2. Втора збирка Јован Котески „Земја и страст“ (1958) избрани песни

ЈОВАН КОТЕСКИ
Земја и страст, 1958

Најпознати песни од оваа збирка
1. Присовјани
2. Ана
3. Љубов и смрт
4. Селани


ОБИЧЕН ЖИВОТ

Ми го отвори срцето од сите страни,
Ме прободе со нежноста.

ПРИСОВЈАНИ

Неколку градини на пролет.
Еден грст гробови на ридот
и црвени олуци од земја.
Изворот е тајна без зборови
од бела љубов земјата е гола.
Две девојки перат на реката
ленено платно за денот.
Годините го крадат животот,
останувам туѓинец дома
потпрен до софрата на ѕидот.


БРЕСКО

Земјата има старо име.
Можеби ќе дојдат јужните ветрови, Бреско
не плаши се од твојот стар самар
распаднат по патиштата доодени.
Ми должиш само едра солза,
(со влажни очи ме гледа Мартина.)
Кој за кого - ние за никого, Бреско.
Луѓето вратени преку туѓи ниви
нè сретнаа денеска,
можеби ќе дојдат јужните ветрови, Бреско.


УМОРА

И додека на запад догоруваше денот
и додека меѓу стените виеше реката
и додека на оној рид овчарите имаа свирки,
ти се враќаше потпрена на умората.

Да бев те видел преку денот, мајко
од земјата ќе ископав вода за жедните,
од срцето ќе откорнев милост за бедните,
за сите изморени ќе прашав гласно -
кај ли се сечат друмовите.


АНА

Тогаш ги чешлаше косите и којзнае за кого
мислеше
додека ја гледаше бледата сенка на мајка ми
што за три оки брашно клечеше пред нозете
за твојот татко.
Јужните ветрови донесоа пролетни води и за нас,
Ана
ние го знаеме твоето име и се заљубуваме оти ти
имаш и земја и везени чорапи и широки рамења,
Ана
којзнае на кого мислеше додека ги чешлаше
косите.
Ќе ја доживеам уште оваа пролет со топол здив
дојден пред твојата кошара што се распаѓа
на ветрови
и ќе се молам на земјата како на голема икона
не за твоето здравје, не за твоите широки рамења,
Ана
овој ден ќе го запишам со името на сите гладни
луѓе
и ќе те отерам преку три зашумени планини, Ана
да ти биде проклето името запишано со три
обични букви
пред кои се нишаше бледата сенка на мајка ми
дојдена по три оки брашно, за обичен леб, Ана.

ЛЕБ

Со неколку зборови ја откривам твојата тајна,
те чекам како најтопол ден во годината.
На софрата сме толку блиски и свои
како кумовата слама што ги зближува ѕвездите.
Кој на кого му припаѓа? - човек и пес
се плашам на слатката корка
се венчав со тебе. Ти горчливо име
запишано во тврдите стапалки над сувата земја.
Леб! Ќе ја отворам вратата и ќе викам
На мајка ми гладна од сури години,
како ненаситни корени се впиваат погледите
по онаа куќа што се сруши до темел.


ОБИЧЕН ЖИВОТ

Во крајот мој и напролет се болува.
Тревите ги зајаздиле меѓите што нè делат,
на софрата лебецот се зори, виното е горчливо
девојчињата имаат очи преполни со љубов.
Коњите фркнати преку три планини
Можат да донесат и смрт дома.
- Нели е време, мајко! - Тргнуваме,
небото наше подолг сон над камење.
Девојчињата од мојот крај се топла влага
со кошничиња, цвеќе и смеа преку три планини
љубов донесоа дома. Со громка песна
крајот мој и напролет болува.


ЗЕМЈА
НА ПРОЛЕТ

Како да сме ги отвориле вратите
Зимата остави тежок товар
по покривите. Земјата гори.
Сонцето ги злати младите јунци по роговите,
гласот ме враќа во живот.
Далеку сакаш да љубам и умирам
дури да љубам и сребрен плач на дете.
По присојниците изгубена се враќа
по твојот прстен - невесто,
излегува по стари спомени.

ЗЕМЈА

На суво поле, сува земја
црна коњица од крикови.
За неколку капки крв
земјата се испосни
пред жолтиот дворец
на мртвиот осамен човек.
На хоризонтот црна ружа
ги ранува копитата
леб и вода нема, леле
тутун бере сестра ми.
Викотници од селото
викотници крај селото
не беше уште дојдена пролетта
кога за леб се нашпара
црната сува земја.
Го отепа со нож
земјата крцкаше во дланките
за земја го отепа
кога во коренот виеше името
никаков ангел не слезе од небото
да го крене
мртвото тело на земјата.
Пред неколку зајдисонца
зајде соцето на црната
распукана сува земја.
Потресен од неговите рамења
имам сопствена крв
што плаче по земјата.
Уште еден грб повеќе
над сувата земја од земја
уште една откриена тајна
отвора земјата пред ножот.
Леле, каков нож! Срце нож
денеска ти постоила
бела перница од перуники.
Кога се сака земја
имам повеќе гладни имиња,
накитена, земјата сонува
колку може да прегори
на зајдисонце. Сто или
којзнае колку црни коњици,
црни крикови со белези од земја.
Луѓе, откорнете ми парче земја
што ме препознава по раната
викаше смртта со бели заби
пред отворените врати
на девојките дојдени.
Над суво поле сува земја,
нека не доаѓаат ангиите
Не.

НОЖ

Жимибога со нож
го отепаа . .
Леле, брате Климо
ела прегрни ме.
Нож што нема јазик
има усни од снег
што рика ноќе
по присоите.
Човекот остана
со нож во дланките
нежен. Смрт
брате Климо
ела прегрни ме.


ЛОЗЈЕ

Земјата има поширок скутник
меѓу чекутките,
денот се развежал
пред црните очиња грозје,
млазот нè лизнува во сурија.

По присојниците заблазнета се враќа
есента во нашето винаре, невесто
лозјето е тежок здив на прворотка
љубена меѓу лозите насолзени.

ТУТУНОВИ ПОЛИЊА

1
Припекот гребе во очите,
Девојките сонуваат извори
и носат буриња вода.
Во оваа црна земја
заградена со црвен цвет
Сушата се отвори
до коренот.

2

Земјата пие лакомо
Рика магарето
колку што гласот му држи
Присојниците горат под нозете
Тутунот вене, не умира
големи чуда сенки
навечер никнат низ полето
Мартина расте со сенките
легната на тврдо визглавје.

3

Дојдена до нас
преку овие питоми тврдини
Вашата песна е отворено срце
Браќа, овој жолт тутун
е сладок ко песната
посладок од татковината,
Оваа песна мека
ги цепи градите со тутун.

4

Усте слатко
донеси леб и вода.
Дојдоа во полето
од сите зашумени страни
во мракот да ги невиди сонцето
да крадат жолта среќа.

5

Човекот ја крена лепешката од магарето
ја донесе во своето парче земја
Ќе ја растопат дождовите - рече
и тргна некаде кон шумата.
Меѓу младите фиданки тутун
Се закри змија присојница.

6
Го заморија
Земјата и Сонцето
човекот седна.
Чудо! - гори полето
Тутунот златен
му го отвори срцето.
Се врати кон кошовите
по образите на Мартина
гореше сонцето
Девојката заспала со солзи,
летото дремеше во скутовите.

7

Седна на земјата
до кошовите на магарето
крај ушите парче небо
паѓаше на рамото спуштено.
Во полето мириса на земја,
на тутун мириса есента.

8

Тргнат низ полето голо
се допре до каменот,
долго сонцето и каменот
го потпираа човекот студен.


ЉУБОВ И СМРТ

Се загубивме од љубов
јас и моето девојче
играме смрт од вчера.
Боговите остануваат скриени
од нашата гола срамота.
Од срцето ископавме срце,
полежината силно нè здоболе
и ние лудечки се заљубивме
во есенскиот вечерен пожар.

Родете! - земјата раѓа . . .
и ние раѓаме како Ева,
долги ни се косите
да ги превиеме раните
на тие што играле
љубов и смрт од вчера.
Тревите во есенската река венат.

По каменот тече вода
тече земја, тече небо
од пламенот свири ветер
плаче дете, земја, камен.


ЕЛЕГИЈА ЗА ЗОРАТА

Останаа гладен пес
за леб и љубов.
Разголи го рамото
пред тврдиот камен,
венчај се со земјата.
Твојот мек плач
ми го раскрвави името.
Доаѓаш преку оној рид
со прстен венчален,
доаѓаш со светици,
но свадба нема.
Нема винени шамии,
ни усни жедни за љубов.
Како бел пес реката вие.
Леле, ме пресипа
со студен спомен.
Не те познавам.
Твојот звук го љуби
челото на тврдиот камен.
Доаѓаш преку белиот
водопад на смртта,
да се донасмее небото.
Јужните ветрови
Зазбивани јунци
од трите страни
рикаат зелено.
Би се преселил на југ -
отворено небо,
со жешки усни
ќе ја пијам зората.
Но ова име,
од црн - сладок лед!
останав гладен пес
за леб и љубов.


ВОЈНИЦИ

1
Чешмо на животот, сончева чешмо
се крстам само во твојот жубор.
Овде и пролетта е туѓа.
Ги чувствувам цветовите
со гладни жили се вијат
околу земјата гола,
каменот гребе во срцето
вие гладен пес од ровот влажен
чешмо, сончева чешмо на пролетта
толку сме блиску до смртта.

2
Пријателот доаѓа со нож и оган
зошто не можам да ја прикријам омразата?
Смртта се ближи до клепките како југовина,
останува само малку тишина.

3
Човекот имаше нож.
Сакаше да го закрие во туѓо месо
меѓу ружите црвени да го закрие
каде се крие омразата.
Другиот човек немаше ружи
да стоплат челичен нож
каде се топи омразата.
На изворот сонцето големо
плетеше голем венец од води.
Човекот во топлата крв
имаше место уште за сонцето.
Ножот челичен отвори врати
да ги намириса ружите -
слепата омраза беше пак слепа.
Ножот ги отвори ружите црвени
само од гладна страст за земја.

4
Го извршија житото уште зелено
и заминаа на југ.
Децата во нагноените ниви
најдоа златни потковици.
(И реката тече на југ.)
Ноќе месечината го придружува
нашето комшивче лично.
Во тревите со блага линија
Војниците закопаа тешка тајна.
(Луѓето тргнаа на југ.)
Неколку лета сонцето прегорува
жените викаа: "Свето место!"
Личното девојче гледа на југ.

5
1.
Земјата ги преведе зборовите
едниот се пресели за секогаш во ровот,
другиот се играше со огновите.
Над земјата пролетта растурена
одвај здивна. А имаше девојка
на сликата што се скина од љубов.
2.
Во Јамјани се омажи со солзи,
косата како змија се сползна
по рамењата само еднаш прегрнати.
3.
Ноќе се преселува земјата во црна ружа
месечината прстен венчален
фрла во водата. Немирна вода.
4.
Војниците на сивите маски
ја товареа омразата. Бавно тече
водата под мостовите растурени.
5.
Во Јамјани пролетта се запали
До коренот на стариот даб.
- Оставете ја - зборуваа војниците
таа е луда со градите разголени,
таа што чека е луда.

6
Низ белите патишта на пролетта
војниците бараа подолг сон. Тишина.
Што сега? - жената гола
ја фрла својата сенка на земјата.
Зимата има крај во сребрените води,
чешмата со дрвеното корито носи љубов.
Славејот ја исвири меката песна над водите
со сосем подруг глас.


СЕЛАНИ

1
Стопанкината, земјата крепи
рече селанецот на нивата.
Копилето замина кон шумата
со секира наточена кај ѓупците.
Кој знае во какво дрво ќе ја вкопа
за да го товари магарето.
На меѓата убаво девојче
береше цвеќе од божурика.

2
Под сенката јадеа леб,
старецот ја допре земјата
со сува дланка.
Тревата шумеше во јули
Војната втаса отворена
низ нивите од небото до земјата.

3
На црните сламени стреи
виснале мразулци од цевки
Плаче детето во собата
мајка му го дои денот
на зајдисонцето. Мрак.
Сè изгоре! - рече човекот
мојата куќа до прагот
го отвори срцето камено.

4
Го донесоа не како обично
пијан и заљубен во девојки.
Го донесоа заборавен од луѓето
од цвеќињата само црвена
божурика цветеше на лицето.
Имаше секира, селаните
не рекоа проклето копиле
Нека му цутат рацете - рече друг
распарал неколку волци со секира.

5
Војниците копаа гробови,
плодот зрел на селанецот
му припаѓа со закон.
Денеска, чичко, мене ми суди
Ножот огребан од рамото.
Јас не се познавам себеси,
земјата е широка, ше роди,
Чичко, ќе роди земјата.

6
Војниците често молчеа
во ровот носеа камења
Селаните носеа војници
носеа камења и војници.
Ги носеа некаде како за молитва
или на причесна ги носеа
но овој војник ја отнал дупката
и од тоа малечко поточе
извира крв. - Јас мислам вино!
Ти си ми малечко, синко,
влези под каменот како змија.

7
И војниците беа луѓе,
а можеби селани.
Зошто ја мразеа земјата?!

8
Ах, тој за'ржен коњ
по белата кобила!
Ноќе во длабочината
мракот ја лока омразата.
Само рика, како во бајка
Рика војната со сто грла.
'Ржи човекот - војникот
Селанецот чека дух свети
а сите рикаат на својот глас.

9
Што е наше, наше е
другото ни припаѓа нас.
Молчеше жената во црно
во куќата јагленосана
децата играле со мачето,
потоа во лудата игра
се смешал огнот
ја лизнал со нежен јазик
играта детска растурена.
Леле, жената молчи. Леле
Жените молчат, селаните
оставија недоиграни игри
пред децата со млеко на усните.

10
Војникот се помоча на иконата
што ја скина од вратот.
Не спомага овој златен лик
пред светот запален.
Зар има поголема икона
од ова дете со скршени заби,
со истурено меше на земјата
толку сува во лето.

11
Неколку селанки - девојки
ги доведоа под шаторите
Треба да родите, рекоа
војниците дојдени вчера.
Треба да родите, земјата раѓа
и вие раѓате, само кога?
Треба да родите за смртта,
за татковината да родите
Татковината и Смртта се добри,
треба што поскоро да родите.

12
Ние сме прости луѓе, синко,
селани од овој сув рид.
Што сме ние синко, што ние!
А што ние, чичко, што ние
Ние убиваме она што се убива
оти и земјата убива со леб!
Вие имате своја земја и камен
што ве познава по името.
Безимени, чичко, безимени
војниците ги препознаа земјата.
Што ние, што вие, чичко,
кога се убива се убива.

13
Ако треба уште
тука сме.
Селаните ги кренаа главите
црн пекол се играше во сонцето
Таа светеше како обичен јули
со сребрен пламен меѓу луѓето.
Војната донесе пламења,
на усните лежи смртта растопена

14
Војниците заминаа некаде
во селото растурен мравјарник.
Луѓето беа селани, војниците - луѓе
едни убиваа, други убиени.
Господ да чува, нема леб!

15
Војникот ја измоча иконата
селанецот ја крена и ја бакна
златната света икона.


16
Му посадија црна перуника
на тоа копиле од волците
Девојката секое лето ја вади
црвената убава божурика.
Рацете цутат како праски,
да му процути крвта, рекоа.
Којзнае колку волци отепал
во шумата со таа секира.
Скриј се ко змија под каменот
ти си малечко копиле.
Војниците ја оплодија земјата
колку во шаторот дветолку во ровот.
Селаните се дигаат од сонот
со првата качунка на пролетта.
Старецот со тврди дланки викаше
детето имаше свое име
и магаре со голем светол крст.
Војниците беа луѓе, можеби селани
Селаните носеа војници и камења
рикаше војната крај селото
со сто отворени грла.
Господе, кај ли е светата икона
Децата носеа парче од сонце
на мртвите раце од пролетта.

СТРАСТ

РЕЗБА

Низ столетната сочна младост на лозите
тече топлата страст на мајсторот, брате,
зрелата љубов со гроздовите плетевенци на тага
и како ранета ѕверка стеблото извива снага,
па пред смирениот олтар длетото отвора врати
и врие крвта ко зора пред расцутените рози.

Тука со трепетни усни се впива небеста плава,
се рони живиот бисер пред насолзените очи
и расонетиот спомен јазди по моќната шара
па изгубените јата со скриен бол ги бара,
додека дворјето чека самрак за сладок почин,
топлата страст се вие и плете олтарот слава.

КАМЕНОРЕСЦИ

1.

Се враќаа крај реката тие аскети
огребани од времето и маката
Рекоа, на некоја дворана во Персија
направиле гола жена од камен.
И оној човек со чекан на колкот
го отежнал чекорот како од планина,
очите не носеа пресечен даб,
којзнае што носеа тие од туѓина.

2.

- Мојот син, праша жената.
- Ќе дојде Сандре, стрино
остана да ги доземе парите!
После се сети како на свока рака
и уште повеќе се сети за него
закопан меѓу луѓето во болницата,
во втората венеричка болница
на третиот спрат, 24 - лево.

СТРАСТ

Кременот има обло тело.
Меѓу крвта и тревата рика страста
(или само)
сакам да љубам под сонце.

ЖЕНА

1.
Ги засука косите
прекасани змии,
го насмевна лицето
закасано јаболко.

2.
По белиот камен тече април
Жено,
извираш во сонот и срцето.

3.
Жената заспа на крилото
со другото крило ја допре
невиден славеј.
Меѓу водата и небото
Цветот бел
Развива само за сонцето.

4.
На брегот долета лебед
ги рашири крилата
и загради парше небо.
Патникот изморен од денот
легна на каменот
Го покри жената гола.

5.
Си ми потребна
како овој камен
Ние лутаме со смртта
од твојата крв црвен венец
плете Татковината.


БЕЛАТА ЉУБОВ НА ДЕВОЈКАТА

Уште оваа есен ќе чекам.
Зимата ги завејува патовите,
пролетта ќе ги донесе сватовите.
Мајко, зошто го слушам срцево?
Ако го сретнам крај патот
ќе сплетам венци од цветови
да му го закитам вратот.
Мајко, зошто го слушам срцево?
Во пролет јужните ветрови носат
Зелени клопчиња, смилен и смеа.
Ако го сретнам крај изворот
ќе го напијам вода од дланки.
Мајко, зошто го слушам срцево?





СВАДБА

(Лирска скица од трагедија)
Гласови:
На Иванден на папрат
да се љуби, да се љуби
Останува само бел спомен
што го носи љубовта.
Одекот:
Што го носи љубовта!
Гласови:
Како може да се гладува
за капка љубов!
Одекот:
За капка љубов!
Гласови:
На Иванден реката без корито
носи љубов од цвеќе.
Плачот на свирките:
Две ружи пијани од сонцето
ја засрамиле зората румена.
Девојчиња, расцутени во април,
Имате пожешки усни од лебецот.
Шумот на реката:
Под сенките игра девојче
на мојот зелен скут.
Плачот на свирките:
На Иванден на топло легло
мириса папрат на момина постела.
Еден од сватовите:
Доаѓаме од оној рид
каде што извира сонцето.
Фиданките од земјата гола
завиткале гнездо до коренот.
Кумот (кон зетот):
Удри го коњот со топол звук,
Невесто, напи го оган со усните!
Еден од сватовите:
На едната река пие дивокоза,
на другата елен рика.
Невеста излегува со дулак и ука.
Нејзиниот глас е
прекинат од крикови.
Криковите:
Ааај, зетот падна од коњот?
Леле, зетот е мртов!
Еден од сватовите:
Кумот е пијан
и клукнат од змија осојница.
Девојчињата од скалите:
Рековме,
дождовите ќе дојдат одгрнати
откај зелениот пожар.
Криковите:
Леле, зетот е мртов!
Плачот на свирките:
Невесто, твоето мало божество од
темјанушки
ќе го исплачеме со земја и страст под
сонце.
Одекот:
Со земја и страст под сонце.

За Јован Котески

1. Целосна блог-архива за животот и творештвото на македонскиот поет Јован Котески (1932-2001). Блогот ги содржи целокупните поетски збирки на Јован Котески од 1958 до 2000, како и неговата лична и творечка архива.

2.Материјалите од блогот се слободни за користење во лични, образовни и научни цели. Забранета е нивна употреба за комерцијални цели и без наведување на изворот и авторот.

3.Сите дериватни дела (правењето песни, раскази, романи, музика, сликарство, вајарство, документарци, филмови, стрипови, спотови, танц, фотографија, дизајн, мода, видео-игри, виртуелни светови... научни и стручни текстови, теорија и филозофија, публицистика... врз основа на песните од Котески) се дозволени, доколку не се користат за комерцијални цели и доколку се наведе изворот и авторот.

4.Авторот на дериватските дела мора целосно да го наведе текстот на оваа лиценца (на истиот начин како што се појавува овде).

5. Доколку некој автор спомнат на блогот смета дека се повредени неговите/нејзините авторски права, може да ја контактира Јасна Котеска на jasnak@gmail.com

...за Јован Котески од Јасна Котеска

Линкови за Јован Котески

Multimedia


Каменоресци. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк
Кајмакчалан. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк

База на податоци за книгите на Котески

Базата ги содржи:
1. Насловот на збирката
2. Годината на издавање
3. Издавачот и серијата
4. Пагинација и димензии на книгата
5. ISBN (кадешто го има)
6. Насловна корица

I. Збирки песни

1. Насмевка пред зорите (1958)
2. Земја и страст (1958)
3. Злодоба (1963)
4. Тежина (1965)
5. Пеплосија (1966)
- Земја и страст, 2 изд. (1971)
6. Сенки (1972)
7. Зелени порти (1975)
8. Хераклеја (1978)
9. Поморија (1981)
10. Бденија и сновиденија (1982)
11. Полилеј (1983)
12. Плодови (1984)
13. Тапија (1985)
14. Сончева белегија (1990)
15. Живожарица (1990)
16. Морници (1991)
17. Ралица (1992)
18. Лелејка (1994)
19. Самотија (1994)
20. Трагач (1996)
21. Приќе (1997)
22. Одрон (1998)
23. Разор (1999)
24. Кртечина (2000)

II. Избор од поезијата

1. Злодоба (1992) - избор
2. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - избор
3. Празник (1995) - избор
4. Решетки (1996) - избор од затворската лирика
5. Јован Котески (2000) - тротомен избор
6. Сончева белегија (2008) - избор

III. Препеви

1. Pesme/Песни (1974) - српски
2. Dragoste si moarte (1981) - романски
3. Strah i duša (1984) - српски
4. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - англиски, француски, руски.

IV. Песни за деца

1. Глувчето со двоглед (1991)

V. Книги за Котески

1. Поезијата на Јован Котески (2003) од Миодраг Друговац

Избрани песни

Јован Котески
АЛКИ (1984)

(старзаманско оро, по војната)


Писнува свирката на катун Еѓупци,
збива планината в подмолен татон.
Едно старче ја крева раката,
ногата ја подава како да влегува в гроб,
го фаќа ритамот на расплаканото пиле
и опа! - го почнува орото. Еден по друг
како алка со алка се врзува синџирот,
се издолжува од премалени тела.
На крајот од овој божји сплет
едно извалкано детиште со лице пердувче
го крева рачето во знак на лага
и со камшикот сплетен од живи тела
почнува да го камшикува господа
скриен во свирката што плаче.


Jован Котески
Трагач (1995)
поема

- извадок-

Пред да избереш девојка за жена
најпрвин избери огледало
на кое ќе се огледува муце од видра!
Според бојата на земјата по која се втиснуваат
твоите траги
одреди ѝ го тварот, не заборавај го зборот!
Храни ја извесно време со суво грозје
како што се хранат канаринките.
Пред да зачекориш во подвигот погледни ѝ ги забите
(бели?)
кажи ѝ неколку простени молитви гласно и јасно!
Наостри ја сабјата како секавица
низ Димна гора за да ти се гледа . . .
Потковај го коњот наопаку со клинци
- жолти дукати.
Не пропуштај го галавниот адут - виното.
Пред да избереш девојка за жена
појди на чешма и со часови гледај го млазот вода . . .


Колку и да ти се открива како светица
таа ќе ти ја одземе силата, човеку, не Господ.
Не срди се што не ти ја дополнила чашата
течен ќилибар, таа ја знае суровата мера.
И не бегај од неа како овчар од магла,
не оставај ја усвитена фурна,
таа ќе го пече тоа што ќе го рече
па макар ти да се здробиш на парчиња во Солунско!
Не број го времето со часови, денови, години,
симни го јарчето на сржбата од вратот
и врати се кај што се врти вретеното . . .
Инаку таа знае да биде и црвена мравка,
ќе ти ги растури името и куќата.
Ќе те остави гол како пиштол
а своите рудни богатства на имањето
ќе му ги отстапи на Беле Костурчето
што ќе ѝ ги прекопува со жешка казма!