Георги Сталев за Јован Котески (1995)

Георги Сталев


ПО ТРАГИТЕ НА ВИСТИНАТА ЗА СТАПАЛОТО НА МАРКОВИОТ ШАРЕЦ



(за поемата „Трагач“, 1995)

Digressione prima


Поемата во македонската литература и, воопшто, на балканските книжевни простори неодамна беше предмет на една од Научните дискусии во рамките на Семинарот за македонски јазик, литература и култура во Охрид, со учество на повеќемина литературоведи, меѓу кои добар дел од странство. Истражувањата покажаа покомплексни резултати: некои сознанија се потврдија, повеќето се дооформија, се соопштија нови согледувања. Во однос на македонскиот дел од прашањево, најмногу беше елаборирана проблематиката поврзана со делата на Григор Прличев, Рајко Жинзифов и Блаже Конески, често видена и низ компаративен приод. Трагите од минатото ја потврдија познатата констатација дека “О, арматолос” (1860) – и покрај нејзината амбипатридност – е првата поема во македонската книжевност, а ја следат “Гусљар в собор” (1862) и “Крвава кошуља” (1870) од Р. Жинзифив. Првотноста на Прличевото дело не се покажа само на оваа релација од историски карактер, туку се’ уште стои на чело на целокупните есеттски вредности во нашата поезија, а во оваа смисла тоа е и првиот литературен текст што произлегол од перото на еден Македонец со дострели до лавров венец и асолутна победа во натпревар! И не случајно што токму овој автор, оваа поема, оваа победа беше поттикот да се востанови наградата “Григир Прличев” за најдобра поема на годината напишана на македонски јазик (според традицијата на атинскиот конкурс од времето на Прличев) и тоа уште пред петнаесетина години, за да се покаже почетокот мошне обесхрабрувачки, безрезултатен, така што по првите неуспеси овој конкурс згасна. За среќа, не згасна идејата што беше возобновена и, еве, веќе неколку години нашата литература се збогатува со оваа поетска форма во поглед на квантитет и квалитет. Кон наградените поеми на М. Ренџов, Е. Клетников, А. Вангелов се приклучува и најновиот поетски текст на Јован Котески , “ТРАГАЧ” доставен на годинешниов Конкурс под шифрата “Симфониска поема со контрапункт”.


Digressione seconda

По овој или оној повод човек одвреме – навреме ќе се присети дека трагањето не било само најстарата мисла – водилка на луѓето туку и исконска манифестација, поврзана со основната егзистенција колку на тие исти луѓе толку и на сиот зоосвет. Трагањето е, значи , агенс, како израз – првенствено – на инстиктот, со постапно прераснување кај човекот во духовен квалитет, макар што тој ист човек знае неретко да го девалвира, деградирајќи се себеси, со катастрофални последици колку за единката толку и за колективитетот. Примери како “седмиот крст” имало, има и ќе има за долго меѓу светов на Земјава. Ѕверот трага по плен, ја следи трагата, стапалката на можната жртва. Нечовека го настрвиле и стапалата на Христос во Маслиновата Гора, и трагите на Мухамеда во Мека кои пците – трагачи го довеле до отворот на пештерата то го прекрил светиот пајак; тие, таквите трагачи, би ги пронашле и непостојните стапалки на Буда! Трагањето е задоволство за трагачот, иако во играта мора да има жртви: Научникот задоволно ги пртрлал дланките по дефинитивното откритие на разорната моќ на своето оружје – што ги уништи Хирошима и Нагасаки: со “две мавања” – 100 000 човечки животи!…А, што се тие во однос на “огромниот чекор” на човекот во прогресот, кој го започнал своето очовекување со првиот наострен камен – нож, со првото предизвикување на сопствен оган, за да се покаже дека од очовекувањето до отчовечувањето имало само една стапка, една буква и ништо повеќе. Но, тоа не влегува ниту во сметките, ниту во играта. До каде би не’ одвела апсурдноста ако ги броиме жртвите на ножот без кој, инаку, не може ниту една домаќинка; или ако ги броиме жртвите на Неговото Величество Автомобилот, или на посупериорниот Авион?…Што се тука десетте животи на астронаутите во однос на оасвојувањето на Вселената,итн., итн.? – и со иронија, и без иронија речено, зашто се’ е и наводно, и вистински во интерес на тој свет кој, сепак, очигледно – како што рекој стариот мудрец – “самиот од себе страда”?

ЧОВЕКОТ ТРАГА ПО СЕ, често барајќи го невозможното, често барајќи се и самиот себе.

Infine per il poema

Трагачот на Јован Котески ни се јавува во последнава категорија, во својство на индивидуална и колективна свест: првиот е оној што предизвикува љубопитство (Го барате, а зошто Ви е?”), отуѓеник, изгубеник, во судир со самиот себе, “оумоглавен трагач”, сопатник на прокобите кој времето го мери со клетвата и проклетството (таков, во очИте на “раскажувачот”) и творец во треска, во потрага по “звуци, форми, значења…”, чии креации се по малку нарогушена иронија кон војникот што војува за благородна добродетел или за возвишени мудрости и знаења, а повеќе – над помислата за победа над самиот себе; иронија над разнишаниот, понижениот женски принцип и, најпосле, над суетата, нарцисоидноста, фодулштината што не’ обзема,небаре сме само ние најкадарните, генијалните, нај…(таков, во сопствените очи на Трагачот, “автобиографски”, со занесот и возбудата од и по сопственото ребро, метаморфозирано по волјата на Творецот во објект – ероген со “растурена белина од страсти” што мажот го претвора во мажјак и соништата му ги преорува и погледот му го стаклосува и го држи на јадица). Оттука натаму настапува Трагачот како колективна свест, но и како совест, збунет пред смртта на Богородица и пред трновиот венец на Христовото чело, пред историјата на "“алиот народ"”чијашто ваква категоризација го тревожи, пред баждарниците, аџи - даскал Јоакимовите митарства, низ чии иглени уши тој народ ќе мора да се провира за да опстане. Притоа, изгледа, не можеме без оној човек од историјата “кој им е рамен на боговите”? Му метанисуваме, изгледа не затоа што ни го разнесол името по светов и пред да се сетиме самите да се појавиме пред светот, туку затоа што чувствуваме дека ни е потребен силен грб, па макар тој да му припаѓа и на оној што расплакал илјадници мајки. И, ајде да си одговориме на прашањето – “Зошто му беше потребана цела Азија од…до…” ако, навистина, родната Пела му била пред очи, а не Роксана помножена со некој множински арапски број?… Трагачот трага, но трагите се испомешале дотолку што не се знае кое е јаве и што е сон (предостатно за еден надреалист), а некои и се заличиле дотолку што на онега ни гробнина не му се знаит! И му личи, како на бог што стасал до Крајот на светот каде што мистиката и загатката отсекогаш биле незагадочни, таму, каде што врховното божество е бесследно, вон од досегот на се’ живо и на се’ мртво. Но, под трагите на митов, Трагачот налучкал “од друго време траги”. Тој ќе се обиде да ги поврзе, иако се неповрзливи сами од себе, а ги поврзува, благодарејќи на тоа што Пела е во Македонија и Долно Коњари е во Македонија, и Покрвеник, Старавина, Волковија, Душегубица, Грешница и Солун, и тврдините на Самуил се во Македонија, и Марков Прилеп е во Македонија…и умов постојано ни е во Македонија, иако ние не сме и нејзе во умот, разделени, раштркани, стиснати на педа простор од трите што го чека изгрејсонцето од западната страна и ќе си го најде од него. А, како не ќе бидеме такви кога ќе мораме да си ги исплачеме солзите Силјанштрковски и солзите Ангелинини дури по кои Дојчин ќе се сети да си ја спасува барем сестра си или жена си Ангелина; кога восфалениот брат ќе си го убие брата си, а потоа еднаш - пред борба – а после уште еднаш пак така ќе заспие на другиот брег од надојдената река, чекајќи водата да спласне, додека лукавиот душман ќе се досети да пронајде леса, брода и да искасапи се’ до што ќе најде позаспано, а тој, братот, на двапати ќе биде спасен од синот – како во приказните, - и уште двапати ќе згреши, за да дочека од саканите ќерки “’рѓосан брут во слабините” (па – што ако, кога без такво нешто “залудна е секаква скава”!) Последната грашка му е и најкобна, зашто по Беласица, 29 јули 1014 година, колата отиде прудолу, царштината се урна за довека и, ене ја Водоча да свидетелствува за 14 000 – те ослепени, народот да им ги копа очите на светците по фреските, а нам (и божем на светот) ни остана да се саштисуваме “што тиќе ќе беа тие што вадеа очи, што милет ги окоти пред крвта што како вино колкоти?”, - а не сакаме да се сеќаваме како жените во стегнатата во обрач Лариса ги корнеле и јаделе месата – од глад, ами од што? – на своите мртви мажи, а после и пак да ги испоколат, освен онаквите како Ирина…

- “За своето болело, Дојчине, брате Јоване!”

Марковите болештиње поарно и да не спомнуваат, зашто за гревот не не’ пере ктиторството ни над сите манастири, од Климентовиот и Наумовиот до она блажеконеско црквиче!…А она, со избор на жена – колај работа!…Не си ти, Марко, ни прв ни последен кому жената, не Господ преправен во питач, ќе му ја одземе силата! Твојата барем ќе му легне на дели Беле Костурчето, а не на арабаџичето аџамија сред кич фолклорен колор, влакнест како гол полжав, или – не дај боже! – на двата асли брата црноризци што ќе ја исповедаат, а што меракот и го фрлилеуште кога била момиче, пеејќи “на клисорот горе за сите в туѓа земја постанати” (Мучи, јадан, ниџе те не било!).
Тоа, и вака, со јазикот на Ј. Котески и во врска со фабулата, доколку модерната поема признава фабула!

Посебно место заземаат дигресиите, во неколку наврати за жената, и воопшто размислувањата со можни, но неопределени асоцијации низ кои субјектот се поставува во координатите на историјата и митот, менувајќи го местото на својата точка како низ снајперски нишан, со неколку свртувања кон современите крвави збиднувања недалеку од нас.

Кај нас веќе поисцрпно е елаборирано прашањето за спрегата помеѓу традицијата и сегашноста во литературата и на повеќе релации: историска, јазична, социолошка, психолошка, филозофска, а во тој широк контекст и поетолошка.
Во оваа смисла поемата “Трагач” е своевидна синтеза на архаичното и современото. Впрочем, како и кај С. Јаневски, П.М.Андреевски, Ж. Чинго.
Спојот на проклетството и благословот е сказочна алхемија што ќе резултира со оној стогодишен сон. Кај нашиот народ елементите толку се испомешале, замрсиле што пак само мечот на Александар би можел да ги разврзе, а како тоа би изгледало – и во пошироки зафати – домашниот Нострадамус ни го предвидува во 2096 година! Во поемава, како и кај него, се’ е некако исто, само поинаку! Што е истото – лесно е да се каже. Што е поинаку – повеќе се чувствува, потешко може да се искаже. Исто е заедничкото чувствување на морничавото: поинаков е приодот кон него, иако и во едниот и во другиот случај иронично – саркастичниот тон е доминантен, а сепак, со различни резонанси.

Поемава, погледано од сите ресурси, е конципирана и реализирана модерно. Авторот се стремел кон формално разбивање на партитурата, со интермедиуми меѓу “главните чинови”, но сето тоа ќе се покаже како привид со заокружување на идејата. А од модерните постапки ги имаме препознатливите елементи на надреалистичкото, симболичното, експресионистичкото, па дури и дидактичкото кога ќе се земе предвид сендениско – пигалското париско истражување на Трагачот. Во основата, поемава се чита “на еден здив” и покрај некои херменефтички и херменични пасажи кои, иако ја замрсуваат мислата, стануваат предмет не за одгатнување – зашто некои се неодгатливи – туку за психоанализа на живиот актуелен уметнички логос.
Да ја следевме практиката од времето на Прличевиот натпревар, кога Рангавис, на денот на прогласувањето на победникот ги читал оценките на Комисијата за сите ракописи што конкурирале, започнувајќи со критиките на делото, и ние би го започнале ова наше видување со укажување, пред се’, на некои – барем според Речникот на македонскиот јазик – индиспутабилности во врска со зборовите од видот: зурлаш, опруга, вртлози. Во извесна, друга смисла не би ја прескокнале “стрелката на часовникот песочен”, а не би замижале пред споменувањето на Радован Павловски, односно пред онаа кутра поетеса со нејзината трема и желба за афирмација без ниту еден напишан стих! Тука би се нашле и помалку неконтролираните квази еротски, всушност вулгарни, изрази кои со малку внимание би можеле да бидат заменети со мошне поетични бисери од Еросовото сокровиште, иако кај некои наши автори тоа би било “знак на распознавање”, а Рангавис – според постојната аргументација – би реагирал и на повеќе места во името на некакви свои логики што не се во врска со промената на естетските вкусови во текот на нешто помалку од век и половина. Но, во оркестрирањето и над 6 000 единечни поетски тонови, во контрапунктот “нота наспроти нота”, дваесетина заталканаи, криво споени лесно можат и да се исправат. Потешко беше кај оние примери каде што на фаготите им беше наметната виолинска партија!

За Јован Котески

1. Целосна блог-архива за животот и творештвото на македонскиот поет Јован Котески (1932-2001). Блогот ги содржи целокупните поетски збирки на Јован Котески од 1958 до 2000, како и неговата лична и творечка архива.

2.Материјалите од блогот се слободни за користење во лични, образовни и научни цели. Забранета е нивна употреба за комерцијални цели и без наведување на изворот и авторот.

3.Сите дериватни дела (правењето песни, раскази, романи, музика, сликарство, вајарство, документарци, филмови, стрипови, спотови, танц, фотографија, дизајн, мода, видео-игри, виртуелни светови... научни и стручни текстови, теорија и филозофија, публицистика... врз основа на песните од Котески) се дозволени, доколку не се користат за комерцијални цели и доколку се наведе изворот и авторот.

4.Авторот на дериватските дела мора целосно да го наведе текстот на оваа лиценца (на истиот начин како што се појавува овде).

5. Доколку некој автор спомнат на блогот смета дека се повредени неговите/нејзините авторски права, може да ја контактира Јасна Котеска на jasnak@gmail.com

...за Јован Котески од Јасна Котеска

Линкови за Јован Котески

Multimedia


Каменоресци. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк
Кајмакчалан. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк

База на податоци за книгите на Котески

Базата ги содржи:
1. Насловот на збирката
2. Годината на издавање
3. Издавачот и серијата
4. Пагинација и димензии на книгата
5. ISBN (кадешто го има)
6. Насловна корица

I. Збирки песни

1. Насмевка пред зорите (1958)
2. Земја и страст (1958)
3. Злодоба (1963)
4. Тежина (1965)
5. Пеплосија (1966)
- Земја и страст, 2 изд. (1971)
6. Сенки (1972)
7. Зелени порти (1975)
8. Хераклеја (1978)
9. Поморија (1981)
10. Бденија и сновиденија (1982)
11. Полилеј (1983)
12. Плодови (1984)
13. Тапија (1985)
14. Сончева белегија (1990)
15. Живожарица (1990)
16. Морници (1991)
17. Ралица (1992)
18. Лелејка (1994)
19. Самотија (1994)
20. Трагач (1996)
21. Приќе (1997)
22. Одрон (1998)
23. Разор (1999)
24. Кртечина (2000)

II. Избор од поезијата

1. Злодоба (1992) - избор
2. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - избор
3. Празник (1995) - избор
4. Решетки (1996) - избор од затворската лирика
5. Јован Котески (2000) - тротомен избор
6. Сончева белегија (2008) - избор

III. Препеви

1. Pesme/Песни (1974) - српски
2. Dragoste si moarte (1981) - романски
3. Strah i duša (1984) - српски
4. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - англиски, француски, руски.

IV. Песни за деца

1. Глувчето со двоглед (1991)

V. Книги за Котески

1. Поезијата на Јован Котески (2003) од Миодраг Друговац

Избрани песни

Јован Котески
АЛКИ (1984)

(старзаманско оро, по војната)


Писнува свирката на катун Еѓупци,
збива планината в подмолен татон.
Едно старче ја крева раката,
ногата ја подава како да влегува в гроб,
го фаќа ритамот на расплаканото пиле
и опа! - го почнува орото. Еден по друг
како алка со алка се врзува синџирот,
се издолжува од премалени тела.
На крајот од овој божји сплет
едно извалкано детиште со лице пердувче
го крева рачето во знак на лага
и со камшикот сплетен од живи тела
почнува да го камшикува господа
скриен во свирката што плаче.


Jован Котески
Трагач (1995)
поема

- извадок-

Пред да избереш девојка за жена
најпрвин избери огледало
на кое ќе се огледува муце од видра!
Според бојата на земјата по која се втиснуваат
твоите траги
одреди ѝ го тварот, не заборавај го зборот!
Храни ја извесно време со суво грозје
како што се хранат канаринките.
Пред да зачекориш во подвигот погледни ѝ ги забите
(бели?)
кажи ѝ неколку простени молитви гласно и јасно!
Наостри ја сабјата како секавица
низ Димна гора за да ти се гледа . . .
Потковај го коњот наопаку со клинци
- жолти дукати.
Не пропуштај го галавниот адут - виното.
Пред да избереш девојка за жена
појди на чешма и со часови гледај го млазот вода . . .


Колку и да ти се открива како светица
таа ќе ти ја одземе силата, човеку, не Господ.
Не срди се што не ти ја дополнила чашата
течен ќилибар, таа ја знае суровата мера.
И не бегај од неа како овчар од магла,
не оставај ја усвитена фурна,
таа ќе го пече тоа што ќе го рече
па макар ти да се здробиш на парчиња во Солунско!
Не број го времето со часови, денови, години,
симни го јарчето на сржбата од вратот
и врати се кај што се врти вретеното . . .
Инаку таа знае да биде и црвена мравка,
ќе ти ги растури името и куќата.
Ќе те остави гол како пиштол
а своите рудни богатства на имањето
ќе му ги отстапи на Беле Костурчето
што ќе ѝ ги прекопува со жешка казма!