Сашо Гигов Гиш за Јован Котески (1993)

Сашо Гигов Гиш


1993

ИНТЕРПУНКЦИЈА НА ПОДЗЕМНИОТ РАКОПИС


…Се престорив во ровка земја
низ чии лавиринти одекнува
крикот на моето детство
(Кртечина)

Се сеќавам на свежите утра со мирис на боливач или попадиче и со монотоното повторување на гугутењето на гугучките во приградските населби, кога одејќи на училиште за прв пат застанав вчудоневиден пред неколкуте купчиња на свежа земја во совршено правилен конусен облик, и се умев што ли би можело да биде тоа. Мене ми личеа на минијатурни вулкани, и првата асоцијација ми беше дека од тие мали ритчиња тајната змија за која раскажуваа луѓето од маалото, излегува преку ноќ да земе воздух, да си ја обележи територијата, и нешто да повлече долу под земјата…
Но потоа татко ми ми објасни дека тоа всушност било дело на Кртот, кој под земјата роварел и ги јадел корењата на растенијата и тие потоа пресушувале и умирале. Подоцна ги дознав имињата: Ровец, Слепо Куче, Попово Прасе, Слепче…но само едно име знаев за Раната што тој подземен арамија ја оставаше врз поврината на земјата – Кртечина.


* * *

Најновиот поетски ракопис на Јован Котески озаглавен токму со тој збор кој го вести и го објавува подземјето, всушност претставува Апотеоза на Животот. Секоја песна засебно функционира како елемент симбол кој правилно протолкуван и конотиран, по неколку темелни читања ја открива интегралната слика која затреперува пред читателот како летен мираж и со малку подзатворени очи може да се согледа формата која движи од внатре.

ЗА ПЕСНАТА

Следејќи ги лапидарно поставените песни – симболи уште на прв поглед или исчитување се наметнува дуалистичкиот концепт при градењето на поетското ткиво. Во основа, кај Котески во оваа поетска книга преовладува концептот на варирање на митеми од светската митолошка матрица кои се проникнуваат со автохтоната, личната митологија на авторот.

Рафинираниот симбол функционира како чист поетски елемент преку кој Котески со манир на искусен Мајстор, се впушта во вечниот предизвик – авантура наречена трансмутација на зборот.

Елементарноста во симболичкиот код се транспарира во повторувањето односно постојаното варирање на сликите на Водата, Огнот, Земјата, Ветерот…кои во својата интерактивна спрега имплементираат и повеќе други би рекол само условно секундарни симболи како што се: бигорот, змијата, месечината, девојката, цветот…
Дуализмот како метод за доаѓање до “вистинската слика на стварноста” не е само поетички концепт, туку напротив, Котески интуитивно преку сопоставување на Симболот пред суровата и баналната реалност ја слика стварноста но не останува скрушен пред неа туку како библискиот Јов се претвора во апсолутно Прашање пред загадочноста на животот, огледан во хтонското огледало, над или под него, а многу често и внатре во него самиот.




ЗА ЖИВОТОТ

Халуцинантните илуминации во “Болничката соба” на Котески ги откриваат митските браќа Хипнос (господар на Сонот) и Танатос (господар на Смртта) како двајца врвни пинг – понг мајстори…, за потоа “низ некое далечно поле” да пламнат сино бели макови / како облека на медицинските сестри / кои зачекориле кон меѓата, в сон / со ведра растурена смеа…

Фантазмагоријата преминува во една сардонична поента која насочува со апсурдноста на животот во еден есенциран облик, и тоа преку зборовите на медицинската сестра која вели: Крвната плазма ти е при крај / моравме да те приврземе со завој / колку да не се струполиш од креветов / да не одлеташ преку прозор на слепо! / - обид за еден хтоничен самохумор како возможен мотив за релативизирање на неподносливото…

Но Животот е да се Живее!!!

Животот од една евтина приказна со ограничен рок на траење може да се претвори во вечност низ менување на формите. Тоа е алхемијата кај Котески во “елегијата за себе” возглавена “Зрела ‘рж” ја варира митемата за двапати родениот и жртвуваниот Озирис кој се претвора во жито. Дионис, Апис, Тамус, Адонис се протагонисти на таа митолошко – календарска матрица која го предава возобновувањето на животот, трансмутацијата на материјата по принципот на цикличната логика на животот како процес.
Овидиј со неговите “Метаморфози”, Џелаудин Руми Мевлана со “Месневиите” се само можните поетски апроксимативи со кои иманенцијално кореспондираат рефлексивни халуцинантни проблесоци на Котески кои генерираат елементарни слики – симболички кодови чиј клуч - калауз е искреноста. Искреноста при делењето на поетот од стварноста како чин на нужност и храброст екстрахирани во збор.


И ПАК ЗА ЖИВОТОТ

Неуништив!!!
Па макар бил Тој сместен и во едно Шушуле, чие име наденато од народот се претвора во ономатопејска гатанка или во загадочно прашање!

Шушулето е дробно бубале, или интерпланетарен сателит со кој лета нечија чиста душа?!?

Клуч на интегралниот метафорички код на Котески е дихотомија на поетските слики, која доведена до пароксизам остава простор за избор кој се движи од рефлексивен лиризам до авто – иронија и цинизам, но нели цинизмот беше привилегија на најдоблесните???

Евоцирајќи ја Антиката во “На тронот од Сонот” како симболичен простор за возвишеното бегство Котески не го напушта оној по нешто би рекол Елиотовски рез во стварноста чија хируршка прецизност не поднесува објаснување…/ ги собирам нозеве на креветот / и & се молам на Сестрата / да ми донесе чаша вода / …Таа соопштува, констатира една состојба, длабоко лична, но и сеопшта, која го наметнува тоа бегство во омнипотентноста на сонот чие безграничнот постоење може да се сподели единствено преку зборот и неговото толкување.


И ПАК ЗА ПЕСНАТА

Неодгатлива!
Котески ги профилира своите внатрешни пејзажи во лапидарни лирски форми варирајќи ги архетипските симболи на змијата, коњот, душата, сонот, снегот…во една ретка оркестрација која базирајќи се на контра – пунктот на сопствените слики на суровата реалност наспроти суптилната природа на Поетот, функционира безмалку како нерешено или недовршено поетско равенство, поради ефектот на запрашеност и на празен простор зад Крајот на песната.
Впрочем Крајот е доведен во прашање од ехото на песната манифестирано како немушто.
Значи крајот доживува метаморфоза, а пораката содржана во поетскиот ракопис доживува метемпсихоза, односно селење на душата во знак што стои зад зборот и тера на толкување, кое е почеток на новиот живот на песната вон поетот.


ЗА ПРЕПОЗНАВАЊЕТО

* * *
Халуцинантно редење на поетските визии во собитијата што се движат кон сеопштото прашање на една метафизичка јанѕа, предизвикува чудно, напати тегобно чувство на сооченост со минливоста човекова, која може да се надрасне единствено преку освестувањето на таа наша минлива природа на тело преку храбар скок во светлината на духовното, која еманира повторно во еден архи – симбол роден од пена - / Венера – кртица / вели поетот…/ ме блазне со страст / …& ги отинам изворите / од благороден бигорен камен / та ја кревам како икона / со посребрена рамка / Ко неистрошена стрела на времето / сака да се претвори во кралица / со неограничена власт /.


ЗА СЕЌАВАЊЕТО
(Когнитивна реминисценција)

Во песната “Повест” Хераклит Темниот е алхемиски антиципиран и станува симболичко нигредо во рацете на поетот кој враќајќи го процесот назад преку детски игри и нивната симболика, успева да го “изретчи”, за потоа да го “згусне” преку “оганот облечен во божество” / душата ја предаде на реката / и еден ден се нурна / во Океанот на времето / за да се ослободи од тежок товар /… За да го искристализира во “камен на мудроста” кој ја толкува стварноста во својот најтипичен облик / с# тече и с# се менува / а незаситеноста останува трајна /.

…Историските реминисценции го пронаоѓаат и Демокрит од Абдера во / бескрајните вртелешки на Времето / просторот се отвора во розев папок /, а од тој Омфалос Котески може да си дозволи персифлажа на библиската “Свадба во Кана” која во еден момент е апокрифна алегорија, а во следниот исповед или горко каење. / Бев зафатен од недолична / похотна гнасна мисла / Господе макар и в сон / прости ми ги гревовите!/
Во тој контекст неодминлива е и песната “Јаре” која брилијантно ја предава авторот како своја лична исповед. Песната на Јарецот е всушност античката Траг – Одија каде жалните и страшни собитија ретроспективно се ефектуираат во катарсис односно прочистување на с# она што тежи како грев, или како исповед (поднаслов на песната).

ЗА НЕА


…Таа ги испра кошулите ленени
ги исплакна, ги полеа, ги стокми,
и со штипки ги обеси во дворот
да се сушат. Се доби впечаток
дека слетале јата лебеди
од некој божествен, волшебен свет.
(Лебедова песна)

Возглавието е енигма (или парадигма) на овој недвојбено редок антологиски фрагмент.
Симболиката на Лебедовата песна сама по себе повлекува една неодминлива мисла за предсмртното кликање на прекрасните птици кои се простуваат со светот и со самиот чин ја обезначуваат смртта како судбински факт.

ТАА


Дали Таа е самата песна, самото постоење, или пак Таа е совршено интерферираната слика на поетовото “непишано писмо” во астралниот свет каде двојникот можеби е комплементиран ентитет Тој – Таа.
Но како и да е, и која и да е Таа.
Мора да е прекрасна душата на овој славеј мајстор на “знаците – ноти” штом Таа има нокти / меѓу чашките и усните на цвеќето / каде што има многу простор за плач /.
А да се разубави плачот е вештина на само ретките волшебници, барди, жреци…

ЗА ЛЕКОТ


Или за “Ѓурко Леко” – име на извор во родниот крај на поетот.
…Надоврзувајќи се на претходниот сегмент дека разубавувањето на плачот е вештина на ретките волшебници, барди и жреци, чинам дека клучниот топос за одгатнување на поетското писмо на Котески во “Кртечина” е токму овој интересен топоним Ѓурко Леко, име на извор, најверојатно исцелителен кој во својата, етимолошка структура ја крие таа куративна димензија; Леко(т), а Ѓурко би бил во случајов конкретниот жрец, или гледач односно созерцател, проникнувач (шаман) кој својата екстра сензорна моќ ја трансцедирал во елементарната моќ на водата. / Кој бил тој Ѓурко Леко / што ги собирал капките / во еден дулец од мраз? / Ѕирнал во утробата на земјата / и ја згаснал жедта на привидот /.
Очигледно Котески инсистирајќи на лексемата зер / на два чемерни зера / со значаен поглед, ја наложува суштината на песната “Ѓурко Леко”.

Имено, насловниот лик – мит е Жрец
Зерец
Ѕиркач
Созерцувач - гледач
Проникнувач низ димензиите на оностраното, а воедно е и толкувач на она што е од “другата страна” каде обично заталкува душата на разболениот, според логиката на “примитивните заедници”.
Шаманот, односно жрецот следствено на таа логика преку еден емпатичен однос кон водата, а која преку своите квалитети (течност, чистина, брзина…) би ги презела намерите на жрецот врзани за неговата функција односно гледање, толкување, лечење или олеснување на колективните тегоби, јанѕи, стравови, како и конкретни физички индивидуални телесни проблеми, во чие третирање жрецот ја ползува водата како елемент со магиско – хомеопатска врска со човековото тело (крв, очи, урина, плунка и др.) и се’ што е водено да оди по вода, да истече болеста, да оди со лес…/ ја брцнувам дланката / во разголена вода на припек. / Се израмнувам со рамнотежата / на еден излеан млаз /.

ЗА ЗБОРОТ ИЛИ ЗА ДУХОТ

Но клучното прашање кое се налага е причината поради која поетот реминесцира и ја инвоцира неистрошената енергија на својата Тера Магица. Дали е тоа поетскиот потег кој комуницира со Елиотовиот Литлле Гидинг од “квартетите”, или е екстатично ритуално инвоцирање на лечебниот празбор кој не значи туку Е, и самото негово изговарање навистина делува како лек во својата насушност и сушност.

ЗА КРАЈОТ

И навистина што да се каже за крај освен дека телото човечко најубаво е да се објасни како плод на вселенскиот брак меѓу небото и земјата и во тој хиерогамен контекст ќе го приложам стихот од песната “Кртечина”.
Белким е дојден часот да се испорамнат сметките
меѓу небото и земјата
преку моево отворено тело.
Сашо Гигов Гиш

За Јован Котески

1. Целосна блог-архива за животот и творештвото на македонскиот поет Јован Котески (1932-2001). Блогот ги содржи целокупните поетски збирки на Јован Котески од 1958 до 2000, како и неговата лична и творечка архива.

2.Материјалите од блогот се слободни за користење во лични, образовни и научни цели. Забранета е нивна употреба за комерцијални цели и без наведување на изворот и авторот.

3.Сите дериватни дела (правењето песни, раскази, романи, музика, сликарство, вајарство, документарци, филмови, стрипови, спотови, танц, фотографија, дизајн, мода, видео-игри, виртуелни светови... научни и стручни текстови, теорија и филозофија, публицистика... врз основа на песните од Котески) се дозволени, доколку не се користат за комерцијални цели и доколку се наведе изворот и авторот.

4.Авторот на дериватските дела мора целосно да го наведе текстот на оваа лиценца (на истиот начин како што се појавува овде).

5. Доколку некој автор спомнат на блогот смета дека се повредени неговите/нејзините авторски права, може да ја контактира Јасна Котеска на jasnak@gmail.com

...за Јован Котески од Јасна Котеска

Линкови за Јован Котески

Multimedia


Каменоресци. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк
Кајмакчалан. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк

База на податоци за книгите на Котески

Базата ги содржи:
1. Насловот на збирката
2. Годината на издавање
3. Издавачот и серијата
4. Пагинација и димензии на книгата
5. ISBN (кадешто го има)
6. Насловна корица

I. Збирки песни

1. Насмевка пред зорите (1958)
2. Земја и страст (1958)
3. Злодоба (1963)
4. Тежина (1965)
5. Пеплосија (1966)
- Земја и страст, 2 изд. (1971)
6. Сенки (1972)
7. Зелени порти (1975)
8. Хераклеја (1978)
9. Поморија (1981)
10. Бденија и сновиденија (1982)
11. Полилеј (1983)
12. Плодови (1984)
13. Тапија (1985)
14. Сончева белегија (1990)
15. Живожарица (1990)
16. Морници (1991)
17. Ралица (1992)
18. Лелејка (1994)
19. Самотија (1994)
20. Трагач (1996)
21. Приќе (1997)
22. Одрон (1998)
23. Разор (1999)
24. Кртечина (2000)

II. Избор од поезијата

1. Злодоба (1992) - избор
2. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - избор
3. Празник (1995) - избор
4. Решетки (1996) - избор од затворската лирика
5. Јован Котески (2000) - тротомен избор
6. Сончева белегија (2008) - избор

III. Препеви

1. Pesme/Песни (1974) - српски
2. Dragoste si moarte (1981) - романски
3. Strah i duša (1984) - српски
4. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - англиски, француски, руски.

IV. Песни за деца

1. Глувчето со двоглед (1991)

V. Книги за Котески

1. Поезијата на Јован Котески (2003) од Миодраг Друговац

Избрани песни

Јован Котески
АЛКИ (1984)

(старзаманско оро, по војната)


Писнува свирката на катун Еѓупци,
збива планината в подмолен татон.
Едно старче ја крева раката,
ногата ја подава како да влегува в гроб,
го фаќа ритамот на расплаканото пиле
и опа! - го почнува орото. Еден по друг
како алка со алка се врзува синџирот,
се издолжува од премалени тела.
На крајот од овој божји сплет
едно извалкано детиште со лице пердувче
го крева рачето во знак на лага
и со камшикот сплетен од живи тела
почнува да го камшикува господа
скриен во свирката што плаче.


Jован Котески
Трагач (1995)
поема

- извадок-

Пред да избереш девојка за жена
најпрвин избери огледало
на кое ќе се огледува муце од видра!
Според бојата на земјата по која се втиснуваат
твоите траги
одреди ѝ го тварот, не заборавај го зборот!
Храни ја извесно време со суво грозје
како што се хранат канаринките.
Пред да зачекориш во подвигот погледни ѝ ги забите
(бели?)
кажи ѝ неколку простени молитви гласно и јасно!
Наостри ја сабјата како секавица
низ Димна гора за да ти се гледа . . .
Потковај го коњот наопаку со клинци
- жолти дукати.
Не пропуштај го галавниот адут - виното.
Пред да избереш девојка за жена
појди на чешма и со часови гледај го млазот вода . . .


Колку и да ти се открива како светица
таа ќе ти ја одземе силата, човеку, не Господ.
Не срди се што не ти ја дополнила чашата
течен ќилибар, таа ја знае суровата мера.
И не бегај од неа како овчар од магла,
не оставај ја усвитена фурна,
таа ќе го пече тоа што ќе го рече
па макар ти да се здробиш на парчиња во Солунско!
Не број го времето со часови, денови, години,
симни го јарчето на сржбата од вратот
и врати се кај што се врти вретеното . . .
Инаку таа знае да биде и црвена мравка,
ќе ти ги растури името и куќата.
Ќе те остави гол како пиштол
а своите рудни богатства на имањето
ќе му ги отстапи на Беле Костурчето
што ќе ѝ ги прекопува со жешка казма!