18. Осумнаесетта збирка песни „Лелејка“ (1994)

ЈОВАН КОТЕСКИ
ЛЕЛЕЈКА (1994)

Најпознати песни од оваа збирка:


1. Уте
2. Песна за лудиот
3. Еј, чуј
4. Прашање
5. Епитаф
6. Триумфална капија



САРИЈАЗМА


Видов саријазма со пердуви на жежено злато
ми создаде слика на залез во пламтење.
Дојдоа жените и кога ја видоа птицата мртва
(слично на неа)
ги превртеа очите од жал.
Потоа жнееја узреан јачмен.

Прекратив да го читам распетието,
свиткав нежен лист
што ме потсети на распеано грло.

Кога повторно ја отворив книгата
со трње на вратот и на челото
се видов себеси во ликот на Христа -
изделкан на рапава, чамова штица.

Прекриен со исушени жолти цвеќиња.


ПРИЧЕСНА


Причесна од леб и вино,
од босилек и злато.
Во форма на крст.
Водата е нешто неодминливо.
Талес од Милет водата ја става пред буквата.
Штом заврзува класот од реса
му се потребни росни капки;
капките потсетуваат на букви
се ронат во живи биљури . . .
Лебот е алос што ја премостува историјата.
Иако слеп, Хомер го виде сјајот на златото,
но предимство му даде на виното.
Крстот осамено и сега стои.
За мирисот на босилекот
прочитав цела научна студија
дека може да отепа
вилино коњче во лет.


ВИНАРЕ


Со вешта рака насликај
бело винаре
со ридови, со многу скржави шуми,
со испустени бигорни куќи,
со села во неповрат,
езера зад кои се згрбиле
дотраени цркви
со златни и сребрени ореоли
врз кои тагата цвета во перуника.
Бело винаре
сред жолт скутник на девојка
насликај
како калапи тутун.
Чашките афион зрел
ја пијат модрата површина
на твоето око, човеку.
Црвено вино и крв
насликај
пред сончевите изгреви,
за клакавите мажишта
првоборци и второборци
прекопај ги мермерните
наслаги
и вчудоневидени паметниците
ќе пламнат в илје
пред бело винаре
превртено со устинката
наопаку!


КТИТОР


При градење на црква во еден изминат век,
како ктитор во потфатот се споменува
некојси селанец Никола
за кого селаните ја искажале изреката:
"Од Никола и Свети Никола!"

Никола мерките на црквата беше и’ ги зел од око
со сенката на сонцето со која овчарите го одредуваат
времето
кога овците ги тераат на обед.

Кога црквата беше готова
ангелите и светците ги распоредија во кубето
меѓу кичери ѕвезди, каде што им е и местото.

Арно ама, не би час,
идната година со стар турски кубур
еден анадолски азгин
стрелал во окото и грлото на Свети Никола.

Оттогаш селото е испустено, без луѓе,
црквата и натаму плови како брод без кормилар
низ ѕвездената белегија на бескрајот
испуштајќи остри, болни крикови . . .





ПОМЕН
(Присовјани)

Сиви, неделкани надгробни плочи
и едно одлетано ливче меѓу нив,
по некоја откината воздишка - пламен жив -
ги исполнуваа влажните очи . . .

- Овде мируваат нашите драги -
баба Ивана, мајка Петкана, за век
да си ги ублажи болките татко Васил не најде лек,
брат ни Благе душиве ни ги исполни со таги . . .

- И сестра Елена, Господ да ни ја прости,
да си најде правдина на оној свет,
Боже, разгрни и’ ја душата во пламнат цвет,
еден ден да не дочека и нас свои гости . . . -

Меѓу крстовите се прелева ветре пално,
над јоргованот росата сребрено тече,
секој од нас што му лежеше на душа по нешто рече
враќајќи се од кај покојните в претпладне кално . . .


СРЕДБА


Поетот Петар Т. Бошковски ми вели:
"Во полнотијата на обврските
време не ни останува ни за лек!
Никогаш да се соса во редот и во векот
овој напор што не нагрбува,
немаме време дури ни да се искачиме
до црквата "Свети Климент Охридски",
до гробот на Григор Прличев, сиот во бурјан,
како поети да му се поклониме.

Ете, мошне се блиску до суштината на поезијата
ралото и мотиката,
туку ние доброволно си избравме
главоболки - да собираме пресни вести
за културниот мозаик од внатрешноста
и за уште неколку написи за настаните дневни
со кои сесрдно ја потхрануваме историјата!"

Низ разлабавени слогови му велам:
- Пишувам поезија и ми се чини
мене за ништо друго и не ме бива
освен да си го матам умот со кревки резбарии!

Ја отворам дланката и му покажувам
грст ситни плашици како огледалца,
рипчиња посипани со сончева вода.


СКАПЕРНИЦИ

На тајфа мои роднини: Димче, Саве, Тоде


Со излижани прсти и монети
скаперниците ја играат
взалудната игра на поразот.
Пајакови мрежи, жолти, жолтици.
Легнати в понорна матечина
со неповторлива жед, изопачени лица
скаперниците ја одигруваат сопствената
драма. Жедта им се намножува со глад
во свинска сладострасна челуст.
Да им ја плукнам семката мајчина
и семката на семката гнила,
израмнета со бројот ПИ,
продуктивност втисната без рамнотежа!
Без рода и порода
очите на скаперниците пливаат
низ просторот
како јагули
низ Дримско Грло!
Го бараат исконот на претците
во згустена кал,
жестока игра размножена во добит.
Сепак, еден ден,
ќе ги наградат црвите
со скапоцена белточна вар
преобразувајќи се во прав и пепел
со име на крстовите - отпадници.


НА БРАТ АПОСТОЛА


На брат Апостола
црно пиле му ги колва чувствата,
му се заканува
да му пропее во црниот дроб,
да му истури букет сини симфонии!
Гледа во коњот - нерастопен снег
се покажува во дворот, копа со ногата,
ископува расцутен бел трендафил.
Со начулени уши блееја цела ноќ
ангелите на неговата расплакана душа.
Му потекоа извори бела и жолта срма
се преточија во парче скржав мраз.
На брат Апостола му се отвори каверна,
силна ерупција му ги потресе дамарите,
болест смртоносна стрела кон целта.

На брат Апостола му се запалија еповите,
му изгореа во вжештена лира.
Изблика топол мразулец од крв.
Исушен малтер му виси на лицето.

На брат Апостола
базалтот му се рони
Месечеви потполошки му се гнездат низ лозјата . . .


МРМОРЕЦ*


Светлината удира
со остра секира од челик
во подвижното огледало од водата,
се покажува планина
излижана сребреница со две глави.

Не читам. Ти сев си на молњи
и друго светлосно копје
забодено во бистрината.
Шапа навој е невин. Ром ревен,
црн пришт. Ога - метан му избива од уста.
Се гравирам со свежина сам.

На мрморецот му е досудено
во студен биљур од туч
да си го делка оковот.
И мене ми е досудено.

Во занданата во Идризово размислувам:
Ако е мачно да се зборува за бескрајот,
за него не е мачно да се молчи.

* Мрморец, вид ситно ракче што се сретнува во студени планински извори, за да не го одвлече водата додека е ларва, "прави" оклоп од ситна песок.


ТРИУМФ


Видов кротителка на змии и тоа ме израдува
видов батисан коњ под товар и тоа ме растажи
видов два песа кај што се дават и тоа ме разгневи
на нивната решителна напнатост за борба!

Видов скршено дуле со свенат цвет на устинката,
тоа значи, не сум ја совладал ни основната ука за форма,
видов атлетичар кој што го бришеше сопствениот рекорд
за да се искаче на тромеѓата на својот триумф!


ПОРАЗ


Всушност, собирав сила за нов поход,
обид за обновување на фалангата
кон една дамнешна борба што стана,
во која беа беспоштедно вмешани
Силвија, Софија, Пенелопа, Дијана . . .

Во разврската на боиштето
најмногу жртвеници им се подигнаа
на воините чии крвје капеа
како узреани дренки од рана . . .


СЕГА, ОВДЕ


Седиме намуртени немтури,
можеби нема што да си кажеме
или се плашиме еден од друг.
Тој ме гледа со крвави очи,
јас го гледам со недоверба
меѓу нас разбојот омраза ткае.
Некое тешко, сурово војниште
се протегнало околу нас,
клапа изгладнета кучка
линдра низ села и градови
завива, вие.
Се покажува пресен расад
од мноштво крстови.
Построени мртви чети вјасаат
кон внатрешноста на земјата,
кон правта.


НАВНАТРЕ


Како за илет
од еден круг во друг
навнатре води сонцето,
мислата, светлината
навнатре се спушта ковчегот
во него оптегнат мртовец,
навнатре води цутот на ленот, син
солзата, моето битие, твоето,
браздите сончева вода, гроздовите,
младите лисја на дабот, буката,
големиот ум - златниот бумбар
ги заокружува страстите
во единство, во целина, во песна.
Чуј, можеби, секако,
навнатре е блиску,
навнатре е мошне сега.
Само да биде ноќе и брзо!

Сега веќе никој не те вознемирува
и ништо повеќе не те боли.


СНЕГОВИТЕ НА СТОГОВО
(скица)


Кога снеговите на Стогово
завеваат в незапирлив рој,
а реката - зелен кристал
го бруси здивот свој,

кога во еден ден божји
одненадеж бистрината ќе секне
и канонот во бездната
уште подлабоко ќе клекне,

каменот на воденицата
како син гулаб ќе лета
со пченично зрно в клун
престорувајќи се планета.


РАДИКА
(импресија)

На Данчо Ордев

Рика Радика, рика,
можеби од жал што и’ потемнува бисерот
или што Вардар се влева во друго море?
Меѓу врвовите на Кораб
Сонцето со чеканот на Хефајст
ти ја кова маската посмртна, човеку,
ти ја разградува сенката на сонот.
Не дебне ли вечна закана, од кого и зошто?
Меѓу челичната пила на зората
и нежното грло на морето
се покажува осамено село -
закотвен брод сред мртво море.
А човекот? А драмата? А ?


УТЕ

На мајка Петкана и тетка Конка


Две жени со подгрбавени рамења, мислат :
Зошто се родиле и зошто родиле?
Две жени, две подисплашени утки
ги вкрстуваат погледите низ просторот -
дење сонце, ноќе ѕвездени полилеи
и необјаснета тага од распетија . . .
До нив детенце јаболко гризе.
Во очите има благост што ги збунува жените.
Кој знае за нив освен јас? А кој сум,
всушност, јас? Сега дртало од старец,
тогаш фиданче од гранче што пркнало
од ноќното стебло на вселената?

Јас сум потврдена тврдина од болка,
изворче што жуборка меѓу прстињата
или само невино подисправена чуденка
со глас од шуте до уте!


СЕКАВИЦИ

Збирај распарчени фрагменти од древни дребулии,
вреднувај црни понори на скапоцен јаглен.
Зажарено улиште излетува во орманкуќа.
Земјата е гробница на надојдени порои.
Во бронзена шума се крши стаклено ѕвоно,
главата на матечината тера дрво и камен,
се гаси пламенче без фитил во облаците
како во стиховите на Калистрат!

- Изгледа бурата ќе престане - вели сестра Елена,
додека грмежи го потресуваат небото
(како никому ништо)
во просторот разгрануваат црвени и бели трендафили.
Се покажува светла графика од лигави полжави,
од свирци жужалци, од ситни буби.
За душа на покојните, Господе,
испреди ми вжештено руно од оган.


ПРЕОБРАЗУВАЊЕ


Лежам налактен на сочен страк трева -
(огромно питомо животно што дише)
гледам в небо каде што се преобразува светот:
букет сјајни сабји димискии
кова сонцето меѓу облаците,
сребрени, златни сабји се кршат, тонат
во сините вирови на Вселената,
заситена виолетова нијанса
истура спектар жив во празен череп.
Дождовните капки се вртат в круг
како излижани карти во суви прсти на скаперник.

Се лизгаат облаците, лазат,
чиниш претпотопски чудовишта
се стрват едни на други, се глодат.
Огромни гуштери со крвави глави,
со саѓосани трупови и сребрени опашки
прекутрупа навлегуваат, се јазат.

Вселенски петли со црвени кикиришки
ги надлетуваат стројните катедрали
што потоа одненадеж се уриваат сосе куполите
затрупувајќи го, в миг, сјајното око на бескрајот.

Немркани овци се блазнат во измислените солишта
на мојот кревок ум, во мојата празнина.
Сурии од јунци уште невпрегнати и невини ждрепци
скокаат по крави и кобили
влечејќи ги сосем слободно мадињата
што потсетуваат на растопени топуски од кантар!

Во една од реките што се променува
во нов бран свежина го гледам Хераклит
си ја наквасува брадата во пламнат дулец.

Потоа се покажуваат пророци од Библијата
затрчани низ пустина за да спречат војна!
Закрвавени цареви и кралеви, прелесен хор од моми.
Но сето тоа, дури да помислам, исчезнува
пред една катедрала со бели столбови,
со кула крената како магарешки алат
пред која Крали Марко и Мусо Кесеџија
се судираат, се крвават, за потоа
да си ги разменат копјата
и да тргне секој по свое, кон одредена цел,
во неврат.


СОНЧЕВ ДИСК

(народен мотив)

Се запали шумата
се’ што извлеков, спасив:
еден зазреан клас,
едно закрвавено крило.
Змијата ми остана.
Лута. Пишти. Клука.
Вие сеирџии, неверџии,
во мраморни пазуви
сте допреле ли клунче
на гугуче? Змиин зер
сте почувствувале ли на јазик?
Сте броеле ли жолтици -
топла пченица крај матен Вардар?

Се’ што влезе во песнава
капна од зрела солза
на сончев диск. Јасна
паралдисана светлина
го исполнува просторот
и -
"негде - годе, куче подлавнува,
негде - годе, дете подвреснува".


КЛЕТВА


Дребните камења на Бистра
да ти се престорат бачило
Да даде Бог
жежок стршен да ти прелетува крај уво,
шарена овца да ти ги блее угарите,
да ти се близнат габери во дрзги,
багери да ти ги црпат соништата
и да не ти остане ниту еден!
Скакулец да ти скока по ногата
и Љубаништа да шурува со топла вода.
Да биде проклет тој што прв чепна во бунарот
и што извлече нафта!


КУКУРЕК

Јас сум сонувано вжештено око,
преполовен биљур од Баланци.

Оној во виенската филхармонија
што дува на шупелка е скот.

Досудено ми е во Леѓена града
да барам невеста со модри жили.

Вселената е сабја димискија
со остро сечило од светлина.

Илјада глави - јунакова крв
го откриваат сјајот на песните.

Јас сум протегнато змијско клопче,
кукурек од сончеви мразулци.

СООБРАЌАЈКА

Несмасен грч, израмнето време.
Стоп! Зад свиокот, под сî што блика од горе
смртта го затвора својот сјаен круг.
Земјата е сронет сафир без застој.
Северното Соѕвездие ликува.
На сувата делница од автопатот, мрсно петно.
Топла августовска ноќ. Крик и само крик.
Вселената шири безгласен набој.
Како никому ништо патот продолжува.
Грделичка Клисура, 1992 г.

РИТМИ


Какви складни движења
на тела!

Тројца роми сонуваат
млади Ромки повлечени
од звучен букет
катунска свирба,
сонуваат како
се портретираат себеси
во едноличен ритам.

Ноќеска,
пред да зајде Месечината
низ откинати акорди
ќе ги извиваат телата
со подруг ритам.

Ќе го крунисуваат
својот поправен испит!

Ромите ќе гледаат
амфори горе
вајани од сонцето
со позлатени раце.

Ромките ќе се искачуваат
на акро,
акробатки во прескок!


АУТОПСИЈА

(според новинарски запис)

Заробен во кристали
сонот во него напредуваше:
му ги сложуваше коцките,
му ги отвораше славините,
му го поставуваше малиот екран
на взалудната илузија - чиста слика.

- Така светнува челичен нож! -

Наспроти огледалото на езерото
тој си ги собираше гајтаните,
ги тегнеше гумените црева,
ги гаснеше електричните светилки,
се истураше во купиште отпад.

А не беше поголем од откинат нокт,
а не беше поголем од отсечено влакно.
Собран во мрежа од жили
со неколку капки засирена крв
на засекот од дробовите
се оцртуваше мошне видно
дека душата, одвоена од телото,
му припаѓа на некој подруг свет.
Во распаѓањето на белточините
еден црв си ја покажуваше црна, главата
пред светлото око на денот.
Очигледно, Вселената беше наплвана!

Потоа, во стручниот запис влезе сî
што беше потребно за доказ.


ПЕСНА ЗА ЛУДИОТ


"Замисли", ми вели отсутно,
"одеднаш мравките да се престорат луѓе
како Мирмидонците
и азбуката да им е сочинета
од гравура!"

Се чуди за летот на птиците,
но повеќе не прашува за принципи . . .
Змиите ги споредува со огнено оружје.

Молчи. Ме гледа.
Со мене обично разговара со очи.
Чувствува дека за него ме боли душава.


ГРОЗЈЕ СО ЗРНА НА КИЛИБАР

На Предраг Матвеевиќ


Поетот се присетува на едноставноста на Домот:
портрети исполнети вредност и топлина.
На едно од платната
окото на сликарот
потекува во растопено злато,
во плисната магма.

Кон две сонца се подаваат две дланки,
два здива се мешаат во измаглината
на неискажана болка,
две неодредени мисли се престоруваат
вжештена вселена.

Ја условуваме кралицата на есента
кон светлото дно на просторот
со тешки пластови тишина.

Бликаат неповторливи одблесоци
во растурени снопје виделина.

Топлината на Домот
ја пренесуваме во своите очи.
На јазикот чувствуваме вкус
на грозје со зрна од килибар.
Ускладуваме говор за едно матно време.
Загреб, 11. 10. 1988 г.


БУДНОСТ


Будноста е состојба
што ја пројавува птица
легната над жолти јајца
со зелени дамки по лушпата.

Будноста е мунгус
мунѕосуван од кобра
додека не ја вчепал за врат,
додека не ја свлекол во себе.

Тоа не би можел да го издржам
ти да заспиеш на морски брег
во време на зовриена плима,
јас да те чекам на отворено.


СТРЕЛЦИ


На оние што се ѕенѕаат со други
а мислат на тебе со страст,
на оние набожно - сладострасни жени
од господ им е дадена власт -
да ги чешаат нишаните меѓу нозе,
на приеми да се појавуваат со ракавици бели,
да се пердушат со влакнести мажишта, во сласт,
да собираат купишта истрошени стрели.

Понекогаш, за среќа или за несреќа,
стрелците ги славиме и во женски род -
како на пример Сирма Војвода.


ОГЛЕДАЛО


Ме полази златен бумбар
по цутењето на багремите,
ми го истроши сиот живот.

Раскошот на телото и’ е
зажарена античка лира,
бела ортома од светлина.

Таа има две сребрени, а можеби и златни обетки,
две цреши на две дршки и’ висат,
два светлосни извори само за едно грло.

Со две недопеани песни на усните
паралелно лета во сонот
со нарамник росни јорговани . . .

Развиени виолетови мириси,
лирска подвижна вазна
со устинка од спомени.

Бувната в црвен пламен од страст
во исто време е: и вајар и дело,
ја создава својата мраморна скулптура.

Се протинам во неа, влегувам,
а коњот копа ли, копа,
надводува сјајно огледало.

"Море сокол пие вода на Вардара!"


КУНА


1.
На една улица во Прага
мојот студен и груб глас
ја пресече Уранија,
жена со зелени очи, со божји сјај,
со крзно на куна околу вратот.

2.
Во мачна Малесија,
во дамнешно зимско пладне
во шупливо стебло откривме куна.
Кутрото мало итро живинче
имаше зелени очи
и крзно што се прелева
од мед во течење до ѕвезда во гаснење.
Со блесок на мермер црн.
Од отворот на буката
куната излета како од катапулт
оставајќи ги вџашените погледи
на ловците.

3.
Ние, налуничавите,
отсекогаш во себе носиме нежност
што ни исчезнува пред погледите.

Уранија во Прага со куна околу вратот,
куната во Малесија со очи наУранија.

4.
Се допирам до чисто женско тело,
полжавите ги пуштаа роговите,
јунињата ги остреа мукањата.
Вајам скулптура
од густа розова магма.
(Господе, да не сево ова
случајно сум го сонувал?)

5.
Во хотелот "Самсон" по морничавиот грч,
меѓу другото ги забележав и овие редови:
"Уранија, еротски се моиве теми,
сознанија и дилеми.
Мило ми е штом ме обзеде страст
да ти го оросам лицето од усните до грлото
на европски начин . . ."


ЖЕНА КОЈА СОНУВА


Жена испружена на зрели класје сонува
црна стрижибуба и’ се качува нагоре
по бутините и’ лази, ја голицка.
Светлината паралдисува низ просторот.

Низ зелен млаз на неверна вода
жената, во сонот, фрла светол диск,
ниже гердани од биљурни росни капки,
зажарена искреста пчела и’ полетува
од дното на душата, од утробата.

Спокојна и полна жената ги распетлува цицките
- две големи црвени миризливи ружи -
прекриени само со сончева пајажина.
(Ме впрегнува во сончев лирски јарем!)

Жената нема потреба да сонува харфа
ни да разделува извори во бои и звуци,
не сака да брка еленчиња што брекаат и мрекаат,
во своето сонување таа жеднее
да биде набивана од машкост врела
што ќе и’ потече по усните, по лицето, по грлото . . .
Жената сонува горешта магма што ќе ја исполне
како од првиот миг
во создавањето на светот и светлината.
Таа сака да се престори бескрајна Кумова Слама
што ќе се вивне и ќе букне во живи пламења.


ЧУЧУЛИГИ


Чучулигите кокодакаат
низ збитост зрела
на втасано жито,

низ слепо сито
се пробива река бела
птиците сакаат

да пијат вжештени бои
од сонцето престорено класје
в миризлива пена,

чучулигите во дланкиве мои
долетуваат во пластје
низ топли погледи на жена.





КАПСУЛАТА НА ЛАУРА
(осамен сонет)

Жената е ноќно кукајче
(народна изрека)

Ако и’ ја дупнеше капсулата на Лаура
Петрарка немаше со векови да не дави
и да ни полни акал за Амор во нашиве глави,
барем да ја отфрлеше како испукана чаура!

Од шаржерот славопојки - посебна корист немаме
штом во стиховите дожди плачлива рима,
по нешто и од убавината на госпоѓата во нив има,
но сето тоа, изгледа, на мајтап го земаме!

Маестрото Лаура беше ја кренал до облаците
ко купиште зеленило испомешано со сало
па сега не може да ја зафати ни паличник од рало,

не пак да и’ ги допреме мазни и обли, краците
што жеднеат да бидат набивани како колје од трло
од скокотливоста на бедрата до незаситно грло!


ЕЈ, ЧУЈ!
(народен мотив)

Нема да ти го продадам коњот
нема да ти го избркам кучето
нема да ти ја земам топката
нема да ти ја скршам стомната
нема цртежот да ти го скинам
ниту жицата да ти ја оптегнам
нема маската да ти ја симнам,
туку ќе ти ја гледам жената!

Ќе ја гледам како стои пред огледало
како турива млаз вода во вазна
како чита книга слаби стихови
како разлева бои на платно.
(Се обидува, додуша, и на тој план
иако самата е ремек - дело!)
Ќе ја гледам како префрла сноп коса
од едното на другото рамо, наутро.

Ќе ја следам по плажи и улици
ќе и’ го пребројувам зрното бисер
ќе и’ ги одлетувам трепките ластовици
ќе ја исполнувам до грло со нежност
ќе ја воведувам во заумни сараи
ќе и’ прековувам сребрен прстен.
Ќе и’ ги разголувам градите свежи
во трендафилови пупки ќе и’ ги престорам.

Ќе соберам свирци и жужалци
козлиња ќе дотерам цело крдо
ќе ги распнам едрата на ветерот
ќе и’ запалам ламба на пладне
ќе ги размножувам очите на лишките
само за една насмевка кришум.
А можам да ти го продадам коњот,
а можам да ти ја оптегнам жицата!


ЌЕ ИМА ОВДЕ ПУПЕЊЕ


Сончеви гроздови
натоварени нежност
висат по роговите
на црвен бик,
- ќе има овде пупење.

Со растурени можности
во скапо женско тело
нагонот влегува тврдо
како во жива гробница,
- ќе има овде пупење.

Тоа што свети горе
е позајмено од ѕвездите,
другото ни останува нам
да го мериме на кантар - цицки,
- ќе има овде дупење.


ИСПРАВЕН ПРЕД НЕВИДЛИВИ СТРЕЛИ


1.
Исправени пред невидливи стрели
од злото двајцата бегавме
како пред Бога - Кант,
а никогаш не ќе се втасаме
престорени светулки фосфорно бели:
ти запали се - згасни, јас згасни - пламни,
до искон ќе не прогонува сознанието
дека сме биле, а и по смртта остануваме
две поцрнети, голи гламни
- небрусен дијамант.

2.
Проаѓа времето, проаѓа
поразни бројки множи,
на ѓубриштето од историјата
крстови за слава стожи!

- Кој победи? Кој изгуби? -
земјата од земја стенка.
Со мразулец во прстите смртта везе
"кошула ленена, тенка."


ИСПОВЕД


Од секој агол стрелаат
глуви, невидливи автомати
и смртен презир нî опоменува
дека натаму пристап нема;
а од главата што ни се мати
се одвојува стих и се вденува
ко пламенче борина душата ја зема
од други светлости на ѕидот што се прелеваат . . .

Сред дубравите злото нî снајде
тоа е видлив знак на нашиот лик спурен,
од викот одекнува крикот врз стелите
на ова совремие темно;
во окото на семожното Сонцето зајде
- жежено злато - при колеж на ангелите
исповед пред сводот турен -
дека сî во природата беше ти било лажно и земно . . .


СОГЛАСКИ


Не кини ми ги планинските јаготки,
двата рубини, двете милозливи очи,
не сечете ми го јажето од челик!
Меурчињата сапуница не пуштајте ми ги
врз саѓосаните дисаѓи на времето . . .
Соберете ми ги стиховите, зборовите,
согласките што ја прават водата морава
како возбудена жена
и крупните минерали од земјата што раѓа,
вгнездете се во целосен круг, сред тутун,
впрегнете ме рамо до рамо со зорите.
Прошетајте ме низ темните камари
каде што чемрее врба на заборавот
што се отиснува стројно во себе.
Земете ми ги сказалките земни
за да ми го измерите изворот на очајот!
Јас сум некаде сонувано купче земја,
слика од полето што се издолжува,
гропче откопано во сончево око.
Јас сум совеста што пулсира
во запаленото срце на согласките.




ЗАВОДНИЧКА


Се сучи гајтан од свила
кренат е столб на крилја,
од живо светлосно злато
ѕвони лира по патот . . .

Бел е и воздухот лесен
стихот врз тутун пресен,
ме враќа втиснато врамен
сликата - скапоцен камен.

Зрно е што ме плоди
повторно да ме роди,
со сета грозна тајна,
со мисла скржава, трајна.


ТЕК

Те чувствувам
како расцутена детелина.

Ми се подаваше со плиснување
на вжештен бран
во растурена жешка песок.

Сега
од зад решетките
ја споредувам таа света слика
со две гугутки што на железниот столб
прават гнездо.

Само каков напор!

Иако изрешетен од формули
дури сега ми се открива
содржината на броевите
- пар и тек -

Јас сум тек,
дотечена солза.

Не знам зошто им реков
да бидат милостиви кон мене?

Само тоа ме боли.


СЕМЕЈНА ФОТОГРАФИЈА


Како пред овоземен суд
со спуштени раце
јас сум катедрала што се урива,
букет распупени ружи
се моите сестри,
полето афионово е во мрешкање . . .
Освен повеста за неколку ѓердани
од златни и сребрени пари
што висат по бујната младост
на невестата,
друго нема и што да се каже!
А, да! Пред ѕидот од плитар
очите на мајка ми се
светилки во ноќта.
Сред овој скапоцен спомен од воздишки
некои од моите
одамна одлетаа од животот,
го напуштија ко празно гнездо . . .


ПРАШАЊЕ

Ми стежна небото и земјата,
стежнав јас.
Што ќе правите со моево тело?
Колку може да пече неправда!
Помислувам на јаже, на нож,
на одземање на душава.
Се престорувам непрегледна градина
со цвеќиња - неизмерни таги.
Постојано прашањето ме копа
- Лично мајче, зошто ме роди? -


КАЛАЈЏИСКО

Небото е при јасна цибрина,
планината во млечна светлина.
Калаисани се високите врвови.
Минувам низ Лопушник, назорум,
гледам свиткана змија во клопче
и друга до неа испружена во јаже
се митарат во љубовен повтеж.
Калаисани им се шарките,
бакарен им е само зерот.
Од осојно во присојно
се лелеат калаисани гласови,
растат во кубе од светлина
се распаѓаат во земен сад.
Со голи прсти на гол снег
ја калаисувам душата смрзната
во студено огледало од очај!


СТРАВ
(приказна!)

И
Еден ден, како во романите на Кафка,
ќе дојдат двајца отмени господини
и ќе ти речат - "ела" - и ти ќе тргнеш по нив
до вратите на пеколот од каде враќање нема.
- Како тоа - нема?! - А, да! - Враќање има
но само на телото, негибнато, цело, туку . . .
душата ќе ти ја распарчат во прашинки.
Потоа ќе ти посадат исконски страв во коските,
потежок страв и од масивите на Сува Гора!
На сите божји страни
ќе шараат и бараат твоите очи пријател,
а пријател нема?
Одреди, чети, баталјони, корпуси непријатели
ќе ги заземаат твоите испустени пусии,
ќе гибаат во твоите лирски арсенали,
со принуда, поете, ќе те набедуваат дека во нив
си криел буриња разорни средства!

Само за да се смириш
ти порано или подоцна
ќе си ја признаеш вината, да знаеш,
бидејќи си сî уште жив
ќе поверуваш и во она што никогаш не било.

- Да ти се плукнам во животот кучешки,
ќе рече Рацин. -

Да ми ја испиеја крвта на некој каменолом
барем ќе ми го пресечеа стравот во коренот.
Вака, за да се види убавината на животот
земете ги очиве мои и гледајте,
ве молам.

ИИ
Јаснописецот беше прикован в темница
и сега ела раскажувај му нешто суштинско
за решетките,
за тоа дека тие се поставени
некаде многу, многу далеку,
зад илјада и една ноќ!

Кога се освести по претставата
Јаснописецот само што не рече:
- Ти благодарам, Оче, што ме награди
со еден отсутен бакнеж: со крик, без вик! -


ТРИУМФАЛНА КАПИЈА

(Во далечината високо дрво
со жолти птици - плодови
како во стиховите на Рацин.)

Кон ридиштата се издига
Триумфалната капија
поплочена со черепи.

Мртвите очи се мртви
не нî гледаат со жар,
тие се пресушени извори.

- Што се случило, дедо? -
ќе праша внучето уште неродено
чекорејќи под Капијата.

- Ништо особено, синко,
пејсажов што го гледаме
е плод на граѓанска војна!


ЕПИТАФ

До тебе, до мене, до гробот што зјае
Кус е патот, о, никаквец е кобата.
Сал на челото, како Вечерница, сјае
На нечовечноста мртвата искра, злобата.

За Јован Котески

1. Целосна блог-архива за животот и творештвото на македонскиот поет Јован Котески (1932-2001). Блогот ги содржи целокупните поетски збирки на Јован Котески од 1958 до 2000, како и неговата лична и творечка архива.

2.Материјалите од блогот се слободни за користење во лични, образовни и научни цели. Забранета е нивна употреба за комерцијални цели и без наведување на изворот и авторот.

3.Сите дериватни дела (правењето песни, раскази, романи, музика, сликарство, вајарство, документарци, филмови, стрипови, спотови, танц, фотографија, дизајн, мода, видео-игри, виртуелни светови... научни и стручни текстови, теорија и филозофија, публицистика... врз основа на песните од Котески) се дозволени, доколку не се користат за комерцијални цели и доколку се наведе изворот и авторот.

4.Авторот на дериватските дела мора целосно да го наведе текстот на оваа лиценца (на истиот начин како што се појавува овде).

5. Доколку некој автор спомнат на блогот смета дека се повредени неговите/нејзините авторски права, може да ја контактира Јасна Котеска на jasnak@gmail.com

...за Јован Котески од Јасна Котеска

Линкови за Јован Котески

Multimedia


Каменоресци. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк
Кајмакчалан. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк

База на податоци за книгите на Котески

Базата ги содржи:
1. Насловот на збирката
2. Годината на издавање
3. Издавачот и серијата
4. Пагинација и димензии на книгата
5. ISBN (кадешто го има)
6. Насловна корица

I. Збирки песни

1. Насмевка пред зорите (1958)
2. Земја и страст (1958)
3. Злодоба (1963)
4. Тежина (1965)
5. Пеплосија (1966)
- Земја и страст, 2 изд. (1971)
6. Сенки (1972)
7. Зелени порти (1975)
8. Хераклеја (1978)
9. Поморија (1981)
10. Бденија и сновиденија (1982)
11. Полилеј (1983)
12. Плодови (1984)
13. Тапија (1985)
14. Сончева белегија (1990)
15. Живожарица (1990)
16. Морници (1991)
17. Ралица (1992)
18. Лелејка (1994)
19. Самотија (1994)
20. Трагач (1996)
21. Приќе (1997)
22. Одрон (1998)
23. Разор (1999)
24. Кртечина (2000)

II. Избор од поезијата

1. Злодоба (1992) - избор
2. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - избор
3. Празник (1995) - избор
4. Решетки (1996) - избор од затворската лирика
5. Јован Котески (2000) - тротомен избор
6. Сончева белегија (2008) - избор

III. Препеви

1. Pesme/Песни (1974) - српски
2. Dragoste si moarte (1981) - романски
3. Strah i duša (1984) - српски
4. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - англиски, француски, руски.

IV. Песни за деца

1. Глувчето со двоглед (1991)

V. Книги за Котески

1. Поезијата на Јован Котески (2003) од Миодраг Друговац

Избрани песни

Јован Котески
АЛКИ (1984)

(старзаманско оро, по војната)


Писнува свирката на катун Еѓупци,
збива планината в подмолен татон.
Едно старче ја крева раката,
ногата ја подава како да влегува в гроб,
го фаќа ритамот на расплаканото пиле
и опа! - го почнува орото. Еден по друг
како алка со алка се врзува синџирот,
се издолжува од премалени тела.
На крајот од овој божји сплет
едно извалкано детиште со лице пердувче
го крева рачето во знак на лага
и со камшикот сплетен од живи тела
почнува да го камшикува господа
скриен во свирката што плаче.


Jован Котески
Трагач (1995)
поема

- извадок-

Пред да избереш девојка за жена
најпрвин избери огледало
на кое ќе се огледува муце од видра!
Според бојата на земјата по која се втиснуваат
твоите траги
одреди ѝ го тварот, не заборавај го зборот!
Храни ја извесно време со суво грозје
како што се хранат канаринките.
Пред да зачекориш во подвигот погледни ѝ ги забите
(бели?)
кажи ѝ неколку простени молитви гласно и јасно!
Наостри ја сабјата како секавица
низ Димна гора за да ти се гледа . . .
Потковај го коњот наопаку со клинци
- жолти дукати.
Не пропуштај го галавниот адут - виното.
Пред да избереш девојка за жена
појди на чешма и со часови гледај го млазот вода . . .


Колку и да ти се открива како светица
таа ќе ти ја одземе силата, човеку, не Господ.
Не срди се што не ти ја дополнила чашата
течен ќилибар, таа ја знае суровата мера.
И не бегај од неа како овчар од магла,
не оставај ја усвитена фурна,
таа ќе го пече тоа што ќе го рече
па макар ти да се здробиш на парчиња во Солунско!
Не број го времето со часови, денови, години,
симни го јарчето на сржбата од вратот
и врати се кај што се врти вретеното . . .
Инаку таа знае да биде и црвена мравка,
ќе ти ги растури името и куќата.
Ќе те остави гол како пиштол
а своите рудни богатства на имањето
ќе му ги отстапи на Беле Костурчето
што ќе ѝ ги прекопува со жешка казма!