Миодраг Друговац
СО ЧЕКОРОТ НА ИЗВОРНАТА ИНСПИРАЦИЈА
(Јован Котески: “Злодоба”. “Кочо Рацин” – 1963)
“Човек не може потполно да ги урне ѕидиштата што се вградени во неговото детинство”.
Пол Елијар
За оние што ја ценат изворната инспирација како првичен патоказ кон создавањето на поезија без поза и грим, т.е. поезија што не е поетоманија, лириката на Јован Котески е објава и обнова на чин што е превасходно творечки. Од збирка во збирка се саморазрешува овој лиричар на виталистичкиот занес како автентична творечка личност, следејќи ја живата содржина на своето непосредно, елемнтарно доживување. Еден автор, кој ја враќа вербата во поезијата како возбудливо себеискажување и довербата во поетите како создадатели на животно понесени експресии. И радосно е таа што верба и таа доверба ќе им биде вратена на ценителите на поетското што е претставник на помладата генерација. Со тоа ќе падне и една заблуда: - младите и помладите поети не се само книжни феномени, кои ја усвоиле писменоста, а го уништиле поривот на кажувањето, не се, како што се воопштувало не еднаш, некакви исклучителни епигонски ветропоказатели, ни само аутсајдери од поприштето на чистата поетска возбуда. Со право пробудувале резигнација продукциите на такви што не творат а прават поезија и правењето на нешто како поезиај не им чини ништо, освен малку напор за блеф, зашто и поетскиот напор го прифаќаат како технолошки процес. Но резигнацијата не смее да биде целосна. И сега, и не само сега, бројот на младите и помладите знае и знаел за поетски имиња што творат поезија и во творењето поезија го согледуваат знакот на својата поетска потврда. Како што има денес крчмари, кои го следат примерот на оној нивен задоцнето самокритичен претходник што дури во претсмртниот час признал дека виното сед прави од грозје, има и во литературата алхемичари што крчмарски ги злоупотребуваат околностите, предлагајќи дериватите на своите ерзац – рекордерства. Толку порадосно е пак, кога поети како Котески – и со текстовите и во текстовите – на полн глас проговоруваат дека полетно опијанува само она поетско вино што го носи дахот на земната почва. Тоа се млади поети со изострено чувство на животност; тоа се млади творци со чекорот на неповратната инспирација. Не се претставуваат такви каки што не се и решени да ја обноват вистината дека била поезијата и ќе биде квалитет на неодглумени, стварни, изворни темпераменти. И тие поети се понесени со своите визии, и нивното светочувствување е субјективно, и кај нив живее една интима, но не со маската на себеобожување и без збогување со своето. Голото пеење им е недостојно, електичките трикови ги мразат, позајмените експресии – уште посилно, живото општување го бараат и среќни се што го пронашле. Туѓи за избанализираниот дијалог на херметички изолираните што се врти и превртува помеѓу “мене и мене”, поетите на обновената животност, тие одушевени овоземци, водат жив разговор помеѓу себе и своите и не се плашат да речат дека припаѓаат на стварност која не е само нивна. За нив не постои антагонистичка противречност помеѓу светот на стварноста и светот на поезијата. Во оној прв, во светот околу себе го пронаоѓаат највиталниот импулс кон својот творечки свет, во своето родно го откриваат своето поетско поднебие. Такво пронаоѓање и такво откривање е и поезијата на Јован Котески. Инспирирана од живот колку свој толку и на своите, таа има и свои исповедни соопштувања за својата крвна родственост со живиот живот. Ефектот пак нивен, во една поопшта смисла, е далеку поубедлив, бидејќи вистините нивни (и кои не се само нивни) ги кажува поет и ги брани креативец. Убедливост на критериумот на живата поетска практика, би се рекло…И додека простосмртните трудбеници од теоријата на поетскиот збор со многу грижливо подбрани аргументи и со немалку претпазливост убедуваат дека и овој збор трае и истрајува како симбол (за да не изустиме – одраз) на животот околу нас и дека тој живот проникнува во нас и кога сме родени со ѕвезда на чело, лиричарот Котески н# убедува а во пагански интониран занес исповедува дека оној збор и овој живот чинат судбинска неделивост. Ништо подруго не значи стихот што е есенција на едно нормативно теоретско гесло, тот. Зарем не значи многу во смисла на убедливост и автентичност стихот што е распеана апологија на животноста како исконски прапочеток: “Чешмо на животот, сончева чешмо, се крстам само во твојот жубор…”Па да речеме и сега, дека и за теоријата на зборот се далеку поважни зборувањата на неговите творци. И чинам дека некои неодамнешни теоретски ламентации би биле сосема излишни, кога поетите почесто и погласно би зборувале за својот однос кон стварноста и за својата проекција во животност кога во духот на саморазоткривањето што го врши Котески еден негов словенечки собрат, Кајетан Кович, јасно ќе рече за кого ги пишува своите песни: “Никогаш не сум пишувал песни за својата работна маса, т.е. исклучиво за себе. Во својата најдлабока суштина песната е за мене секогаш исповед, која е упатена, ако не на некој друг, барем на анонимниот читател. Сиот овој труд и напор околу вообликувањето на песната е поставен на овој непознат партнер. Поезијата е за мене, особено во своите врвни постигања, кристално чист облик на човечкото општување.” Како такво општување, кое и во зборувањето на еден маркантен поет е издигнато до степенот на врвно поетско воздејство, се роди и песната на Јован Котески. Низ оној кристално чист облик најсигурно израсна и најстабилно се утврди неговата автентична поетска личност.
Изворната инспирација, страствено прифатена уште при првите песни, стори многу за чекорите на јасновидливо творечко зреење кај овој сe’ уште млад поет. Тој има веќе три збирки, но секоја од нив е кохерентен дел од мотивска целина, првично импулсирана од трајните траги на детството. Со нив отпочнуваедно поетско формулирање, но со нив трае и едно поетско созревање. Од збирка во збирка се обновуваат мотивите на едно детство, кое не е само безгрижно, зашто се разоткрива и со потресни слики. Уште во детските години на авторот се вградени оние ѕидишта за кои зборува Елијар и кои никогаш не можат да бидат потполно урнати. Кај Котески и не постои таков напор: тој сака до крај да ја изрече нивната бигорна горчилка, до крај да ги исцрпи тешките спомени за селската и сивотија и црнотија што како камен тежеле во годините на детството. И макар низ песните од првата збирка (“Насмевка пред зорите”) да живее во поетот и еден бодар рустикалец, свртен кон пејзажот и романтичниот предел, тој и таму не пее за родното село како за некаков изгубен рај. И таму пасторалата не е магистрална тема, а родното, блиското е опсесија, но не само со призвукот на распеано одушевување. И романтичниот занес во тие први песни е знак за верноста кон првичниот впечаток што настанал во радосната фаза на детските перцепции во допир со природата, за да биде и показ на еден контраст во детската душевност. Контраст, кој зборува дека и во сликата на еден примамливо живописен амбиент детското око ја согледало сликата на селанската нерадост. И веќе во втората збирка (“Земја и страст”) онаа втора слика станува уште поизразита во својата тешка суморност. Таму ножот што заигрува за парче земја е еден црн симбол. Детето во поетот дава изблик на својата од рано ранета душа. Затоа е отсутна кај овој поет на селото и селското носталгијата на идиличните сентименталци. Од напуштениот селски простор гледаат илјадници очи и зборуваат што е добро и што е лошо: оттаму ги понесува поетот на сувото поле со сува земја клетвите што ја раниле неговата душа. Но понесени како елементарно ламентирање, тие клетви ќе прераснат во протести на социјално бунтарство. Со гладната страст за таа камениста земја ќе зафати место во визијата – како страшна визија – и пустошот што го чини војната низ опустошениот селски простор. Поетот пак ќе го побара детето во себе, но веќе како сведок на подруго убивање и умирање. Длабоко се врезала во сеќавањето детско сликата на една детска жртва на војната; слика груба, брутална и затоа изречена со груби, брутални и како такви сликовито потресни зборови:
Војникот се помоча на иконата
што ја скина од вратот.
Не помага овој златен лик
пред светот запален.
Зар има поголема икона
од ова дете со скршени заби
со истурено меше на земјата
толку сува во лето…
Во третата и најнова збирка (“Злодоба”) доживувањата на селското и селанското добиваат уште поизразит социјален акцент. Пејзажот, жуборењето на родната река, јужното сонце не се самостоен мотив, а само декор и атрибут во летописот на тешки збивања. Годините на детството сега се само години на “глад и измама”, а земјата “раѓа камења и омараза”. Каменот како симбол на бесплодност е најчестиот симбол на тие најнови песни. Во светот на сеќавањето останува само споменот за селската сиромаштија, која ги прогонува селските синови од родниот кат, но останува непрогонета од нивната душевност:
Легната до мене,
ти во мене лаеш
селска сиромаштијо.
Ме процепуваш ноќе
пресечен церов труп,
срце од гламна црно.
Нагризани од болеста
ние с# ти дадовме,
а ти н# подгонуваш
со слбиот добиток
во дебела зима.
Во таа најнова и најзрела збирка на Котески најблиското и најродното прераснуваат во смислата и сугестијата на една исклучиво социјална судбина. Диши овде онаа вековечна печалбарска злодоба. Преобразена е таа без секаква распеанафолкорност, нема егзотика во разделбите и средбите, зашто: бегањето од една е прифаќање на нова животна мака. Социјалната неволја останува неизменета, таа е само видоизменета: …со парите што ќе се донесат дома ќе биде донесена и болеста од туѓата земја. Со мотивот на печалбарството, поезијата на Котески – со нова озвученост – го прфаќа лајтмотивот на најизразито социјалното во нашата народна и индивидуална поезија, за да ја издигне селанската до висината на една народна одисеја. И да се врати со тоа многу и многу поназад од времето на детството, во оние “длабоки безимени далечини” кога “навечер крај реките од синџири робје ѕвонат селски ѕвона”. Некогашното и неодамнешното се сливаат во рапсодијата на тешка болка низ која се препознава сивотијата и црнотијата на невремињата во повеста на една народна судбина:
…Само ние ќе удираме
со црни крила
по сивите карпи на времето.
Никаква музика не ќе н# исплаче,
никаков дом не ќе н# прибере
нас тргнати, изгубени, неми.
Само ќе се сетиме дека сме живееле
некаков отуѓен, мачен живот…
Како жестока иронија одекнува повикот “Остани н& Дојчине” и станува повик без призив, зашто премногу е едноставна и премногу длабока вистината дека оваа земја со многу сонце никогаш не била своина на своите сончеви синови. И стануваат темни тие, стануваат ладни како каменот што го ѕидаат низ туѓинските земји, тие каменоѕидари и каменоресци за кои се испеани во таа збирка песни на најсуптилно, интимно социјално кажување. Кажување што е и едно потресно искажување на тешката небиднина што се пренесува од колено на колено: ,,…можеше да биде се’ наше, но не е!…” Затоа пак она што биднало и она Што од година в година се збиднувало кај колената народни е клетвата на мајките во злодоба кон синовите што бегаат од една во друга – злодоба, клетва, која стои во подтекстот на најлапидарната, но и на најпластично, лирски најзгустено градената песна во збирката:
На Кораб сребрени ножеви
снег и цвет. Со црн коњ
по бел друм Секула замина.
Кучкин сине, во злодоба, каде?
Само во сонот се мерка
јаболко златно и смрт.
Радика гласот од јужната земја
го скри во пените и рика.
Кучкин сине, во злодоба, каде?
Без да ги напушта импресиите на детството, Котески ги доразвива во новата збирка со поизразити социјални интонации, ги култивира како позадлабочено доживување и ги постава во посоката на едно интроспективно светочувствување. Од своето тој се упатува кон поопштото, низ несреќата на своите ја согледува несреќата и иа другите. И тие се жртви на расчовечувањето; и кај нив е ранет и кај нив умира човекот во човекот. Болката по човекот наоѓа нови извори за војната и за нејзиното најбесмислено уништување. Паѓаат врз поетовата родна земја синови на други земји; гроб на туѓинец копаат во таа земја со безбројни свои гробови, во него ќе легне некаков Марвеци, некаков незнајник на кој други му наредиле да биде убиец и други го предодредиле да биде убиен, далеку од онаа татковина која бездушно подарува смрт. Како во “Рациновата “Балада за непознатиот” – средба со една нова каракамена смрт на жертва жертвувана во ново воено безумство. Се врезал и споменот за таа смрт длабоко во импресиите на детето и авторот сам ќе ја означи својата чудесно едноставна песна “Смртта на војникот” како – слика од детство:
“Одморете се, рече капларот.
Можеби и ние не ќе се вратиме
повеќе дома. Марвеци дозна
како се копа со нокти во каменот.”
“Марвеци, викнаа војниците,
нека тие лесна земјата, Марвеци.
Денеска жената повеќе тежи
од пресушената трева под нозете…”
Како си умираа во април!
Татковината им подари
волнени палта и смрт.
Вториот војник молчеше…
Со нова интерпретација на расчовечувањето што го врши војната се открива и песната “Кајмакчалан”. Под тоа патетично име, опеано како такво од поетите на парадниот занес, се крие ужас што може да го создаде само војната. Кајмакчалан не е овде врв на херојство, а голгота на човекот, на луѓето, една масовна голгота, легенда на еден чудовишен масакр. Поетот кажува: не е важно под кое знаме умирале, единствено важно е дека така безбројно умирале. Уништувањето на човекот, во смислата на онаа ернесттолеровска “маса - човек”, стои како моменто во оригиналната замисла и оригиналната метафорика на овој текст, кој може да се вреди во фондот на највнушителната хуманистичка лирика напишана не само на овој јазик. На секоја лирика со големи пориви на човечноста може да чини чест таа песна, една од антологиските за овој поет и за оваа наша поезија. Песна без ни еден излишен ни стих ни збор, во секој однос и во буквална смисла – од почеток до крај: моќно креативна, мајсторски градена, богата и во доградувањето на оној што ја прима и што ќе ја понесе како траен и трајновозбудлив незаборав. Виорот на некогашниот ужас е рекреиран со чувство за такво живо опредметување, кое веднаш создава асоцијации што фрлаат во длабок – токму – внатрешен немир, при сликовитост издигната до симбол, еден од најлуцидните во кажувањето на оваа македонска поезија:
Луѓе,
роскорнете ја коскарницата
нека се затрчаат черепите
низ стрмните падини
на Кајмакчалан.
Велат,
на каменот изгорела тревата,
мајката го исплакала синот,
времето ја заборавило мајката.
Јас не знам кој со кого
и кој за кого во кој ден,
се кренал духот како магла
што пасе ноќе по присоите…
Дошле преку отворено море
да го срушат својот бран,
на Кајмакчалан.
Можеби до черепот лежи
черепот на тој што убивал,
черепите се слични
со каменот.
Јас не знам кој со кого
и кој за кого во кој ден,
но ова чудо од коски
ме плаши!
Велат, и не без право, дека не е тешко да се најде сосема добра песна и кај не сосема добар поет. Има и кај Котески – помалку во оваа и повеќе во поранешните збирки – недодржани до крајот песни. Првенствено, како една поцелосна концепциска замисла. Но ќе го побараме ли зародишниот импулс кон компонирањето на таа замисла, т.е. ќе ја поставиме ли во светлоста на инспирацијата, ќе утврдиме дека и подобрите и послабите песни се имунизирани за она правење на нешто како поезија и за кое беше збор во почетокот. А кога се зборува за добри песни кај слаби поети, првенствено се мисли на изработеност и доправеност. Некако по силата на правило допадливите песни кај такви поети настануваат многу повеќе во интензитетот на занаетчискиот напор, а многу помалку или сосема малку во интензитетот на доживувањето и првичната понесеност. Па кога Котески постигнува целосност во градењето на песната, пак изворното и непотправеното е што стои во предниот план на целосното градење. Така е, и тоа треба посебно да се подцрта, и во однос на социјалните мотиви што го чинат она што надвладува како вид лирика во лириката на “Злодоба”. А познато е дека токму социјалниот мотив не еднаш се покажал како најподатлив за подигнати поетизаторски конструкции. Кај Котески ќе бидеме недоволни од извесна неуеднаквеност на кажувањето, некои зборови употребени и во сосема добри песни ќе н& пречат, но ќе го примиме и занаетчиски неисцизелераното како своевиден податок за полнокрвната искреност на едно кажување што е, пред се’, искажување. Таа пак искреност е редок квалитет на оваа лирика токму како социјална. И малку е да се рече дека нема во неа ништо позерско и ништо декларативно. Дури и кога прозвучува како декларација и кога се самонајавува или клетвено се самоопределува во служба на безбројниците од низините на живото (“…овој ден ќе го запишам со името на сите гладни луѓе…”) пак сме далеку од впечатокот за некаква само надворешно ефектна социјална призивност. Всушност: овој поет не му се обраќа на колективното во чие име зборува, а својски се спојува со него и низ тоа својско спојување зборува не во а од неговото име. Тоа може и онтолошки да се согледа и стилистички да се докаже. Најчестите зборови во таа поезија се зборови на тие што се носители на нејзиниот и најчест и најжив мотив, па учествуваат и тие не само во внатрешното, но и во надворешното кажување. Од атрибут на мотивот стануваат атрибут на експресијата. Најраспространетиот однос кон социјалната неволја е сосема родствен на она народско, безимено колнење и тој однос најсугестивно се искажува со грубата отвореност на идиомот. Ненапуштањето на натуралистичкото во непосредното соопштување, па и во метафората, не е резултат од немоќ за приграбување на артистичкото, а пак: податок за докрајно придржување кон длабоко интимна означеност на колективистичното. Наивизмот, кој е честа појава и како чувство и како израз, ја одразува верноста кон елементарна, кон виталистичка проекција на социјалното чувствување. И сето тоа – далеку и далеку од скрупули за допадливост, а едноставно – да се биде и во показот на социјалното: едноставен, да се биде: изворен. Затоа социјалниот мотив во лириката на “Злодоба” се јавува и како синоним за устројството на една поетска личност. Затоа и спојувањето со своите е функција од животноста и на една сопствена судбина и на еден сопствен сензибилитет. И уеднаквувањето на себе со оние што се носители на мотивот ја добива смислата на уеднаквување на себе со себе. И пак – една неизневерена, длабока субјективност низ која се создава поезија што е жив и животворен миг на единство помеѓу човекот и поетот, помеѓу човекот и зборот, помеу живиот збор и живиот живот. Поетски зборови со кои живее свој живот – како оној од прекрасната песна на Бранко Миљковиќ…”Понављам речи које су ми дале…” И кога една социјална лирика е градена со такви зборови, која станува сосема своја за своите, сосема природно ќе биде и тоа, што градителот нејзин ретко наоѓа потреба да се обраќа на своите во прво лице. Ми се чини: секогаш кога ќе каже јас, тој кажува и ние. Необично карактеристична за преминот на јас во ние е песната “Селска сиромаштија”:отпрвин ќе се искаже дека таа (сиромаштијата) е длабоко во судбината на поетот (“…легната до мене, ти во мене лаеш“), а веднаш по тоа доаѓа неизбежното ние (“…ние се’ ти дадовме, а ти не’ подгонуваш…”). И јасно е дека такво ние не може да биде да биде помпезно ние на социјалното позерство и на социјалната патетика, а такво какво што би го рекле и безбројниците што го вклучиле во својот број овој поет на кажување што е нивно интимно кажување…
Ги заборавивме
родните сестри
со нивниот бол,
со нивните очи,
што беа наша добрина,
со нивните коси
што беа нашата смрт.
Ги заборавивме
родните сестри,
тие драги камења
од спомените!
Нашата овдешна современа поезија ретко знае за таква самоисповедна изразеност на колективистичкото чувствување. Таа, уште во своето раѓање, трпела многу дитирамбичност во ознаката на социјалното, па трпи и сега од голозборни патриотска тиради. Дури и во најново време се појавија неколку деривати со лажен, псевдородинолјупски плач. Познат еден еквилибрист на конформистичката злободневност ги настројува жиците за блеферско ламентирање над судбината на родната грутка, откривајќи за другите некаква призрачна (не)патриотска злодоба, а за себе и длабоко во себе, т.е. интимно верува дека најудобен животен стил е стилот уби бене иби патрија, за да си дозволи повремено вежбање и на (не)роден јазик…Па и при средбата и при споредбата со такви своего рода конформистички варијации на злодобни теми станува уште попривлечно кристално чистата патриотска лирика на Јован Котески.
Затворајќи го кругот на достоинствата кај авторот на “Злодоба” што го имаат својот заеднички извор во изворната инспирација – да речеме уште нешто за нејзината проекција во изразноста на таа лирика.
Лирика, која има свој така изразито автентичен животен крвотек, ќе има и свој автентичен изразен – крвотек. Зборот пак крвотек: се јавува и како метафора за постоењето на еден полнокрвен израз, каков што е поетскиот збор на котески, збор што е доследно инспириран од виталноста на едно бујно светочувствување. И веќе рековме: - стихот на “Злодоба” богато се открива за обичните зборови и чинам дека цитатите беа сосема достатни за да се почувствува како и обичните зборови одјекнуваат со најчист поетски занес, како и со нив, и сосема функционално, се гради живата материја на една понесена лирска експресија. Раздвижен во доживувањето, овој стих е раздвижен и во кажувањето, смело и разигран и смело, и резултатно, се упатува кон нови зборовни градења, за да помине под знакот на најнепринудена разговорност. Понесувајќи со себе живи слики од детството, чудно би било кога овој поет не би бил и така сликовито разигран, така буен и свеж во метафорите, така непосреден во асоцијациите. Чувството пак за јарка контрастност го води кон јарки тези и антитези што знаат да ја достигнат и внушителноста на синтетизирани симболи. Дури и атрибутите на пејзажот кријат во себе симболност – каменот и сувата земја и жуборот на реката и онаа пагански присатно јужно сонце: секогаш симболизираат една чувствена состојба. Боите значат многу во овој колоритен поетски јазик, но не како самостојно и самоцелно сликарско решение, т.е. и во нивниот јак сликарски ефект е јака сугестијата на емотивната струја. Затоа и дејството на сликарското овде не е во преливите на нијансите, а во смелата контрастна обоеност. И секогаш еден општ тон надвладува во песната како слика, следејќи ја нејзината основна емотивно – сликарска интонација.
Длабоко личен, изразот на Јован Котески знае и за напорот на едно свое функционално креаторско култивирање. Овој инспириран домородец не е и без солидни познанија за достигањата на современиот стих. Средбата со сите три негови збирки јасно потскажува дека тој чита многу и дека многу учи од мајсторите на модерната лирика. Трансплантација на фолклорни реквизити и живиот народен јазик, стихот кај котески ги трпи воздејствата и на превасходно модерни поети на совремието. Лесно може ќе се препознае во кратките, ритмички разиграни песни влијанието на еден Лорка. Но тоа влијание е конструктивно, творечко, зашто лектирското е туѓо за тоа изворно одушевување, зашто епигонството е во целост отсатно од страниците на “Злодоба” и на претходните збирки. И пак со оглед на доминантниот напор за пронајдување на себеси, и како оригинален и како домородски творец, никако не е случајно токму доминантното лоркинско влијание. Нема да заборавиме дека и Лорка ја побара модерната експресија низ творечко придржување кон шпанката фолклорна изворност и преку стилизирањето на нејзините трајни богатства создаде модерна поезија со свој земен дах. Па се работи во случајот на Котески и за пронајдување на афинитет во влијанието и за користењето на еден потход што конвенира на сопствените барања. Би забележал, кон тоа, дека Котески не се плаши да се огледа и на некои наши, маркантни македонски поети. Оној црн хумор во песни како “Палјачи” и “Длабоко рикање” потсетува на длабокиот црн хумор од “Леб и камен” на Славко Јаневски, а некои лапидарни поенти (како оние од песните “Ѕидар”, “Тежина” и “Извор”) се сосема во духот на такви згустени поенти кај Блаже Конески, за да се најде призвук и од лирската интима на Ацо Шопов – во стилот на суб спесија аетернитатис. Тоа пак зборува дека и за Котески врвните постигања на македонската поезија се – врвни и дека овој се’ уште млад поет не мисли дека летописот на македонското поетско кажување отпочнува со неговото име…
Споменавме дека и извесни изразни недодржаности во поезијата на Котески се прифаќаат понекогаш како податок за нејзината крајна елементарност. Но кога се постави праШањето за експресијата во светлоста на строга функционалност, треба да се рече дека се податок тие и за се’ уште недостатна исцизелираност на функционалното кажување. Мислам во прв ред на појава што е поопшта во нашата денешна поезија, а која се открива во злоупотребата и преупотребата на метафоричното. И во некои песни на Котески (особено во оние со скрупули за медитативна означеност) е отсутно чувството за мерка, па натрупувањето на метафори го гуши и кине текот на концепциското кажување. Одовде и впечатокот за фрагментарност на концепциското. Тоа што и со наједноставни зборови и многу често се создаваат во овој поетски ракопис живи, привлечни изненадни и смели метафорични споеви не значи дека препуштањето на нивниот ефект може да биде и бесконтролно. Тоа е толку понужно кога е збор за лирика со интензивни содржински преокупации. Безконтролност ќе се забележи и во употребата на зборови што не се адекватни за внатрешното кажување, за неговото мисловно и чувствено единство, или зборови што неадекватно се комбинираат со други и во исти песни. Во една од најинтимните песни од збирката (“Дете што плаче”) е употребен со посебен акцент еден чисто правнички или публицистички збор, зборот “обесправено дете”, а кој пак стои во стихови каде надвладуваат супстилни, сликовити зборови: “мек плач”, “бело бигорје”, “малечко мое”, “мајка ќе дојде”, “ѕвезда ќе падне во нашиот двор”…Во песната пак “Пожари” сосема неспоиво се комбинираат “визија” со “папсуваа”, за да биде очевидно дека во една иста песна, а уште помалку во два паралелни стиха, не иде да се рече: “до онаа форма без визија / каде небото и земјата папсуваа…”Елементарноста овде е споена со литературштина, а тоа второто не му е присушто на овој поет, а кој треба да си наложи контрола и во однос на елементарните зборови, зашто – колку и наша – не секоја елементарност е ео ипсо и едно поетско кажување. И со употребата на арго – јазикот, шатровачкиот, може да се постигне (а и Котески тоа го постигнува во немалку песни) занимливо елстицирање и прифатливо огрубување на експресијата, но во строго определена доза, зашто само малку останува да се премине во уништување на поетичноста, под која пак не разбираме само меки зборови или уште помеки тонови. И да не се заборава, дека посебно во лириката зборот е и голема мака и голем празник, за да не се вели како што се вели во песната”Камења” – “Камењата во себе кријат музика, што ќе го надживее имагинарното царство на пчелите и пештерите…”Лириката сама е имагинација (како Што е и визија), за да биде во неа сосема излишен придевот имагинарно. Не излишен, но преупотребен во песните на “Злодоба” се покажал и придевот сребрени: “гласови сребрени”, “води сребрени”, “сребрени ножеви”, “сребрена струна”…И уште нешто. Нека се пази овој поет на најнепринудено лирско искажување од екскурзиите на медитативните прошетки, од барањето на некаква посебно акцентирана церебралност. Тоа да го чинат оние што се скроени за тоа. Струите на неговата лирска конституција одзвучуваат со подруга лирска стихија – онаа што беше наш предмет. Нека не заборава, кон тоа, дека и други во оваа литература почнале и непомалку својски од него, па им се сторило тоа малку, и свртувајќи му грб, се свртиле (всушност) против сопствената творечка конституција. Верноста пак кон својот својствен сензибилитет ни малку не е во оценката на критиката еден индивидуален проблем. Таа е проблем на литературата во целина и која, во својата беспределна целина, е прекрасен мозаик од најразлични, длабоко индивидуални творечки саморазрешувања.