13. Тринаесетта збирка песни „Тапија“ (1985) Јован Котески, избрани песни

ЈОВАН КОТЕСКИ
ТАПИЈА (1985)


Најпознати песни од оваа збирка:
1. Персефона
2. Дијалог
3. Римска божица
4. Париз
5. Аптекарка




ЗАПИСИ


*
Нешто од жетвата извадив и јас,
сјајот на среброто што врне -
семе распеано на син глас . . .

Се крши мразот, пукаат обрачи, трескот.
Мојата залудена мисла создава
споменик од бел коњ во прескок.

Над пресна ораница открив стапка.
За да го приведе портретот при крај
сонцето позајмува алчна капка . . .


ВИТРИНА


Во витрината парче светлозелена руда
ѕвездена икона на пречиста вселенска мајка

Жолтокот и’ е во утробата на амбарот
од секој амбис изгрева нејасно сонце

Не знам зошто ми доаѓа да спомнувам
заб, око, уво. И водата е секната, реков

Јас и не помислував дека рудата е крадец
дека во глувотијата на времето се одмаздува

Во витрината гола светлозелена руда
пловат разиграни спектри на загасени вулкани

Ѕвездена икона на пречиста вселенска мајка
ми го подзапира одот меѓу живите и умрените


ГЛАСОВИ


Ми се стори премногу добар гласот: бојата,
полнотата
гласот што пробива во лузната на лебот и верата

Не знам зошто од замрачени умови и далечни сараи
се внесува глас на слогови прободуван со сабји

Ќумурџијата и балегарот имаат слободни гласови
во нив со киклопско око гледа дрвото при 'ртење

Секогаш душманите вјасаат со гласови пред себе
впрегнати во бојни редови, ехо на дамнешни битки

Сјајот на појасот околу неоткриено небеско тело
е ветен глас на создателот што се повлекува и дреме

Гласот ми ги наслика: самотијата, срамотијата,
уморот, гладот, стана фишеклија исполнета сомнежи


ТИШИНА


Сред урнатина на разденување
ти го создадов воинот
на изгубените битки.

Кон чисто глечерско око
тргнав да преслекувам една во друга вода,
страста се протегна во ранет рис.

Ме почествува да ти го доближам
цвеќето на крвта во млако стенкање, во сласт,
додека мелеше со своето раскошно тело.

Можно е врвот на Еленчица да ти се присторил
закаскана бела кобила
оддалечена во небесата.

Сакав дождот да има предност
во дамнешно совршено и свршено време,
сакав да те исполнам во јадра капка.

- Сакав?
- Што сакав?

Може сум ти словел за влегување в храм?

Осамен ги собирав зрната
од под клунот на исплашена пауница,
а таа од мозаикот
го позајми моето око за топло гнездо.

Мислев за миг ќе се истроши моето тело,
а тоа остана зрно челик
одразено во роса, чекајќи те. -

Ја згустував сликата на виденото,
се откри парче цреп
со лик на девојка - вазна,
алово цвеќе што не вене.

Лежам на сува кожа од матерка
и ја гледам провидната делница над планината
крената длабоко на заод.

Изненадува сознанието
дека понекогаш и водата е тишина.

Само одненадеж две вознемирени страчки
ги активираат пушка - митралезите
и ме пробудуваат од привиден сон.

Контурите на пределот се нецелосни и јасни.



ПРЕДЕЛ


Низ овој раскош од убавина
ние сме заталкани
и не може да се рече
дека не сме пријатно изненадени.

Над нас, од пределот,
тече и бучи матна вода
во водоскочни порои престорена.
Пред себе тера дрво и камен.
Ја опустошува летнината . . .

Фантастичен привид за приказ!

Приказ?
Фантастичен?!

Сé добива некаков сребрен сјај,
дури и ние.
Го бараме патот за излегување,
а ниту има пат, ниту ние патуваме.

Само мислата ни е залудена
и го создава овој предел за да талка во него,
да биде птица пред да се накани да пропее.

Се покажува - излез нема.

А и само да имаше
врз овој предел налегнува друг,
натаму се ѕвездените пространства на истек . . .

Не чуј, Боже,
што ни било пишано!



ТАПИЈА


На дедо Коте и Ристо

Ја разлистуваме тапијата на времето,
ги будиме секундите на заборавот.

Еден чекор до смртта
пресекува сенка од глог.
Неожнато демонско поле
навестува оловни плодови.
Часовникот е скршен,
ороводецот отпуштен.
Еден чекор до смртта
потпева топла потполошка.

Од пожолтената хартија
се жести немаштијата.
Лебот е сув, усните суви
пепелта е гола повратница на росата.
Како на државјани со царска исправа
дали ви олесна Високата Порта?
Земјата ја разделивте на дунума,
на евлака, на аршина, на ќера . . . *

Сепак зрното за неа го плативте
со отсечена глава.



* турска мера



СМРТТА НА КАНАРИНЧЕТО


Еден кретен од Прекудрим
го секнува водоскокот на шумата
го брка канаринчето
од поплавените сончеви имоти.

Дејди лична Татковино
ти ја колат свежината на прстите.
Раната е отворена и боли.

Малку пред тоа
чадот од дрвото го удри в очи,
од шумите кралски и небески
тргна по судници, окопи,
сури суводолици,
Тој - сега оддувната глуварка.

Се најде на раб од Лимб.
Сам.
Во Сино.

Телото
ја испушти душата да тоне в плитак,
таа се извлече од змијската кошула
на заборавот
и се круниса со пламенот
што не е
ништо.

На прагот од планината удира гром,
го распарчува дрвото надве,
остатокот од црвеницата над гробот
е неозаконета леарница.

Згасна телотворната топлина
на канаринчето,
гласот му се престори смрзната земја.


УБИЕН КАМЕН


Ми донесоа грст пресни броеници,
убиен камен од молња.

Се покажа леса од дожд,
сјајот на каменот посилно блесна.

Ми донесоа Тропар со две чаши,
со женски лика обете напишани.

Ми донесоа, оти да не ми донесат,
поздрав од русалии во скршен меч?

Ми донесоа од незавршени боишта
пердув од исквачено пиле.

Ми донесоа и закана пред нападите,
последна опомена, зошто сум уште жив?

Пред да почне да стенка грмежот,
којзнае што ќе ми донесат, Оче?


ЛЕТНА НЕВЕСТА


Летна невеста се качува нагоре
облечена во сончева азбестна руда.
Бакарот на торзото í е свртен кон Етерот.
Архитектурата и’ е зрела вазна.
Се оплодува на слогови, ко житото.
Трендафилите и’ се попрскани со крв.
Езерото - повлечена сина трепка.

Моли ги очите да кажат нешто
и за себе,
нешто за плодницата што ти е удрена со казма
Софија -
моли ја белата линија на поезијата
да те постави Кралица,
крунисана стонога ѕверка.

Кој ме протина низ иглени уши?
Кој ми ги замотува месечевите мени во траба?
Кој со зажарена пила од воздишки
ми го сече црковниот столб?
Кој ми ја приведува жетвата при крај?
Кој, во исто време, ме положува
во узреана нула од пепел?


СВАДБЕНО ПАТУВАЊЕ


Во отсјајот од стаклото на прозорецот
Таа стружи како лавица,
ја испраќам на свадбено патување
за да го смири внатрешниот неред.

Во Самос остров на робови и учени
верувам ќе им се приближи на законите,
ќе му се моли на времето за да ја врати
со цицки набрекнати ко топли сомуни.

Можеби ќе ми донесе рачна творба
направена зад некоја затворена врата
или неколку синџири што ќе í се најдат
прирака од старина крај море оставени.

Ако се помрачи сонцето додека е в преграб
не ќе ја измерат аглите на Питагора,
можеби рамнината ќе ја побара во себе,
но какво фајде од ваквите направи?

Како дете што си играло со песок
ќе ми донесе светло зрнце од плажата.
Господе, зошто ми ја отвори школката,
зошто ме принуди на свадбено патување?


ЕПИДЕМИЈА


Лекарите се затрчани во гасење пожар,
коконите во загревање кади и кадење -
легнуваат тие од замор со набуени страсти
крај машки тела како крај светли столбови.

Некои што доаѓаат од Европа велат
ваква епидемија не се памети од искони,
болеста навистина зазема грди размери,
цели толпи од луѓе испопаднале в трева . . .

Пегите вјасаат, узреал дел и од Медитеранот,
Фалсификувано ти е здравјето, да знаеш!
Стави нога в узенгија како Крали Марко
троножецот зад седлото на Бабин Заб, фати го.


ВО МЕЃУВРЕМЕ

(вест за неразумен гест)

Остра осуда и длабока загриженост, па и болка
ја исполнија душата на една видна Леди.
Таа ги поместува неодминливите ентериери
со таква невозможна брзина
што жолчната проекција за настаните се скина!
Со желба да оди докрај по свежи детали
не пропушта ништо на случајот.
Но што од тоа?
- "четворица мртви, 32 тешко ранети,
пустош. . . "
Атентаторите со гнасење беа примени во светот.
Нивните змијски дувла кој ќе може да ги открие?
- Варварскиот акт на насилствата -
продолжува.


ШАРКА


Инаку има главен лешник кај себе
спореден лешник во твојата еза

Дална како бич божји и уште потаму
го крие студенилото во намовнат 'рбет

Од сонцето чека милост прелетна
да и’ го плукне дамарот и забот

Арабеска на твоите соништа, можна
опачина на зеленото врз сино

Совршена геометрија во движење
шарка на нежните дамнешни идили

Кованица од циклични прстења
чии огнови подзастанале в пепел

Инаку има главен лешник кај себе
Спореден лешник во твојата еза


ЦВЕЌЕ

Таа набрала свежо цвеќе
и со него врти околу врв планина

Пламенот на цвеќето копа дупка во мракот
има свој жив мирис
неразумно го голта просторот

Најпосле пие млеко од Млечен Пат
и се растура во него

Таа намќорка набрала бело цвеќе
Лицето и’ е порцеланско

Со форма на детска дланка
го вртам клучот во сонот
Северната топка
ја потресува планината

Со очи студен туш
сипе цвеќарката
се досетувам - минала комета
сонцето повторно грее

Зевот на белото цвеќе
во светли пештери се губи
со убиен камен во срцето



УБОИТО ЗРНО

Никогаш не ќе го видиш
големиот влекач од сомнеж
големиот питач во Од

Никогаш никогаш
не ќе исплови давеникот
во друга поширока вода

Крушата не ќе ги наниже
истите плодови на мојата беда
на скитијата стамена

Залуден саркофаг
ми клеса румената зора
отакј родената мисла

Потекува килибарот жив
ми ги сложува прстите
ми ги досплетува јазлите

Никогаш никогаш
убоито зрно од оган
не ќе ја довтаса мојата жед



ПРАШАЊА ЗА ВОДАТА


Кој го раздвижува тој воден сноп,
змија од вода што ме клука?
Кој ме плиска и зошто?
Кој ми го отвора небото?
Кој ме носи на ѕвезда?
Кој сум, всушност, јас?
Сум се играл со бранови?
Кој ми го дал тоа право
да создавам музика од вода?
И што бара водата во мене?
Чија е онаа утроба,
седеф што го ткае брегот?
Страшилиште од подмолна закана?
Чиј сум јас
што сведочам за брановите
и чија е онаа квачка горе
што ми ги колва чувствата?
И онаа светлина што ме прогонува
со сопствен меч
на излегување од вода?
Јас не го измислувам песокот,
јас го поддржувам.
Ако треба бранот да се опише
тоа треба да се стори водено.
Тој уште шепоти,
тоа значи ли дека постои?


ПЛИВАЧ


Овозможени му се плодоносни движења
ракува со справата вода
прелева студена закана во навика.
Влегува во нешто што се здобива
со префинет глас од порок.
Ја впрегрнува сама да влече свежината,
прави нешто и сам: откопува дупка.
Посадува во своето розово тело
неодминлива бразда на давеник.


ИСПОВЕД


Ја изгубив душата еден ден
кога телото ми беше отсутно.
Ја изгубив или ми ја пренесоа
на грамофонска плоча!

Не се сеќавам кога беше тоа.
Бездушни ја разграбаа
по телефонски жици.
Мојата душа е меко кадифе.

Кога го прескокнав
своето громорозно Јас,
во моето тело насилнички се вселија
побеќемина каскадери.
Ги зазедоа пусиите на препад . . .

Покрај телото
ми ја расцепија душата.
Тогаш преку екранот на мечтаењето
на стадионот на сопствената Олимпијада
се видов болвосерка в колор,
напуштена клисура пред дождовите.

Малку пред тоа
во градината на мојата кристална топка
крај зрела грмушка
ги пасев елените на Персефона.
Јас сум погодена со гром.
Спасувајте се, сестри!


ПОРТРЕТ

Целата ја разлеа на платно.
И’ ја внесе музиката на допирот.
Складиштата на слободните движења.
Со сé што го услови -
ведрите гласови требаше да и’ ги отстапи за друг.
Мрачно навлезе во длабоко пророкување
на таинственото чело од посна земја.
Тогаш го плисна недопирливо руменило,
небеска гордост зазрачи од платното.
Се обиде да ја фати во лесен чекор
како што се фаќаат светци и пророци.
За обли колкови усните шепотеа . . .
Не ја праша ни кој ја гравирал, ни кога?
Рефлекторот на убавината ја осветлуваше
во отсутна мисла.
Тој и’ го откри кирилското писмо,
ја плисна со густи мириси
од покренати порои озон.
И’ ги собра сеќавањата во китче смеа.
Тогаш му реков на сликарот -
ракувај со отровницата и оди докрај,
мојата мисла те следи.
Штом го доврши делото
Таа ги крена сопствените асови
против самата себе!


ПЕРСЕФОНА


На излогот од женска галантерија
се покажува Персефона со обилна нежност,
со миризлива коса од зрела 'рж.

Со обоен глас од милосрдна љупкост
како да се преселува во друго небо,
подарува цвеќиња од своите насмевки.

Персефона работи во две смени:
напролет на земјата и’ вдахнува душа
за да се заврзат богати плодови.

Со црвени конец слегува в пекол,
со бел се враќа повторно в рај.
Како древна божица навестува драма.


ДИЈАЛОГ


Доаѓа Господ и ми вели:
- Што сакаш да правиш тука
еј ти толку мал со толку голема жена!
Со зажарени образи од срам, му велам:
- Дете. Сакам да правам дете.
Згрозен од моите незаделкани зборови
дедо Господ се скри во трнот
додека ги искачував питомите ритчиња
на мојата голема, разголена жена.
Ü ги пребарував долапите, скриени и отворени,
се мушнував во нејзините тигрести сенки,
лазев по нејзините свечени бутини,
ги отнував белите чешми на нејзиното јаве.
Таа голема и натежната како клада
ги листеше и ги прелистуваше моите пролетни утра,
ги кинеше лисјата на мојата питомина
и шепотеше: " Не си ми кажал дека и Господ
веќе ги кренал рацете од тебе! "
Во тој занес од додавања и одземања
кога мојата голема жена ми ја разбра смислата
на мојата подзаостаната свест, дедо Господ
повторно се јави: "Еј ти таму,
што правиш уште, до кај си со детето? -
- Готово е, рече мијата голема жена, дедо Господе
можеш да излезеш од трнот
зашто и овега го почувствував само како мрава!


РИМСКА БОЖИЦА


Ти благодарам Оче, што ми купи
римска божица.

Навистина е како од калап!

Навечер ја разголувам и í шепотам
- Ајде, убавино, слеј се! -

Таа станува и со бакарен толчник
ме удира по глава.

Мојата римска божица плете фанела,
а веќе мисли на следното стрижење.

- Влакнести ти се градите, вели,
во нив може да се скрие крдо мајмуни! -

Но јас знам, јас свирепо знам,
во нив се крие само мајмунчето
на мојата римска божица.

Ти благодарам Оче, што ми ја купи!

Секое утро таа ме беси на ченгел
и низ замав со мечот на правдата
ми ја отсекува главата.

Телото ваму, главата настрана.

Со едното око на мојата отсечена глава
го гледам мајмунчето од туѓи спомени,
со другото мојата римска божица
што се упатува за да се пупи под туш.

- Уште не ми е свежа ногава, вели,
инаку главата ќе ти летнеше како топка! -
Меѓу моето тело и мојата отсечена глава
мајмунчето на мојата римска божица
игра карти.

Пих, се кикоти тоа гледајќи ме,
- главата, тате, ти личи на кец!


ПРОРОК



Си му го извлекол срцето на еленот
Си му го осакатил ткивото на кленот.
Од женско тело си собрал живи букви
За мртва азбука. Еј, Еремијо овој сака
Да го прочита пламенот на твојата моќ.
Овој сака преку јагнето и орелот
Да ги раздвижи мртвите стада и јата -
Скаменети од Мраморно Море на Времето.
Овој сака да ги пушти стрвни птиците
Во еден пурпурен простор. Сака
Да го одгракаат својот првобитен крик
За да не се знае што оди а што лета.


ВИР


Ветерот и ветрушката се огледуваат
облакот седнува на колено од Бога
низ вратата што се отвора и затвора
некој ми го трга светлото јаже од вода

Меѓу процепот на девствената синевина
разгранува рајското дрво со птици
Високот на Сонцето што го потпира Небото
допира до зажарена точка од бакар

Со знак за показ мислев на женски пол
крвта шуми при искап свежо и румено
од зад лозниците небески се покажува огнен срп
нежноста за да ја реже

Додека се полнат гроздовите
водата е точна терезија од дојки
Сонцето се злати од крајот на пирамидата
окото на Ное бара двојник



ПАРИЗ

(сон)

Моето престојување во Париз е отпечатено
во една кула со древни ѕидови,
крај една кружна река на осамени луѓе.
Се изгубив од мноштво видувања.
Ме најдоа жена и маж, Македонци.
Ми зборуваа за еден поет, бегалец.
- Тој има многу деца, вели жената -
се лекува навечер во париско предградие.
На жената и’ се стурна фустанот,
чесно и’ помогнав да си го крене.
- Овде нема никој, вели мажот -
твојата торба е фрлена в градина!
Во фоаето пред голема сала за ручање прашаа
кај отишле моите несреќни сопатници.
- Можеби отишле да снимаат филм
тие чемерни кипови од Македонија,
можеби веќе ги вардат легионери
да не им ги продупчат бронзените кошули.
- Што татко бараш и ти во Париз,
оти не сонуваш во други градови? -
ми вели насмевнат и здрвен портир,
неподвижен ангел како од кај Учело.
Не знаев френски да блекнам ни збор.


АПТЕКАРКА


Таа ме обожава.
Ме пречекува со акорди бели тонови,
ми ги подврзува во грсти целофан
моите растурени мисли,
ми удира неповратни печати со квазерите
на своите очи . . . аптекарката . . .

Таа дораснува за да се поистоветува
со пусиите со копиите со растојанијата.

Од лозницата на моите хиероглифи
кине бели гроздови горчина,
ме испраќа во блажено растурена смеа,
ми го поттурнува крстот на чело
задумана, во друго стаписано време,
се домислува и се престорува провиден ангел . . .

Пред да го измери тоа што и’ прилега на душата
остава нешто да превагне и кон моето тело.
Малку има скриено и за силата.

- Ќе пиеш трипати на ден
по еден сончев диск во магла,
ако сакаш да се кренеш како меч сред шума! -

Потоа аптекарката . . . ах аптекарката . . .
во кружна линија повлекува метално топче
и на тасовите од застоена вода се огледува.
Таа е Божица на супер лекови,
на супер нови . . .




ЛЕАРНИЦА



Меѓу Алфа и Омега
трагите се отиснуваат,
излегуваат од недостаток на плодноста;

стаписани, тие ги бесат оковите едни врз други,
стануваат црвени фитили над пламените јанѕи.

Фурии, Фортуни, Стии.

Срцата им се здробени ткива на кристал,
топилницата на ноќната Ава црвоточина
на три еднолични друма -

пред да влезат во обилноста на жетвата
привидно се најгоре, телотворни,
а се откриваат на раб од невозможни стеги.

Ја оставаат земјата езерска
со белите јагниња истерани од брановите.
Правец им е засекот на Пацификот,
Вртолум - Австралија.

За да го пројдат просторот од нигде до нигдина
вратите им се отворени во ничија доба,
меѓу две опачини се покажува и третата.
Впрегнати тие засекогаш постојано се оддалечуваат
се одлеваат и се губат
меѓу Алфа и Омега.


МОЛК


За тапијата на свети Ѓорѓија Костурски
Молк.

За свежината на апоскепските чешми
од кои четириесет години не ја оладил устата
зашто границата се покажа рамна на месечева мена
што се валка во сверата на Јупитер
наспроти прстенот на Сатурн,
Молк.

Како може човек да ги остави коските
во океанот на тишината,
кога секогаш се потпирал
на брановите од океанот на бурите,
на сурите?
Молк.

За колежот на родословјето,
за една патека посипана со слана
Молк.

Најпосле смртта го ослободи
во светла соната, мала,
го крена до над облаците
на сончевата катедрала.

ТРАГИ


Повеќе мислата отколку јазикот ме создаде
Животот го овластив за да ме круниса со смрт
Меѓу веселбата и заморот имав долго патување
Во својата трошна материја оставив трајни траги
Повеќе гледав внатре и дознав дека не сум згрешил
Да се сече докрај се уверив еднаш за секогаш
Признавам, растуреното е растурено и не се збира
Не постои ништо друго освен Атом и Празнина
Млекото од прворотка се молзе и од мојот ум
Дали не сум сакал жени, деца, зраци?!
Најпосле најголема радост ми била сиромаштијата
Јас, Демокрит од Абдера, со лице на Демон и Девица
Со око од разум разоружав се’
И ако треба да ми се верува
Досега не сум барал благодарност!


ВРЕМЕТО МИНУВА


Сред глувотии се слуша глас -
низ етерот се тркала бремето на денот:
"Многу жртви на боиштата кај Десфул,
топовски салви в постојана акција . . . "

Во водата тоне сенката на ракот.
Совеста е грешка на природата . . .
Може и самата пророда е грешка . . .
Се огласува млада жена тажачка.

В миг на препад невидлива сила
врз моите размисли врши рација.
Расте мозаик од воени жаришта,
тркалезни маси . . . стабилизација . . .

Времето сиво, украдено минува . . .
Човекот е заврзан со пипка од гад!
Дал некој има душа ко цреша в планина
пред овој устрем од неповратен пад?

За Јован Котески

1. Целосна блог-архива за животот и творештвото на македонскиот поет Јован Котески (1932-2001). Блогот ги содржи целокупните поетски збирки на Јован Котески од 1958 до 2000, како и неговата лична и творечка архива.

2.Материјалите од блогот се слободни за користење во лични, образовни и научни цели. Забранета е нивна употреба за комерцијални цели и без наведување на изворот и авторот.

3.Сите дериватни дела (правењето песни, раскази, романи, музика, сликарство, вајарство, документарци, филмови, стрипови, спотови, танц, фотографија, дизајн, мода, видео-игри, виртуелни светови... научни и стручни текстови, теорија и филозофија, публицистика... врз основа на песните од Котески) се дозволени, доколку не се користат за комерцијални цели и доколку се наведе изворот и авторот.

4.Авторот на дериватските дела мора целосно да го наведе текстот на оваа лиценца (на истиот начин како што се појавува овде).

5. Доколку некој автор спомнат на блогот смета дека се повредени неговите/нејзините авторски права, може да ја контактира Јасна Котеска на jasnak@gmail.com

...за Јован Котески од Јасна Котеска

Линкови за Јован Котески

Multimedia


Каменоресци. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк
Кајмакчалан. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк

База на податоци за книгите на Котески

Базата ги содржи:
1. Насловот на збирката
2. Годината на издавање
3. Издавачот и серијата
4. Пагинација и димензии на книгата
5. ISBN (кадешто го има)
6. Насловна корица

I. Збирки песни

1. Насмевка пред зорите (1958)
2. Земја и страст (1958)
3. Злодоба (1963)
4. Тежина (1965)
5. Пеплосија (1966)
- Земја и страст, 2 изд. (1971)
6. Сенки (1972)
7. Зелени порти (1975)
8. Хераклеја (1978)
9. Поморија (1981)
10. Бденија и сновиденија (1982)
11. Полилеј (1983)
12. Плодови (1984)
13. Тапија (1985)
14. Сончева белегија (1990)
15. Живожарица (1990)
16. Морници (1991)
17. Ралица (1992)
18. Лелејка (1994)
19. Самотија (1994)
20. Трагач (1996)
21. Приќе (1997)
22. Одрон (1998)
23. Разор (1999)
24. Кртечина (2000)

II. Избор од поезијата

1. Злодоба (1992) - избор
2. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - избор
3. Празник (1995) - избор
4. Решетки (1996) - избор од затворската лирика
5. Јован Котески (2000) - тротомен избор
6. Сончева белегија (2008) - избор

III. Препеви

1. Pesme/Песни (1974) - српски
2. Dragoste si moarte (1981) - романски
3. Strah i duša (1984) - српски
4. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - англиски, француски, руски.

IV. Песни за деца

1. Глувчето со двоглед (1991)

V. Книги за Котески

1. Поезијата на Јован Котески (2003) од Миодраг Друговац

Избрани песни

Јован Котески
АЛКИ (1984)

(старзаманско оро, по војната)


Писнува свирката на катун Еѓупци,
збива планината в подмолен татон.
Едно старче ја крева раката,
ногата ја подава како да влегува в гроб,
го фаќа ритамот на расплаканото пиле
и опа! - го почнува орото. Еден по друг
како алка со алка се врзува синџирот,
се издолжува од премалени тела.
На крајот од овој божји сплет
едно извалкано детиште со лице пердувче
го крева рачето во знак на лага
и со камшикот сплетен од живи тела
почнува да го камшикува господа
скриен во свирката што плаче.


Jован Котески
Трагач (1995)
поема

- извадок-

Пред да избереш девојка за жена
најпрвин избери огледало
на кое ќе се огледува муце од видра!
Според бојата на земјата по која се втиснуваат
твоите траги
одреди ѝ го тварот, не заборавај го зборот!
Храни ја извесно време со суво грозје
како што се хранат канаринките.
Пред да зачекориш во подвигот погледни ѝ ги забите
(бели?)
кажи ѝ неколку простени молитви гласно и јасно!
Наостри ја сабјата како секавица
низ Димна гора за да ти се гледа . . .
Потковај го коњот наопаку со клинци
- жолти дукати.
Не пропуштај го галавниот адут - виното.
Пред да избереш девојка за жена
појди на чешма и со часови гледај го млазот вода . . .


Колку и да ти се открива како светица
таа ќе ти ја одземе силата, човеку, не Господ.
Не срди се што не ти ја дополнила чашата
течен ќилибар, таа ја знае суровата мера.
И не бегај од неа како овчар од магла,
не оставај ја усвитена фурна,
таа ќе го пече тоа што ќе го рече
па макар ти да се здробиш на парчиња во Солунско!
Не број го времето со часови, денови, години,
симни го јарчето на сржбата од вратот
и врати се кај што се врти вретеното . . .
Инаку таа знае да биде и црвена мравка,
ќе ти ги растури името и куќата.
Ќе те остави гол како пиштол
а своите рудни богатства на имањето
ќе му ги отстапи на Беле Костурчето
што ќе ѝ ги прекопува со жешка казма!