10. Десетта збирка песни Јован Котески „Бденија и сновиденија“ (1982) - избрани песни

ЈОВАН КОТЕСКИ
БДЕНИЈА И СНОВИДЕНИЈА


*

Телото е шума што се сече
јаболко на плодноста што се злати.
Длабоко во крвта,
во разбудената рожба на струната
тој што прима, оплодува?
Ти пак ја лееш круната,
но што од тоа? Укај крај тајните
дувла на јавната ѕверка. Жар се истура
од огниште, спасена од сите нас,
душата твоја по незнајни патишта
ја гонат. Примете ги жртвите,
прифатете ги како пожар што се крева.
Растурена обилност, заштитена.
Би ја смениле ризницата небеска
за круна - жена, но безумна војна
се ближи, единката е бројка и светка.
Почнува делба без ред, се вее срамно
знаме, боиштето лока колку што може.

*
Во рељеф од мртов бескрај
синото во жолто зрее,
во скок на лјилјак зад агли
црното се покажува и обилно грее.
Зрно куршумно му припаѓа
на снежен блик за жртва -
мртво тело, пукнатинка на бронзен сад
крунисана со капка крв.
Бело Море прес судна кланица
зад бакарно гумно се шири . . .
Околу тебе се врти -
со крвави табани по стрништа,
силни извори клокотат од нејзините очи,
ридание ти го потресува телото,
ако си тој што го бара
жнеј го злосетниот оган!
Се злати пара во раката,
усните што ги покори смрт
се бакарна ковина.
Со страст на мршар, зоба,
смуртената планина од плотта твоја.


*
Остави ја мислата во круг, убост без тело!
Обратно се открива тајната на светот.
Заборавен во топол миг на единство
Ја губиш сушноста, насилнику, а се состоиш
во се’. Меки движења на тело, овој е голем ден
на цвеќето што цица катран. Мачка орјатка
сенчи глас, бездомникот е склон кон гниеж,
кон бела коска на небото. Издвој му го Млечниот Пат,
неподвижна свежина, дај му го, тоа што е наша сила.

*

Во кандило од камен
минатото потемнило
Кадилницата сончева
кади низ шумје
Чума во Ума стори лаз
се множат пресни грмаѓе
крај козји патје
Колку за в црква има
од фурна распукан леб
другото е горка пришега
Тргни на орадија со калибари
пониско од поземечки нема
Ако се круниса успението
твоето здолниште ќе виси
на бел зелен габер
Сениште царево
бачилиште на омрази и на зла
Во есенски вечери
од зулум и од крв
само еден остна да каже
*

Од влезот води го за да тоне во розова дамка.
Се пупи Езеро во ноќни сведбини, пробиени се,
во солза збрани, сите малаксани и исплакани!
Со тебе избива твојот молк, копај камена поема,
како што копа душа пој. Превртено око на девица,
топка под туѓа нога, оплодена од темен јавач.
Не ти останува ни сенка, ни глас, ни дрвце забоде
да никне! Само чаталите на твојата јанѕа вишат.
Расплети ја сувата грозомора,
ако е да лулка жешка болка
меѓу змии лази, со око копај.
Небесни знаци збирај во растурен
рој мисли, во обла синкопа, глеј
душата е гајда што се оттишува.
Не ја пронајде окопата што те треба!
Модрото ја цица ноѓта со венец
на Сатурн, или тоа е само псалм
на ослепениот со алчни заби . . .
Зад петици на стонежна фурија
тигарот се престорува во стршел.
Жила пресечена на раб од троска
ситен створ, лежи, без да знае,
во снежен алабастер.
Смртта блее зад хоризонт
каде што гладни булуци
блазнат разнишана мисла.

*

Ти падна на дел, збери му ги мноштвата дни,
леј му ги песните што се таложат
во млазеви небеска сила. Светилиште урна
в мисла, на тргнување посеа лелеци
заградени со темна вода. Сред пат, тајум,
се отвори лузна, во сјај залисува Вселената.
Лик од пороиште дебне ново зло, конопен
цут топи во сон бел шатор. Ухај жар,
цавкутница е небото, сонцето е икра,
- чија икра?! - Заедно со плодот капе
радоста осветлена огнен ветер, тоа што кружи
е модро око в бег. Дволичен си, сребро
земено создадено да заплетка невидлива мрежа.
Лови го април во ноќ што плете. - На три
облачни јарбола се потпира планина и плови,
ќе најде ли спокој во јамка? Ü се светиш
на крвта, за спас, за безимена болка се отвораш
кон море. . . Слично на полен ти се разнесува
прав кон доенче. "Спомни ме по тоа злостор
што бев", што ја одиграв сцената со секира
в рака. Но видов ослабе, а ноќта се посла.


*

Низ течен розов балсам
издржа дрвото некој век
луничав пороен запис.
Со мрежи урна клептоманите
режираа женска голгота,
се испили во божји рев.
Дожд над Мокра рубин ниже,
а дошла зрелост да се суди
за пој на народ во качување.
Предавство може да избие
од театар, од собрание,
од стих за крв што старост не е.
Пред еден секнат штрек
слегуваме во царство од вар,
дубарите исполнети зла се.

*

На Никола Пејо од Живалево
секира, господе, дај му,
светла вода за да се врати
со лице восочно, да сече.
Дај му на Димко Малин
рисјанин од Ново Село жена,
жалосна да распостила приќе,
да лулка дете во повои.
Поп Рајо од Лесново стигна
во рај, тој за домазет дојде,
но се зафати човек со бденија,
мачен од сновиденија, си ојде.
Го бараа во Јамиште Цветко Продан,
но во царски ан го најдоа
кај што му вади и мота црева
на Мустафа - ага од Злетово.
Ракита, молзница, ја каменуваа
среде Тополница зашто гороцветни
венчиња на Богородица и’ донесла
од атарот на село Трипутанци

*

Што чудан раја оваа од Смоквиште
на Гаваз воденица му прават,
а самите мелат коски место жито
и уем не бараат од никого
На магаре тргнал во Пуста Пишица
Петре Грубан во пеколна пладнина,
но стигнал, ете, во Црвулево
зашто намерникот не исбира кога.
На Пуздерковци им дојде до нос,
го избраа за докрстен Миле Мело,
та му ги товарија сите акчиња
да ги пднесе дури до Стамбол.
Да му ја ебам, се прекрсти Доксим,
селанец од испустено Уланци,
ја тие, ја ние, ќе покрвариме,
зашто лебот ни скапува по поле.
Средорек, Осиче, Долно Гнојница,
Црквиште, Пенуш, Бучинци, -
бучат кон Петрик, кон Пучишница,
кон сите испустени села.
Излегоа среде театри
со смрзнати лица,
маски узреани за презир.
Џелатот што им суди
со пасклапана вилица
лока од сирова крв.
На ѕвездена терезија
две очи - зрна бисерни
потсетуваат на заморни сокли.
Со дланка на градата
жена однесува предел
како пуница што се буди.


*

На нива роди го. Просторот во зрела жед
се топи ко гасник. Славеи пелени ткаат
од бели изохипси. Ново царство на грутка
од ноќ до ноќ до во ниедна доба ќе делат.

*

А, а, а,! - стожи викот, корне крикот -
бугарски окупаторски војски
во Македонија од 1915 до 1918
Гробови зинати пред испустени деца -
француски окупаторски војски
во Македонија од 1915 до 1918
Смртта растура кукли од живо ткиво -
италијански окупаторски војски
во Македонија од 1915 до 1918
Безочноста на стравот насликај ја -
германски окупаторски војски
во Македонија од 1915 до 1918
И од најмилото помило покосија -
грчки окупаторски војски
во Македонија од 1915 до 1918
змијски се сукаа, во срце клукаа -
српски окупаторски војски
во Македонија од 1915 до 1918
Стопанкина, сето тоа, само да се знае.

*

Вулкански оган квачи в утроба.
Кај Војшанци, Пепелиште, плоти
војна, отворена гробница за свои
и за туѓи. Ü го вознесуваат името
од еден до друг! Крв се пролева.
В Петрополе оној што златно руно кине
мршар е, грачи. Гнасни величества!
Оној што парчи туѓа земја в бег,
што води деца на кланица, на вас личи.
Дупнати мешини под сончев тег!
Брод лази по море, бубалка по сина свила.
Од житија човечки и божји, три белини
крвави рамења. За капка душа качува
скапоцен камен на кантар, Што и’ ја мерите
оскудата, што и’ го одземате дното?

*

Да се отвори прозор, врата,
да се чекори по сончева детелина.
Или да се забоде нож! Нож?
Во јаболко, зрела лубеница,
во дрво ореово, леб
во селска фурна зорен.
Господе, од каде капка крв на врв
сечило? Тука?
Сонот што клука, човеку мој,
кажуваза превртен младешки бој.
Напиј се, локни! Нежност, вино
убоста ми ја прекрија во црнило . . .
Локни око. Насмевката што те стрела
е моето последно богатство. Ако в крв
просторот се шири, времето е скудно,
им верувам само на окопите кај Бигла . . .
Им испраќав лелеци, но што? Се враќаа
испрекинати во свеста,
без да знам.

*

Два гулаба, два пламена јадри
сивооки со горешти бои
отпловија по небески далги.
Ако не ги молзеа вимињата на облаците
од каде снег во млекото,
во насмевката прозорче отворено
кон север, од каде? Каде? -
ако реката имаше свој тек тие седеа
под трендафили и гледаа ѕвездени чуда?
Зошто и’ го знаеја крзното на куната
ако не бдееле, во зимска скудна ноќ,
молејќи ја Вселената за уште еден
живот? Божества, не милувајте се
со нив. Со нив круната не светка,
тие не ги бараат коските во кал,
туку се прегрнуваат, за чудо небеско,
во селска градина исполнета со укит!
Два гулаба, два пламена јадри
сивооки со горешти бои
отпловија по небески далги.

*

Се крева Крчин
спротивни ветрови
го молат од море,
сонот за карпа е скован,
само да не го втаса смрт
од глад преселецот
кој затвора мисла
во думан збор
за извор планински.
Го с'ска влечарка
може зрно да никне
в намовната голотија
кај се истура сонце
и топла ложичка влече
по Ала со обилна жар,
дрочна жетва збирај,
крвопија плоти на дар!

*

Ти решетеа тело нежни прсти,
снежни фурии, окопи, огнови,
шрапнели, мајчини издивки, и -
"со векови окована во пранги."
Еднолични слогови на смртта
ти одземаа право на вреднување.
Скратена мисла остана показ
за време. Размножени множества.
Градови, родови, без да знае има
оној што виси на јаже. Турена
утроба, глеј го в лице, ангел.
Осани му се населиле во моштите,
задавува господ од благ народ.
Оптегнал папци коњ, гавран грак
плоди, збирај сребро со отсечена
нога. За ѕвер и дрво - туч. Грло
топовско разнесува гнездо. Збирај
сребро. Рикот најде свое во расточен
оган. Молк. Се облекува устрем на
мисла среде камени слонови каде што
зеленило истура млаз, млак дожд липа
по тело, се рамни Череп со Деница.
- Го фатило зрно, Оче, го има. Го носат
мравки, а само коски стражарот под шлем.

*

Гори куќа, се крева сончев столб
в село. - Не - некој го оградува
својот разум. Меѓу бденија сме на
свое, на јаже. Растураме пепел кон
божества. Не е згаснат гневот, не е
остината раната. Светли чуда презир
копаме, превртени на свое, на јаже.
Расрден ѕвер, молкум, афионова боја
ја мие зората среде ѕвездено цутје,
снежен извор залисува една до друга
утроба рајски птици. Локви белина
има пламенот што трепка за да згасне,
семето се пресева, крвта врие, што
правиме со раскошот што не’ поседува?
Од насолзено око блика езеро, со жар
за пизма прифатени а испустени. Зошто
не’ доведовте да парчиме туѓа земја?

*

Зошто не згасна сонцето кога згасна
зошто квечерината е помала од икона
зошто млазот на чешмата е црн?
Зошто стопен те донесоа во бело?
Се истура олово во бразда тргната
прудолу, заградена со два круга приој,
неоти земјата се огледува! Болно
дете тлее стракче пламен в кандилце,
сакам да го доткаам сонот, ми илеше
душава по мајка, сирачка чекав од рид
да се покаже светлина со лик на мајка . . .
Јас - плувачка во богоројчина пазува.
Коленцата ми крепнеа, знам, цибрина
се нафати во моите расцветани дланки.

*

Голема Мајко,
покираш длабоки јами
сред зрела жетва ками . . .
Селски пат, две перници шума
ја успиваат во мека кадела
ноќта потпрена што тоне
врз топол присој од светол далечен порој.
На црковен ѕид распнати сенки,
пожар зафаќа сончева летина.
Пес, вие, се меша комиње,
пчела од сомнеж полни саќе.
Нечија снага, ласа од трло,
со длето забодено в колк
цепат сред полноќен молк.

*

Писано е нозете да му ги кити бисер,
жал му е што не може да ги собере
зрната, да ги мери, со земјина тежа
каде што грамот се надвиснува во скок
и си подаваат, простено им, килави
саркофази! Еден кон друг се залетуваат
но ги спречува, зла намера, опојна
дрога. Еве се будат на рапава ледина.
Овој во залет го силува светот, оној
му се товари со топчеста светлина. Ај
на Ордана му се отнаа слаповите крв,
му се потресоа темелите небески
дури да офне, му се насукаа гемиите
во бел вртлог на павлака сиво-сина.
Ако се бориш душата да му ја вратиш
во празно, во откинат глас од гајда,
вези му го пурпурот со згасната ноќна
Ала, со заумна линија од зачнат збор.

*

Околу себе леење крв,
земја и море длабоко в небо.
Ја повлече линијата и
Бродот доби форма,
со сета тежест се отисна
под Сонцето небеско и огледа
убост сред вода -
според тоа што го заплиснува
Вечерницата му го одредува
Правецот, тој морнар, не ја
испушта од око, тошно пресметани
подводни скали, за долги пловидби
забележа дека бродот еполн
дупки и не отстапува од тоа.
Според бранувањето во круг
постави кобилица,
изгради борбена грдосија
и се врати назад за да прибере
многу згаснати душо -
сред нив, "еднаш и сам,
со својот досетлив разум,
преку желбите на боговите"
тргна кон врв на ништото,
забележа дека бродот е полн
дупки и не отстапува од тоа.

За Јован Котески

1. Целосна блог-архива за животот и творештвото на македонскиот поет Јован Котески (1932-2001). Блогот ги содржи целокупните поетски збирки на Јован Котески од 1958 до 2000, како и неговата лична и творечка архива.

2.Материјалите од блогот се слободни за користење во лични, образовни и научни цели. Забранета е нивна употреба за комерцијални цели и без наведување на изворот и авторот.

3.Сите дериватни дела (правењето песни, раскази, романи, музика, сликарство, вајарство, документарци, филмови, стрипови, спотови, танц, фотографија, дизајн, мода, видео-игри, виртуелни светови... научни и стручни текстови, теорија и филозофија, публицистика... врз основа на песните од Котески) се дозволени, доколку не се користат за комерцијални цели и доколку се наведе изворот и авторот.

4.Авторот на дериватските дела мора целосно да го наведе текстот на оваа лиценца (на истиот начин како што се појавува овде).

5. Доколку некој автор спомнат на блогот смета дека се повредени неговите/нејзините авторски права, може да ја контактира Јасна Котеска на jasnak@gmail.com

...за Јован Котески од Јасна Котеска

Линкови за Јован Котески

Multimedia


Каменоресци. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк
Кајмакчалан. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк

База на податоци за книгите на Котески

Базата ги содржи:
1. Насловот на збирката
2. Годината на издавање
3. Издавачот и серијата
4. Пагинација и димензии на книгата
5. ISBN (кадешто го има)
6. Насловна корица

I. Збирки песни

1. Насмевка пред зорите (1958)
2. Земја и страст (1958)
3. Злодоба (1963)
4. Тежина (1965)
5. Пеплосија (1966)
- Земја и страст, 2 изд. (1971)
6. Сенки (1972)
7. Зелени порти (1975)
8. Хераклеја (1978)
9. Поморија (1981)
10. Бденија и сновиденија (1982)
11. Полилеј (1983)
12. Плодови (1984)
13. Тапија (1985)
14. Сончева белегија (1990)
15. Живожарица (1990)
16. Морници (1991)
17. Ралица (1992)
18. Лелејка (1994)
19. Самотија (1994)
20. Трагач (1996)
21. Приќе (1997)
22. Одрон (1998)
23. Разор (1999)
24. Кртечина (2000)

II. Избор од поезијата

1. Злодоба (1992) - избор
2. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - избор
3. Празник (1995) - избор
4. Решетки (1996) - избор од затворската лирика
5. Јован Котески (2000) - тротомен избор
6. Сончева белегија (2008) - избор

III. Препеви

1. Pesme/Песни (1974) - српски
2. Dragoste si moarte (1981) - романски
3. Strah i duša (1984) - српски
4. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - англиски, француски, руски.

IV. Песни за деца

1. Глувчето со двоглед (1991)

V. Книги за Котески

1. Поезијата на Јован Котески (2003) од Миодраг Друговац

Избрани песни

Јован Котески
АЛКИ (1984)

(старзаманско оро, по војната)


Писнува свирката на катун Еѓупци,
збива планината в подмолен татон.
Едно старче ја крева раката,
ногата ја подава како да влегува в гроб,
го фаќа ритамот на расплаканото пиле
и опа! - го почнува орото. Еден по друг
како алка со алка се врзува синџирот,
се издолжува од премалени тела.
На крајот од овој божји сплет
едно извалкано детиште со лице пердувче
го крева рачето во знак на лага
и со камшикот сплетен од живи тела
почнува да го камшикува господа
скриен во свирката што плаче.


Jован Котески
Трагач (1995)
поема

- извадок-

Пред да избереш девојка за жена
најпрвин избери огледало
на кое ќе се огледува муце од видра!
Според бојата на земјата по која се втиснуваат
твоите траги
одреди ѝ го тварот, не заборавај го зборот!
Храни ја извесно време со суво грозје
како што се хранат канаринките.
Пред да зачекориш во подвигот погледни ѝ ги забите
(бели?)
кажи ѝ неколку простени молитви гласно и јасно!
Наостри ја сабјата како секавица
низ Димна гора за да ти се гледа . . .
Потковај го коњот наопаку со клинци
- жолти дукати.
Не пропуштај го галавниот адут - виното.
Пред да избереш девојка за жена
појди на чешма и со часови гледај го млазот вода . . .


Колку и да ти се открива како светица
таа ќе ти ја одземе силата, човеку, не Господ.
Не срди се што не ти ја дополнила чашата
течен ќилибар, таа ја знае суровата мера.
И не бегај од неа како овчар од магла,
не оставај ја усвитена фурна,
таа ќе го пече тоа што ќе го рече
па макар ти да се здробиш на парчиња во Солунско!
Не број го времето со часови, денови, години,
симни го јарчето на сржбата од вратот
и врати се кај што се врти вретеното . . .
Инаку таа знае да биде и црвена мравка,
ќе ти ги растури името и куќата.
Ќе те остави гол како пиштол
а своите рудни богатства на имањето
ќе му ги отстапи на Беле Костурчето
што ќе ѝ ги прекопува со жешка казма!