Греам Рид за „Пеплосија“ (1966) од Јован Котески

Греам Рид

ЈОВАН КОТЕСКИ: “ПЕПЛОСИЈА” (1966)


Јован Котески е роден во селото Присовјани, до Охрид, во 1932 година. Од Присовјани прво се сели во Охрид, а потоа во Скопје. Откако завршува гимназија во Охрид, Котески продолжува на Филозофскиот факултет во Скопје. Останува во Скопје и соработува во различни весници и списанија и работи како новинар во радиото.
Котески најчесто пишува за крајот што го познава. Правејќи го тоа тој не се повикува само на сопственото набљудување на пејзажите на родниот крај туку и на колективното сеќавање и ставови овоплотени во фолклорното наследство. Тој ги користи обата извора на суптилен начИн и е наполно свесен за парадоксите на природата, покажувајќи особен интерес за нејзиното двојство. Првите збирки поезија, “НАСМЕВКА ПРЕД ЗОРИТЕ” и “ЗЕМЈА И СТРАСТ” ги издава во 1958 година, а потоа излегува “ЗЛОДОБА” во 1963, “ТЕЖИНА” во 1965, “ПЕПЛОСИЈА” – избор од неговите песни – во 1966 и “СЕНКИ” во 1967 година. За да се истакнат особеностите на поезијата на Котески ќе ги проследиме песните од изборот “ПЕПЛОСИЈА”.


“ПЕПЛОСИЈА”: 1966 година

“Сребро” е насловот на првата песна во овој избор. Среброто може да се употреби за да се направи ѓердан кој го носи младата девојка и е дел од нејзиниот мираз. Но, ѓерданот за кој Котески пишува тука е студен, кован. Котески не’ потсетува дека сребрена е и бојата на камата, а самата кама е таа која го води поетот “низ долина на гол камен” и го претскажува доаѓањето на смртта, распаѓањето и претворањето на пепелта во пепел.
Двојната природа на нештата е јасна во “Ружа” кога поетот, гледајќи ја ружата извикнува: “Оваа ружа крие во себе смрт, / а има толку чисто тело!” Повторно песната е лоцирана во една јужна долина, овдека долина која непосредно апелира на човечките чувства: “Долината го довикува срцето / со румен одѕив од сонце”. Поетовиот одговор е и чувствителен, и носталгичен, со лични сеќавања и асоцијации и песната завршува со поистоветување на човечките чувства со природата, во основа парадоксална: “Бистри води, / совршени солзи и цветови”.
Во пасторалата “Љубов” поетот потсетува на суровата реалност на селскиот живот. Почетокот е идиличен но, потоа дознаваме дека она што косачите го сонуваат се нивните “тврди дланки”. Оваа реалност, меѓутоа, не го оспорува целосното доживување на природата, изразено концизно на крајот на песната: “Во шипот славејот / отвори кутивче златно”. Всушност овие два аспекта на селскиот живот постојат еден покрај друг.
Збиеноста е присутна и во барањата искажани при разменувањето што го чини првиот дел на “Гулабици”. Користењето на директната реч, барањето да се подари “снагата”, “крилата” и “косите” за од нив да се направи “бела гривна”, одмор за “синото небо” и “златен венец” потсетуваат на народната поезија. Вториот дел, со призвуци на магија и фолклор, зборува за една друга мајсторија: везењето “срмен елек” од цветови. Елекот е дел од традиционалната селска носија но, епитетот “сребрен” и употребениот материјал го одвлекуваат од секојдневието. Третиот дел ни’ покажува гулабица во лет низ синото небо, носејќи “бела гривна” што е “љубов” под “своите крилја”, огласувајќи го “златниот венец” на својата “песна”. Овде се собрани и објаснети симболите од првиот дел. На крајот, како заднина на целината стојат природните текови и промената на месеците.
Во “Свадба” човекот е поврзан со познати природни феномени. Девојката што го мие лицето на брзец од кладенци горски има усни како “розов цвет од сонце”. Поетот и’ се обраќа на “водата” на горскиот кладенец, молејќи ја да ја запре песната од свадбата од која тој е исклучен. “Крастите горат / под румен јулски плам” е одраз на човечки дејности и чувства.
Призвуци на народната песна се присутни повторно во “Жетва” – спореди “Гулабици” – песна која претставува еден друг настан во селото. Почетниот тон е повторно оној на идилична пасторала, неговата едноставност во согласност со урнекот на римата. Поетот и’ се обраќа на природната сила, овој пат на “ветрот”. Се споредуваат земјоделските дејности и природните феномени со човечките дејности и чувства. На крајот настаните се вградени во контекстот на промената и непостојаноста на годишните времиња и песната завршува со нота на извесна двосмисленост: “Ќе седламе коњи за нови светови”.

“Спомен” ја има копнежливата, носталгична расположба на сеќавање и размислување. “Птицата селица” е симбол на радост и нејзиното заминување, предвестувајќи есенски дождови и крај на денот, предизвикува кај поетот сеќавање на обилната априлска сончевина и силната љубов. Во ова сеќавање богатствата на природата ја обвиваат љубената: нејзината коса е како “сноп на зајдување”, нејзините очи се “извори сини”. Песната завршува со коментар за природното и неизбежно минување на времето.
“Елегија” ја поврзува смртта со текот на годишните времиња, особено со есенското венеење и враќањето на овчарите во речните долини. Тоа е време на магли и жолти пејзажи. Смртта гази “снопје смилен и сонце”. Климата на годишното време, со студот и ветрот, е поврзана со студенилото на смртта.
Природните феномени се персонифицирани во песната “Меланхолија”: “Земјата се потпира / на влажните дланки. / На ридот јасиката / е чуденка голема. / …Дождот копа…”. Ридестиот пејзаж е опишан во влажно, ветровито време, а на самата земја, јасиката и дождот им се дадени човечки особини.
Сличен меланхоличен тон е присутен во “Жолта долина”. Песната го евоцира умирањето на цвеќињата и тревата, а мелодијата се слива со свенатите бои што преовладуваат. Поетот тагува по “розата”, со листови што се ронат но, душата е исправена, скриена во полите на “житата зелени” гонети од “сланата”. Поврзувањето на природните нешта со човечките дејности е изнесено преку сликата на “нежната насмевка никој не ја сеќава / што свенува несетно пред зората блага”. Се очекува есенското уништување на оваа “жолта долина со шепот и тага”.
“Допири” почнува со почетната споредба: “Меко се отвора небото / како перуника сина”. Употребата на надворешни слики продолжува со “снопот светлина” и остро се истакнува со фигурата на “кристална чаша”. Урбаните асоцијации на оваа слика ги рушат нејзините архетипски призвуци и доаѓаат како не толку пријатно изненадување во контекстот на оваа песна. Слики од природата се користени повторно во описот на љубената: “Преплавена, како река / зелена од тежок од, / ти ќе ме смириш долу, / во рамнината”. Фигурата на “кристалната чаша” се враќа, предизвикувајќи чувство на чистота и кршливост. Во вториот дел, кон сликите од природата се додадени домашни дејности поврзани со сликите на “иглата” и “прстенот”. Илустрациите избрани од животот на родниот крај и на природата предизвикуваат нежност и копнеж. Како заднина на човечкото копнеење тие создаваат природен контекст за да се изрази минливоста на времето во стиховите на крајот на песната: “Дај ми ги годините / што ми ги посади / на сува земја без вода”.
Годишното време во “Бели тонови” е пролетта и таа делува како “сновалка на бела преѓа”. Селските дејности и познати нешта ја чинат сцената до која стигнуваат “далечни, темни, длабоки гласови” на пролетта. Тоа се гласови кои, иако вечно далечни, секогаш допираат до душата. Руменилото по образите на девојките и по цутовите на голите камени ридишта прокипува токму пред нашето доаѓање. Душата ослободена “како светлина од дофат”, го напушта телото, треперливо, оставајќи го зад себе заклучокот: “А можеше да биде се’ наше, а не е!”
Локацијата на “Калишта” е една каменеста плажа покрај манастирот во близина на Струга. Употребувајќи историски сегашно време поетот ги доближува настаните но, во исто време ја истакнува нивната бесконечност: “времето не постои”. Поетот размислува дека можеби мајка му длабоко дише, умира некаде додека тој дошол во Калишта во потрага по една “блага клима”, во потрага по едни “црни очи” и во потрага по нешто магливо и нејасно. Асоцијациите на манастирското ѕвоно носат сништа на тишина и допир на вечноста. По средбата со љубената, со нејзините очи “како црни дамки на жолти крилца од пеперутка” и со ова место каде што “водата и небото плетеа роза” на поетот не му останува ништо друго освен “да го собере својот плач / и да отпатува во летото”. Тука исто така (спореди “Спомен”) непостојаноста на човечките радости е споредена со минливоста на годишните времиња, - и обете одраз на променливоста.
Во “Жена”, повикувајќи се на библискиот мит за Адам и Ева и на грчкиот мит за Медеја, поетот ја оживува сликата на архетипска жена. Жената е поврзана со пролетта, кога “по белиот камен тече април”. Митолошките алузии се прошируваат и ги вклучуваат Леда и лебедот и во исто време еден мотив од македонска народна песна во една збиена поетска слика. Жената, како посебната така и универзалната, е толку суштествена као и самиот камен. Така завршува ова песна која што едновремено е и свесна литературна конструкција но, и непосредна.
Во “Страст” поетот се идентификува со природата, велејќи дека сака да љуби под сонце. За него кременот има обло тело, а страста рика меѓу крвта и тревата.
Одморот од работа во “Починка” се случува во еден јужен пејзаж каде што осојот е битен како засолниште од сончевиот болскот. Само тоа место е зелено додека над него светлината расцветува. Камењата – “тие мртви, невини војници на времето” - чекаа мајстор што ќе ги поддотера додека “по ридиштата дозреваа жетвите и пееше славеј”. Се дреме меѓу два огна и поетот мечтае по “невеста меѓу две раце, коњ меѓу две нозе / и два брега како најчесни слуги / да ми сведочат за починката и огнот”.
Интересот, кој досега преовладуваше во песните на Котески, е насочен кон односот меѓу човечките и природните феномени и двојноста како составен дел и на едните, и на другите. Според него човечките чувства како да се огледуваат во природата или пак, би можеле да се сфатат како една манифестација на природата, како што е и самиот пејзаж. Законите на менливоста и непостојаноста делуваат подеднакво и на човечките чувства, и на пејзажот. Преку нарација што обилува со патос песната “Ана” ја слика огорченоста предизвикана од подмолната селска немаштина. Мајката на поетот, која за три оки брашно клечи пред нозете на таткото на Ана, е споредена со Ана чие богатство е измерено со помош на поими блиски на селанецот; “земја и везени чорапи и широки рамења”. Се протестира во името на сите гладни луѓе. протестот е изразен на религиозен начин, преку молитви и клетви пред икона. Но овој пат тоа е паганската икона на самата земја во селото пред куќата на Ана што сега, многу години по тој настан, се распаѓа. Тонот и намерата на оваа песна значително се разликува од оние на претходните песни во овој избор. Иако досега постоеја навестувања за мачниот селски живот – во “тврдите дланки” на косачите во “Љубов”, во спомнувањето на жетвите, на камењата и сувата земја и на страдањето на мајката во “Калишта” – сепак, ова е првата песна со социјална тема, како во Рациновите “Бели мугри”.

Љубовта во “Љубов и смрт” се случува во стрништето, во топлината на една есенска квечерина. Има призвуци на ритуал во чест на плодноста: “Земјата раѓа…/ и ние раѓаме како Ева”. Љубовта и смртта се споени и дадени во облик на есенско венеење. Опфатени се сите елементи, вклучувајќи ги и човечките: “По каменот тече вода / тече земја, тече небо / од пламенот свири ветер / плаче дете, земја, камен”.
Песната “Извор” е разгледување, рефлексија и персонификација на една пролет. На пролетта и’ се дадени човечки атрибути, на пример “твојот срамежлив образ “, и таа претставува извор на поетовата душа што се појавува “на сува земја сред камења сури”. Пролетта е поставена во детално посматран пејзаж и во време кога поетот изјавува: “Ќе ги дочекаме изгубените птици во април”, и прашува: “Кај ти се златните треви во летна блага вечер?” Меланхолијата и тагата ја прошируваат визијата, опфаќајќи ги земјата, пролетта, еден здив и едно отворено гробиште во единствен извик.
“Селска сиромаштија” е втората песна со јасно социјална тема (спореди “Ана”). Сиромаштијата е персонифицирана и таа лежи покрај поетот, лаејќи и процепувјќи го како пресечен церов труп, како болест што го нападнала житото. Песната завршува сурово и безмилосно: “Нагризани од болеста / ние се’ ти дадовме, / а ти не’ подгонуваш со слабиот добиток / во дебела зима”.
Во “Нож” насилието е истакнато со разговорниот тон на секојдневниот говор, со што се најавува убивањето, зголемувајќи го на тој начин ужасот на настанот. Ова се развива во централниот дел преку персонифицирање на ножот на убиецот како ѕвер што нема јазик, со “усни од снег / што рика ноќе / по присоите”. Овој географски детаљ (спореди “Починка” каде што се употребува спротивното: “присој, “осој”) повторно ги ситуира настаните во едно јужно поднебје.
Во “Леб” поетот размислува за основната храна на селанецот и ја нагласува блискоста на оние што делат иста строфа. Тие се така блиски како што се ѕвездите во “Кумовата слама” – споредба која лесно би му дошла на ум на селанецот навикнат на јасното небо во ноќта. Песната зборува за неплодните години и претставува одглас од описот на кучешкиот живот во Рациновите “Денови”. Последиците на ваквата состојба се гледаат во стихот: “Ќе и’ викам на мајка ми гладна од сури години”. Овде повторно е допрен социјалниот аспект на животот во еден неплоден крај со “сува земја” и “куќа што се сруши до темел”.
Во следната песна “Умора” Котески се обраќа од името на сите оние истоштени од суровоста на тешкиот живот на село. Како симбол на уморните ја зема својата мајка, што на песната и’ дава нагласено емоционално значење.
Интимната семејна ситуација и навиката да се дели (спореди “Леб”) е повторно предмет на песната “Сестри”. Овде Котески е преокупиран со исчезнувањето на ваквите домаќински особености на животот на село. Се делеше болката и страдањето но, исто така и доброто и среќата. Заборавените сестри се “драги камења / од спомените”.
Везилката од “Твоите очи без сновидение” има будни очи кои виделе се’. Оние што заминале и денес се веќе на друг пат, ја оставиле зад себе но, таа, посадена среде камени цветови, продолжува да везе. Овде, иако не отворено, поетот го обработува печалбарството кое оставило напуштени или скоро напуштени села во бдеење.
Проблемитe на миграцијата се изразени на друг начин во “Немаштија”. Тука авторот се идентификува во описот на немаштијата и нејзината силна и убиствена моќ: “Веќе ни’ лебдеше на усните душата, / на јазикот се пластеше пелин”. Се’ е тврдо – земјата сува, / сува кората на дрвото, / нашите жили, камењата, / ланските зборови и лебот сув” – и сите “со распукани усни шепнат”. И луѓето, и нивната околина страдаат. Оние неколкумина што остануваат во ова, практично напуштено село, богато со закопани старини и често напаѓано од други народи, изразуваат надеж дека нивните деца ќе се вратат “како птиците на пролет”. Мајките чекаат “како заслепени ластовици / што ги привтасала есента” додека рапавиот глас на немаштијата се одглсува насекаде – кај “коњите, житото, вересијата, / плачот на жената”. Поизразито отколку во последната песна, Котески овде ги обработува како причините, така и последиците на печалбарството.
“Ѕидар” претставува почит кон ѕидарите и признание на нивната тешка судбина. Ѕидарите од југозападна Македонија отсекогаш биле познати и претставувале значаен фактор во печалбарството. Во оваа песна, која по тонот потсетува на “Денови” и “Елегии за тебе” на Кочо Рацин, претставен ни’ е еден мајстор, ѕидар на вредни згради. Тој носи “венец од плетена слама” и сонцето го поздравува. Тоа е човек што уживал во животните добра – тоа “виново годишно доба” од кое му “процветуваше крвта во пламен” – но на крајот останал со “тежок здив / со оној длабок бакнеж од камен” што го притискал до гроба.
Насловот на “Остани Дојчине” се однесува на народниот јунак Болен Дојчин. Песната почнува со спомнување на “години / на глад и измама” и несреќите предизвикани од сиромаштијата и гладта. Користејќи го народниот јунак како лик на национално идентификување, Котески изразува решеност да истрае и да остане до крај со надеж, како во “Копачите” на Рацин, дека ќе оствари подобра иднина . Земјата е сурова и непопустлива и луѓето ја напуштиле како печалбари во потрага по леб: “луѓето / што немаат за себе леб, / што како ѕидари тргуваат со маки / по патиштата ракувајќи го денот”. Ова ја надополнува мислата на претходната песна. Се ределе војни над оваа земја носејќи беззаконие: “децата обезглавени крај реките / ја бакнуваат земјата од Јуда / и таа раѓа камења и омраза”. Котески ја зема предвид како економската миграција, така и онаа која доаѓа како последица од војни. Сепак тука се вишните, тука е и земјата и песната завршува со молба и оптимизам: “Ќе го гледаме сонцето и ќе се радуваме, / остани Дојчине златен!”
Песната “Каменоресци” слика печалбари што се враќаат неславно, како аскети, огребани од времето и со мака всадена на нивните лица. Оние што се враќаат се фалат со своите успеси на Исток но, сите не успеваат да се вратат. Употребен е директен говор и во мајчиното патетично распрашување за нејзиниот син и во одговорот што го добива “Ќе дојде…/ остана да ги доземе парите”. Надежта во овој одговор ја крие мачната вистина дека тие го оставиле “закопан меѓу луѓето во болницата, / во втората венеричка болница / на третиот кат, 24 – лево”. Комбинацијата на нарации и дијалог, вообичаена за народната поезија, овде е употребена да се постигне максимална непосредност.
Годишното време во “Печалбари” е пролетта. Кукавиците кукаат, а жените бараат сребро над реките. Земјата мирува чекајќи ги печалбарите кои не се вратиле. Наместо тоа тие испраќаат топли поздрави по сонцето. Оутѓувањето, осаменоста и немоќта на нивниот живот се претставени во силната метафора: “Само ние ќе удираме / со црни крила / по своите карпи на времето”. Нема музика да ги исплаче, ниту дома да ги прибере. Тие се “тргнати, изгубени, неми”. Ветувањето на печалбарството е изневерено. Кажано ни’ е во директен говор дека “некои рекоа: / “…неќе се вратат заминатите…”.Песната завршува со изјавата “тие што се вратија / со земја се зафатија / и ја проколнаа својата мајка”. Котески сликовито и јасно ги претставува негативните ефекти во оваа песна.
“Зад Јамјани пусти” е во форма на тажаленка за каменоресците по каменоломите, осудени да кршат “црни камења / поцрнети сестри / оцрнети спомени”. Уште еднаш, како во “Починка”, камењето се персонифицирани и тесно врзани за човечката судбина. Звуците на синџирите и слеските ѕвона се поврзани во свеста на каменоресците, чија единствена желба е да се вратат во своите далечни домови. Кратките стихови, налик на оние од тажачките, го нагласуваат ламентот на песната која изобилува со месни обележја.
“Немај каде” е меланхолично размислување, на оние што останале во планинското село, за далечните места каде што нивните деца заминале. Многумина од селаните никогаш не го виделе морето, а сепак единственото што се враќа од оние што заминале е “здивот на морето”. Мајките плачеа знаејќи дека нивните деца не ќе се вратат, а навечер самите планини “шепотеа / дека не ќе дојдат дома”. Така пејзажот е персонифициран, укажувајќи на тесната врска меѓу луѓето од овие села и местото во кое живеат. Пиродата ја дели нивната човечка судбина со сите нејзини стравови и таги. Оние што останале го затвориле својот круг, ги скршиле гранките на сувото дрво и онемеле. Тие немо го прифаќаат она што дабовите, пресипани со злато, навечер го шепотат и самата земја болно потврдува: “дека не ќе дојдат дома” (спореди “Печалбари”).
Котески ја посветува “Заборавени” на тие што заминаа со татко ми”. Оваа сурова тажаленка го поместува фактот на печалбарството во контекстот на секојдневните селски настани, како “жолти есенски шуми”. Поетот бара печалбарите да бидат заборавени и ја гради атмосферата со детали од животот на селото, на пример звукот на секирата од дрварите”, и од топлата, јужна клима, на пример ноќите пресушени / задушени” и “тревите попарени”. Тој бара печалбарите да бидат заборавени но, и тие самите немо да го заборават сето она што постои во овие длабоки долини. За да го оправда тоа тој го изнесува фактот дека “несетно навева првата слана”. Овдека Котески повторно прави споредба меѓу влијанието на времето врз луѓето и врз природата.

Песната “Во злодоба” е лоцирана во подрачјето околу Кораб планина и реката Радика, во југо – западна Македонија. Времето е зима. Легендарниот коњаник, ехо од народната поезија, “јава црн коњ / по бел друм”. Во песнава Котески пишува за заминувањето на печалбарот, користејќи слики кои асоцираат на подамнешна митологија. Темата е овдека подложена на креативна трансформација.
“Мртво село” е слика на едно напуштено село како последица на печалбарството. Ноќе се довикува самотијата преку отворените врати. Не повеќе светол и чист, прагот е знак на жалост за семејството кое некогаш живеело таму. Атмосферата на напуштеност се гради во низа детали: “Прозорците жмиркаат кон ѕвездите / и празен шепот се одронува / по мртвите ѕидишта неми”. “Јоргованот” што пие сончевина “дотекува”. Нема повеќе ни младост, ни убавина. Песната завршува со претчувството: “Само ќе довикува мртвото село / кон мртвиот вековен сон / што дреме во каменот”.
Во “Злокуќани” поетот им се обраќа на ѕидарите на “куќата темна како ноќ / на ридот, како бдеење”. Тие направиле чудо, стопувајќи го каменот и одредувајќи го патот. Од нив се бара да се вратат во ова место, сега напуштено: “Врати се! Во градината / со бел цвет, крило од птица, / со очи сино – небески / ќерката на предачката самува”. Повторно е употребена персонификација: каменот плаче сочувствувајќи со човечката тага. Во овој свет на сеништа поетот и’ се обраќа на водата како на пријател. Враќајки се по многу години поетот го бележи пустошот: “Душата на предачката / во душата на ќерката, / во душата на светот бел / самува”.
“Височини” користи поетски слики од пејзажот за да ги пренесе апстрактните поими изразени во “тоа стрмно подземје на висините”. Следната песна, “Смртта на Каритон” е исто така значајна по употребата на поетски слики од природата. Слики од необичниот свет на природата се употребени во едно апстрактно размислување за древноста, осовременета преку познати поетски слики.
“Црн врв” повторно не’ воведува во еден посебен пејзаж. Овој пат тоа не е пејзажот на југо – западна Македонија – родниот крај на Котески – туку каменоломите во вулканското подрачје на Кратово во источна Македонија. Амбиентот на местото е предаден преку чувството на страв што тоа го побудува. Дознаваме дека: “Овде е крајот на секој потоп”. Над моќната природа на составот на земјиштето го сведува човекот на “сенка, / точка на вечноста” и стравот господари. Но, Котески размислува, тука се луѓето, луѓето кои ги дробат камењата. И така на крајот тој поставува реторичко прашање: “Страв ли, ритам ли! / Или тоа само тежината во нас и над нас / како сомнение на душата”.
Во “Кајмакчалан” поетот држи говор од местото каде што се водеше еден од боевите на познатата борба за слобода. Ова бојно поле, “ова чудо од коски” го плаши. Тој забележува дека “можеби до черепот лежи / черепот на тој што убивал”.
“Војници” го разгледува сознанието на еден војник за блиската смрт во туѓа земја во која дури и “пролетта е туѓа”. Војникот е врзан за таа земја, иако туѓа. Тој пријателски и’ се обраќа на чешмата, но чувствува дека ова е суштински гола земја и дека “цветовите со ладни жили се вијат / околу земјата гола”, тука каде што “каменот гребе во срцето”. Тој доверливо и’ соопштува овие размислувања на чешмата, “чешма на животот”. Смртта од куршум или нож и ѕолку блиску и омразата кон човекот кој би требало да биде пријател не може да се прикрие. Ова е сончева земја: “На изворот сонцето големо / плетеше голем венец од води”. Во оваа сончевина се случува трагедијата на војната: “црвените ружи” на “туѓото месо” имаа “ место уште за сонцето”, а “ножот ги отвори ружите црвени / само од гладна страст за земја”. Односот станува дистанциран и непосредноста на настаните и’ отстапува место на една митолошка градба: непријателот го изврши житото уште зелено и замина на југ. Зад себе остави златни потковици за да ги најдат децата во нагноените ниви. Тука е и историјата сочувана во фолклорна форма. Народното суеверие го прави местото свето. Присутна е легенда во обликот на девојката што се омажи со солзи чија коса како “змија се сползна” и за која војниците велат: “Оставете ја – таа е луда со градите разголени / таа што чека е луда”. Тие ја товареа омразата на “Сивите маски”, барајќи сон “низ белите патишта на пролетта” (спореди поетските слики на песната “Во злодоба”). И се’ е тишина. Крајот на песната ја потврдува надмоќноста на природата, но времето поминало, предизвикало промени: “Зимата има крај во сребрените води, / чешмата со дрвеното корито носи љубов”, но славејот сега пее “ со сосем подруг глас”. “Војници” е првата подолга песна во овој избор на инаку кратки песни.
“Селани”, која ја дополнува “Војници”, е едниствената друга долга песна во изборов. Селските дејности се опишани со разговорен јазик: еден селанец е на нива, друг заминува кон шумата со секира наточена кај Ѓупците, а едно девојче бере цвеќе од божурика. Јули е и гледката е хармонична со старецот што јаде во шумоливата трева кога одненадеш, доаѓа војната. Селото е окупирано од војници: “На црните сламенити стреи / виснале мразулци од цевки”. Следи пустошењето на војната: “Се’ изгоре! – рече човекот / мојата куќа до прагот / го отвори срцето камено”. Селанецот кој отишол по дрва го враќаат во селото, мртов. Војниците копаат гробови. Песната го изразува народното верување во постојаната плодност на земјата. Но, нарацијата продожува и војната продолжува со крв што тече од раните како вино. Поетот се вмешува изразувајќи го свето мислење во облик на реторичко прашање: “И војниците беа луѓе, / можби селани. / Зошто ја мразеа земјата?!”. Бркотијата и ништожноста на земјатасе изнесени преку сликањето на огнот и пустошот што ги зафаќа домовите. Ова води кон сликата на селанецот кој ја помоча иконата што ја скина од вратот и се праша зарем има поголема икона од закланото дете што лежи на сувата земја. А потоа следи сликата на селаните што ги доведоа девојките под шаторите и им рекоа дека треба да родат оти и земјата раѓа. Во разговор со војниците стариот селанец вели дека тој и неговите се прости луѓе, “селани од овој сув рид”, и дека војниците имаат своја земја. Но, војниците го завршуваат овој разговор со зборовите: “кога се убива се убива” и заминуваат, оставајќи го селото како “растурен мравјалник”. Веднаш по соопштувањето за нивното заминување повторно следи коментарот за залудноста на војната и за нејзините страотии: “Луѓето беа селани, војниците – луѓе / едни убиваа, други убиени. / Господ да чува, нема леб!”. Животот продолжува: селанецот ја подига и бакнува иконата што војникот ја измочал, на закопаниот дрвар му садат црна перуника, а девојката секое лето ја вади убавата црвена божурика. Војната е претставена како бесен стоглав ѕвер. Штом тој заминува селаните го започнуваат својот вообичаен живот, но тој е неминовно променет. Војниците кои, како што не’ потсетуваат, “беа луѓе, можеби селани” придонесоа за плодноста на земјата – како во шаторот така и во ровот во кој некои од нив лежат закопани. Најпосле животот и природниот тек ја заменуваат војната. Годишните времиња минуваат а “селаните се дигаат од сонот / со првата качунка на пролетта”.
Со спојување на секојдневни рурални слики во “Длабоко рикање” се постигнуваат надреалистички ефекти, на пример “посадивме црвен кукурек во черепот”. Во оваа песна со поднаслов “Нарушена хармонија” луѓето се претставени во облик на бикови поместени во природа сета црвена.
Текот на времето и неговото делување се земени впредвид во поетските слики на “Кула”. Се спомнуваат историски настани, на пример царот кој ја изградил кулата што сега се одронува, и народни обичаи дочекувањето со црно грозје и народниот благослов “Ојте со здравје”. Сите тие, како и временската рамка на песната служат да се нагласи минувањето на времето. Годишното време се менува: “Летото што плива на крила од млада птица / зад нас умира” и набргу есента ќе ја прекрие со “жолто злато” кулата која “камен по камен одронува”. Ова се случува во рамките на познат планински пејзаж: “Забрзани реките кон море чешмите в планина жуборат”; “По ридиштата глуждести дабови”. Крајната слика повторно не’ потсетува на минувањето на времето кога ноќта се повлекува пред денот.
Како славопојка на жителите на југо – западна Македонија, “Брсјаци” има свечен тон. Употребувајќи хипербола, омилениот механизам во народната песна и поезија, Котески тврди дека овие луѓе не веруваат во сребро и злато, лицата им беа набраздени “како оставени кожи на ветриштата”. Ја изградија црквата на ридот и како умираа еден по еден нови светци се создаваа. Она што останало од нивната работа сега се урнати ѕидишта, пеплосан град и огледало на седумдесет пресушени чешми. Исконската сила на околниот пејзаж се огледува во силата на луѓето кои некогаш живееле таму. Нивната снага е споредена со нивната нежност. Дека овие квалитети станале легендарни се гледа од спомнатиот прастар мит за “пламенот ослободен од каменот” и народната приказна за “Стерна”. Ова “село сега потпрено”, “мртов град”, “езеро во движење”, “проклет водопад од сопствена сила”, е се’ што останало од Брсјаците, луѓето од овој крај, еден од најзначајните извори на печалбарството.

Како инспирација за следниве две песни е еден настан од средновековната историја на Македонија. “Водоча” е замислен монолог на некој што преживеал од самуиловата војска поразена во битката меѓу Византијците и Словените во 1014 година. Оваа моќна победа на Византијците што се случи во близината на планината Беласица покрај реката Струма и легендите кои се плетеле околу неа, се многу возбудливи во македонската историја. Овдека Котески користи посебни географски слики за да ги постави во одредена рамка зборовите на војникот што преживеал. Поразените војници биле ослепени и само неколкумина оставени со по едно око за да ги водат другите назад кај Самуил кој тогаш бил во Прилеп. Шокот предизвикан од ова варварство е причината за неговата смрт. Втората песна “Меланхоличар” една друга творечка преработка на една историска личност од фреските во манастирот Св. Пантелејмон, кај Нерези. Поетот се обѕрнува кон историјата и користи слики од руралниот пејзаж во своето филозофско размислување за животот и смртта.
Во “Разделба” Котески користи слики од селските дејности – предење и ткаење: “Убавината твоја, како во разбој предиво недоткаено” (спореди Кочо Рацин “Ленка”). Овие слики се потоа заменети со слики земени од природата: “сенка на ореови лисје”, “дождови насобрани во матен бран” и “плачиврби”. Сликите од обата извора се потоа поврзани во содржајна метафора: “вителот од ново руно, облаците што го предат”. Во следните стихови, кои повторно го оживуваат времето пред осумнаесетина години, присутни се силни призвуци на народната песна. Тоа е тон на меланхолија и тагување по изгубеното време. Тогаш, поетот и љубената беа како “разиграни ластовици”, но сега “отров се накалеми во песните”. На ист начин мајката и детето во поетската слика земена од некоја фреска имаат напластена болка на лицата – “болка, како мирување на посечени шуми”, а во нивните очи, со доверба на очи од коњ, се огледува пакостијата на човекот. Повторно е истакнато минувањето на времето во преминот од попладне во приквечерина и во душата завиена во црна копрена.
Во “Камења” Котески уште еднаш ги поврзува камењата со луѓето. Тие ја потпираат вечноста на своите пеплосани дланки. Различните цивилизации – на човекот и на органската и неорганската природа – се споредени и поврзани. Последната група на поетски слики е онаа на светот на камењето: “Има црвени камења, камења со бели сенки / и тие ги врзуваат реките со чисти и свежи зори. / Но најголемите камења / лежат под чекорот на луѓето, / туркајќи ги нив, / тие ја откорнуваат / најубавата музика на времето / и со свежина нова и чиста / патуваат некаде”.
Во последната песна од овој избор “Ако не беше во мене” Котески отворено зборува за својата сродност со планините и маглата и со оној вечен сјај што му сени. Тој е тесно врзан за сите овие феномени со сите нивни парадоксални двојства и чувствува “тежина како сенка на мртво крило”.
Кај Котески, набљудувањето на природата и разгледувањето на пејзажот се темелат врз сериозен стремеж кон реминисценцијата. Она што тој го гледа е предел со гола земја, спржена од сонцето, каде што само осојот е зелен. Оваа глетка кај него предизвикува меланхолични и тажни чувства. На земјата лежат секаде присутните камења како опш белег на пејзажот. Камењата се причина земјоделството да стане макотрпен процес. Тие им овозможиле вработување на ѕидарите но, многу често работата била еднаква на ропство (види “Зад Јамјани пусти”) или ѕидарите, откако го научиле занаетот, морале да мигрираат во потрага за заработувачка и прехрана. Камењето се материјал од кој беа изградени кулата што се руши (во “Кула”), гордата црква на ридот во “Брсјаци” и куќите на селата сега напуштени како резултат на преселбата, во “Злокуќани” и “Мртво село”. Тие овозможија економска дејност но, на крајот, беа причина за преселувањето. Камењата се тие што ги гонат луѓето напред: “најголемите камења / лежат под чекорот на луѓето, / туркајќи ги нив” (“Камења”).
Во своите песни Котески забележува два вида преселби. Прво, тука се оние кои доаѓаат како последица на војните, од единаесетти век наваму, преку битката на Кајмакчалан – до многу понедамнешни воени пустошења (“Водача”, “Кајмакчалан”, “Остани Дојчине”, “Војници” и “Селани”). Суровата историја ги присилувала луѓето да се селат. Но, преселбите биле во голема мера резултат на природата на земјата и недоволно развиеното традиционално земјоделство. Вториов аспект Котески го разгледува опширно и многу отворено во својата поезија. Во неговото трагично гледање има стремеж за опстанок, опстанок вграден во поширока рамка на промени и непостојаности и наспроти непријателството на климата и пејзажот кон човекот. Урнекот на годишните времиња, што се огледа како во климата така и во пејзажот, го одбележува целосниот урнек. Наспроти ваквите импликации и наспроти жестоките наезди на војните, низ неговата поезија проникнува основното верување во регенеративната моќ на земјата и природата (“Остани Дојчине”). Оваа верување понекогаш води кон копнеење, но во други случаи на него се гледа, парадоксално, како на сила која води кон миграција и напуштање на пределот во надежно движење кон животот.
Кај Котески почитувањето на парадоксот е основно во неговото сфаќање за животот – како човечкиот живот така и оној на околната природа. Своето сознание за убавината на природата тој го бележи на идиличен начин, но тоа не го исклучува неговото согледување на нејзината суровост и двојство. Тој пишува за сончевината која може да доведе до пресушување на секаков доказ за животот. Оваа двојство на неговото сопствено сфаќање води кон честите носталгични, копнежливи и меланхолични белешки на запомнатото набљудување на карактеристиките на пејзажот на неговиот роден крај. Тоа исто така води кон ценење на минатото. Но Котески едновремено ја согледува и сегашната реалност која влијае врз пределот за кој тој пишува. Тој тагува за минуавњето на еден стар ред (“Сестри” и “Леб”) но едновремено, барем немо, ја сфаќа објективната невозможност таквиот ред да продолжи.
Нежното копнеење, што е дел од неговото гледање на родниот крај и животот на неговите луѓе, ја доближува поезијата на Котески до нејзините традиции и до народната поезија чиј речник и слики често ги користи, овоплотувајќи ги во својот сопствен идиом. Токму тој афинитет го прави продолжувач на една традиција на социјално толкување и носталгија. Корените на оваа традиција ги наоѓаме во народната поезија но, таа понатаму ја развиваат писателите – најзначаен е Кочо Рацин во “Бели мугри”. На ова поле Котески го дава својот особен, иако недраматичен, придонес. Тој го прави тоа опширно во подолгите песни “Војници” и “Селани”, но напати и многу концизно, како на пример, во песната “Во злодоба”, со нејзината сложена симболика. Оваа песна е добар пример на субјективната трансформација на народното творештво што се среќава во современата македонска поезија.

Одразот на миграцијата во поезијата на Котески е исклучително набљудуван од рурален агол. Како за психолошкото, така и за практичното влијание на миграцијата се донесува заклучок – со исклучок на “Каменоресци” и “Печалбари” – според луѓето и местата што требало да се напуштат.

Греам РИД
(превод: Трендафиловска Харикла)

За Јован Котески

1. Целосна блог-архива за животот и творештвото на македонскиот поет Јован Котески (1932-2001). Блогот ги содржи целокупните поетски збирки на Јован Котески од 1958 до 2000, како и неговата лична и творечка архива.

2.Материјалите од блогот се слободни за користење во лични, образовни и научни цели. Забранета е нивна употреба за комерцијални цели и без наведување на изворот и авторот.

3.Сите дериватни дела (правењето песни, раскази, романи, музика, сликарство, вајарство, документарци, филмови, стрипови, спотови, танц, фотографија, дизајн, мода, видео-игри, виртуелни светови... научни и стручни текстови, теорија и филозофија, публицистика... врз основа на песните од Котески) се дозволени, доколку не се користат за комерцијални цели и доколку се наведе изворот и авторот.

4.Авторот на дериватските дела мора целосно да го наведе текстот на оваа лиценца (на истиот начин како што се појавува овде).

5. Доколку некој автор спомнат на блогот смета дека се повредени неговите/нејзините авторски права, може да ја контактира Јасна Котеска на jasnak@gmail.com

...за Јован Котески од Јасна Котеска

Линкови за Јован Котески

Multimedia


Каменоресци. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк
Кајмакчалан. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк

База на податоци за книгите на Котески

Базата ги содржи:
1. Насловот на збирката
2. Годината на издавање
3. Издавачот и серијата
4. Пагинација и димензии на книгата
5. ISBN (кадешто го има)
6. Насловна корица

I. Збирки песни

1. Насмевка пред зорите (1958)
2. Земја и страст (1958)
3. Злодоба (1963)
4. Тежина (1965)
5. Пеплосија (1966)
- Земја и страст, 2 изд. (1971)
6. Сенки (1972)
7. Зелени порти (1975)
8. Хераклеја (1978)
9. Поморија (1981)
10. Бденија и сновиденија (1982)
11. Полилеј (1983)
12. Плодови (1984)
13. Тапија (1985)
14. Сончева белегија (1990)
15. Живожарица (1990)
16. Морници (1991)
17. Ралица (1992)
18. Лелејка (1994)
19. Самотија (1994)
20. Трагач (1996)
21. Приќе (1997)
22. Одрон (1998)
23. Разор (1999)
24. Кртечина (2000)

II. Избор од поезијата

1. Злодоба (1992) - избор
2. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - избор
3. Празник (1995) - избор
4. Решетки (1996) - избор од затворската лирика
5. Јован Котески (2000) - тротомен избор
6. Сончева белегија (2008) - избор

III. Препеви

1. Pesme/Песни (1974) - српски
2. Dragoste si moarte (1981) - романски
3. Strah i duša (1984) - српски
4. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - англиски, француски, руски.

IV. Песни за деца

1. Глувчето со двоглед (1991)

V. Книги за Котески

1. Поезијата на Јован Котески (2003) од Миодраг Друговац

Избрани песни

Јован Котески
АЛКИ (1984)

(старзаманско оро, по војната)


Писнува свирката на катун Еѓупци,
збива планината в подмолен татон.
Едно старче ја крева раката,
ногата ја подава како да влегува в гроб,
го фаќа ритамот на расплаканото пиле
и опа! - го почнува орото. Еден по друг
како алка со алка се врзува синџирот,
се издолжува од премалени тела.
На крајот од овој божји сплет
едно извалкано детиште со лице пердувче
го крева рачето во знак на лага
и со камшикот сплетен од живи тела
почнува да го камшикува господа
скриен во свирката што плаче.


Jован Котески
Трагач (1995)
поема

- извадок-

Пред да избереш девојка за жена
најпрвин избери огледало
на кое ќе се огледува муце од видра!
Според бојата на земјата по која се втиснуваат
твоите траги
одреди ѝ го тварот, не заборавај го зборот!
Храни ја извесно време со суво грозје
како што се хранат канаринките.
Пред да зачекориш во подвигот погледни ѝ ги забите
(бели?)
кажи ѝ неколку простени молитви гласно и јасно!
Наостри ја сабјата како секавица
низ Димна гора за да ти се гледа . . .
Потковај го коњот наопаку со клинци
- жолти дукати.
Не пропуштај го галавниот адут - виното.
Пред да избереш девојка за жена
појди на чешма и со часови гледај го млазот вода . . .


Колку и да ти се открива како светица
таа ќе ти ја одземе силата, човеку, не Господ.
Не срди се што не ти ја дополнила чашата
течен ќилибар, таа ја знае суровата мера.
И не бегај од неа како овчар од магла,
не оставај ја усвитена фурна,
таа ќе го пече тоа што ќе го рече
па макар ти да се здробиш на парчиња во Солунско!
Не број го времето со часови, денови, години,
симни го јарчето на сржбата од вратот
и врати се кај што се врти вретеното . . .
Инаку таа знае да биде и црвена мравка,
ќе ти ги растури името и куќата.
Ќе те остави гол како пиштол
а своите рудни богатства на имањето
ќе му ги отстапи на Беле Костурчето
што ќе ѝ ги прекопува со жешка казма!