топени во топилишта,
перени на пералишта,
пелени на сончеви лакти белени.

Сме зачувале нешто од дамнината
во самиот почетен пек,
можеби превртени дабови лисја
расеани пред кобен ветер од век во век.

Цел ден

Цел ден патуваа
и гледаа само море.
Само море и од бела пена
брегот кај се ежи.

Цела ноќ патуваа
и гледаа, на дофат горе
само ѕвезди. Се уверија
бескрајот в душа им лежи.


Лезбјанки

Воините со вино победи слават.
"Лезбјанките", шепнаа усните на Хомер,
тие "беспрекорни дела што прават . . ."

Ги нарече песнопојни птици - сјајни мелици!,
цвеќиња од Лезб, миризливи, јасни . . .
Жените, врели заводнички, жешки препелици!

Линовата песна

На Радован Павловски

Не наведувајте го кон рапсодијата Сигма!
Длабоко е . Нешто го бара окото
на Данајката Еоја.

Низ модри завеси водата се враќа од Океанот.
Ја бара Хефајст и делото,
ја бара снажниот оној Орион.
Нива широка, мека и плодна е Линовата песна,
од неа извира длабок глас,
израмнет на сјајот на Плејади!


Змија

Се склопчи, пустата, свиткано колаче -

Чека да се домогне до живо ткиво.
Два-три чекори ја делат пукнатината
на каменот
од Аксиј - струјната река.

И што? - Ајде! - не фаќај сито отровно билје
со гола рака. Пред да ти штрекне вид,
пред да ти излета збор -
изостри ја мислата. Ко светол сор.

Грлица

- Кој ти остава и за идни времиња
на синоклунестиот кораб, под облаците,
птицата да слета и да го собира сиот лазур?!

Падна, неволницата, студен камен. Со обесен врат
згодена среде срцето, со превртено око,
модрата птица класјето ги нароси
со секнато грло. Крилјата и’ узреаја в час.
Плодовите на песната и’ капат низ зачестени повеви.

Штом е за волја на вистината -
грлицата ја отстрела Мерион!

Моите коњи


Заспаа во сон бронзен
моите сини коњи.
Очите им се затворени,
уздите испогазени.

Зад спуштени врати, клети,
коњите и в сон се на штрек.
Ничија рака не ги милува,
ничиј простор не ги закрилува.

Само дамарот им свети.



Са - ноќ

Са - ноќ Нестор спиеше грч
шибан од некој невидлив камшик
сплетен од кожа на врескави кози.
Златна прав растураа прсти слаби.

Сонуваше Нестор в бескрај догоруваа
на божјите лозја - кревките лози
и виде - при издишување - славни воини
како гризат земја со заби.

Тројци

(пред бојот)
На брегот
не седат душогрижни морнари
туку вешти лоткари
кои префрлуваат в Аид.

Хекторе,
мажоморци чекаат лице в лице,
ги блазне порфирна детелина,
ги блазнеш ти.

Андромаха
го крие рулецот в миризливи гради,
ти го остриш копјето со збор
за помор.



Враже

Му стежна враже на вратот
па сега ела и намоли го Ахил да влезе в бој!
не помагаа ни лепоплетите коси на жените
што му ги даваа на дар,
ни нивните топли, миризливи здивови,
за да го растопи снегот на гневот свој.

Од вратот на Ахил вражето скокна
кога на Патрокле му догоре
и последната искра жар.


Цутови


Дека си само мразулец, Полидаманте,
ги полниш дланките кристали!
Од пресна пукнатина ти бликаат
зелени млазеви февруарско сонце.


Темен осуденику!

Создај си ја сликата за убавото сам
врз смрзнатите цутови на Троја.
Со право Арес рече: "Еден е најарен знак:
Татковината да си ја браниш -
со крвта кога се пали!"


Споредба

Немаше спор меѓу мене и Антенор.
Двајцата се сложивме дека Скамандар
има боја на пресечен костен. Тој повеќе
беше застапуван во антологиите на реките,
јас во сенките на лозниците пред Скајските порти.
Што се однесува до сидонските жени
ве уверувам дека не сме ги виделе.
Навистина, во ковчезите наоѓаме по некоја саја
но на кого ќе му падне на ум дека сајата е на Амфитрита?
Како коњокротец, Антенор, донесе темјан и кадеж
и се изгуби засекогаш кон морето
темно и бучно.

Оси

Осите се
ситни сојузнички на тигрите,
везден и едните и другите
се запалени сенки!

Сечилото на тигрите е поостро
од џилит на Пајонецот Астеропај!

Осите непогрешно
своето копје го фрлаат
в око,
на вратна жила,
таму каде што душите висат в розов рај.





СКОРПИЈА


Пајонците се како змијата,
жестината на душата и на телото
ја носат на врвот на јазикот,
во шуплината на забот.

Скорпијата, пак, под кората на дрвото,
меѓу цепутката на прозорецот
или во опинчето на детето што спие
- отровот од осилото на опашката го крие. -


СЕНКАТА НА АЈАНТ
(премин)
ДЕМОДОК

Што се однесува до просторот
нему му беше на дофат
Можеше да ги види и слеп
заспаните острови при изгрејсонце
На сјајна ѕвезда обеси мека лира
прстите ги поштеа жиците
Со неповторлива точност трагаше руда
со иста мера ги одреди војните
При ковањето на мечот на Ахил Пелеев
душата ја пресели на усни од ружа
на скришно место остави
подотворено камарче
и од трпезата на Зевс, за да се види,
на поетите им изрезба
оловна река

Не ги заборави ни славеите.


СТАТУА


Прибери си го фустанот, и’ реков,
префрли го макар над мазно тело,
закриј ја свежината што ме престорува
глад, во жед што ме испива,
макар стори едно движење
да ги исплашиш гулабите од кафезот
на мојот ум, за да слетаат други!
Макар подрашири ги нозете
за да ти насликам ново соѕвездие,
нова принова во синџирот на бездната
каде што липсуваат квазерите на сонот,
а се раѓаат капките,
направи нешто и за мене, нешто смртно,
оти ми објаснија дека со раѓањето
веќе сум отишол во твојата светла пепел
на неповторливото дно
од каде што светкаат секавици
исполнети зрели кварцови.


ЗА ЕДНА ТУЃА ЖЕНА


Меѓу рамнотежата на стиховите
рапсодијата насочува кон Бета.
Водата ги нагризува корабите,
ги облекува во бронзен талог.
Тагата ги расколебува и најсмелите.

За една туѓа жена, (дури и сомнителна!)
да се остават своите
и со години да се испречуваат црвените бразди
по студените ѕидишта на Троја, а во полето
да се отвораат толку топли извори од човечка крв,
е срамно.


ХРИСЕИДА


Пред да ја врати кај милиот татко,
Агамемнон беше ја гаѓал Хрисеида
со црвен катапулт?
Често, оддалеку, шаторот на царот
и на краснопојасната девојка наликуваше
на џиновска печурка крај отворено море.
По сî она што е раскажано во приказната
на цела сурија лекомислени мажи
ни сега сосем не им е јасно:
Кај кого девојката била робинка?
Кај грозниот насилник цар Агамемнон
кој непогрешно беше ја длабел,
или пак
кај татка си Хрис, мрсул на боговите?!






ОБЕТКИ


* *
Нејзе Нејзе
"Обетки пак "Обетки пак
со три зрна со три зрна
ко три зрнца ко три зрнца
од капина црни" од капина црни"
три капки крв три капки крв
засирени засирени
в жедни в жедни
очи очи
и’ врнат. и’ врнат.
Знај: Знај:
вратот на вратот на
Афродита е Афродита е
совршена белина совршена белина
- слонова коска - - слонова коска -
и и
сјај. сјај.



БРИСЕИДА


Место да ти рече збогум!,
Хомер ти шепна слободна мисла на увото:
- Ќерко Брисеидо -
ти си бела капка
што го разжеднува сонот во подземјето.
Остани каква што си
зрела и убава.

О леле

За да се растресе
нова тројанска војан!


МЕНЕЛАЈ

Во водата телото и’ се одразува
налик на излупена кора од бреза.

Јаболкото на раздорот
доброволно си го понесе
наспроти морето, од другата страна.

Ти не мораш, Елена дарежливо
ќе ми признае, Менелај,
кога ти било повозвишено со неа:

пред! или по разурнувањето на Троја?


ДИОМЕД

Те заведе, Диомед, нема што
славата на бојното поле, пред Троја,
ти угреа толку сјајна ѕвезда -
што дури и со боговите почна да ја одмеруваш
силата своја.

Во миговите на одлучниот бој
кога реско се одбива стрела од штит
меч од шлем и ѕвек од ѕвек -
пред секавиците на твоите крвосани очи
ги натера дури
беспорочните херои во бег.

Машки ги издржа искушенијата
што ги дарува свирепоста на војната гнасна,
но кога ја освои Троја, те порази со прељуба
твојата љуба, ти ја згасна ѕвездата јасна.


ТЕРСИТ


Зад проретчените трски се покажува Терсит -
Пцоглавец. Будалетинка. Тој
од устата блува поганштини, но кажува
вистини.
Со крбла под грпката неугледен и сам
го оставија крај морето да плаче.


АНТЕЈА

За да ги исполне копнежите во задоволства,
Антеја им се препушти на скриените страсти
(мршојатци ја растргнаа жива антилопа).

Во јаремот го впрегна
беспрекорниот Белерофонте
за со него да ги копа очите!

Што дека беше жена на крал?

Кога се увери во невозвратена љубов
таа се престори буре подлости.
Во себе почна да го потхранува
'рзакот на злобата
и да плете пајакови мрежи.


ТРОЈАНКИ

Пред матиците на реките
и матиците на пчелите
излегоа Тројанки.

кралски бисерни дробници!
Ирида, Поликсена, Хекаба,
а пред нив моите сопатнички

робинки вични:
Ајтра Питеева - оган од жена
и саќе за наслада - Климена.


СТРАСТ

По неуспешниот двобој со Менелај
воден од ситни, безумни страсти
Парис се нурна в постела,
среќата ја окали врз женско тело.

Можеби за првпат вистински
својата љуба ја присвои во цело!

Во гладната навала при врв
Елена почувствува ѕвезден сјај
со сета занесна облина своја.
Тлееше в тивок пламен.

Им се испомешаа суетите со здивот.
Воинот се одрона, се преврте,
стана студен камен. Живот -
"испрскан сиот со крв и кал".


ДЕЈФОБ

Во меѓувреме Дејфоб, судбината
те награди со најскапоцениот дар -
ти ја даде Елена Тројанска за жена!

Тоа траеше кратко.
Само што завладеа во непредвидлив рај.
со раскош изложена од женско тело,
судбината, Дејфоб, те врати в пекол.

Зашто меѓу јунакот Менелај
и јунакот Парис
ти се покажа налик на облачна сенка,
на откината дренка.





ДАРОТ НА АХИЛ


Место да му ја врати од порано
краснообразната Брисеида
сосе седумте! сјајнолики жени на Ахил,
цар Агамемнон
на својот гневен воин попрво му додели
пресечен грклан од нерез!
Каква иронија?! Каква дрскост и срам?!
Загледан кон брановите на морето
цар Агамемнон се колнеше пред боговите
дека никогаш не ја допрел сјајната робинка
со жива рака! Мислиш му веруваа?
Туку за утеха -
"нежниот врат и убавото лице на Брисеида"
ги исполнија очите на Ахил со сини вирови
додека таа крај него лежеше лична и мила
како погребна маска!


ЛАЕРТ

За жртва крвта на јуницата
и’ ја препушти на земјата
За него Итака и онака стана тесна
Клекнат сред лозови суварки
по обилните гозби
со голема леснина гледаше кон морето
Како човек што плукнал азна
се врати в село
сред булук ѓаволести кози
му даваше значење на лавежот на кучето
Чувствуваше одвратност кон дрските стројници
но и неповторлива желба
ораницата на Пенелопа да се сее
Еден ден умре а без да знае
дека издржал тешка робија


АНТИНОЈ


Не ти доделија, како што доликува, Антиној,
достојно место на љубовник - маратонец.
А сите знаеја дека ја сврдлуваш со рог на полжав
и дека и’ го свртуваш капачето на кутичето златно
на прекрасната Пенелопа. Но што од тоа?
Во финалето на песната, поетот,
низ иглено уше
и тебе те протна како излижан конец.


АРЕТА


Како може да не ти се допадне Арета,
жената на крал Алкиној?
За неа Одисеј се исполни дива радост.
Кон дното на градината ја ваја
со тешки пластови тишина.
И’ шепоти за неодминливото тело.
Одисеј ги прескокнува сопствените кругови,
душата им ја препушти на послабите.
Со неповторливи одблесоци
тој ја оживува Арета,
низ растурени снопје светлина
ја сместува во своите очи.
Шепоти: Оче Зевс,
врати ми ја белината од Олимп.


СЕНКАТА НА АЈАНТ


Ајант -
човек со душа на јагне и смелост на лав
сонува мека таписерија
под парталите на снегот што врне.

Во ископина крај реката Ксант,
(по измама на боговите!)
сенката на воинот има црвен агол
ракоположен со вешти потези
на едно ахајско, распукано грна.


СМРТТА НА ХЕКТОР

Останките на воинот стинат.
Покрај Ахил -
лажливката
лична и дволична Атена
го докусури вртишлемот Хектор!
Хектор пак пред тоа со други божици
го битиса Патрокла!
И така, Оче Асклепиј,
од ден во ден, од година во година,
боговите и луѓето се парчат и гинат.


ПЕСНА ЗА ВОИНОТ

Статуата си шета низ бронзата,
вистиско будење е вистинско
кога ќе излезе од телото,
кога некој, како плотин,
ќе ги собере сите бои . . .
Некој, што по смртта
му останува само времето во мене
огледало исполнето лебеди.

Огорчен сум: некој ми ги растура
сулфурните руди. Во облаците.
Воинот е воин на изгубени битки.
Ги отворил приодите за чумата,
сега е чувар на мртов град.
Воденицата камења меле.


БИК

(Глас сред рапсодијата Делта)

Откако ми беше кажано дека ме нападнал
"еден бик - рикач": на нос, на врат,
се зафатив да градам сопствена арена.
Со раце му ги извив роговите
на тоа жилаво животно,
го наведов до самиот раб на очај!
Бикот ја крена пругоре опашката
боден кај отворот од ситен штркел,
ги наду носниците како мали отвори
од жив кратер
и јурна кон мене со крв во очите.
Се’ ми се чини дека на зајазениот копитар
му се присторив црвена божурика
инаку од каде жестоко да ме гони?!
Јас само паралелно му забодував
остри и лути знаменија по вратот,
ја соединував мислата со просторот
за да му бликне од утробата смрт.


ТАНТАЛ

се повлекоа
во себе
бестелесните

жедни за крв
се блазнеа
завресканите

момчиња врвулица
се’ на штрек
со свршенички

опиваа звуците
од златни струни
среде асфодели

повлекува во себе
бесплотен букет
сенлив Тантал



ПОВЕДЕНИЕ!

Така не се постапува со жена.
Што дека е мраморна божица?
Тоа не значи дека
Атена Партенос не може да ти плукне в лице.
Па да. До почетокот на трагедијата
ќе се најде некој
кој ќе и’ ја измеша трагата . . .
Ќе останат само празни ќупови
исполнети излокана тишина.
Но кој те прашува
за маска на лицето?
Кој те прашува за времето во неа
несмирено што тече?


ЗА УНЕР

(Атена се враќа сред боговите на Олимп)

Како при сите војни и погреби
жртвувањето е одлика
на цревоугодниците.
И не само тоа:
Тие ја подготвуваат гозбата
уверени се
дека ќе ги надживеат сопствените сенки!
Додека алатите - раце
ги вртат ражните и го полеваат
месото со вино,
на никого не му паѓа на ум
дека еден ден
треба да се умира!
Се јаде, се пие, се пее,
од оваа стопанкина хиерархија
страв да те фати.
Тажен човеку!
За една бесмислена тршка
се плашиш од боговите,
а "боговите се одамна мртви".

За Јован Котески

1. Целосна блог-архива за животот и творештвото на македонскиот поет Јован Котески (1932-2001). Блогот ги содржи целокупните поетски збирки на Јован Котески од 1958 до 2000, како и неговата лична и творечка архива.

2.Материјалите од блогот се слободни за користење во лични, образовни и научни цели. Забранета е нивна употреба за комерцијални цели и без наведување на изворот и авторот.

3.Сите дериватни дела (правењето песни, раскази, романи, музика, сликарство, вајарство, документарци, филмови, стрипови, спотови, танц, фотографија, дизајн, мода, видео-игри, виртуелни светови... научни и стручни текстови, теорија и филозофија, публицистика... врз основа на песните од Котески) се дозволени, доколку не се користат за комерцијални цели и доколку се наведе изворот и авторот.

4.Авторот на дериватските дела мора целосно да го наведе текстот на оваа лиценца (на истиот начин како што се појавува овде).

5. Доколку некој автор спомнат на блогот смета дека се повредени неговите/нејзините авторски права, може да ја контактира Јасна Котеска на jasnak@gmail.com

...за Јован Котески од Јасна Котеска

Линкови за Јован Котески

Multimedia


Каменоресци. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк
Кајмакчалан. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк

База на податоци за книгите на Котески

Базата ги содржи:
1. Насловот на збирката
2. Годината на издавање
3. Издавачот и серијата
4. Пагинација и димензии на книгата
5. ISBN (кадешто го има)
6. Насловна корица

I. Збирки песни

1. Насмевка пред зорите (1958)
2. Земја и страст (1958)
3. Злодоба (1963)
4. Тежина (1965)
5. Пеплосија (1966)
- Земја и страст, 2 изд. (1971)
6. Сенки (1972)
7. Зелени порти (1975)
8. Хераклеја (1978)
9. Поморија (1981)
10. Бденија и сновиденија (1982)
11. Полилеј (1983)
12. Плодови (1984)
13. Тапија (1985)
14. Сончева белегија (1990)
15. Живожарица (1990)
16. Морници (1991)
17. Ралица (1992)
18. Лелејка (1994)
19. Самотија (1994)
20. Трагач (1996)
21. Приќе (1997)
22. Одрон (1998)
23. Разор (1999)
24. Кртечина (2000)

II. Избор од поезијата

1. Злодоба (1992) - избор
2. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - избор
3. Празник (1995) - избор
4. Решетки (1996) - избор од затворската лирика
5. Јован Котески (2000) - тротомен избор
6. Сончева белегија (2008) - избор

III. Препеви

1. Pesme/Песни (1974) - српски
2. Dragoste si moarte (1981) - романски
3. Strah i duša (1984) - српски
4. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - англиски, француски, руски.

IV. Песни за деца

1. Глувчето со двоглед (1991)

V. Книги за Котески

1. Поезијата на Јован Котески (2003) од Миодраг Друговац

Избрани песни

Јован Котески
АЛКИ (1984)

(старзаманско оро, по војната)


Писнува свирката на катун Еѓупци,
збива планината в подмолен татон.
Едно старче ја крева раката,
ногата ја подава како да влегува в гроб,
го фаќа ритамот на расплаканото пиле
и опа! - го почнува орото. Еден по друг
како алка со алка се врзува синџирот,
се издолжува од премалени тела.
На крајот од овој божји сплет
едно извалкано детиште со лице пердувче
го крева рачето во знак на лага
и со камшикот сплетен од живи тела
почнува да го камшикува господа
скриен во свирката што плаче.


Jован Котески
Трагач (1995)
поема

- извадок-

Пред да избереш девојка за жена
најпрвин избери огледало
на кое ќе се огледува муце од видра!
Според бојата на земјата по која се втиснуваат
твоите траги
одреди ѝ го тварот, не заборавај го зборот!
Храни ја извесно време со суво грозје
како што се хранат канаринките.
Пред да зачекориш во подвигот погледни ѝ ги забите
(бели?)
кажи ѝ неколку простени молитви гласно и јасно!
Наостри ја сабјата како секавица
низ Димна гора за да ти се гледа . . .
Потковај го коњот наопаку со клинци
- жолти дукати.
Не пропуштај го галавниот адут - виното.
Пред да избереш девојка за жена
појди на чешма и со часови гледај го млазот вода . . .


Колку и да ти се открива како светица
таа ќе ти ја одземе силата, човеку, не Господ.
Не срди се што не ти ја дополнила чашата
течен ќилибар, таа ја знае суровата мера.
И не бегај од неа како овчар од магла,
не оставај ја усвитена фурна,
таа ќе го пече тоа што ќе го рече
па макар ти да се здробиш на парчиња во Солунско!
Не број го времето со часови, денови, години,
симни го јарчето на сржбата од вратот
и врати се кај што се врти вретеното . . .
Инаку таа знае да биде и црвена мравка,
ќе ти ги растури името и куќата.
Ќе те остави гол како пиштол
а своите рудни богатства на имањето
ќе му ги отстапи на Беле Костурчето
што ќе ѝ ги прекопува со жешка казма!