Оливера Ќорвезироска за Јован Котески (1995)

Оливера Ќорвезироска


ЛАТИЦА НА САМАРОТ



1. Исконска скитија


Слушајќи го лелекот на зурлата –
ми иде на ум да отворам книга,
да превртам карпа,
да станам дел на исконска скитија…
Устрем да фатам!

Поетското – поемско патешествие на Јован Котески насловено како “Трагач” има еден единствен правец прецизно определен од едната страна со душата на поетот (неговата внатрешност), а од другата страна (надворешноста) – со окото на поетот – т.е. со она што поетот го гледа или сака да го види. Двете можни насоки што ги дозволува / нуди / овозможува дефинираниот правец се движење од внатре кон надвор (од душата кон очите) или обратното, од видливото кон доживеаното (од очите кон душата), затоа што левата екстремна вредност на правецот е внатрешноста, а десната – надворешноста. Ваквите две можни насоки поетот совршено ги користи, па како резултат на тоа се добива впечаток дека станува збор за поетско птаување (авантури / скитија) која има безброј цели, безброј почетоци и, што е особено чудно со оглед на строгоста на “дозволениот правец” – безброј патеки, патчиња, пртови како мрежеста везба врз географијата на стихот. Имено, сакам да речам оти поемата “Трагач” иако се добива впечаток дека е поетска творба со кокетна жанровска слобода, сепак, функционира мошне строго од аспект на направената позиција. Сите снежни и вжештени наноси врз текстот се остваруваат клучно низ две позиции: позиција на омнисцентен (сезнаен) посматрач / раскажувач и позиција на директен учесник во настанот / состојбата што се третира – нарација во прво лице еднина, ицх – форма. Оминисцентноста на ицх – формата, всушност, го претставуваат токму споменатото двонасочно движење по “дозволениот” правец: однатре кон надвор и однадвор кон внатре, и тие го претставуваат основниот поетов стремеж објективно, но длабоко / понирачки (збор на поетот, з.м.) да пласира скршени слики од еден исконски мозаик на македонството на нашинството, или, како што самиот вели: “…прилепени латици на распаднат самар”.
Трагањето (скитијата) започнува со реторичко прашање со умерена доза на иронија: “- Го барате, а зошто Ви е?” и ваквиот ин медиас рес почеток со суверена оминисцентна позиција, не’ упатува на следниве заклучоци: 1) раскажувачот знае кого читателот го бара, 2) раскажувачот насомнено “бараниот” одлично го познава, 3) раскажувачот во вториот дел на реченицата (“…а зошто Ви е?”) веќе го предава својот суд за бараниот, т.е. тој смета дека “бараниот” не ни е потребен, дека е безвреден и индиректно ни дава до знаење дека е залудно нашето барање, чунки откога ќе дојдеме до крајот на потрагата, ќе сфатиме (како што сфатил и самиот тој) дека било бадијала и 4) поетот затоа што бил во нашата “ситуација”, уште на самиот почеток се обидува да не пишмани од совладувањето на патот кој што самиот којзнае колкупати го има врвено! Нели е тоа доволен предизвик да се продолжи со трагањето, со читањето на поемата. Поетот и смета на тоа, бидејќи несебично продолжува да ни го изложува нашето искуство осоколено врз неговото лично. Набргу по воведното пеење ( густи 32 стиха, во кои со широк, метафоричен замав се скицира пејзажот / заднината на поемата), поетската позиција “ненадејум” се менува и поетот се трансформира од резигниран познавач на трагачот во суптилен трагач. Ваквата промена на пеењето е едн вид задача за поетот, затоа што тој се обидува низ лична доживеаност и целосен увид во настаните и состојбите што подиректно да ни ја оправда сопствената иронична нишка во пеењето на самиот почеток. Веќе со претставувањето на себеси како “непотребен, залуден” трагач (Ицх – формата), поетот споменатата иронија ја ситуира во доменот на сопственото Јаство. Вака сложено, комплексно замислено, поемата продолжува со заитан чекор…Навнатре – накај спомените и воскреснатата традиција и нанадвор – накај денешнината, накај жената како декор, изгореница или зла коб на трагањето.


2. Раска од зеница


Сега сето тоа ми прилега
на сенка што се движи,
се оддалечува за да не’ зближи…

Спомените и воскресната традиција зачекоруваат низ стиховите како Александар, како Силјан Штркот, како Самоил, Болен Дојчин, Ангелина, Крали Марко…и тие претставуваат една мошне важна целина во текстот – можеби самата рамка на трагањето. Поетот штедро ги раздава своите метафори, ко на Дуовден за душа на покојниците, рони солзи и се кикоти, како што, впрочем, е вообичаено во несекојдневни, ексклузивни (жални – пресреќни) пригоди. Поемата во творештвото на секој поет исто така претставува “екстремна” пригода, па сосема е разбирлива брановидноста (некохерентноста) на “Трагач” од аспект на начинот на градбата / структурата. Јован Котески се определил за парцијално решавање на мозаикот, при што секоја одделна латица, на свој, оригинален начин го крепи самарот (целината). Така, може слободно да се заклучи дека иако секое од споменатите парчиња Александар, Крали марко итн. функционира како свој микрокосмос, како затворено пеење, сепак, невидливата нишка што сите ги спојува во мошне шаролика и свежа целина се провлекува низ свеста на читателот како нашинска препознатливост.

Токму во наведениве парчиња се забележува една изразита драматичност, не толку присутна во понатамошниот тек на поемата. Тоа го сфаќам како поетов дијалог со минатото и со традицијата, како поетова пресметка со народното творештво, бучна расправија со историјата, со фактите и со измислиците на времињата зад нас.
Впечатокот дека напати поетот прави (слабо препознатливи) епистоларни дигресии (обраќања со прозивки) е повторно во доменот на неговата намера да не ја скаменува наративната позиција, ами таа да има слобода на избор и на промена, слобода на мешање и на комбинирање. Принципот на латиците и на самарот не е редок во нашето творечко искуство, но во овој случај, сепак се работи за негова репрезентативна варијанта.

Денешнината во “Трагач” има функција на магловита подлога, поетски фон, боја. Таа бегло се скицира со умирачките северозападно од нашата татковина, (главно проследени на телевизиските екрани) и со тоа се остварува актуелност на текстот. Ова кусо парче за трагедијата на босанската почва навидум стрчи од вообичаената везба на стихот, но тоа, сепак, придонесува за валентноста на трагањето како синоним за живеачката. Физички по обем, му е даден мал простор, но искомбинирано со благ еротски трепет (“…некои од нив (жртвите во Босанската војна, з.м.) уште немаа сетено во прегратки / женско тело! Протекоа како матна вода / на ланските снегови по брегови…”) добива неспорно место во целосниот ефект на поемата.

Ѕвездо од морска пена,
те извлеков раска од зеница
за да ми бидеш жена…

Жената како декор, изгореница или зла коб на трагањето е постојано присутна (иако заробена) во текстот. Поетот се брани од неа и истовремено алчно ја привлекува кон себе. Таа не е дефинирана; претставена е како ѕвезда – водилка, како скитачка убост или дамнешна клетва; како најневажно важна, или можеби како најважно неважна работа. Без неа нема трагање – без неа нема песна. Без неа – го нема поетот.


3. (Дидаскалии?)

На крајот, ќе се обидеме да го дефинираме значењето на такаименуваните дидаскалии во поемава. Се работи за вообичаеноста (практиката) на овој поет на ниво на стих, или на ниво на строфа, дури одделни фрази или зборови да ги изолира од основниот тек на пеењето ставајќи ги во заграда. Таквите дидаскалии се точно 26 на број и се мошне разновидни. Најкратките се (бели?) – се мисли за забите и (барем!), а најдолгите се од два типа: како класични театарски дидаскалии што определуваат извесно дејство, на пр. (Во меѓувреме, додека ја пишувам поемава:) или (По враќањето од Париз, во Светиниколско…), и оние другите, мошне оригнинални и интересни, коишто функционираат како туѓородни пеења, строфи какви шот с дидаскаллите од типот на (Се кажува дека имала / долги руси плетенки / налик на млада пченица.) и (Есенските свадби ќе ги зближат луѓето, / смејствата ќе седнат на иста софра. / Младенците ќе се венчаат дури в црква!). Ваквото одделување на зборови и зборовни комплекси во загради не треба да се сфаќа само како визуелно реќавање настихот, ами напротив, како карактеристика на пеењето на Јован Котески, затоашто “содржината” на “заградното” пеење, коментирање, сугерирање или прогнозирање дава поетски придонес на поетовиот самар – глобално. Што се постигнува со дидаскалиите? Токму она што го споменавме погоре: дополнително пеење / творење на иста тема од друг агол на набљудување, а со тоа и универзалирање, објективизирање на пеењето: функционална сугестија / патоказ за читателот што преставува (пост) модернистичка прозна постапка; и, она што е особено важно, дидаскалиите постигнуваат / доловуваат иронија, ироничен став на поетот спрема одделните нешта, појави, настани и личности. Иронијата што ја навестивме уште на почетокот како една од најтипичните карактеристики на поемата “Трагач”, еве, се реализира и со помош на т.н. дидаскалии. Тоа се разбира, не би било доволно да се поткрепи заклучокот за доминација на иронијата како постапка или поетско средство во “Трагач”, но заедно со другите реализанти на ироничниот поход (цели епски слики со гротескна карикатуралност, лирски парчиња со приземна, делничка еротика и благо хумористична скица на нескротливиот повтеж), ваквиот тип дидаскалии придонесуваат во обидот за аргументација.

4. Невидлив врвулешник


Едно шарено зрно грав,
една буба мара,
едно детско нокте
на кое е втиснато бело питомо јагне
ме наведуваат
да си ја препознаам Татковината.

Постои еден слој во поемата којшто е многу вешто исткаен и убав, а сепак малку таинствен, и него ќе го именуваме како татковински. Како што не’ ориентираат и насловните стихови на ова поглавје, станува збор за лично татковинство, за своја нијанса во спектарот на патриотизмот, за нишан (бело питомо јагне на детско нокте) по кој се препознава родната земја. Ако внимателно се пребарува по стиховите “Трагач”, секако ќе се најдат и такви кои експлицитно ќе укажат на татковинството, но во овој контекст, на претставување на наградениот текст на Јован Котески, наш интерес претставува имплицитното татковинско чувство од чие тесто е замесено патешествието, скитија по трагачот. Латиците се несомнено нови, красни и најразновидни, самарот е секако распаднат, но нас не не интересира јавачот кој јазди низ времињата како вљубеник во својот бит, со својата земја, со својата традиција… Титан – поет што се бори со стварноста – Зевс за сопственото небо, раскрилувајќи се врз татковината како нејзино знаме и штит.

Јован Котески не ниту аполитичен, ниту неактуелен; тој, како и секој докажан поет, е показател на времето во кое живее и твори, показател на состојбата на духот на секојдневието. Во неговите стихови (читај во неговата поема “Трагач”) просторот меѓу зборовите е врвулешник од задскриени значења, прекори, клетви и претчувства што залудно се борат со белината не би ли излегле од неа за да не’ предупредат, опоменат, за да се претстават себеси како поезија. Но, искусниот поет е доволно вешт да ги зароби нештата што не сакаат да бидат слободни, туку читателот да ги насетува, ама да не ги гледа. Можеби е недобројно мноштво поетски визии, моќни како молња и праведни ако меч дремат меѓу белините, чекајќи “свој” читател… А Јован Котески има свои читатели! Сетики ќе се најде некој и за белините и за невидливото во неговата поезија. Поетот никогаш не му се заканува, никого не мрази и никого не обвинува, затоа што својот сопствен став / суд секогаш и го жртвува на поезијата и на нејзините вискоки, уметнички доблести. Јован Котески е поет! Блескава латица на самарот на поезијата.

За Јован Котески

1. Целосна блог-архива за животот и творештвото на македонскиот поет Јован Котески (1932-2001). Блогот ги содржи целокупните поетски збирки на Јован Котески од 1958 до 2000, како и неговата лична и творечка архива.

2.Материјалите од блогот се слободни за користење во лични, образовни и научни цели. Забранета е нивна употреба за комерцијални цели и без наведување на изворот и авторот.

3.Сите дериватни дела (правењето песни, раскази, романи, музика, сликарство, вајарство, документарци, филмови, стрипови, спотови, танц, фотографија, дизајн, мода, видео-игри, виртуелни светови... научни и стручни текстови, теорија и филозофија, публицистика... врз основа на песните од Котески) се дозволени, доколку не се користат за комерцијални цели и доколку се наведе изворот и авторот.

4.Авторот на дериватските дела мора целосно да го наведе текстот на оваа лиценца (на истиот начин како што се појавува овде).

5. Доколку некој автор спомнат на блогот смета дека се повредени неговите/нејзините авторски права, може да ја контактира Јасна Котеска на jasnak@gmail.com

...за Јован Котески од Јасна Котеска

Линкови за Јован Котески

Multimedia


Каменоресци. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк
Кајмакчалан. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк

База на податоци за книгите на Котески

Базата ги содржи:
1. Насловот на збирката
2. Годината на издавање
3. Издавачот и серијата
4. Пагинација и димензии на книгата
5. ISBN (кадешто го има)
6. Насловна корица

I. Збирки песни

1. Насмевка пред зорите (1958)
2. Земја и страст (1958)
3. Злодоба (1963)
4. Тежина (1965)
5. Пеплосија (1966)
- Земја и страст, 2 изд. (1971)
6. Сенки (1972)
7. Зелени порти (1975)
8. Хераклеја (1978)
9. Поморија (1981)
10. Бденија и сновиденија (1982)
11. Полилеј (1983)
12. Плодови (1984)
13. Тапија (1985)
14. Сончева белегија (1990)
15. Живожарица (1990)
16. Морници (1991)
17. Ралица (1992)
18. Лелејка (1994)
19. Самотија (1994)
20. Трагач (1996)
21. Приќе (1997)
22. Одрон (1998)
23. Разор (1999)
24. Кртечина (2000)

II. Избор од поезијата

1. Злодоба (1992) - избор
2. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - избор
3. Празник (1995) - избор
4. Решетки (1996) - избор од затворската лирика
5. Јован Котески (2000) - тротомен избор
6. Сончева белегија (2008) - избор

III. Препеви

1. Pesme/Песни (1974) - српски
2. Dragoste si moarte (1981) - романски
3. Strah i duša (1984) - српски
4. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - англиски, француски, руски.

IV. Песни за деца

1. Глувчето со двоглед (1991)

V. Книги за Котески

1. Поезијата на Јован Котески (2003) од Миодраг Друговац

Избрани песни

Јован Котески
АЛКИ (1984)

(старзаманско оро, по војната)


Писнува свирката на катун Еѓупци,
збива планината в подмолен татон.
Едно старче ја крева раката,
ногата ја подава како да влегува в гроб,
го фаќа ритамот на расплаканото пиле
и опа! - го почнува орото. Еден по друг
како алка со алка се врзува синџирот,
се издолжува од премалени тела.
На крајот од овој божји сплет
едно извалкано детиште со лице пердувче
го крева рачето во знак на лага
и со камшикот сплетен од живи тела
почнува да го камшикува господа
скриен во свирката што плаче.


Jован Котески
Трагач (1995)
поема

- извадок-

Пред да избереш девојка за жена
најпрвин избери огледало
на кое ќе се огледува муце од видра!
Според бојата на земјата по која се втиснуваат
твоите траги
одреди ѝ го тварот, не заборавај го зборот!
Храни ја извесно време со суво грозје
како што се хранат канаринките.
Пред да зачекориш во подвигот погледни ѝ ги забите
(бели?)
кажи ѝ неколку простени молитви гласно и јасно!
Наостри ја сабјата како секавица
низ Димна гора за да ти се гледа . . .
Потковај го коњот наопаку со клинци
- жолти дукати.
Не пропуштај го галавниот адут - виното.
Пред да избереш девојка за жена
појди на чешма и со часови гледај го млазот вода . . .


Колку и да ти се открива како светица
таа ќе ти ја одземе силата, човеку, не Господ.
Не срди се што не ти ја дополнила чашата
течен ќилибар, таа ја знае суровата мера.
И не бегај од неа како овчар од магла,
не оставај ја усвитена фурна,
таа ќе го пече тоа што ќе го рече
па макар ти да се здробиш на парчиња во Солунско!
Не број го времето со часови, денови, години,
симни го јарчето на сржбата од вратот
и врати се кај што се врти вретеното . . .
Инаку таа знае да биде и црвена мравка,
ќе ти ги растури името и куќата.
Ќе те остави гол како пиштол
а своите рудни богатства на имањето
ќе му ги отстапи на Беле Костурчето
што ќе ѝ ги прекопува со жешка казма!