Петар ПЕТРЕСКИ
ГОЛЕМАТА ОТВОРЕНА ПОРТА
Да се направи обид за толкување на поетскиот ракопис на Јован Котески, макар и само преку еден негов вдахновен поетско – медитативен изблик, за каков што ја сметам песната “Ангелот – Спасител”, не е само личен и несекојдневен предизвик на потписникот на овој текст, ами пред се’, ретка и пријатна можност за посуштинско запознавање со константните доблести и хуманистичките обележја кои ја сочинуваат поетската вистина на овој извонредно значаен и плоден поет.
Немам илузии дека мојот обид и колку да настојува да биде аналитичен и колку да настојува да биде искрен, ќе може да ги разоткрие слојностите, тајните и шифрите што во себе ги сублимира и носи овој лирски “одрон” на поетовата имагинација. Впрочем, од таков преамбициозен “залак” човек може да остане без здив и со поткршен молив во раката.
Ќе пробам да го одбегнам ова искушение и колку да е примамливо во својот расцветан предизвик.
Но, да и’ пријдеме на песната, да го подотвориме скришното вратниче и да ѕирнеме, претпазливо и утајум, како што вели Санде Стојчевски, во нејзините волшебни одаи:
Дали светот е подруг
од оној што го гледаме?
- прашува осамениот поет.
Само осамениот поет доброволно отуѓен во куќата од зборови, осамениот мислител кој трага по суштината на недофатното и неименливото, осамениот искушеник во тесната манастирска ќелија од камен и вар, осамениот научник и на крајот, осамениот затвореник во мемливата и темна самица, со тешка тишина во и околу, со гола штица под себе можат да си го постават ова прашање и да бидат беспрекорно сигурни во егзактноста на сопствениот одговор.
Но, да си поставиме и ние едно прашање: на што се должи ваквата дилема на поетот? На несовршеноста на човековите сетила, на неговиот емпириски опит или пак на резултатите од филозофскиот пристап во решавањето на овој проблем?
Сепак, зарем човекот може да ги види и распознае сите бои и нијанси како што може вилинското коњче. да ги слушне сите оние звуци што може да ги восприеме лилјакот? Да го види она што го гледа соколот – ловец, да го надуши она што го надушува волкот – самјак, да го насети она што го насетува цветот со своите наикрени толчници и прашници кога ќе дувне благоплодно ветре?
Значи, еве го заклучокот: светот е подруг од оној што го гледаме! Но светот, универзумот, бездруго не се гледа само преку неговите физички пројавувања и сензации, туку тој се набљудува и преку третото око, со интуитивниот перископ скриен некаде длабоко во нас.
Можеби за едно такво гледање пее поетот Јован Котески во песнава што е предмет на нашево толкување:
Не е така се’ црно, помислува затвореникот
оптегнат на гола штица,
додека му ја предава душата на сонот
телото му е избраздена сува земја
прелетана од ноќен ќукален.
Она што зрачи како од цитираниве, така и од стиховите што следуваат, она што може да се сфати како ‘рбетен столб на целата песна, она што се лачи, што се цеди, што капе по површината на свеста од читателот е непоматената надеж што лебди во тоталната безнадежност на дадениот момент ( Елипс останала последна во Пандорината кутија, не без причина), или ако сакаме да бидеме уште попрецизни, тоа е неговата нескршлива волја, неговата добра мисла. Нели е ова во спротивност со сфаќањето на светот и животот што во своите дела го протежираат Кафка или Бекет кои во бесмислата и апсурдноста ја препознаваат неговата основна и единствена супстанца.
На претпоставената неправда што му е нанесена од некого, поради нешто, или поради ништо, затвореникот со христијански мир во душата, без чемер, без озлобеност, без одмазднички талог во крвта & ја спротивставува единствено можната алтернатива, единствено можното оружје со кое располага, а тоа е – љубовта, односно заљубеноста во убавините на животот или Ангелот Спасител.
…Се уверува дека има рај во жуборењето на изворот,
во ладовината под дабот
во сечилото на молњата,
дека рајот е меѓу две зажарени тела
превртени в трева со страст за рожба.
Оваа милозвучна и тивка лирика е најсилниот контрапункт на злото, поетска негација на безобѕирната негација, негово исмевање со блага реч.
Во чинот на отелотворувањето на љубовта се наоѓа и чинот на простувањето.
Избликот на хуманистичкото и стремежот на афирмативното, како и негативниот импулс што се провлекува низ стиховите, се константни величини во оваа песна.
Меѓутоа, нејзината сферична повеќезначност ни оддалеку не се дефинира, ниту се исцрпува со изведениве заклучоци.
Последниот заграб од стихови што му го нудиме на читателот, намерно отстапувајќи од хронолошкиот редослед на песната со цел да го потврдиме реченото, се надеваме дека е доволно убедлив пример:
По правило, меѓу две високи планини,
има една Голема Порта отворена
низ која минало нашето детство
со шарено знаменце заборав!
Првичниот впечаток е дека со овој лирски пасаж, поетот како навидум да направил ненадеен отклон од основната мотивска линија во песната. Со повторното негово читање приморани сме да ја корегираме оваа импресија од причини што истиот заправо, го “потсетува” внимателниот читател на тоа дека кога ќе ја поминеме Големата отворена Порта, колку разклична, толку и слична на Кларковата Порта (А. Кларк “Одисеја 2001”), оставајќи го детството зад себе како “шарено знаменце заборав”, ќе влеземе и ќе се судриме со еден нов свет за чии што свијоци, премрежиња и убавини пее поетот. Тоа укажува дека овие стихови ја фокусираат онаа критична точка од каде што почнува големата авантура на секој од нас поединечно…
Поетот Јован Котески, уште еднаш по којзнае кој пат, со песната Ангелот – Спасител, како и со “Стремеж”, не само што го потврдува и зацврстува, туку и го продлабочува со нови обележја, својот редок и извонреден поетски опит, чии исклучителни вредности допрва ќе бидат предмет на валоризација не само од нас, Македонците.