Атанас Вангелов за Јован Котески (1978)

АТАНАС ВАНГЕЛОВ

ДЕЛОТО – СВЕТЛОСТ

(Јован Котески: Хераклеја, Скопје, Мисла 1978.)


Берово, 13 октомври 1978.

Спроти хотелот Македонија во Берово е гимназијата. Гимназискиот двор е полн ученици и деца, повеќето во сини јаса тренеркии патики, со пластични кофички или гроцка кантички в раце. (Кон пладне, од нивниот професор по руски научив дека пошле да помагаат да се соберат сливите.) Џагорот е палав и ѕвонлив; гласовите се тркалаат како белутраци во стаклен сад. Сепак, тие, со ништо да ја повредат тишината. Таа како да извира од светлоста, здрава и густа, речиси плодна. Светлината, пак – се цеди од затегнатата, дрочна кожа на малешевските сливи, онака, како што чудесно е изречена таа во стиховите на Ефтим Клетников. Претворена во зборови, верно и точно, на не помалку верен и точен начин е претворена таа во бои на корицата од една книга. Книгата се вика Хераклеја, а нејзиниот автор е Јован Котески.

Нека ни биде простено што текстот за книгата на поетот го почнуваме од корицата (автор на корицата е Дарко Марковиќ). Правиме така зашто ни се стори неизбежно тоа. Корицата има сивозелен, основен тон. На неа доминира едно напукнато сонце, во истиот тон, од кое зрачи болникава, слаба светлина, на гасење. Под сонцето, на рамна пуста површина има кутнат антички сад (пехар, сребрен?), а во заднината, лево, речиси на хоризонтот, наполу скршен дорски столб. Од отворот на столбот истекува виножито, а космичкото сивило, пак, полека и неусетно, во еден елегантен лак, се влева во скршениот дорски столб, по истиот начин како што се влева тоа во еден искршок од античка вазна или скулптура кој, подеднакво, може да биде паднат дел, врз пустата површина, од напукнатото сонце.

Во кусата белешка кон книгата, рецензентот вака ги карактеризира сегашните песни на Јован Котески: “Хераклеја говори за судбината воопшто, за минливоста на времето и на животот, а за трајноста на убавината, за постојаноста на човековото дело (под А. В.)” И, како што тој ден во Берово н& се стори нам најстварна утринската светлост (постварна од животот, од палавиот детски џагор во гимназискиот двор) така н& се стори стварна и онаа светлост (светлоста на виножитото) што избива од строгоста и стројноста на античките дела или од постојаноста на човековите дела, својство или смисла на сегашните песни од Јован Котески, толку едноставно а проникливо дефинирани од рецензентот на книгата (веројатно Слободан Мицковиќ). За таа книга сакаме и ние сега нешто да речеме, но еднакво н# притиска чувство дека првото што сакаме да го речеме за стиховите е речено во првите стихови од првата песна во книгата, која се вика Сцена. Поправо, тоа се стихови кои ги “отворија” малешевските светлини и џагорот во нив, облиот двиг на божилакот а, за да биде изненадата уште поголема, “гледливоста” и “моментот на гледање” се особено истакнати во таа песна. Впрочем:

Прстите допреа женско тело
и тоа во облина потече
како светлина во ноќта
Потоа се мешаа
јагули во клопка
и би нешто убаво.

Има неколку зборови во овие стихови (знаковна или акустичка материјализација на одделни претстави) кои сакаме посебно да ги истакнеме зашто н& се чинат необично важни, заправо клучни за целата книга, како точка во која се збиваат сите нејзини компоненти. Најпрвин тоа е телото кое тече. За телото ние веќе пишувавме еднаш (како тема на поезијата од Ефтим Клетников). Кај Јован Котески тоа тече, но не истекува, конечно и хераклитовски. Тоа тело оплодува и создава. Преку допирот се модифицира во облина. Облината е обликот што ја засведочува или изречува неговата иднина и, поправо, тоа се спротивставува на течноста или пак на истекливоста на телата. Може да се рече дека облината е таа која го пресоздава (спасува?) телото. Како светлина во ноќта, споредува поетот. Тој ја претполага нашата сомничавост, но ја знае и нашата надеж, и затоа говори за чудо. Говорејќи за него, тој ја потиска сомничавоста правејќи & место на храброста. Доаѓаат јагулите во неговите стихови. Меѓу јагулите и облината е поставена мошне изјаснета значенска врска по асоцијативен пат. И во телото на јагулата, а во движењата нејзини – особено, господари облината. Од сето тоа излегува убавината. (Како што правата линија на јагулата, движејќи се, станува елипса или спирала, така строгата вертикала на дорскиот столб, во последица на една лемпорална која претполага и спацијална – кинетика, се претворила во виножитен лак, по истиот начин како и косата линија, сведена положба, на паднатиот антички сад врз пустата, сива планетарна површина).

Засегнавме извесни својства на поезијата на Јован Котески и тоа се обидовме да го покажеме со помошта на категорија зборови кои означуваат претстави. Една друга категорија зборови при читањето на оваа книга нам н& се стори исто толку значајна иако, притоа, нашиот впечаток ние не го проверувавме преку испитувањето на нивната зачестеност или пак, просто, статистички. Тоа се зборовите кои означуваат дејства или состојби, и ние ќе ги наведеме нив без некој особен ред или систем. Тоа се: плови, плете, (се) покажува, (се) отвора, открива, блика, облева, сползга, лизга, потекува, прелева, извира, пушта, цути, набабрува, светка, (се) крева итн. Ги наведуваме овие зборови затоа што во сите нив н& се чини дека е задржан, внесен или посебно истакнат еден семантички одблесок на првоупотребениот збор од иста категорија, во првата песна на поетот, а тоа беше – тече. Во пловењето моментот движење е подеднакво очигледен како и во течењето. Плетењето го претполага тој момент како и појавувањето и откривањето: последниве два процеса означуваат уште и изделување, изјаснување, облик наспроти необликот, опсебување, а пресудно за сето тоа е - движењето. За зборовите, потекува, прелева, извира не е потребен посебен коментар. Макар вторичен, секундарен динамичкиот аспект, исто така, е содржан и во зборот пушта, а менувањето на обликот во бабрењето односно метаморфозата на еден облик во друг во цутењето се, речиси, визуелни пандани на процесот движење.

Иако говориме врз основа на впечаток, се земаме слобода да речеме: во стиховите на Јован Котески е необично истакнат еден движечки, динамички, дијалектички аспект иако тема на повеќето песни се заправо, мртви предмети и дела, нешто кои не го поседуваат спиритуалното својство. Набројуваме: Амфитеатар, Арена, Статуа 1, Статуа 2,Статуа 3, Атена Партенос, Ликови, Пирова победа, Амон, Тезеј, Одисеј, Мозаик, Легионер, Сатир, Воин, Прстен, Лира. Тоа се наслови на песни и сосем очигледно е дека се работи за антички дела, остатоци или сведоштва на една голема цивилизација, претходница на нашата, европска култура. Ако каталогот глаголи го спротивставиме на каталогот имиња на песни во книгата на поетот, без особени напори и без некој поочигледен ризик за произволност ќе можеме да речеме дека основна интенција на оваа книга, интенција која, можеби, била изјаснета уште пред настанувањето на песните, е да се “искаже”, да се “опее” восхитот кон величината на тие дела, да се побара основа и потврда за секој потфат и чин кој му претстои на човекот како негова смисла, да се пронајде, да се оствари, реализира едно телесно или човеково прибежиште како негација на свеста за течноста и за истекливоста на телото, тема поетски засегната уште во почетните стихови од книгата. По тој начин се дефинира и таканаречениот рамковен аспект на сегашните песни од Јован Котески. Може да се рече веднаш дека еден таков обид и опит се’ уште не е сторен во нашата современа поезија, барем во целина и, според тоа, мотивското истражување е она што се налага како прва, очигледна карактеристика на самата книга. За нашата поезија тоа веќе значи мотивска новост. Иако тој момент на поетска адорација на антиката е веќе минато за европската литература (поезијата на парнасовците) иако по еден начин е засегана кај Србите и кај Хрватите Јован Дучиќ, Владимир Видриќ во сите нив не би можело со некоја поособена сигурност да се бараат далечните сродници или праимпулси за оваа книга на Котески. Парнасовците и Дучиќа ги занимаа, пред се’ хармонијата и совршенството на обликот како основа и цел на поезијата. Кај Видриќа панкалистичкиот став кон светот и животот формално беше материјализиран преку еден антички мотивски каталог. Кај Јован Котески движечкиот, динамички аспект е основа на неговите песни. Останува, овој наш впечаток да го потврдиме со примери од песните.

Во првата песна Сцена, чии почетни стихови ги анализиравме уште при почетокот е поставен значенски амбигвитет. Може да се работи за жена, а може да се работи и за статуа. Почетните стихови говар во прилог на првото, а продолжението говори во прилог на второто:

И не смееше да се заборави
тоа што е прѓе кај жената
можеби нејзиниот глас
или јазикот што го прави
уште посвежо зеленилото.

Во првиот дел на песната се употребуваат аористни и имперфектни форми допреа, потече, мешаа, но позицијата на прстите и нивната граматичка функција допушта тие да се определат како метонимија на субјектот (маж, сега и тука, јас, оној што говори). Во вториот дел од песната е употребена една инперфектна форма (смееше) како и една безлична инфинитивна форма (да се заборави). Треба да се додаде, уште, дека и глаголот треба е безличен. Сето тоа говори дека присутниот субјект од првиот дел на песната е отсутен во вториот дел. Тој се елиминира. Доминира жената, синтаксичкиот објект, но контекстот јасно упатува дека таа жена и телото кое потекнува во облина произлегува од јазик, од глас, дека гласот и јазикот се тие кои го “спасуваат” нејзиното тело во мермерен блок – значи, статуа. Кога ќе го спротивставиме вториот дел од песната на првиот, каде што доминира субјектот со неговиот чин, доаѓаме до обратниот ред: мермерот, статуата, сега го произведуваат јазикот и гласот и пред нас се одвива еден фиктивен но сугестивен еротски чин.

Со оглед на просторот ние нема да се впуштаме во исцрпни анализи од ваков карактер, но изречената констатација нас не’ обврзува да го покажеме тоа врз уште еден пример. Песната Миг, бидувајќи кратка, ја наведуваме во целост:

Запира бубалка на каменот
и ножето & мрда, поигрува,
другото ноже го пушта потаму
а зрак по зрак таа се слева
со мозаикот, станува макче
што го буди,
о, вие што се кревате нагоре
не сте едно, а мноштво
не сте осамени во својата убост
ви треба само краток од!

Песната почнува со еден наративен презент (запира) кој е во привидна опозиција со глаголите што изразуваат движење, а кои ги сметаме за доминантни во книгата на поетот. Велиме привидна зашто тој глагол изразува само прекин на движењето. Во самата песна доминираат исто така глаголите кои означуваат движење: мрда, поигрува, се слева, влева, крева, наспроти треба и станува. Во прилог на тоа говори и последната синтагма од песната, краток од, во која исто така се истакнува процесуалноста (од = одење). Ако во првата песна каменот, мермерот, статуата беше тој што го мотивираше чинот на субјектот, во оваа песна тој камен, тоа дело (мозаикот) е мерата, релацијата (етичка, хумана и далекусежна) која му ја определува смислата на тој чин: О, вие што се кревате нагоре…ви треба само кроток од!

Тој аспект може да се докаже и по друг пат. Истакнавме дека во стиховите на Јован Котески од категоријата зборови кои означуваат дејство и состојби доминираат оние чија основна семантичка носивост е движењето. Меѓутоа, во нивниот подбор е присутна една очигледна намера. Скоро да нема такви кои означуваат движење со негативни последици: уривање, расипување, разнесување, уништување, разградување, дробење, кршење, гмечење итн. Тоа се зборови од кои, пред с#, избива континуираноста на движењето, неговата хармоничност, постојаност и рамномерност. Како да има некоја естетичност кај него движењето. Како да восхитува самото по себе, како да е доволно самото за себе. Тоа движење, непогрешливо и чудесно е изразено во ликовниот удел на Дарко Марковиќ кон оваа книга која, според нас е најубавата книга на овој писател, прекрасен прилог на нашата современа поезија.

И, ете, така: како што оној дорски столб, одделен од нас со илјади години доаѓа одеднаш до нас, сега како виножито, така одделни песни од овој поет се разлагаат на зборови, а зборовите на звуци кои трајно се врежуваат во свеста. Јован Котески ги напиша песните: Сцена, Фрагмент, Запис, Миг…Тие песни можел да ги напише само Јован Котески и – никој друг. Негови се и незаборавни како здравата и плодна малешевска светлост од октомвриската есен седумдесет и осмата. Му благодариме.

Атанас ВАНГЕЛОВ

За Јован Котески

1. Целосна блог-архива за животот и творештвото на македонскиот поет Јован Котески (1932-2001). Блогот ги содржи целокупните поетски збирки на Јован Котески од 1958 до 2000, како и неговата лична и творечка архива.

2.Материјалите од блогот се слободни за користење во лични, образовни и научни цели. Забранета е нивна употреба за комерцијални цели и без наведување на изворот и авторот.

3.Сите дериватни дела (правењето песни, раскази, романи, музика, сликарство, вајарство, документарци, филмови, стрипови, спотови, танц, фотографија, дизајн, мода, видео-игри, виртуелни светови... научни и стручни текстови, теорија и филозофија, публицистика... врз основа на песните од Котески) се дозволени, доколку не се користат за комерцијални цели и доколку се наведе изворот и авторот.

4.Авторот на дериватските дела мора целосно да го наведе текстот на оваа лиценца (на истиот начин како што се појавува овде).

5. Доколку некој автор спомнат на блогот смета дека се повредени неговите/нејзините авторски права, може да ја контактира Јасна Котеска на jasnak@gmail.com

...за Јован Котески од Јасна Котеска

Линкови за Јован Котески

Multimedia


Каменоресци. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк
Кајмакчалан. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк

База на податоци за книгите на Котески

Базата ги содржи:
1. Насловот на збирката
2. Годината на издавање
3. Издавачот и серијата
4. Пагинација и димензии на книгата
5. ISBN (кадешто го има)
6. Насловна корица

I. Збирки песни

1. Насмевка пред зорите (1958)
2. Земја и страст (1958)
3. Злодоба (1963)
4. Тежина (1965)
5. Пеплосија (1966)
- Земја и страст, 2 изд. (1971)
6. Сенки (1972)
7. Зелени порти (1975)
8. Хераклеја (1978)
9. Поморија (1981)
10. Бденија и сновиденија (1982)
11. Полилеј (1983)
12. Плодови (1984)
13. Тапија (1985)
14. Сончева белегија (1990)
15. Живожарица (1990)
16. Морници (1991)
17. Ралица (1992)
18. Лелејка (1994)
19. Самотија (1994)
20. Трагач (1996)
21. Приќе (1997)
22. Одрон (1998)
23. Разор (1999)
24. Кртечина (2000)

II. Избор од поезијата

1. Злодоба (1992) - избор
2. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - избор
3. Празник (1995) - избор
4. Решетки (1996) - избор од затворската лирика
5. Јован Котески (2000) - тротомен избор
6. Сончева белегија (2008) - избор

III. Препеви

1. Pesme/Песни (1974) - српски
2. Dragoste si moarte (1981) - романски
3. Strah i duša (1984) - српски
4. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - англиски, француски, руски.

IV. Песни за деца

1. Глувчето со двоглед (1991)

V. Книги за Котески

1. Поезијата на Јован Котески (2003) од Миодраг Друговац

Избрани песни

Јован Котески
АЛКИ (1984)

(старзаманско оро, по војната)


Писнува свирката на катун Еѓупци,
збива планината в подмолен татон.
Едно старче ја крева раката,
ногата ја подава како да влегува в гроб,
го фаќа ритамот на расплаканото пиле
и опа! - го почнува орото. Еден по друг
како алка со алка се врзува синџирот,
се издолжува од премалени тела.
На крајот од овој божји сплет
едно извалкано детиште со лице пердувче
го крева рачето во знак на лага
и со камшикот сплетен од живи тела
почнува да го камшикува господа
скриен во свирката што плаче.


Jован Котески
Трагач (1995)
поема

- извадок-

Пред да избереш девојка за жена
најпрвин избери огледало
на кое ќе се огледува муце од видра!
Според бојата на земјата по која се втиснуваат
твоите траги
одреди ѝ го тварот, не заборавај го зборот!
Храни ја извесно време со суво грозје
како што се хранат канаринките.
Пред да зачекориш во подвигот погледни ѝ ги забите
(бели?)
кажи ѝ неколку простени молитви гласно и јасно!
Наостри ја сабјата како секавица
низ Димна гора за да ти се гледа . . .
Потковај го коњот наопаку со клинци
- жолти дукати.
Не пропуштај го галавниот адут - виното.
Пред да избереш девојка за жена
појди на чешма и со часови гледај го млазот вода . . .


Колку и да ти се открива како светица
таа ќе ти ја одземе силата, човеку, не Господ.
Не срди се што не ти ја дополнила чашата
течен ќилибар, таа ја знае суровата мера.
И не бегај од неа како овчар од магла,
не оставај ја усвитена фурна,
таа ќе го пече тоа што ќе го рече
па макар ти да се здробиш на парчиња во Солунско!
Не број го времето со часови, денови, години,
симни го јарчето на сржбата од вратот
и врати се кај што се врти вретеното . . .
Инаку таа знае да биде и црвена мравка,
ќе ти ги растури името и куќата.
Ќе те остави гол како пиштол
а своите рудни богатства на имањето
ќе му ги отстапи на Беле Костурчето
што ќе ѝ ги прекопува со жешка казма!