Миодраг Друговац за Јован Котески (1964)

Миодраг Друговац

ЗЕМЈА И СМРТ

Јован Котески: “Пеплосија” (1964)


Секој добар поет има свој “срмен елек од цветови” и има своја “жолта долина со шепот и тага”, но, чинам, единствено Јован Котески го има својот Кајмакчалан и во една нешто поширока смисла на зборот – ги има своите “совршени солзи и цветови”. Акцептирањето на тие солзи и цветови е во директна врска со најглавното, најсуштественото во мошне суптилна, мека и ретко комуникативна вена поетица на овој елементарно чувствителен лирик, на еден лирик чија чувствителност често го пренесува во сферите на навидум разбирлива, горка, лична и сеопшта опсесија со смртта, во една таква опсесија што речиси непрекинато е присутна во поетовите лирско – родољубиви расположби и во неговиот генерален поглед на светот, на животот, на неговите минливости. Ако би требало да се бара и означи најмакедонскиот поет, чинам дела Јован Котески е еден меѓу првите од неколкумина наши поети што би можело да се легитимираат како такви. Тој е тоа од повеќе причини, а некои од тие причини се наоѓаат во мотивската специфика од која е создадена оваа сугестивна поезија, како и во духот на оние внатрешни пејзажи на песната според кои најлесно ќе се доловат акцентите на сензибилитетот, социјалниот, етичкиот, психолошкиот итн. амблем на македонскиот човек низ времето.

Катарзата на постоењето, селската сиромаштија и немаштија, селскиот пејзаж и сл. на тоа, се превосходни мотиви на овој поет, врз кои се гради емоционално – мисловен свет на неговата поезија – крепка и питка, длабоко доживеана и сигурна во својот естетски знак. Поетот пее:

Искачи се високо
додека во тврда дланка
каменот не си ја покаже утробата;
искачи се горе
додека душата од својата уста
не одлета како ластовичка.
Овде е крајот на секој потоп:
Човекот ја мери тежината со каменот”,

- во песната Црн врв, стр.54. Меланхолик, би се рекло, сепак Јован Котески е во прв ред поет на таа селска сиромаштија и немаштија за која тој во песната Селска сиромаштија (стр. 33) вели:

Легната до мене,
ти во мене лаеш,
селска сиромаштијо.
Ме процепуваш ноќе…”,

потоа поет на овчарите и нивните свирки, на сите изморени и бедни за кои бара милост, на родните сестри и нивниот бол “што беше наш бол”, нивните очи “што беа наша добрина”, нивните коси “што беа наша смрт”, а ние ги заборавивме тие родни сестри, “тие драги камења од спомените” (стр. 37). Личен, непатетичен (дури и во оние мигови кога патетичноста на зборот природно би се очекувала), тој е социјален поет и кога ќе медитира за својот интимен бол (по родните сестри, на пример) и кога чувствително ќе ламентира за и над судбината на македонскиот селанец и печалбар, а во стиховите во кои е антиципиран еден трагичен, “отуѓен, мачен живот”, кога повеќе нема ништо друго да се обелоденува освен крајното, решително, стоичко сознание на дијалектичката неминовност: “Овде е крајот на секој потоп…”

Се има еден општ впечаток за поезијата на Јован Котески: во неа преовладуваат елегичните тонови, а небаре сите тие резултираат од меланхоличното видување на светот и над сe’ од личното искуство на поетот, од многуте страници на неговата животна биографија. И како што ќе се респектираат тие страници, ќе се респектира и оваа изворно чиста, со животот срасната поезија, во која има мигови на истенчен лиризам, емоционализирана рефлексија, прегнантен стих, длабинска димензија на авто – сознанието за трагичноста на човековата судбина…Во антологиската песна Кајмакчалан тоа веќе и не е сознание, туку крик на свеста, побуна и апел упатен на адресата на разумот на човештвото:

“Дошле преку отворено море
да го срушат својот бран,
на Кајмакчалан.
Можеби до черепот лежи
черепот на тој што убивал,
черепи се слични
со каменот.
Јас не знам кој со кого
и кој за кого во кој ден,
но ова чудо од коски
ме плаши!”

Уметноста, според Ф. Кс. Шалда, е нешто што настанува со долгото набљудување на животот се’ додека човекот, во него, како неговата врвна вредност, не се изедначи со нештата што го окружуваат, па, благодарение на тоа “уметноста…е мирна моќ” ), една таква моќ што е доволно способна да го врзе за себе човековиот дух и, спонтано делувајќи на него, да го облагородува…Една таква мирна моќ ја наоѓаме и во поезијата на Јован Котески; всушност, неговата поезија е таа мирна моќ, лишена од каква и да е поетска екскламативност, а многузборлива, асоцијативна, крепка, доволно гласна кога е тоа потребно за да се задоволат извесни внатрешни законитости на неговата поетска авантура.

Миодраг Друговац

За Јован Котески

1. Целосна блог-архива за животот и творештвото на македонскиот поет Јован Котески (1932-2001). Блогот ги содржи целокупните поетски збирки на Јован Котески од 1958 до 2000, како и неговата лична и творечка архива.

2.Материјалите од блогот се слободни за користење во лични, образовни и научни цели. Забранета е нивна употреба за комерцијални цели и без наведување на изворот и авторот.

3.Сите дериватни дела (правењето песни, раскази, романи, музика, сликарство, вајарство, документарци, филмови, стрипови, спотови, танц, фотографија, дизајн, мода, видео-игри, виртуелни светови... научни и стручни текстови, теорија и филозофија, публицистика... врз основа на песните од Котески) се дозволени, доколку не се користат за комерцијални цели и доколку се наведе изворот и авторот.

4.Авторот на дериватските дела мора целосно да го наведе текстот на оваа лиценца (на истиот начин како што се појавува овде).

5. Доколку некој автор спомнат на блогот смета дека се повредени неговите/нејзините авторски права, може да ја контактира Јасна Котеска на jasnak@gmail.com

...за Јован Котески од Јасна Котеска

Линкови за Јован Котески

Multimedia


Каменоресци. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк
Кајмакчалан. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк

База на податоци за книгите на Котески

Базата ги содржи:
1. Насловот на збирката
2. Годината на издавање
3. Издавачот и серијата
4. Пагинација и димензии на книгата
5. ISBN (кадешто го има)
6. Насловна корица

I. Збирки песни

1. Насмевка пред зорите (1958)
2. Земја и страст (1958)
3. Злодоба (1963)
4. Тежина (1965)
5. Пеплосија (1966)
- Земја и страст, 2 изд. (1971)
6. Сенки (1972)
7. Зелени порти (1975)
8. Хераклеја (1978)
9. Поморија (1981)
10. Бденија и сновиденија (1982)
11. Полилеј (1983)
12. Плодови (1984)
13. Тапија (1985)
14. Сончева белегија (1990)
15. Живожарица (1990)
16. Морници (1991)
17. Ралица (1992)
18. Лелејка (1994)
19. Самотија (1994)
20. Трагач (1996)
21. Приќе (1997)
22. Одрон (1998)
23. Разор (1999)
24. Кртечина (2000)

II. Избор од поезијата

1. Злодоба (1992) - избор
2. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - избор
3. Празник (1995) - избор
4. Решетки (1996) - избор од затворската лирика
5. Јован Котески (2000) - тротомен избор
6. Сончева белегија (2008) - избор

III. Препеви

1. Pesme/Песни (1974) - српски
2. Dragoste si moarte (1981) - романски
3. Strah i duša (1984) - српски
4. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - англиски, француски, руски.

IV. Песни за деца

1. Глувчето со двоглед (1991)

V. Книги за Котески

1. Поезијата на Јован Котески (2003) од Миодраг Друговац

Избрани песни

Јован Котески
АЛКИ (1984)

(старзаманско оро, по војната)


Писнува свирката на катун Еѓупци,
збива планината в подмолен татон.
Едно старче ја крева раката,
ногата ја подава како да влегува в гроб,
го фаќа ритамот на расплаканото пиле
и опа! - го почнува орото. Еден по друг
како алка со алка се врзува синџирот,
се издолжува од премалени тела.
На крајот од овој божји сплет
едно извалкано детиште со лице пердувче
го крева рачето во знак на лага
и со камшикот сплетен од живи тела
почнува да го камшикува господа
скриен во свирката што плаче.


Jован Котески
Трагач (1995)
поема

- извадок-

Пред да избереш девојка за жена
најпрвин избери огледало
на кое ќе се огледува муце од видра!
Според бојата на земјата по која се втиснуваат
твоите траги
одреди ѝ го тварот, не заборавај го зборот!
Храни ја извесно време со суво грозје
како што се хранат канаринките.
Пред да зачекориш во подвигот погледни ѝ ги забите
(бели?)
кажи ѝ неколку простени молитви гласно и јасно!
Наостри ја сабјата како секавица
низ Димна гора за да ти се гледа . . .
Потковај го коњот наопаку со клинци
- жолти дукати.
Не пропуштај го галавниот адут - виното.
Пред да избереш девојка за жена
појди на чешма и со часови гледај го млазот вода . . .


Колку и да ти се открива како светица
таа ќе ти ја одземе силата, човеку, не Господ.
Не срди се што не ти ја дополнила чашата
течен ќилибар, таа ја знае суровата мера.
И не бегај од неа како овчар од магла,
не оставај ја усвитена фурна,
таа ќе го пече тоа што ќе го рече
па макар ти да се здробиш на парчиња во Солунско!
Не број го времето со часови, денови, години,
симни го јарчето на сржбата од вратот
и врати се кај што се врти вретеното . . .
Инаку таа знае да биде и црвена мравка,
ќе ти ги растури името и куќата.
Ќе те остави гол како пиштол
а своите рудни богатства на имањето
ќе му ги отстапи на Беле Костурчето
што ќе ѝ ги прекопува со жешка казма!