23. Дваесет и трета збирка песни “Разор“ (1999) Јован Котески - избрани песни

ЈОВАН КОТЕСКИ
РАЗДОР (1999)


ВЕЧЕРЕН ПЕЈСАЖ


Стапки - в песочни длапки -
до папок разголени, жени
на бедра нижат
сребрени капки . . .

Камбаана Свети Климентова
ѕвони - одѕвонува - ѕуника -
небото преслекува
бела в сина перуника . . .

Се лизга кајче - воздишка -
в пристан веслаат прсти,
водата - чиста поезија -
прелева кристал в грсти . . .

Издашно слева
свежина - шум в ум -
колку капки од шопурки,
ѕвезди на небо - прст и плева . . .


ПАЈАЖИНА
(ноќ: јас в размисла, лаик)

А совил сон в гнездо дрозд,
ене ги, си јадат дроб -
и вандал и дамла и катил!
"Просторот ме плаши . . . "
Сите сме, та горе ѕвезди,
сево семе е в растур!
Вселено, чател стебло
зелен ивер, а јас - не чинам.
На недре ми лебдел снег.
Оросено горје, загледај се:
а до бол лаж од лош изум носам,
о! резе, ваакум отвори ми
само в ум, па ќе мислам дека
сум в бескрај! Мижел в спокој
на рати, разумов мој, ама има
ко в јак полк - измислено име,
а висат бескрајни лузни - руна,
Пајажино, недостижна си ми рима!


УКИТ


Бели Хималаите, Алпите,
Араратите, Корабите,
бели номадите
во нечија ветена Земја.
Сарачите и коцкарите
се црни! И жетварите . . .
Во вир на застоена вода
се загледав
и си ја видов косава
оросена од снежен укит.
Ми се пристори убав знак
на привидението!
Не ќе ми остане ни влакно
на черепов, помислив,
кога на плевел зборови
(живи дијаманти!)
се истураа запирки
од црни полноглавци . . .
По одвејаниот поленов прав
додека ветерот ме разнесува
во испукана зрела чаура,
над замрсена крстозборка
некои ќе се стаписат
пред вечно неодгатливото:
- Сенката на стапот од Арон!





КАМЕН

Камен азил бара во себе.
Висам, вели, пакосен сон ми тежи
со гол, а до бол, несеан песок.
Насип в далеж клопот носам
јас, гледај, пламен јурев
кон матичен шум на пантеон!

И тони бела пламница ми дава
и лути, лути, мраз ко мартов сомот.
Веруј, не ракам по дол плод од блесок,
ај! и риса да повлечам, реков,
а пука гранат лапорец во домот
и се ежи циничен бигор . . . и влажи . . .

Немак мрамор Латин чинел
в липок сарај клај, а тој камен
мател рамче на слика
до пресвета Мона Лиза!
Мој камен има и под тап агол
на кривата кула, во Пиза . . .Ај,

Во кошара е втиснат каде што блее
јалова ѕвиска (уште!) не мркана,
камен в гробница (о, Нефретете!)
на Адам, пред Тутанкамон, камен -
е вѕидан до корен од јаболко, каде
се ткае хармонија збркана . . .



СОЗНАНИЕ

За воскрес ми подарија тога!
Ме зема голо - тап, ме сонува
Мамон загреано, онаму горе,
тенка руда лапа жар, а јас
до несон аризан, велам: "Сонце,
трепкај и гори, оплоди ме
во лира стопена на кревок прст!
Тешка пузо! Зар некој со мене игра?
Ми сипа пепел в грст? А (уште)
не сум застанал ниту на една нога."

КАМА

Да ти го извлечам телото
од пластовите заоблени
во страст. Мачеништвото
во прељубата да ти го наречам
загуба, мачна душо,
да те пикнам ко стракче
во букет светици на ѕидот,
ако е можно, при гасењето,
да ти го одминам видот
и да те пречекам в траор
ко в ретка приказна - "дама"!
Да те видам
со жолт венец на глава
налик на невина кралица
како си забрстуваш
(од надеж или непогода)
в срце кама!


СЕКИРА


Секирата се огласува:
"Јас сум тој бездушник,
таа доилка со топла крв.
Иако со смртна пресуда
склона сум за кон боговите . . .
Излегувам од сопственото тело
(наваму - натаму - по светов)
за да припосеам пресно гробје.
Издолжена сум толку
колку што ми дозволува челикот.
Не е можно: смртта никогаш
попатно не ме одминала.
Гледајќи го својот лик
окото го одвојувам од Свет(л)ото
за да си го видам мракот.
Шурувам сама со себеси
и со по уште некој недугав
кој лаже ако ви рече:
"Закопани се воените секири! "
Злото страстите ги потпалува
јас, дури надвор сум од играта,
- алат со надрвен 'рчпал!" . . .


РЕКА


Ја сени попречна пастрмка
и по некој сончев зрак
заталкан низ сито од лисје.
Ја прелетува воден ќос.
Гола човечка мисла
ја враќа од морето
да си го присобере шумот.
Јас нагоре, таа надолу,
се сретнуваме на крстопат
во точка од зелен повеј . . .
Јас жолто петно, надолу,
таа полна капка, нагоре,
кон сливот на - панта реи!


ШАХОВСКА ТАБЛА


Ниви, шуми, води, разделена
на полиња - шаховска табла
е Земјата моја. По месечина
тоа најдобро се гледа! По неа
напредуваат позајмени воини - пиони,
а (некогаш!) и ние сме имале во заштита
врховен крал. Од име! Од род!
(Кралицата в интриги се заплетка.)
Многу, многу, многу победи,
но доволен беше само еден пораз
и името ни остане запишано
на облак што плови над хумус!
Скокачите пијат свежина
од езерски бран, ловците
напредуваат со мечови од молња,
а топовите, тие снажни, стежнати ритуали
подготвени се за завршен удар.
Нека продолжи играта!


КОЊ


Кругот го совлада
еднаш, дваж
и сиво сечило
ум коти в око
- копито од сач.
Телото му е
и нишан и ѓуле,
движењето со скица
го заокружува
во капка полна вода.

Потез на ат
достоен за восхит;
а в нагон
е исткаен набир тих,
слоган нежност в дал
му сипа, му мота
волна - облак од прав!

Зар крилат ангел
коњот е наш
ако е само складно тело?
А глеј! - Тој е и солза
без плач . . .




ПОЛЖАВ

(подзаборавена содржина)

1
Уште пред да се осмади Везув
на твојот неодреден меридијан.
врена луспо, до вавилонските кули,
те наѕрев! Полжав, бликната лава,
загасена пепел пред Ханибал
(на кој не му се брза . . .)

Се скијаш на сопствената плунка,
сонуваш сончеви часовници
и се престоруваш Осана
вткаена во осмоза . . .Сврдлувана
карпа при налет на бранови . . .

2
Не ти, а јас имам илет,
ама ринам пак. Ти во спирална
труба и куќа си и жител
и божја казна од слуз . . .
Месокап, а нем - полжав,
патеписен поим за тема
на која и’ нема крај . . .

3
Себастијан (Бах)
преку Паштрик, Коритник
одврзува снопје од ноти . . .
Врне (и тоа пролетно!),
а јас лепам усни на хармонија:
"Пушти Марко рогови! "
Просторот е исполнет
зовриена светлина,
кошути, солзи,
Оваа ли е Таа
божествена закана
од прекипени акорди,
од недопрени арии?

Маврово, мај 1997 г.

ПАЈАК

Многуножна пусија.
На дофат создава
неуништива тврдина.
Каков блен!
Пајак, ткајач на мрежи,
пред кои конструкторите
ги зафаќа вртеж
од вртоглавица . . .
Вртикуќник не е , да знаеш!
Низ темните канали на телото
ја истура лепенката од бога,
а не му е гајле
дали ќе му потемне славата?
Доволна му е пајажината
да ја преточи во сајли за лов,
за непредвидливи палати
во кои ги лулка
своите кокони!
Со жртвите го трампи отровот,
пајакот - скокач поставува замка
за да го намами својот плен.
На некој - куковден
ќе му ја скинат главата
без да сети . . .


ЗАКАНА

1
Зар да се лажеме? Батисан сред алките
јас досега уште немам видено
вистински бесцен сафир!
Освен вазнето на прозорецот
што ме гледа со сино око
налик на срнче, налик на девојче,
што кипе во својот сјај
со истурена пека на убавина
од преѓата на вретено тноко!
Кој може да ми го одземе тоа
што ми го подариле сновалиите?!

2
"Само уште еднаш ако посегнеш по среќа,
синиве придружници, заштитници,
в селска полициска станица
ќе ти го расплачат мајчето,
ќе те престорат исчукано снопче
суна 'ржаница . . . Да знаеш! "




КЛАТНО

На рака намотав платно.
Во спомен на музеите,
видов две златни ковани грлици -
зобаа зрели зрна на клатно
од син грозд на времето . . .

*

Не знам зошто помислив
дека мртвиот дом е брод
натоварен со векови,
постојано некаде плови,
ама никако да исплови?!


НА РОБИЈА
(запис)

За една црна сабота
шипката можат да ја престорат нож
со двојно сечило.
Секој ден црпат песок од вода . . .
Надешта никогаш не ги напушта.
(Со ковчести раце
берат ковчести плодови.)
Откако ќе се уверат во неправда
го бараат Харон со вага и тегови
да им ја одмери вината!
Носивоста на тежината на казната е:
- немање крај себе женско тело!
Имаат за давање и друга баждарина!
Тие се точка на грешно упориште!
На "космодромот" без темел и подлога
секогаш се склони
за лансирање в неврат!
Каква иронија? Делкаат живи фигури,
а водат војна на шаховска табла!
Голема "стоковна" куќа е домот
за продажба на испустени суети . . .
Куќата на мртвиот дом, верувајте ми,
не е Базилика . . . Млади луѓе
скапуваат со години од лежење . . .

*

Ако животот е мост за да се прејде,
на злото, ви велам, му нема лек!
Зар е тоа испит на зрелоста?
Зар да се повторува Голема матура?

*

Долги години, долги, долги . . .
"Черепов ми е како канче, вели,
ќе и’ го оставам на рекава да црпе кал! "


ПЕНДРЕКУВАЊЕ


Го шибаа одавде, оданде,
пендрекот акаше валав
ко тастер по шапирограф!
Сега телото истолчено
сигурно му базди
на струмички анасон . . .

За дека акрапка го полази
од шарка до шарка
сиот се престори - абраш.

И тоа ти е накаков шарм?
Тој е велигденско шарило!
Му рекоа: "Пак да фолираш! "

Ако не сакаш да работиш
не мора да сееш ветер!
Гегај со нас - шатка по суво . . .

Окото гори ко црвен фар.
Тоа ти е како да и’ шепнеш
на Плачковица, да не дише!


СУЕТА


Ме боли линијата
на нејзиниот пенлив слап,
шарениот бик на сомнежот
што тапка в затемнети пондила
на нејзиното тело, ме боли
бакарниот бакнеж од пев;
тоа и потоа ме боли
што открив ракопис
од траги на итро творче
по нејзиното неизвалкано
лице од снег;
ме боли она што секого боли:
ја здогледав жива копија
стркалана в предел
меѓу сешто и ништо,
му лееше огнена стихија
на демонот во себе
- запалена од гнев!


БЕРИЌЕТ


Атарев со сив срп до вечер,
окапаа лисје од гранест цер,
му треба алова запирка од масив
на овој широк загон од зер . . .

На крај си виси часобен затај
и шип со шилки, гнилеж в пир,
на крај е лака - сончев зрак
свирепо шиктел светило во вир . . .

Разор е бериќетот, не тука,
а ваму шуми акут - јадер клас,
в џенем да ме славите сега мене:
шиник жито од рака посеав јас,

а собрав циничен осил, шупел!
Апеж ме вражи в рогат немет сал
паничар ереб несетно ме колва,
акнав та пукнав, бише, ринам, жал . . .


БРЛОГ


"Брзоплета акција . . .
Ја обесив само душава,
а тело без душа, што е?

- Ковчег залеан со калај,
стомне исполнето со прав,
остината печка в зимска ноќ
ја гризат црни саѓи, (а јас, Оче)
лепешкар сум при лазење
тркалам овално делче брлог
од мене до неа, од неа до тебе,
до непромислена гола сатисфакција! -


КОСТИМ*


Чекорам по старовремска улица
(какви што ги има во Струга, Крушево, Велес)
и влегувам во приземна просторија
со отворен ќепенек до тланик.
Наспроти стара жена - седи девојка.
Тие водат дијалог на сериозна тема.
Девојката има изразито грдо лице
со спуштена руса коса до колена.
Околу нив две палави девојчиња
играат криенка и мижитатара!
Старицата очигледно е возбудена
и кажува дека најпрвин се создал бог!
Девојката и’ го негира кажувањето . . .
Настојчиво се загледувам во нив,
но тие ниту да пратат поглед.
Бидејќи се чувствувам излишен
во овој заплет од необични дискусии
станувам и излегувам надвор
со нов костим преку левата рака!
Го сретнувам Гајгур Огненовски
со аршин и ножици в раце,
му го давам костимот со намера
да ми ги скрати ракавите и реверот . . .

* Сонувано спроти 27 август 1985 г.


ВИНА

На осоколените
им ја признав сета вина!

По падот на мојата комета
човек сум без чест,
немам дури ни племја!
Затоа, пак, при помисла
"на петринските вина"**
ми се зема здивот!
Капка в грло се слева
ко светол паличник
на присовјански плуг
зариен в ровка земја.

А знаев по нешто и да кажам
за Татјана, Ана, Прозепина!

** Стихот е на Блаже Конески

РАСЧЕКОР

- Ама што ми може Јован Кукузел?*
Тој не можел да ме види тогаш
јас не можам да го видам сега
и ние сме ти во некаква "тет - а - тет " игра!
Кој рече дека јас сум
во поповолна ситуација од него?
- Ама немој . . .∕то значи тоа ако речеш -
"Татко мој! " - Исто ти е како да наумиш
да ја бричеш снежнобелата брада
на ќелав Крчин! - Туку, чекај, не!
Тој и тоа не мож да го рече . . .
Јас верувам дека Јован Кукузел
зафатил отсекаде, ко суша,
нотите ги збирал од росни капки,
ги забелжувал на бран од река понорница.
Ги втиснувал на облачно петолиние
од дрча што фрка право в очи!
- Еве му ја мелодијата од снежен бран. -
- Еве му го калемот на ѕвезда - зорница
во меланхолично - таговна душа. -
Јас знам дека Јован Кукузел не згрешил
кога ме закопал в Ораториум
и го свртел времето да тече
- однапред наназад. - Ја!


* Познат композитор и певец на црковна музика од 12 век


СОНЧЕВО ЖАРЧЕ


Златен бумбар кружи
пред твоите очи, усните
ти се отворени латици
на оросени ружи . . .

Завршува под твоите прсти
мазна мермерна плоча,
она што не го најдоа сликарите,
стихот неодложно го брсти . . .

Со клунче крева сламка
една долетана селица,
сака да задене седело
на твојата нежна замка . . .

Се покажува Сончево жарче!
На цртеж од тролисна детелина
в дланка ти носам откинато
од небото сино парче . . .


СОГЛАСКА


Жицата на славејот се тенчи.
Според положбата на ѕвездите
ти ја отворам кутијата
драгоцени дребулии,
од азбуката на твоето тело
ја читам тајната на Ева;
слушам длабок глас Горе
додека итра риба прска в длан,
не знам како да го започнам
двојниот летопис?
Една руда се меша во друга,
отровно масло се прелева
врз незасита игра,
скулптурите на животните
се запалени живи божества,
верувај, ми открадна,
скапоцена согласка од збор!


ЈАДЕЦ


Како од сува слама
ги потпалувам страстите,
се кршам скржаво стакло.

Велам: "Среќна жена! "
- Навистина? - Зар среќна? -
- Што е тоа - уживање? -
- Што е тоа - сопствено дело? -

Иако довршена
црвена античка ваза,
не дај, боже, не допушти
имено да и’ го пронајде хирург
на врв од остер јадец,
- светол скалпел.



СЕ КОСТАТ . . .


- Што ми остана в памет?
- Страв ли се ближи?

В пресна капка крв
закашкани бактерии
жнеат ноти по мрак,
бесат куки на стожер!
Од влакно до нокот
сеат преточено зилје!
Загот се перчи, се витка,
о, крај му е! Му нема спас!
Клетко оплодена! При спој
на машки со женски гамет,
при блажено откровение,
чума со колера се здужува
и цедат со тони ѕер
од жолчно, чемерно билје:
војни, помории, стии,
зар се костат пак?! -


БАЛЕРИНА

Пируета се ежи
на малиов прст
од левата рака.
Те сееше музика
в трепет на сцена.
Ти клуч си ил шев,
желад од цер пикнат
в регал да 'рти?
Совладана тежина . . .
Перуниго, коконо
винена! Ти се молзеа
линиите на телото
ко кајмак гребнат
од бел мермер, ил:
секавичен лет на лебед
пркнат в сон, над вода . . .
Така де, во скок
сета си в разор!
Потта, зол мирис
скапа ти е кога се мери
со ѕенѕање! Перуниго,
слободно залетување
дај ми, в миг,
половина век те носам
занес - убавина
откината од крст!


КРУНИСУВАЊЕ


Свиен над нотите
се залетуваше ко стрела
на шарена птица . . .

- А свадбата на Фигаро?
- А шагринската кожа?

Истураше звуковна бура
ко лава од вулкан жив,
му раззеленуваше раката
навнатре, кон мелодијата,
а не помислуваше дека
за крунисување кон вечноста
при излезот од Операта
безмилосно го чекаат
два - три брзоплети ножа.


О, НЕЛЕ


А знај: пантомима нема збор.
Јаким им отна реки,
облече панцир (божем)
рипна низ ќори окна
и лапа залежна жар . . .

Молчи и лапа, молчи и лапа
се’ додека не го исцрпе
сето море (ветер и вода!)
и гледа насобрана жад . . . Е,

Жадов има цена, знам,
а пак таа и нам ни дала
изим да се корнат -
ко да сме токан?* (А топ носат
насон, тенка лава томи . . .)

В уста сакам скеста.**


* Токан во ловечкиот говор е - род, а -
** скеста - оцет, киселина.
Така олук в ендек
накај мене татне,
аскет меле зрно сласт . . .

Разап - лак со нас е,
акна у грб, а виде, сени?
А - да, ажур аникс, о Неле,
Ка(ј) си? - Онде, несто,
шоу тепам. Ако, в ан сум,
ај, Икар! (А тој) на глава ми . . .
- Не чу ли, в растур е - чип -
"матадор"?! Без власт . . .



СОНУВАНО В ЛЕТНА НОЌ

Стрмни предели, сури карпи.
На повеќе брежја се струполувам,
се чепчам да не се внесам в бездна.
Пусти, непреодни предели . . .
В далечина се гледа куќа.
Можно е во една од просториите
да престојувал (Марко Поло?!)
Ја цртам просторијата
на парче јагнешка кожа.
Сопатници: жена со две деца
по говорот се гледа: тие се Роми.
Но веднаш се престоруваат
надуени балони
и исчезнуваат во небесата . . .
Не би час, јас се враќам дома
со намера да ручам! Не би час,
се наоѓам во чисти простории
со широки ходници, хали, сали . . .
Сум облечен во алишта
со боја на загасена жар.
Работам во просториите на Собранието!
Кога излегувам на влезната врата
се огледувам на заматени огледала . . .
Запурно е, но јас ставам
ќулавка на глава. По улиците
крај мене минуваа брачни парови . . .

Во еден џбун во паркот
на куп зрела пченица
чучулига зоба зрна и прета,
зоба зрна и прета
се’ додека небото не се исполни
сјајни ѕвезди . . .


КУЌАТА НА ПОЕТОТ

Соколот клика.
Едното крило на вратата
му е од вода, другото од шума.
Очите - трепетни парулки,
бакарен блесок под сонце . . .
Брегот на Езерото е клуч
ги отвора балконите
со издолжен кружен лак
зоба виножитни зрна . . .
Соколот се престорува
најраскошна палата
што сум ја поседувал (еднаш!)
при прелевање на бранови
во распарталени соништа . . .
Пред огледало од син чад!


ЉУБОВНА СЕАНСА
(романтично апсурдна идила)

Од брегот низ кружна линија
со свиреж довабувам галеб,
а тој, како за потсмев, клика:
- кај ти очи - таму ти глава! -

Плажа. Песокта вода срка,
чекор - планина - дебне.
Од жешки - сабји - веди -
небото се празни,
капачите се ретчат . . .
Заладени се собираат в збрка
божем им се соопштуваат
тешки, непредвидливи кази!

Погледите во нас им се вперени,
значи - отсега натаму -
урнеците ни се одмерени!

(Со Билјана "Платно белеше! ")
на снежни лебедови крилја
се искачуваме кон баирот,
ноќта меки пердуви пласти . . .

Над нас шатор од ѕвезди -
ноќта в бескрај се оѕверува,
тркалото на Големата Кола
несетно се померува . . .

Вулкански страсти
не обзедоа, Боже, кажи!
Нашите неконтролирани издишки
можеа да се престорат
дрски бламажи . . .

Веќе не се знае
што е скинато, а што цело!
Во незјината душа
не сакав да зреам,
сакав само да го помирисам
јоргованот на нејзиното тело . . .

Предизвикувачки се смее.
Чувствувам: срамницата и’ џвака.
Жар - птица - ждребица -
на која уздата и’ ја држи
топла, невестинска рака . . .

Чарите и’ горат.
Сочни и’ се усните,
силна и нежна пупка
од радост ќе летне!
Со задникот врти
како оса на мед.

Осилото на острицата и’ е -
вжештена љубовна кама!
Камен - темелник - глеј,
в пламен ќе светне . . .

Обли и’ се градите,
колковите - тесни и цврсти!
Нежност - исполнета - в дланки.
Така рибарите вадат од мрежа
со парулки попрскана пастрмка
што потоа свежа ја печат
на жарчиња од суви гранки . . .

Не може да запре!
Слична на воденичен камен
со душа и тело - меле.
Опишува волшебен круг!
- Не знам што ми даде,
што ми зеде! . . .

Така прават војници в пролет:
- Лево - десно - горе - долу -
надвор - внатре - па в среде! -

Гласот и’ е мек. Се истура . . .
Не се заситува при греење.
Процепот и’ е - влажно мече -
дренки тресе - при жетва жнеење . . .

*


Јасно е -
да се стигне
до Вселенска утроба
седефен е патот:
така посегнуваат грубите
по пиленце -
на кое му го одрежуват
вратот!


ТАМУ


Таму сé е зарабено в око.
Нема ни легáто, ни стакáто,
законодавецот си суди сам!
Таму легиите на честа
немаат скоро никакво значење.
Нема ни мачење на душата;
карактерот не се потпира
на свеста, а сé е претопено
во суво злато!
Таму нема ни бола ни неола,
мислата не го лови недоловливото,
не го допира недопирливото,
нема криеница од нешто свето!
Таму царува вечно лето
што ниту прска жива вода,
ниту пушта лак од сончева зрак,
таму слободата е свртена
навнатре ко вртимушка
што никогаш не запира . . .
Таму се гледа сé без да се види.
Од Алфа до Омега
сé е затворено
меѓу кругови, квадрати, агли . . .
Таму без шум ќе си зашуми
на вечноста жолтата бреза,
а сите љубени и нељубени
Пенелопи, Офелии, Дајани,
се само сенки над сенките
пред светата рака на Мајка Тереза . . .

За Јован Котески

1. Целосна блог-архива за животот и творештвото на македонскиот поет Јован Котески (1932-2001). Блогот ги содржи целокупните поетски збирки на Јован Котески од 1958 до 2000, како и неговата лична и творечка архива.

2.Материјалите од блогот се слободни за користење во лични, образовни и научни цели. Забранета е нивна употреба за комерцијални цели и без наведување на изворот и авторот.

3.Сите дериватни дела (правењето песни, раскази, романи, музика, сликарство, вајарство, документарци, филмови, стрипови, спотови, танц, фотографија, дизајн, мода, видео-игри, виртуелни светови... научни и стручни текстови, теорија и филозофија, публицистика... врз основа на песните од Котески) се дозволени, доколку не се користат за комерцијални цели и доколку се наведе изворот и авторот.

4.Авторот на дериватските дела мора целосно да го наведе текстот на оваа лиценца (на истиот начин како што се појавува овде).

5. Доколку некој автор спомнат на блогот смета дека се повредени неговите/нејзините авторски права, може да ја контактира Јасна Котеска на jasnak@gmail.com

...за Јован Котески од Јасна Котеска

Линкови за Јован Котески

Multimedia


Каменоресци. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк
Кајмакчалан. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк

База на податоци за книгите на Котески

Базата ги содржи:
1. Насловот на збирката
2. Годината на издавање
3. Издавачот и серијата
4. Пагинација и димензии на книгата
5. ISBN (кадешто го има)
6. Насловна корица

I. Збирки песни

1. Насмевка пред зорите (1958)
2. Земја и страст (1958)
3. Злодоба (1963)
4. Тежина (1965)
5. Пеплосија (1966)
- Земја и страст, 2 изд. (1971)
6. Сенки (1972)
7. Зелени порти (1975)
8. Хераклеја (1978)
9. Поморија (1981)
10. Бденија и сновиденија (1982)
11. Полилеј (1983)
12. Плодови (1984)
13. Тапија (1985)
14. Сончева белегија (1990)
15. Живожарица (1990)
16. Морници (1991)
17. Ралица (1992)
18. Лелејка (1994)
19. Самотија (1994)
20. Трагач (1996)
21. Приќе (1997)
22. Одрон (1998)
23. Разор (1999)
24. Кртечина (2000)

II. Избор од поезијата

1. Злодоба (1992) - избор
2. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - избор
3. Празник (1995) - избор
4. Решетки (1996) - избор од затворската лирика
5. Јован Котески (2000) - тротомен избор
6. Сончева белегија (2008) - избор

III. Препеви

1. Pesme/Песни (1974) - српски
2. Dragoste si moarte (1981) - романски
3. Strah i duša (1984) - српски
4. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - англиски, француски, руски.

IV. Песни за деца

1. Глувчето со двоглед (1991)

V. Книги за Котески

1. Поезијата на Јован Котески (2003) од Миодраг Друговац

Избрани песни

Јован Котески
АЛКИ (1984)

(старзаманско оро, по војната)


Писнува свирката на катун Еѓупци,
збива планината в подмолен татон.
Едно старче ја крева раката,
ногата ја подава како да влегува в гроб,
го фаќа ритамот на расплаканото пиле
и опа! - го почнува орото. Еден по друг
како алка со алка се врзува синџирот,
се издолжува од премалени тела.
На крајот од овој божји сплет
едно извалкано детиште со лице пердувче
го крева рачето во знак на лага
и со камшикот сплетен од живи тела
почнува да го камшикува господа
скриен во свирката што плаче.


Jован Котески
Трагач (1995)
поема

- извадок-

Пред да избереш девојка за жена
најпрвин избери огледало
на кое ќе се огледува муце од видра!
Според бојата на земјата по која се втиснуваат
твоите траги
одреди ѝ го тварот, не заборавај го зборот!
Храни ја извесно време со суво грозје
како што се хранат канаринките.
Пред да зачекориш во подвигот погледни ѝ ги забите
(бели?)
кажи ѝ неколку простени молитви гласно и јасно!
Наостри ја сабјата како секавица
низ Димна гора за да ти се гледа . . .
Потковај го коњот наопаку со клинци
- жолти дукати.
Не пропуштај го галавниот адут - виното.
Пред да избереш девојка за жена
појди на чешма и со часови гледај го млазот вода . . .


Колку и да ти се открива како светица
таа ќе ти ја одземе силата, човеку, не Господ.
Не срди се што не ти ја дополнила чашата
течен ќилибар, таа ја знае суровата мера.
И не бегај од неа како овчар од магла,
не оставај ја усвитена фурна,
таа ќе го пече тоа што ќе го рече
па макар ти да се здробиш на парчиња во Солунско!
Не број го времето со часови, денови, години,
симни го јарчето на сржбата од вратот
и врати се кај што се врти вретеното . . .
Инаку таа знае да биде и црвена мравка,
ќе ти ги растури името и куќата.
Ќе те остави гол како пиштол
а своите рудни богатства на имањето
ќе му ги отстапи на Беле Костурчето
што ќе ѝ ги прекопува со жешка казма!