Благој Иванов за Јован Котески (1999)

ДУШАТА НА СТИХОТ

Благоја Иванов

Јован Котески останува драматик, кој сугестивно ни ги открива спротивностите на животот, општиот и личниот. Но, стихот му е променет во многу песни. Звучноста останува пред една рапавост низ која се изразува некој наплив на чувства што бујато го обземаат со нивните противречности. Не се работи за немоќ да се искаже нешто, туку за дожувувања кои го запираат здивот, го запираат зборот за да не биде претежок, за да не биде прегорчлив, со самото тоа, да не биде несправедлив. Ми остава особен впечаток овој тон на искажување, ваквиот начин на создавањето на песната ми говори за една творечка зрелост на овој поет, кој го сменил појот таму кадешто требало да го искаже продлабочениот однос кон она што го радува и што го тревожи.

Триесеттина и нешто песни се сместени во оваа книга, која можете да ја земете со себе кај што сакате, да ја извадите од џебот на палтото во кој не би зазела многу место за да ја прелистате уште еднаш, и уште еднаш, и пак да бидете освоени од нејзиниот лирски неспокој: за да почувствувате како занесот и страстите, воскликот на убавината и откликот на радоста се згуснуваат во сознанија кои доаѓаат од искуството за трајноста и минливоста на онаа што е околу човекот, што остава белези во душата на човекот и го прави резонанс со промисла, со доживување на она што го нарекуваме секојдневно ден, живот премреже, црното и светлото на денот. А до нив, од животот и секојдневноста, добиваме се’: и чудесните предели, и длабокиот небески свод со сонцето и ѕвездите, со топлите дождови и благите ветрови; но исто така и болките и радостите; катадневната средба со заканите, нерадосните разминувања со опасностите. Богатството и сиромаштијата на духот, како и на сиот живот, се спротивставени во глуви битки и шумни судири. Оттаму, ако во оваа книга песни побарате тематско еднинство тоа го нема во онаа класична смисла на поимањето. Целината е во сознавањето, во внатрешното пулсирање на поетовото доживување. Тоа е предизвикано од мноштвото сензации, кои се пројавуваат во песната како возбуденост на поетот, чие поимање на она што го допира, што гогледа, што го слуша не’ открива една нова и необична слика, полна со созвучја и сознанија, кои се спротивставуваат на секојдневноста со упорноста на животот, во кој се помешани радостите со болките, надевањата со разочарувањата. Па така, во книгава ги имаме и пејзажот и во него и реката, и во него и коњот и полжавот, и пајакот и пајажината, и укитот и каменот, и бериќетот на полињата, и звуците на камбаната од некое црквиче. Но, исто така, во него се, како што е и во животот, и камата и секирата, и сознанието, и заканата, и суетата и расчекорот. Во голем дел овие поими се всушност, наслови на одделни песни. Преку нив се открива едниот слој на песната. Веќе со првиот нејзин стих, ќе прозвучи иронијата, ќе се насети спротивно расположение, ќе се забележи како поетот на еден збор му открива други значења, како на едно расположение му спротивставува друго чувствување, на една умилна слика спротивставува криво огледало, во која таа не е онаа што се гледа со голо око, со празен поглед, туку таа е онаа што поетовото сознание ја скенира во длабочина. Препрочитувајќи ја песната, се откриваат нови асоцијации. Зашто, читајќи ја, на пример, песната Бериќет, доаѓаме и до стихот, во кој се вели: а собрав циничен осил, шупел! Зашто пајакот скокач поставува замка за да го намами својот плен (Пајак); зашто во песната Коњ не го добиваме неговиот опис, туку сознанието:

Зар крилат ангел
коњот е наш
ако е само складно тело?
А глеј! Тој е и солза
без плач…

Така едноставните наслови ни откриваат песни во кои се одразува сложеноста на едно човеково искуство, произлезено од уживање на животот, но и од судирот со бројни стапици, недоразбирања, опасности и страдања:

Ако животот е мост за да се прејде,
на злото, ви велам, му нема лек!
Зар е тоа испит на зрелоста?
Зар да се повторува Голема матура?
(На робија)

Од ова чувствување, не е далеку и сознанието:

Не знам зошто помислив
дека мртвиот дом е брод
натоварен со векови,
постојано некаде плови,
ама никако да исплови?!
(Клатно)

Треба храброст за да се живее, да се радува човек, во време кога врз него се нагрвалуваат тегобите, несреќите:

Во еден џбун од паркот
на куп зрела пченица
чучулига зоба зрна и прета,
зоба зрна и прета
се’ додека небото не се исполни
сјајни ѕвезди…
(Сонувано в летна ноќ)

Но, на ваквото чувствување би можеле да ја спротивставиме песната “Вина”:

На осоколените
Им ја признав сета вина!
По падот на мојата комета
човек сум без чест
немам дури ни племја!
Затоа, пак, при помисла
“на петринските вина”
ми се зема здивот!
Капка в грло се слева
ко светол паличник
на присовјански плуг
зариен в ровка земја.
А знаев по нешто и да кажам
За Татјана, Ана, Прозерпина!

Во белешката на корицата од оваа книга се вели оти “е залегната една неделива проценка дека во овој поет нашата книжевност го откри својот редок драматик во кусото лирско повесмо, својот редок поет што песната ја гради, главно, врз пулсот на звучната проекција на исказот…” Една мошне точна оценка, секако: и во оваа збирка песни, Јован Котески останува драматик, кој сугестивно ни ги открива спротивностите на животот, општиот и личниот. Но, стихот му е променет во многу песни. Звучноста отстапува пред една рапавост низ која се изразува некој наплив на чувства што бујато го обземаат со нивните противречности. Не се работи за немоќ да се искаже нешто, туку за доживувања кои го запираат здивот, го запираат зборот за да не биде претежок, за да не биде прегорчлив, со самото тоа, да не биде неправедлив. Ми остава особен впечаток овој тон на кажување, ваквиот начин на создавањето на песната ми говори за една творечка зрелост на овој поет, кој го сменил појот таму кадешто требало да го искаже продлабочениот однос кон она што го радува и што го тревожи. Прочитајте ја оваа книга песни, таа ќе ви даде некои одговори и во едно и во друго расположение.

За Јован Котески

1. Целосна блог-архива за животот и творештвото на македонскиот поет Јован Котески (1932-2001). Блогот ги содржи целокупните поетски збирки на Јован Котески од 1958 до 2000, како и неговата лична и творечка архива.

2.Материјалите од блогот се слободни за користење во лични, образовни и научни цели. Забранета е нивна употреба за комерцијални цели и без наведување на изворот и авторот.

3.Сите дериватни дела (правењето песни, раскази, романи, музика, сликарство, вајарство, документарци, филмови, стрипови, спотови, танц, фотографија, дизајн, мода, видео-игри, виртуелни светови... научни и стручни текстови, теорија и филозофија, публицистика... врз основа на песните од Котески) се дозволени, доколку не се користат за комерцијални цели и доколку се наведе изворот и авторот.

4.Авторот на дериватските дела мора целосно да го наведе текстот на оваа лиценца (на истиот начин како што се појавува овде).

5. Доколку некој автор спомнат на блогот смета дека се повредени неговите/нејзините авторски права, може да ја контактира Јасна Котеска на jasnak@gmail.com

...за Јован Котески од Јасна Котеска

Линкови за Јован Котески

Multimedia


Каменоресци. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк
Кајмакчалан. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк

База на податоци за книгите на Котески

Базата ги содржи:
1. Насловот на збирката
2. Годината на издавање
3. Издавачот и серијата
4. Пагинација и димензии на книгата
5. ISBN (кадешто го има)
6. Насловна корица

I. Збирки песни

1. Насмевка пред зорите (1958)
2. Земја и страст (1958)
3. Злодоба (1963)
4. Тежина (1965)
5. Пеплосија (1966)
- Земја и страст, 2 изд. (1971)
6. Сенки (1972)
7. Зелени порти (1975)
8. Хераклеја (1978)
9. Поморија (1981)
10. Бденија и сновиденија (1982)
11. Полилеј (1983)
12. Плодови (1984)
13. Тапија (1985)
14. Сончева белегија (1990)
15. Живожарица (1990)
16. Морници (1991)
17. Ралица (1992)
18. Лелејка (1994)
19. Самотија (1994)
20. Трагач (1996)
21. Приќе (1997)
22. Одрон (1998)
23. Разор (1999)
24. Кртечина (2000)

II. Избор од поезијата

1. Злодоба (1992) - избор
2. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - избор
3. Празник (1995) - избор
4. Решетки (1996) - избор од затворската лирика
5. Јован Котески (2000) - тротомен избор
6. Сончева белегија (2008) - избор

III. Препеви

1. Pesme/Песни (1974) - српски
2. Dragoste si moarte (1981) - романски
3. Strah i duša (1984) - српски
4. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - англиски, француски, руски.

IV. Песни за деца

1. Глувчето со двоглед (1991)

V. Книги за Котески

1. Поезијата на Јован Котески (2003) од Миодраг Друговац

Избрани песни

Јован Котески
АЛКИ (1984)

(старзаманско оро, по војната)


Писнува свирката на катун Еѓупци,
збива планината в подмолен татон.
Едно старче ја крева раката,
ногата ја подава како да влегува в гроб,
го фаќа ритамот на расплаканото пиле
и опа! - го почнува орото. Еден по друг
како алка со алка се врзува синџирот,
се издолжува од премалени тела.
На крајот од овој божји сплет
едно извалкано детиште со лице пердувче
го крева рачето во знак на лага
и со камшикот сплетен од живи тела
почнува да го камшикува господа
скриен во свирката што плаче.


Jован Котески
Трагач (1995)
поема

- извадок-

Пред да избереш девојка за жена
најпрвин избери огледало
на кое ќе се огледува муце од видра!
Според бојата на земјата по која се втиснуваат
твоите траги
одреди ѝ го тварот, не заборавај го зборот!
Храни ја извесно време со суво грозје
како што се хранат канаринките.
Пред да зачекориш во подвигот погледни ѝ ги забите
(бели?)
кажи ѝ неколку простени молитви гласно и јасно!
Наостри ја сабјата како секавица
низ Димна гора за да ти се гледа . . .
Потковај го коњот наопаку со клинци
- жолти дукати.
Не пропуштај го галавниот адут - виното.
Пред да избереш девојка за жена
појди на чешма и со часови гледај го млазот вода . . .


Колку и да ти се открива како светица
таа ќе ти ја одземе силата, човеку, не Господ.
Не срди се што не ти ја дополнила чашата
течен ќилибар, таа ја знае суровата мера.
И не бегај од неа како овчар од магла,
не оставај ја усвитена фурна,
таа ќе го пече тоа што ќе го рече
па макар ти да се здробиш на парчиња во Солунско!
Не број го времето со часови, денови, години,
симни го јарчето на сржбата од вратот
и врати се кај што се врти вретеното . . .
Инаку таа знае да биде и црвена мравка,
ќе ти ги растури името и куќата.
Ќе те остави гол како пиштол
а своите рудни богатства на имањето
ќе му ги отстапи на Беле Костурчето
што ќе ѝ ги прекопува со жешка казма!