1. Прва збирка Јован Котески „Насмевка пред зорите“ (1958) - избрани песни

ЈОВАН КОТЕСКИ
НАСМЕВКА ПРЕД ЗОРИТЕ, 1958


НАСМЕВКА ПРЕД
ЗОРИТЕ

***

Ги љубам зорите кога ме плискаат
со нежно - срмени поли,
во занес прегрнат страсно ги стискам
нивните гради разголени.

Ги чекам зорите да ме оросат
со здив од липите цветни,
та да ѝ шепнам тивко во косите
првпат за желбите сретнати.

Се будат спомени ко птици сонливи,
ме мами моминската снага ...
Погледот сакан е бисер несронет
пред една насмевка драга!


АПРИЛ

Љубена, заспи сред зелена трева
на мојот живот што може да роди
да здивне, згасне, потем да се крева
ко зелен пожар, млаз на брзи води.

И крена грутка земја црна, мека
допри ја нежно ко усни на грло,
ако е топла, знае ли да чека
далечни коњи и стада без трло.

Љубена, април да те љуби сака
ко ветен спомен, ко бел коњ што иде,
ко питом гулаб што слета на рака
со мене крвав во април да биде.


КОЊНИК

И овој пат се растурила белина мека
и распенет коњ ги мрси белите гриви,
додека музика ведра шуми низ зрелите ниви
во бели пени се игра расрдената река.

Во височините снег, ветрецот развева руси коси
и девојка во бела руба се смее на коњник млад,
зад далечините ридје расне во сеќавање град,
пред копитата се слеале две капки роса . . .

ПЕСНАТА

Кога минуваше крај реките
ги разниша априлските мостови
и се раззелени во дланките
сред полињата.

ГУЛАБИЦИ

1
Првата:
Подај ми ја снагата
од неа ќе сковам
бела гривна.

Втората:
Подај ми ги крилата
на нив ќе го одморам
синото небо.

Првата:
Подај ми ги косите
од нив ќе сплетам
златен венец.

2

Пробуди ме во зорите
под зелени јорговани
ќе навезам срмен елек
од цветови.

3

Веќе лета гулабица
в сино небо.
Под крилата љубов носи -
бела гривна,
од грлото песни роси -
златен венец.

4

Водата се разбранува,
ноќта седефи срони.
На априлските мостови
кренавме зелени знамиња.

Птиците склопија крила,
ние расклопивме љубов.
И жедни за нови патувања
се вративме по мајски цветови.


САМА

Одмина крај стрмните ридје
со руди облачиња расонета,
со здив на расцутени јаболкници сронета
од зелен ветер на широка ледина
меѓу три снопје виделина.

Одмина стрмните ридје
со растурени коси,
во дланките перје гулабови носи,
во очите немирни шеснаесет лета
и како засрамена божурика цвета
сред вечерната панорама
девојка сама.


ОПОМЕНА

Не, не излегувај сама.
Меѓу бреговите на трепките
кружат две занесени птици
две ранети гулабици
со љубов под мекото перје
слетаа на моите рамења,
две избистрени зори
како синооки љубичици
со смеа за една носталгија
кружеа цело претпладне.

Не, не излегувај сосем сама
сосем сама девојка е тревка
над мирни води. Две птици
две ранети селици
со љубов под мекото перје
слетаа на моите рамења,
еве гледај во сини очи на небо,
еве чекај зелена тревка ко тага.
Не, не излегувај сама.


ЖЕЛБА

Копнеам за едно ноќевање на ледината
меѓу класаните жита и караците,
кога зад вршките ќе склепнат зраците
ќе слезат две заљубени ѕвезди од висината
и ќе сме долго расонети во тревите
од тивкото шумолење на посевите.


ЉУБОВ

Бркаше пеперутки
а кога стаса ноќта
легна на моето рамо.
Косачите сонуваа
тврди дланки.
Во шипот славејот
отвори кутиче златно.


ЖЕТВА

Момето песни плете
од грлото - два гласа
жетварот леси плете
од сонцето сто класа.

Ме сврза песната мека
низ класјето што збори.
Љубовта љубов чека,
Сонцето пламено гори!

Носиме зрело злато
Изморени по патот . . .

*
* *

Поспи ветре, поспи,
житен клас се рони.
Кога ќе се стиш
ќе јаздиш по коњи,
ќе развеваш гриви,
ќе минуваш ниви.

Здивни ветре, здивни,
таа везе поли.
Кога ќе се сетиш
за гранките голи,
сред зелени ниви
ќе развеваш гриви.


СВАДБА

На брзец од кладенци горски
го плакне лицето.
Има усни - розов цвет од сонце!
Бово, со звукот твој
позапри ја песната,
денес во Јамјани чинам
моето моме се мажи.
Допира свирката,
крастите горат
под румен јулски плам.

ВИЗИЈА

Кога се мери со очи
е голема како небо,
длабока како море,
бескрајна како жариште
што тоне во сеќавање
за гола жена.

ВАЗНА

Има зелено небо,
од стара земјина кора
црни и црвени бои.

Сонцето драго ги сени!
Преку синото цвеќе
заспале голи жени.

Ја кршам - стаклото боли,
водата обло е тело
на женски дојки голи.


СТРАСТ

Ми побара:
два гердана - суво грозје.
На пазарот го продадов
вчера саатот.
Ме извика:
берам љубов - дојди в лозје.
Крај кладенец го претепав
денес светот.
Две лози сплеле љубов и тага.
открив до мојата туѓа трага.



ОСТАНИ СО МЕНЕ

Остани со мене жедна за усни,
за топли прегратки во немирните дланки,
остани со изреката ќе носам зелен фустан
да бидам зелена сета под разлистените гранки.

Над зелен млаз на река
остани слеан сон, шум на далечна нива,
на скоро класана нива длабока тага што чека,
остани размрсен спомен на коњска фркната грива.

За летна стивната вечер,
остани мирна вода со залив што нè дели,
пред зелен мост од алги кикот и пена ќе тече
остани јас ќе тонам крај стрмни рамења бели.


НЕ МОЖАМ, ИМАМ ДЕТЕ

Тој:
Како порано, да сме само повеј,
лудо заљубени во вечерното заоѓање.

Таа:
Не можам, имам дете, срце дете
најдено како прстенче наоѓање.

Тој:
Ајде да трчаме, булките разгрнале,
земјата зелено вие.

Таа:
Ќе перам пелени, сончеви, зелени
детето слатко ми спие . . .


РЕЗБА

Низ столетната сочна младост на лозите
тече топлата љубов на мајсторот, брате,
зрелата љубов со гроздовите плете венци на тага
и како ранета ѕверка стеблото извива снага,
па пред смирениот олтар длетото отвора врати
и кипи крвта ко зора пред расцутените рози.

Тука со трепетни усни се впива небеста плава,
Се рони живиот бисер пред насолзените очи
и расонетиот спомен јазди по моќната шара
па изгубените јата со скриен бол ги бара,
додека дворјето чека за сладок почин -
топлата страст се вие и плете олтарот слава!


МОИТЕ ДЛАБОКИ ДОЛИНИ
ЕСЕН

Се погледнуваме - пусти ниви.
Се насмевнуваме - свенати цветови.
Ќе се вратиме напролет со бели гриви
Ќе седламе коњи за нови светови.



УБАВИНА

Убавино, мируваш сред бурно време
заљубена во витката снага.
Убавино, мајсторот плетел венци цвеќа,
но ти како бедница без радост и среќа,
родена само сред лисната тага
во тесен кафез што тежи ко бреме.


ТАГА

Кога се сеќавам дека имам изгубено
едно стадо на денови свежи,
јас се обвинувам за девојчето нељубено
и тагувам за двете капки роса на лисјата
што уште во детството зелено тежат.

И ги барам зорите кога се росеше
топол здив по ливадите,
и ги чувствувам на тревите размрсените коси
и мојата тага детството го носи
кон една пролет скриена во градите.


МОЖЕ УШТЕ ЧЕКА

Го одвлекувала матна река
по пресечен труп без гранки и кора.
Во зелена долина може уште чека
девојка болна и мајка пред зора . . .

ВО ВИТЕЛОТ

Го заградувале два брега,
меѓу нив тој, ко бреме.
Сега само чувствува како го стега
Бршленот зараснат сред бурно време.

САМ

Тој стои како межник - камен
со очи полни стивнат пламен.
Ах, златни лисје жетвар сонат
и лански лисје пак се ронат,
во едно срце без дно тонат.

БОЛЕН

Во црвеницата трагите тонат,
ах, таа земја што не зборува!
Како престарени ѕидови се ронат
тажните спомени кога зазорува.

ЖОЛТА ДОЛИНА

Тивката мелодија никој не ја сеќава
што се слива несетно со жолтите бои
и гаснат соковите на росните цветови
и спласнува тревата за игрите мои.

Низ дните ќе понесам и тажалка голема
за една расонета роза што се рони
со душа горостасна скриена во полите
на житата зелени слана што ги гони.

И нежната насмевка никој не ја сеќава
што свенува несетно пред зората блага
и ја чека есента да ја срони среќата
во жолтата долина со шепот и тага.


ЕЛЕГИЈА

Кој знаеше дека на твоето рамо
ќе падне мрамор и плач на жени.
Есента ги свена тревите, овчарите
се враќаа крај реките забрзани кон море.
Долините под маглата имаа жолти пејзажи,
смртта газеше снопје смилен и сонце.
Боса играта се разнесе на ветровите
низ падинките со цвеќенца бели.
Веќе заладува, мраморни блокови
и разнесени лисје и спомени . . .
Веќе заладува, крај плотовите
некој полека шепоти: Снежи, снежи . . .


ЗМИЈА

Сепак ме клукна
со осило од трн.
Водата се измати
од сино око
до зелен облак.
Во нејзините шарени утра
ме препозна мајка ми.
Тогаш ги режеа лозите
и солзеа ѕвезди.


МЕЛАНХОЛИЈА

Земјата се потпира
на влажните дланки.
На ридот јасиката
е чуденка голема.
Излегува од дома
со отклучен глас,
има влажни дисаѓи.
Не, тоа низ пченките
со сабјето скршени
ветерот си игра.
Дождот копа камари.


УМОРА

И додека на запад догоруваше денот,
и додека меѓу стените виеше реката,
и додека на оној рид овчарите имаа свирки
ти се враќаше потпрена на умората.

Да бев те видел преку денот, мајко,
од срцето ќе скинев милост за бедните,
од земјата ќе ископав вода за жедните,
за сите изморени ќе прашав гласно
кал ли се сечат друмовите.


СО МОИТЕ ОЧИ

Здивни, по земјата расеј траги
и семе со тебе што прецветува.
Мајко, ги закрив твоите таги,
но само една самотно ме сретнува.

Ја мерам, тежи како стена
во болни гради свалена.
Ја гледам, со моите очи свена
сред бразди на земја разгалена.


ЗАБОРАВЕНИ

На тие што заминаа со татко ми

Останете заборавени со лавежот на кучињата,
со жолтите есенски шуми.
Останете нечекани во ноќите пресушенио,
задушени,
како што останува денот на тревите попарени,
како звукот на секирите од дрварите
што носат рана,
останете во заборав,
останете неми,
зашто несетно навева првата слана
и не сеќавајте се за мртвата сета
во нашите длабоки долини што цутат.



СУВА ЗЕМЈА

Таа има крила на мртва птица,
перје на полегнати, ноќни јата.
Таму,
далеку таму зад облавите
како расрдена, сива мачка
се ежи црвеницата.
Мртви птици,
изгубени јата,
испружени сенки од утробата.

ДОДЕКА СНЕЖИ

Еден ден ќе се сретнеме
зад оградите. Ќе снежи, снежи . . .
пријателе, покани ме дома ти
и кажи ми што уште ти тежи.

Ќе стоплиме лута ракија,
од трафиката црна смеа,
ќе викаме до лудило: снежи, снежи . . .
На чардакот ќе ја видиме гола неа.

Можеби на дланките свежи
мажот ѝ ќе ја чека зората!
Пријателе, ќе се смееме додека снежи,
До лудило ќе ѝ се смееме на зората.

НЕ СЕ ЗАБОРАВА

Не се заборава враќањето на стадата
и влажните бразди на ораниците
кога се љуби земјата зад оградите
со девојчето во зелената младост на тревите,
не се заборава чекањето на дните
кога на срцата се отвораат границите.

И како сочни жита по росите
се разбрануваа несетно и градите
и во сплетените треви на откосите
се срони здивот од по ливадите,
и не се заборава свежината на дните
за една расонета љубов зад оградите.

За Јован Котески

1. Целосна блог-архива за животот и творештвото на македонскиот поет Јован Котески (1932-2001). Блогот ги содржи целокупните поетски збирки на Јован Котески од 1958 до 2000, како и неговата лична и творечка архива.

2.Материјалите од блогот се слободни за користење во лични, образовни и научни цели. Забранета е нивна употреба за комерцијални цели и без наведување на изворот и авторот.

3.Сите дериватни дела (правењето песни, раскази, романи, музика, сликарство, вајарство, документарци, филмови, стрипови, спотови, танц, фотографија, дизајн, мода, видео-игри, виртуелни светови... научни и стручни текстови, теорија и филозофија, публицистика... врз основа на песните од Котески) се дозволени, доколку не се користат за комерцијални цели и доколку се наведе изворот и авторот.

4.Авторот на дериватските дела мора целосно да го наведе текстот на оваа лиценца (на истиот начин како што се појавува овде).

5. Доколку некој автор спомнат на блогот смета дека се повредени неговите/нејзините авторски права, може да ја контактира Јасна Котеска на jasnak@gmail.com

...за Јован Котески од Јасна Котеска

Линкови за Јован Котески

Multimedia


Каменоресци. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк
Кајмакчалан. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк

База на податоци за книгите на Котески

Базата ги содржи:
1. Насловот на збирката
2. Годината на издавање
3. Издавачот и серијата
4. Пагинација и димензии на книгата
5. ISBN (кадешто го има)
6. Насловна корица

I. Збирки песни

1. Насмевка пред зорите (1958)
2. Земја и страст (1958)
3. Злодоба (1963)
4. Тежина (1965)
5. Пеплосија (1966)
- Земја и страст, 2 изд. (1971)
6. Сенки (1972)
7. Зелени порти (1975)
8. Хераклеја (1978)
9. Поморија (1981)
10. Бденија и сновиденија (1982)
11. Полилеј (1983)
12. Плодови (1984)
13. Тапија (1985)
14. Сончева белегија (1990)
15. Живожарица (1990)
16. Морници (1991)
17. Ралица (1992)
18. Лелејка (1994)
19. Самотија (1994)
20. Трагач (1996)
21. Приќе (1997)
22. Одрон (1998)
23. Разор (1999)
24. Кртечина (2000)

II. Избор од поезијата

1. Злодоба (1992) - избор
2. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - избор
3. Празник (1995) - избор
4. Решетки (1996) - избор од затворската лирика
5. Јован Котески (2000) - тротомен избор
6. Сончева белегија (2008) - избор

III. Препеви

1. Pesme/Песни (1974) - српски
2. Dragoste si moarte (1981) - романски
3. Strah i duša (1984) - српски
4. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - англиски, француски, руски.

IV. Песни за деца

1. Глувчето со двоглед (1991)

V. Книги за Котески

1. Поезијата на Јован Котески (2003) од Миодраг Друговац

Избрани песни

Јован Котески
АЛКИ (1984)

(старзаманско оро, по војната)


Писнува свирката на катун Еѓупци,
збива планината в подмолен татон.
Едно старче ја крева раката,
ногата ја подава како да влегува в гроб,
го фаќа ритамот на расплаканото пиле
и опа! - го почнува орото. Еден по друг
како алка со алка се врзува синџирот,
се издолжува од премалени тела.
На крајот од овој божји сплет
едно извалкано детиште со лице пердувче
го крева рачето во знак на лага
и со камшикот сплетен од живи тела
почнува да го камшикува господа
скриен во свирката што плаче.


Jован Котески
Трагач (1995)
поема

- извадок-

Пред да избереш девојка за жена
најпрвин избери огледало
на кое ќе се огледува муце од видра!
Според бојата на земјата по која се втиснуваат
твоите траги
одреди ѝ го тварот, не заборавај го зборот!
Храни ја извесно време со суво грозје
како што се хранат канаринките.
Пред да зачекориш во подвигот погледни ѝ ги забите
(бели?)
кажи ѝ неколку простени молитви гласно и јасно!
Наостри ја сабјата како секавица
низ Димна гора за да ти се гледа . . .
Потковај го коњот наопаку со клинци
- жолти дукати.
Не пропуштај го галавниот адут - виното.
Пред да избереш девојка за жена
појди на чешма и со часови гледај го млазот вода . . .


Колку и да ти се открива како светица
таа ќе ти ја одземе силата, човеку, не Господ.
Не срди се што не ти ја дополнила чашата
течен ќилибар, таа ја знае суровата мера.
И не бегај од неа како овчар од магла,
не оставај ја усвитена фурна,
таа ќе го пече тоа што ќе го рече
па макар ти да се здробиш на парчиња во Солунско!
Не број го времето со часови, денови, години,
симни го јарчето на сржбата од вратот
и врати се кај што се врти вретеното . . .
Инаку таа знае да биде и црвена мравка,
ќе ти ги растури името и куќата.
Ќе те остави гол како пиштол
а своите рудни богатства на имањето
ќе му ги отстапи на Беле Костурчето
што ќе ѝ ги прекопува со жешка казма!