Бранко Цветкоски за Јован Котески (1998)

ОДРОНИ НА ЗАУМНОСТ И ЖИЗНЕНОСТ


Кон поетската книга Одрон од Јован Котески, издание на Мисла, Скопје, 1998 година

Бранко Цветкоски

За поетското писмо на Јован Котески се испишани стотици страници во македонската книжевна критика. Од Блаже Конески и Димитар Митрев се’ до најмладите проследувачи и вреднувачи на македонската лирика и посебно на поетскиот опус на Котески залегната е една неделива проценка дека во овој поет нашата книжевност го откри својот редок драматик во кусото лирско повесмо, својот редок поет што песната ја гради врз пулсот на звучната проекција во исказот.

Евидентно е, исто така, дека Котески во своите досегашни дваесетина книги поезија не секогаш ги извлекувал максималните валери на сопствената поетска енергија или дека во одделни од нив настапувал со леснина и опуштеност, со смисла за доконост и вежба, со чувство на една необврзана убедливост. Но, повеќе од евидентно е за овој поет дека во секоја своја книга испишува, истражува, извлекува, истенчува и крава неповторливи и само нему својствени потези на мајсторство: во еден стих, во една строфа, во цела песна, во циклус – кога и да е, поетскиот агенс на Котески е доволен за радост и изненада.

Во ваква атмосфера на спокојна творечка прелест ја согледувам и целината на малата поетска збирка Одрон, составена само од дваесетина куси лирски состави. Испишана лесно и отмено, со менлив ритам, со густеж асоцијации, со пласт призвук и пласт нова семантика, со престиж таму каде што изненадата најспонтано го крева перото над текстот – оваа нова поетска објава на Јован Котески заслужува неколку назнаки на признателност.

Котески во еден карактеристичен внатрешен ритам на песната секогаш ја докоснувал крајната смисла на прашањето за постоењето, за пребивањето земно, за овдешноста и овдешното. Во само шест стихови таа агонија на бивството на единката Котески ја соопштува уште во воведната песна Бивство, во која ја испорачува големата и трајна немога на битието пред прашањето што бил и што можел да биде човекот во миговната и вечна илузија на постоењето:

Сине, ни сум, ни не сум.
Ни душа, ни ум, ни бог
не ме перат. Со инка
елан да сипат – злом
ме чини. Пак и пак
Празно сум бивство. Ја!

Толку е целата потпирка, одронот пред постојаната бездна, на која што само и бегаме со мислата но никогаш со плотта и земната градба.

На човекот во оваа книга на Котески му останува утехата од земните радости, од феномените на природата, од неистрошливоста на љубовната жест. Тој постојан возлет над недопрените или откриените радости во катадневицата или во душевната возвишеност на битието во оваа збирка се отсликува во насловите Цвеќе, Променада, Еленчица и Радика. Во нив нашиот лиричар како на лесно оптегнато платно со здив и лесни движења ја бојосува мрачната заднина на животот. Еднаш ќе бувне со неговиот резок стих во свежината на планините од кои на светот му ја симнува сета свежина и радост, потоа ќе не’ прошета во густежот од потези со кои се враќа повтежот по великата женска убавина, недопирливост, омајност и таинство што во секој миг ја окупираат еротската скрама во песната. Котески е познат уште од неговите први објави со крајно секавичното понирање и излетување од просторот ан еротското во полето на заумниот страв пред смртта. Тоа е и еден од големите опозити – двигатели на книжевноста и уметноста воопшто.

Котески, чинам, целиот поетски век во овој противставен простор на човековата страст и страв испиша многу песни, многу сјајни одрони од вечната карпа на големата поезија. Во нашиов поглед кон книгата Одрон тој натиск на плотноста и смртноста добива една метафизичка разврска во текстот благодарение и на моќта на Котески секогаш да ја покажува во следењето на асоцијативниот звучен преплет во песната. Чистите звукови на вокалите или истакнатите консонантски споеви многу често во следниот стих раѓаат нови поими кои покрај таа неминовност се исполнуваат и со нови семантички сигнали со кои се создава нова значенска структура. Тоа е посебно карактеристично за песните Косидба, Лов и Анатема во кои се протега една лесна мајсторска поетска рака која си поигрува со зборовите, со нивните душевни, длабоко духовни, филозофски и заумни и метафизички наноси. Тоа е оној познат потег на Котески што се осмислува како агонија или радост на многу краток лирски простор:

…Ведро, а немушт Марс
апе. О, снежинка
се топи ко барок на рабуш.
Актуелен лов с мади,
о, лаги ласкави…
(Лов)

Тоа е таа одамна откриена проѕирка кон вечниот виј на изненадата што е залегнат во иманентноста на вистинското поетско писмо, а кај Котески евидентиран со тапија како маја на чистото поетско присуство, одамна негуван во неговата поетска логика, во неговата смисла за градирање на движечките јадра на поетската опсервација.
Ваквите пунктови на изненада и провев на заумност и таинство се присутни и во другите песни од оваа најнова книга на Котески и тие ги прават привлечни и им ја одредуваат естетската тежина и трајност.

Книгата Одрон, како и повеќе досегашни вреднувани и потврдени книги на Котески, според својата тематска конфигурација останува во спектарот на поетските истражувања и опсесии по т.н. неповторливи возвишенија во житејските пројави на изненадата. Но лирската осилка на Јован Котески, со префинет внатрешен трепет, ја докоснува и високата и суптилната позиција на мисловното, на тежеста на традиционалната мудрост и на замисленоста на единката над заумните точки на рудиментираниот гол живот. Таа осилка ја зацртува и ирониската линија на човековата глупост, на неговата заслепеност пред блескотната магија на постоењето, неусетно ја води браздата на полноводен разговор, на распретување на агенсите на чистата убавина, на самоцелното обитување на формите и сферите на мислата, кои секогаш и со завист сум ги чувствувал како единствена виртуелност во опитот на овој поет.

За Јован Котески

1. Целосна блог-архива за животот и творештвото на македонскиот поет Јован Котески (1932-2001). Блогот ги содржи целокупните поетски збирки на Јован Котески од 1958 до 2000, како и неговата лична и творечка архива.

2.Материјалите од блогот се слободни за користење во лични, образовни и научни цели. Забранета е нивна употреба за комерцијални цели и без наведување на изворот и авторот.

3.Сите дериватни дела (правењето песни, раскази, романи, музика, сликарство, вајарство, документарци, филмови, стрипови, спотови, танц, фотографија, дизајн, мода, видео-игри, виртуелни светови... научни и стручни текстови, теорија и филозофија, публицистика... врз основа на песните од Котески) се дозволени, доколку не се користат за комерцијални цели и доколку се наведе изворот и авторот.

4.Авторот на дериватските дела мора целосно да го наведе текстот на оваа лиценца (на истиот начин како што се појавува овде).

5. Доколку некој автор спомнат на блогот смета дека се повредени неговите/нејзините авторски права, може да ја контактира Јасна Котеска на jasnak@gmail.com

...за Јован Котески од Јасна Котеска

Линкови за Јован Котески

Multimedia


Каменоресци. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк
Кајмакчалан. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк

База на податоци за книгите на Котески

Базата ги содржи:
1. Насловот на збирката
2. Годината на издавање
3. Издавачот и серијата
4. Пагинација и димензии на книгата
5. ISBN (кадешто го има)
6. Насловна корица

I. Збирки песни

1. Насмевка пред зорите (1958)
2. Земја и страст (1958)
3. Злодоба (1963)
4. Тежина (1965)
5. Пеплосија (1966)
- Земја и страст, 2 изд. (1971)
6. Сенки (1972)
7. Зелени порти (1975)
8. Хераклеја (1978)
9. Поморија (1981)
10. Бденија и сновиденија (1982)
11. Полилеј (1983)
12. Плодови (1984)
13. Тапија (1985)
14. Сончева белегија (1990)
15. Живожарица (1990)
16. Морници (1991)
17. Ралица (1992)
18. Лелејка (1994)
19. Самотија (1994)
20. Трагач (1996)
21. Приќе (1997)
22. Одрон (1998)
23. Разор (1999)
24. Кртечина (2000)

II. Избор од поезијата

1. Злодоба (1992) - избор
2. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - избор
3. Празник (1995) - избор
4. Решетки (1996) - избор од затворската лирика
5. Јован Котески (2000) - тротомен избор
6. Сончева белегија (2008) - избор

III. Препеви

1. Pesme/Песни (1974) - српски
2. Dragoste si moarte (1981) - романски
3. Strah i duša (1984) - српски
4. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - англиски, француски, руски.

IV. Песни за деца

1. Глувчето со двоглед (1991)

V. Книги за Котески

1. Поезијата на Јован Котески (2003) од Миодраг Друговац

Избрани песни

Јован Котески
АЛКИ (1984)

(старзаманско оро, по војната)


Писнува свирката на катун Еѓупци,
збива планината в подмолен татон.
Едно старче ја крева раката,
ногата ја подава како да влегува в гроб,
го фаќа ритамот на расплаканото пиле
и опа! - го почнува орото. Еден по друг
како алка со алка се врзува синџирот,
се издолжува од премалени тела.
На крајот од овој божји сплет
едно извалкано детиште со лице пердувче
го крева рачето во знак на лага
и со камшикот сплетен од живи тела
почнува да го камшикува господа
скриен во свирката што плаче.


Jован Котески
Трагач (1995)
поема

- извадок-

Пред да избереш девојка за жена
најпрвин избери огледало
на кое ќе се огледува муце од видра!
Според бојата на земјата по која се втиснуваат
твоите траги
одреди ѝ го тварот, не заборавај го зборот!
Храни ја извесно време со суво грозје
како што се хранат канаринките.
Пред да зачекориш во подвигот погледни ѝ ги забите
(бели?)
кажи ѝ неколку простени молитви гласно и јасно!
Наостри ја сабјата како секавица
низ Димна гора за да ти се гледа . . .
Потковај го коњот наопаку со клинци
- жолти дукати.
Не пропуштај го галавниот адут - виното.
Пред да избереш девојка за жена
појди на чешма и со часови гледај го млазот вода . . .


Колку и да ти се открива како светица
таа ќе ти ја одземе силата, човеку, не Господ.
Не срди се што не ти ја дополнила чашата
течен ќилибар, таа ја знае суровата мера.
И не бегај од неа како овчар од магла,
не оставај ја усвитена фурна,
таа ќе го пече тоа што ќе го рече
па макар ти да се здробиш на парчиња во Солунско!
Не број го времето со часови, денови, години,
симни го јарчето на сржбата од вратот
и врати се кај што се врти вретеното . . .
Инаку таа знае да биде и црвена мравка,
ќе ти ги растури името и куќата.
Ќе те остави гол како пиштол
а своите рудни богатства на имањето
ќе му ги отстапи на Беле Костурчето
што ќе ѝ ги прекопува со жешка казма!