Петко Дабески за Јован Котески (1994)


Петко Дабески

ПОГОВОР

Благодарното задолжение да направам избор од педесетина песни од обемното поетско творештво на Јован Котески го сфатив како обврска и задоволство да составам една збирка поезија што би сакал да ја напишам со потегот на перото на авторот.
Познавајќи ја во одредена мера поезијата на Котески, имав чувство дека врз неа прилега примената на образецот една книга – една поезија.
Магичната привлечност на оваа формула, инаку, ја потврдува и радикалниот пример на родоначалниците на модерната светска поезија. Шарл Бодлер ја објави само збирката поезија “Цвеќето на злото” (1857), а Волт Витмен ја објави, ја корегираше и повторно објавуваше само збирката “Страци трева” (1855 – 1892).
Понудениов избор е извршен од 17 објавени самостојни збирки поезија, почнувајќи од “Насмевка пред зорите” (1958) до “Лелејка” (1994).
Од над 600 песни одбрани се, независно од мотивската, стилската или формалната припадност, најпрво 135 песни кои што при вообичаен избор достојно би го бранеле респективното творечко реноме на авторот. Од ваквиот избор одбрани се само 60 песни, застапени во оваа книга, според лично чувство дека се, од една страна убедливи репрезенти на постоечката уметност на Котески, а од друга страна дека обезбедуваат во меѓусебен сооднос со останатите песни задоволително ниво на кохеренција на циклусите и збирката.
Според изнесеното, збирката “Празник” претставува избор од изборот од поезијата на Јован Котески.
Збирката е поделена на три циклуси: “Шедба во злодоба”, “Пред зелени порти” и “Враќање во Хераклеја”. Преку нив, како линии на дланка се распознаваат трите носечки линии на пеење на поезијата на Котески.
Едновремено, јасно е воочливо дека поетската пирустија на Котески своите потпирни точки ги има во збирките “Злодоба”, “Зелени порти” и “Хераклеја”.
Првата поетичка линија најизразено е повлечена во збирките “Злодоба” и “Тежина”, втората во “Зелени порти” и “Сенки”, а третата во “Хераклеја” и “Живожарица”.
Внатрешната впрегнатост меѓу песните е во првиот циклус на мотивско – стилско, во вториот циклус на стилско – формално, а во третиот циклус на формално – мотивско рамниште.
Карактеристичните одлики на поезијата од првите збирки на Котески ако од критиката беа именувани како самородна инспирација, наивитет, социјални мотиви, поетски вез од фолклорни шарм, идилични алки од селски пејсаж, во песните од циклусот “Шедба во злодоба” доминантен белег е самото пеење, изведено преку мелодичен, дифузен по значењето исказ, со емотивно лелеави, но поетски сигурни потези. Се работи за песни низ кои струи елегичниот флуид на жалта, убавината и горката меланхолија, на начин примерен за демонстрација на сложена и слободна македонска песна.
Циклусот “Пред зелени порти” содржи 24 песни од по 4 катрени, римувани во секој стих, во некои песни и со бројни внатрешни рими. Во песните од овој циклус елегичниот пев е заменет со звучен огномет својствен за музичките каприси, во пеење на дофат на симболистичкиот идеал со звучно – асоцијативни средства да се моделираат и сугерираат сетилно – емотивни информации, без посредство на дискурзивен исказ. Според застапената лексика, конструкцијата на стихот, интонацијата и носивоста на значенскиот слој, овие песни јасно се препознаваат меѓу останатите малубројни вредни остварувања во врзан стих во македонската поезија.
За разлика од првите збирки на Котески каде изворноста на инспирацијата се врзуваше за длабоките засеци од сликите на личното доживување во детството, и самото вкоренето во сите живи за гол опстанок за родната почва, во песните од циклусот “Враќање во Хераклеја”, митолошките мотиви и ликови од старогрчката херојска ера навлегуваат во поетскиот свет на Котески преку рефлексивни патишта на побудување. Наместо користење на митолошкиот код во поетски цели, Котески применува постапка на свлекување на парадигматските одежди од ликовите на античкиот Пантеон и хомерската плејада, сведувајќи ги на овоземни, просточовечки и актуелни димензии. Заедничко обележје на овие песни е и озарената медитеранска атмосфера и виталистичка хармонија, каде дури и крвта и смрттасе светли и заоблени како формите и атрибутите на женската убавина.
Без однапред поставена намера, овој избор од изборот може да се чита и како своевиден вредносен осцилограм на збирките поезија од Котески. Индуктивна е незастапеноста со ниедна песна на збирките “Полилеј” (1983), “Плодови” (1984) и “Тапија” (1985), наспроти искажаните мислења на критиката дека во овие три наслови треба да се бара поетската зрелост на нивниот автор.
Во збирката “Празник” не е застапена ниедна песна од мотивско – стилски вообличениот круг, започнат и завршен во збирките “Живожарица” (1990), “Сончева белегија” (1990), “Морници” (1991), “Ралица” (1992) и “Лелејка” (1994), не толку и не само од вредносни причини, колку што ситуационото пеење на славејот од внатрешноста на кафезот и крик – записите од мртвиот дом не приликува да н& навеваат морници, несовпадни со оние што ги побудува една свеченост, особено свеченоста на празникот на поезијата на која еве присиствуваме при секое раскрилување на дверите од книгата “Празник”.
Се надеваме дека и после склопувањето на оваа несекојдневна книга ќе остане во трајност впечатокот за остварениот поривен копнеж на авторот од се’ што ќе допре со сетилата и духот да создаде убава песна, смислата на пеењето да ја преведе во смисла на траење преку создадената убавина!

Петко Дабески

За Јован Котески

1. Целосна блог-архива за животот и творештвото на македонскиот поет Јован Котески (1932-2001). Блогот ги содржи целокупните поетски збирки на Јован Котески од 1958 до 2000, како и неговата лична и творечка архива.

2.Материјалите од блогот се слободни за користење во лични, образовни и научни цели. Забранета е нивна употреба за комерцијални цели и без наведување на изворот и авторот.

3.Сите дериватни дела (правењето песни, раскази, романи, музика, сликарство, вајарство, документарци, филмови, стрипови, спотови, танц, фотографија, дизајн, мода, видео-игри, виртуелни светови... научни и стручни текстови, теорија и филозофија, публицистика... врз основа на песните од Котески) се дозволени, доколку не се користат за комерцијални цели и доколку се наведе изворот и авторот.

4.Авторот на дериватските дела мора целосно да го наведе текстот на оваа лиценца (на истиот начин како што се појавува овде).

5. Доколку некој автор спомнат на блогот смета дека се повредени неговите/нејзините авторски права, може да ја контактира Јасна Котеска на jasnak@gmail.com

...за Јован Котески од Јасна Котеска

Линкови за Јован Котески

Multimedia


Каменоресци. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк
Кајмакчалан. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк

База на податоци за книгите на Котески

Базата ги содржи:
1. Насловот на збирката
2. Годината на издавање
3. Издавачот и серијата
4. Пагинација и димензии на книгата
5. ISBN (кадешто го има)
6. Насловна корица

I. Збирки песни

1. Насмевка пред зорите (1958)
2. Земја и страст (1958)
3. Злодоба (1963)
4. Тежина (1965)
5. Пеплосија (1966)
- Земја и страст, 2 изд. (1971)
6. Сенки (1972)
7. Зелени порти (1975)
8. Хераклеја (1978)
9. Поморија (1981)
10. Бденија и сновиденија (1982)
11. Полилеј (1983)
12. Плодови (1984)
13. Тапија (1985)
14. Сончева белегија (1990)
15. Живожарица (1990)
16. Морници (1991)
17. Ралица (1992)
18. Лелејка (1994)
19. Самотија (1994)
20. Трагач (1996)
21. Приќе (1997)
22. Одрон (1998)
23. Разор (1999)
24. Кртечина (2000)

II. Избор од поезијата

1. Злодоба (1992) - избор
2. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - избор
3. Празник (1995) - избор
4. Решетки (1996) - избор од затворската лирика
5. Јован Котески (2000) - тротомен избор
6. Сончева белегија (2008) - избор

III. Препеви

1. Pesme/Песни (1974) - српски
2. Dragoste si moarte (1981) - романски
3. Strah i duša (1984) - српски
4. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - англиски, француски, руски.

IV. Песни за деца

1. Глувчето со двоглед (1991)

V. Книги за Котески

1. Поезијата на Јован Котески (2003) од Миодраг Друговац

Избрани песни

Јован Котески
АЛКИ (1984)

(старзаманско оро, по војната)


Писнува свирката на катун Еѓупци,
збива планината в подмолен татон.
Едно старче ја крева раката,
ногата ја подава како да влегува в гроб,
го фаќа ритамот на расплаканото пиле
и опа! - го почнува орото. Еден по друг
како алка со алка се врзува синџирот,
се издолжува од премалени тела.
На крајот од овој божји сплет
едно извалкано детиште со лице пердувче
го крева рачето во знак на лага
и со камшикот сплетен од живи тела
почнува да го камшикува господа
скриен во свирката што плаче.


Jован Котески
Трагач (1995)
поема

- извадок-

Пред да избереш девојка за жена
најпрвин избери огледало
на кое ќе се огледува муце од видра!
Според бојата на земјата по која се втиснуваат
твоите траги
одреди ѝ го тварот, не заборавај го зборот!
Храни ја извесно време со суво грозје
како што се хранат канаринките.
Пред да зачекориш во подвигот погледни ѝ ги забите
(бели?)
кажи ѝ неколку простени молитви гласно и јасно!
Наостри ја сабјата како секавица
низ Димна гора за да ти се гледа . . .
Потковај го коњот наопаку со клинци
- жолти дукати.
Не пропуштај го галавниот адут - виното.
Пред да избереш девојка за жена
појди на чешма и со часови гледај го млазот вода . . .


Колку и да ти се открива како светица
таа ќе ти ја одземе силата, човеку, не Господ.
Не срди се што не ти ја дополнила чашата
течен ќилибар, таа ја знае суровата мера.
И не бегај од неа како овчар од магла,
не оставај ја усвитена фурна,
таа ќе го пече тоа што ќе го рече
па макар ти да се здробиш на парчиња во Солунско!
Не број го времето со часови, денови, години,
симни го јарчето на сржбата од вратот
и врати се кај што се врти вретеното . . .
Инаку таа знае да биде и црвена мравка,
ќе ти ги растури името и куќата.
Ќе те остави гол како пиштол
а своите рудни богатства на имањето
ќе му ги отстапи на Беле Костурчето
што ќе ѝ ги прекопува со жешка казма!