Данило Коцевски за Јован Котески (1978)

Данило Коцевски

ЕДНА ПОЕТСКА ХЕРАКЛЕЈА (1978)

(Антиката како повод)


ВО СВОЈАТА НАЈНОВА поетска книга “Хераклеја”, Јован Котески можеби “неочекувано” за познавачите на неговата поезија, наметнува една тема која на прв поглед се чини премногу дискурзивна, која бара премногу интелектуализирање, нагласена рефлексија, кои не се блиски на неговата творечка природа, на карактеристиките на неговото претходно поетско пеење. Но, како што само темата не го чини авторот, туку и обратно, Котески успеал, откривајќи едно ново интересирање, да ги задржи и наметне сите добри одлики на своето претходно творештво: емотивно – мисловната одмореност и пречистеност на стихот, експлицитност и неизнасиленост во поводот и пораката, како и настојувањето мелодичноста, ротмичката организација на песната која произлегува од начинот на чувствувањето и темпераментот, да биде во функција на самата поетска идеја.

Античката Хераклеја како тема е само повод да се приговори за некои современи човекови дилеми и сфаќања на светот. Притоа, Котески го одбегнува античкиот мотив како банален поттик за една квази – реторичност и силните поетски слики кои во својата “егзотичност” стануваат – цел за себе! Тоа е едно интимно доживување на мотивите чија универзалност и препознатливост не се гаранција за универзалноста на поетскиот говор, туку повод и предизвик да се трага по него. За тоа поетско согледување и разоткривање на минатото во оваа книга, можат да се употребат помалку или повеќе наметливи определби како: обид да се направи “мост меѓу вековите” или “древната судбина на Хераклеја” да се прифати како сопствена, кои тешко можат да се вклопат во поетската изнијансираност и непосредната “интимност”на доживувањето на овие стихови. Обратната квалификација би била, секако многу поблиска до нивната суштина: поетот “сопствената судбина” се обидува да ја проектира преку Хераклеја, која понатаму може да ја доразвива, гради или “уништува” според својата сопствена творечка мерка, за разлика од претходната која “ниту нешто ми дава, ниту нешто ми одзема” или “ниту расте, ниту умира” како што вели поетот во песните “Пирова победа” и “Премрежје”.

Една од основните идеи по кој трага (или која ја открива) во оваа книга, секако е, содржана и во прашањата: како да се опстои и како да се изнајде идентитетот во незапирливото умножување на времињата, во вечното човеково пресоздавање кое е само мит на с#општото постоење? Дали само потрагата останува врвна цел и смисла, бидејќи таа е единственото што на човекот му преостанува ко конечната егзистенција? Не поставувајќи ги овие прашања реторично како што рековме, поетот се обраќа кон минатото единствено со цел да одговори на некои свои дилеми или на дилемите за кои смета дека можат да имаат едно пошироко егзистенцијално значење, секогаш неуморно “копајќи” “черепите на кои некогаш светкала жар од очи”, “камењата”, тие “мртви невини војници на времето”, “рацете на старицата што врзувале снопје”, “тој со дрво враќа што напинал да го искачи злото”. Мал и исплашен пред тие прашања и видувања, човекот понекогаш, загледан во минатото и исправен пред сопствените хераклеи, наликува на оние две статуи осамени и отфрлени, “што н# чекаат, ете така, налик на чуденки”, а постојат и други “големи чуда пред кои Човекот клекнува”, (песните “Ликови” и “Ископина”). Од сите тие поетови потраги пробива, сепак, свеста дека не може да избега од сопственото време и дека нему, конечно, се’ му е потчинето: “минатото и иднината беше се согласиле во сегашно јасно време” (песната “Време”).

Во тоа поетско “согледување” на времињата, се наметнува идејата за цикличноста, пресоздавањето, што успешно транспонирана во неколку песни, посебно е заокружена и сугестивно остварена во песната “Атена Партенос”:

“Извираш како од стебло
и лицето и косата и прстите
и скриениот извор од дојка
тече во друго тело, се меша
во друга душа, слични на плодот
што се престорува во плод.
Го насетуваме здивот на животот
во тебе,
но правот во прав не’ враќа”.

Песните од оваа книга, според некои свои особености, начинот на пеењето, елементите со чија помош се експлицира идејата, можат да се поделат на две групи: оние во кои алузиите на современоста се директно присутни, (“публиката громогласно ја крунисува туѓата трагедија”), и оние од кои еманира една “метафизичност”, обид да се дофатат некои поопштичовекови духовни состојби и поетски значења преку нагласената метафоричност или поетската асоцијативност. Вториот вид песни се помногубројни и подобри во книгата, (“Статуа 3”, “Починка”, “Атена Партенос”, “Запис”, “Жолти пеперуги” и др.). Во овие песни на Котески постои една неизнасилена поетска понесеност, “чисто” поетско доживување кое отсликува една внатрешна напнатост, ред, мелодичност. Блика од нив мир и сталоженост на поетската реченица во која не се чувствува напорот “нешто да се соопшти со широк и наметлив гест”. Постепено, во тоа откривање на човековите пресоздавања, нештата поетски се “дематеријализираат”, статуата (песната “Статуа 3”) како да лебди во просторот, таа не е “создадена” ниту може да исчезне. Таа се претвора во еден поширок симбол на човековото траење ио неминовната сооченост со минливоста. Дали е таа конкретна, материјално дадена или е поетски флуид, станува небитно (“Одгоре три пауна сложно како “смрт и’ ја влечат кочијата небеска”). Таа можеби и постои само како инкарнација на човековиот стремеж да го открива и толкува времето, да води дијалог со себе си?!

Рековме, “Хераклеја” задржува некои од најдобрите одлики од поезијата на Котески, но во неа се провлекуваат и одделни поетски недоречености во однос на кои можат да се упатат и забелешки, главно, од три аспекта:

- преголемиот стремеж кон еуфоријата, мелодичноста која често “не е покриена” од “смислата” и е цел за себе;
- рефлексивните елементи понекогаш се пренагласени и не се вклопуваат во “начинот” на пеењето;
- нарушувањето и неочекуваното менување на ритмичкото и стилското ниво на пеењето (“Стопанкина, многу, многу не’ има”, “Палма што не расте во оваа стопанкина”).

Еден од основните впечатоци кој се наметнува по проучувањето на оваа книга е, дека, сите обраќања кон минатото, минливоста или вечноста се само едни, од многуте елементи на поетското обликување, бидејќи се амалгамирани, пресоздадени и, пред се’, во функција на исклучителната важност и значење на поетската реч. Зашто, според оваа творечка логика, се’ мора да биде потчинето на врвната смисла: на поетското пеење, поетското обликување и доживување на нештата, на неповторливоста на поетскиот чин.

За Јован Котески

1. Целосна блог-архива за животот и творештвото на македонскиот поет Јован Котески (1932-2001). Блогот ги содржи целокупните поетски збирки на Јован Котески од 1958 до 2000, како и неговата лична и творечка архива.

2.Материјалите од блогот се слободни за користење во лични, образовни и научни цели. Забранета е нивна употреба за комерцијални цели и без наведување на изворот и авторот.

3.Сите дериватни дела (правењето песни, раскази, романи, музика, сликарство, вајарство, документарци, филмови, стрипови, спотови, танц, фотографија, дизајн, мода, видео-игри, виртуелни светови... научни и стручни текстови, теорија и филозофија, публицистика... врз основа на песните од Котески) се дозволени, доколку не се користат за комерцијални цели и доколку се наведе изворот и авторот.

4.Авторот на дериватските дела мора целосно да го наведе текстот на оваа лиценца (на истиот начин како што се појавува овде).

5. Доколку некој автор спомнат на блогот смета дека се повредени неговите/нејзините авторски права, може да ја контактира Јасна Котеска на jasnak@gmail.com

...за Јован Котески од Јасна Котеска

Линкови за Јован Котески

Multimedia


Каменоресци. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк
Кајмакчалан. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк

База на податоци за книгите на Котески

Базата ги содржи:
1. Насловот на збирката
2. Годината на издавање
3. Издавачот и серијата
4. Пагинација и димензии на книгата
5. ISBN (кадешто го има)
6. Насловна корица

I. Збирки песни

1. Насмевка пред зорите (1958)
2. Земја и страст (1958)
3. Злодоба (1963)
4. Тежина (1965)
5. Пеплосија (1966)
- Земја и страст, 2 изд. (1971)
6. Сенки (1972)
7. Зелени порти (1975)
8. Хераклеја (1978)
9. Поморија (1981)
10. Бденија и сновиденија (1982)
11. Полилеј (1983)
12. Плодови (1984)
13. Тапија (1985)
14. Сончева белегија (1990)
15. Живожарица (1990)
16. Морници (1991)
17. Ралица (1992)
18. Лелејка (1994)
19. Самотија (1994)
20. Трагач (1996)
21. Приќе (1997)
22. Одрон (1998)
23. Разор (1999)
24. Кртечина (2000)

II. Избор од поезијата

1. Злодоба (1992) - избор
2. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - избор
3. Празник (1995) - избор
4. Решетки (1996) - избор од затворската лирика
5. Јован Котески (2000) - тротомен избор
6. Сончева белегија (2008) - избор

III. Препеви

1. Pesme/Песни (1974) - српски
2. Dragoste si moarte (1981) - романски
3. Strah i duša (1984) - српски
4. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - англиски, француски, руски.

IV. Песни за деца

1. Глувчето со двоглед (1991)

V. Книги за Котески

1. Поезијата на Јован Котески (2003) од Миодраг Друговац

Избрани песни

Јован Котески
АЛКИ (1984)

(старзаманско оро, по војната)


Писнува свирката на катун Еѓупци,
збива планината в подмолен татон.
Едно старче ја крева раката,
ногата ја подава како да влегува в гроб,
го фаќа ритамот на расплаканото пиле
и опа! - го почнува орото. Еден по друг
како алка со алка се врзува синџирот,
се издолжува од премалени тела.
На крајот од овој божји сплет
едно извалкано детиште со лице пердувче
го крева рачето во знак на лага
и со камшикот сплетен од живи тела
почнува да го камшикува господа
скриен во свирката што плаче.


Jован Котески
Трагач (1995)
поема

- извадок-

Пред да избереш девојка за жена
најпрвин избери огледало
на кое ќе се огледува муце од видра!
Според бојата на земјата по која се втиснуваат
твоите траги
одреди ѝ го тварот, не заборавај го зборот!
Храни ја извесно време со суво грозје
како што се хранат канаринките.
Пред да зачекориш во подвигот погледни ѝ ги забите
(бели?)
кажи ѝ неколку простени молитви гласно и јасно!
Наостри ја сабјата како секавица
низ Димна гора за да ти се гледа . . .
Потковај го коњот наопаку со клинци
- жолти дукати.
Не пропуштај го галавниот адут - виното.
Пред да избереш девојка за жена
појди на чешма и со часови гледај го млазот вода . . .


Колку и да ти се открива како светица
таа ќе ти ја одземе силата, човеку, не Господ.
Не срди се што не ти ја дополнила чашата
течен ќилибар, таа ја знае суровата мера.
И не бегај од неа како овчар од магла,
не оставај ја усвитена фурна,
таа ќе го пече тоа што ќе го рече
па макар ти да се здробиш на парчиња во Солунско!
Не број го времето со часови, денови, години,
симни го јарчето на сржбата од вратот
и врати се кај што се врти вретеното . . .
Инаку таа знае да биде и црвена мравка,
ќе ти ги растури името и куќата.
Ќе те остави гол како пиштол
а своите рудни богатства на имањето
ќе му ги отстапи на Беле Костурчето
што ќе ѝ ги прекопува со жешка казма!