6. Шеста збирка песни Јован Котески „Сенки“ 1972 - избрани песни

ЈОВАН КОТЕСКИ

Сенки (1972)

избрани песни

НЕ ЗА ДОЛГО . . .

Каде си во Долот?
Стебло до стебло,
сега си сраснета
со коренот .
Како ковано сребро,
снагата ги впива зраците,
не за долго.
Твоите коси - црни леси
ги мамат ветриштата.
не за долго.
Очите ти се свртуваат кон небото,
прстите немо шумат,
дланките во зелена чоја мируваат.
Не за долго.
По твоето тело
како по празно корито
ќе протечат пролетни води,
не за долго.
Ти си тврда и спокојна,
ти ги разделуваш зорите и горите,
но не за долго,
о, не за долго!




ЗАПИС

Без твоите раце е како во деновите кога се допрев
до бакарен сјај, во Дримкол. Врнеше,
луѓето ја делеа правдата и земјата.
Како изминаа тие дваесет години
не би можел да ти зборувам,
зашто накиснати се враќавме со овците и спомените.
Купишта зеленило истураше пролетта наоколу,
куќи притеснети, селски.
Кога се гледаат победени а убиени тоа е грдосија,
гозба на пци како пред многу години
и тоа е грозно.
Да, како можеше да опусте наоколу сè така
кога ти реков:
ај допри се до сè што има,
до сè што ти сени пред очи!
Не би можел да ти зборувам за маглите раскинати
што се точкаа криејќи сè, насекаде,
но овој плач дал гребе?


ДИЛЕМА

Како што се множеа погледите
и прашањата низ таен бол,
така набрекнуваа жилите
по нашите нежности кревки.
И зборот заврза, чиниш плод,
од чиј вкус лек му нема,
а само малку движење
од кон зелените порти
и кошмарот - опоен цвет
и пеплосан плин никна.
Со сјај на посна земја
вјасав и те втасав
о, сржбо налактена!
И сега де, облино блага,
од ковчестите извори
шика, засенува тага.
Сè што си пламна во темен дол
од јарост бликна.

КЛЕТВА

Од Секула плачела дури и земјата
Со очи пенливи како змија
Секула ги заматил солзите народни
на една сува и неплодна земја.
Крај патот луѓето - светци огребани
го чекале сонцето со леб и камен.
Секула го собрал зрното пукнато,
- да му пукне главата, рекло дете,
- да му пукне окото, рекол господ.


ПО ГРОЗЈЕБРАЊЕ

Вратите се отворија
и никој не кажа: "Лозите се тука
и дрвото за бесење е тука!"
Зад жолтиот брег,
како во соништата, сполај му нему,
прачките во облина на секавици
се качуваа в небо
и сè што се ткаеше во стравот,
на смрт мирисаше.
Со боботење, со пламтење,
изворот на сонцето
во мене секна.
Зад златниот срт,
жилите 'ртеа во кревки лози
и со сребрена игла, а пијан,
ангелот на љубовта и виното
тонеш . . .
Како загасени огнови, неми,
лисјето го засенчуваа патот.


ПРОЛЕТНА ПЕСНА

Слушај сине
клокотење на некаков цвет
во измислените градини
на туѓите болести.
Се врзува ластовичка
со женско влакно за ногата,
а едно девојче црнко
задена на струкот темјанушка
и гревот го носи в очи!


ПТИЦИ В ПЛАНИНА

Птиците се прст и плева
изгрејсонце што ги сипе,
птиците се светли точки
кон златниот залез што кружат.
Птиците се сини езерца
разбранети во воздухот,
тие се жуборливи поточиња
што течат по гранките на буката.
На пресрет, срцето го креваат со крилја!
Љубовта ја точат низ клунот,
а кога ќе заруменее зората
денот им станува убав.
О, птици на слободата!
Кој ли ве сонувал буден?
Со првото раѓање на смртта
вие слетувате во зелен сон
и протонувате во стрмен водопод студен.


ЖЕНО ГОЛА
Во чест на Р.Х.

Чешмо на страсти човечки,
задоволство на едно питомо племе
жено гола, како да те оставам?
Протекуваш крај мојот живот мачен
бистра водо, совршена убавина
меѓу небо и камења, жено гола,
како да те оставам?!

Меѓу мене и моето тело оган,
ај со здравје бистра водо во олукот.
Со чад и злато, со земја и камен,
не ќе го дочекам Ѓурѓовден!
Оваа робинка ме зароби мене
и мојата душа во цветот бел,
ај со здравје бистра водо во олукот!


ЕДЕН ПОГЛЕД

Еден поглед како извор,
како шумолење
на младо лисје,
како сончево капење по цветни златни нишки!
Поглед што занесува и прекорува,
што влева надеж,
мило созвучје на гласот што протонува,
поглед што зрачи.
Еден поглед кон лебот,
кон ѕидот што се урива,
кон тој што дојде вчера,
кон својата пазува и својата рожба.
Поглед кон затемнетите пространства на небото,
кон синџирите што ги сопнуваат нозете,
кон празните дланки до реките,
о Мајко, поглед чист,
кон скршената чаша на денот.


ВЕЈКРПА

"Каде ака, што ли сака, посестрима?!"
Така реков и пресеков, вудве, вутри,
разлистени божји лозја таа има,
а газојте ко сонојте сал ги шутри.

Така реков и дотеков сиот в пламен,
ме обзеде, ме превзеде, зорле, кутре;
дур в долојте од болојте ѕвони камен,
брана влече, а не’ рече: " аман, утре!"

Ја поткачив, ја накачив забран кревка,
зло да мисли, непомисли, сал се дрочи,
само ваби и се аби, млечна тревка,
клопи - топи, сласт ја опи, очи-точи . . .
Небесата гонат - ронат кревки солзи,
бели бразди в бескрај јаздат, тивка стреа
наоколу тажен април нежност молзи,
ја поткачив, ја накачив смртен неа!


ТВОЈАТА ОБЛЕКА

Твојата облека, од облак сјај,
шум на дождопади што се пенат,
глас од кукавица в родниот крај
жолчно дамарите кај што сенат.

И таа, ставата, збита во клас
под сончев зенит мирно што дрочи,
се фопка семило низ таен глас
од сина саја до жедни очи.

Рамнорее страста низ цветот бел,
се сипе нежност на крила в зори;
вител во крвта, а припекот пред
ко зелен повеј на усни гори.

В кошмарен занес, в стотаен круг,
под светол кичер на млечно трло
те барав, а зар не те допрел друг,
на сува земја за рудо грло?!

ПЕСНА

Во млитаво стинило клопка кај што блеска,
сон - имела жегоса во катран и треска.
Намети врз намети во памет се пласти
мразот - сина омраза, 'рбет од красти.

Стожат нежни снежинки во дувлата мртви,
зар спокој ќе огрее зли јата без жртви?!
Угаснати финаси се крилјата сега
лизнати од просторот кон бескрај што бега . . .

Треба да се сонува месец, мртво море,
залив ко узенгија, виснат ченгел горе.
Треба да се сонува за крвта што стине
во запис на зимата сенка кај што мине.

И без свет пред погледот снежејнца се ежи,
мирно е натрупана и оловно тежи.
Од дното е слината, плива в чудна пена
лажна тенка сончева - белина од жена.


СОН

Преслапта на Галичица

Немееја манастирите под светол свод
на лузна небеска, се скрши една вејка
од млака водовритица на скокален род,
просторот посоп од празна лејка.

Ти заблазнуваше низ запурен пресен бол
како заклапана пролет крај стрма лака
и режејќи, ко со вретено, ужас гол -
на посоп посегна од укор тешка рака.

Што би, та врз гозбите се срони детски плач
и чинам, со твоја светлост кандило гори;
а таму, надолу, ужас и припек сач
тенките жилки на болката мов ти стори!

И ползев по оној стравичен и темен срт
додека народ во кривудолица тиска
и мрак мермер, ко скаменет лик пред пречиста смрт
од тебе летната, во мене слетана, блиска.


КОМИТА

Сомнеж саќе: "в поле око, в гора уво",
на пусија бел делија доделија.
Распукано јавор дрво дреме суво,
ноќта в ровот зол комита преселија.

Сон заборав плете мрежи, а тој лежи,
дур ѕвездите ќе се ројат в бездна срашна,
дур радоста ќе се крои и ќе тежи,
тој ќе лежи со пчелинок в игра прашна.

Да не беше дојден така, било кога,
ќе немаше блик на светлост, сјај на зора,
ни молитва, мелем - грло, плачдо бога,
- ќе лежеше Патот Млечен в ситна пора.

На пусија млад делија доделија,
сребро сребрат очи матни, жарој гаснат,
распукани црни лузни зацелија,
сал на ридот светли зраци в пелин јаснат!

ПРОШТАЛНА

Ми ѕвонат празни пространства во свеста,
ко распнат лилјак пат се вдал,
росоплет извор шуми жал:
бакарно небо глоби в сури места.

Глоби на медот горчината нема,
на сонот ликот чезне пак,
детскиот поглед - повеј драг
(тајната на плачот име ѝ зема.)

Остани, тргај, шепни в глуво доба:
"ластари веќе бушав даб,
засечи в корен со сув заб . . . "
крај нас немо сенат два-три сури гроба.

Ми ѕвонат празни пространства во свеста,
ко распнат лилјак пат се вдал,
росоплет извор шуми жал:
"празни се, празни невините места".


КИЕВ

Живеете лепливи ко смола,
старици од ритчето кај Днепар,
живеете како болка гола
од рана на пресно ранет вепар.

Живеете, а лутаме ние
ломни чеда низ рамница вита,
над нас сонце украинско вие
гнезда бели до сочните жита.

Во црквата, сред Киев, што сакав
да сум лемна мумија во дното!
В крв и злато да подигам ракав
ко безумник од платно на Ѓото.

Сè замина во бескрајот сенлив,
ко галија низ Днепар што мине,
јас сум предок, ти бунтовник менлив
во сјај пргав зракот што го кине.

(Украина, јуни, 1970 година)


ПРОКОБА

Овде нема клин и века
за да лишти бол на вода,
скарпатена зар те чека
да ти близне роб за рода?

О, угари, стрмни бори,
каков стамен камен никна?
Се подаде желна в зори,
од сопствена крв што бликна.

И зар дојде светла стрела
без звук и без шум на згура?
Сè што било: пепел врела
стожери врз кожа штура.

Мртов кратер, мртва рака
не подига прсти сури;
стивнат пламен спокој сака
врз сопствени трошни бури.

СТОБИ

На пепел пенлива во тебе налик Стоби
го градев, мермерот од укит свежо бел
јанѕеше од дамнина, ко надеж што гроби,
врз спилје сончеви со тег на вршник врел.

И над камењето затаено глеј дроби
времето прсти од згура и вези лем;
оф, градината на сонот в уста ми Стоби:
што? - зар звукот е закриен во кавал нем?

А каква ли сочност за спомен сега коби
времето, или тоа само ти си прв
што си ги освежуваш утрата над Стоби,
што гаснеш со изгревот в растопена крв?!

На пепел пенлива во тебе налик Стоби
го градев, талкајќи по камен - укит бел,
несетно, за дар, мојата болка ја доби
ликот мермерен, раздробен в прашина цел.

ВРТОЛУМ

Отшуме на летото златната пола
со милост на фреска небото се гаси,
а убоста обла рој млазеви гласи
боја, крвта твоја, секавица гола.

На зол припек цути ѕунлив дрен од пчели
болка, сред два молка е изгревот менлив,
пред око што зени и облакот пенлив
жари ко да зари в наковални врели.

И смртта што стаси пред зелени врати
е восочна птица сведни што се дига,
гледај! в топла солза бледа сенка стига:
лик земен од кремен сонце што го злати.

Со тих шепот залез благослов ќе рече
тежок збор за двор пред осамени ниви,
коси, слана роси, посребрени, сиви,
смилје, зрело билје, долу што ме влече!

За Јован Котески

1. Целосна блог-архива за животот и творештвото на македонскиот поет Јован Котески (1932-2001). Блогот ги содржи целокупните поетски збирки на Јован Котески од 1958 до 2000, како и неговата лична и творечка архива.

2.Материјалите од блогот се слободни за користење во лични, образовни и научни цели. Забранета е нивна употреба за комерцијални цели и без наведување на изворот и авторот.

3.Сите дериватни дела (правењето песни, раскази, романи, музика, сликарство, вајарство, документарци, филмови, стрипови, спотови, танц, фотографија, дизајн, мода, видео-игри, виртуелни светови... научни и стручни текстови, теорија и филозофија, публицистика... врз основа на песните од Котески) се дозволени, доколку не се користат за комерцијални цели и доколку се наведе изворот и авторот.

4.Авторот на дериватските дела мора целосно да го наведе текстот на оваа лиценца (на истиот начин како што се појавува овде).

5. Доколку некој автор спомнат на блогот смета дека се повредени неговите/нејзините авторски права, може да ја контактира Јасна Котеска на jasnak@gmail.com

...за Јован Котески од Јасна Котеска

Линкови за Јован Котески

Multimedia


Каменоресци. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк
Кајмакчалан. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк

База на податоци за книгите на Котески

Базата ги содржи:
1. Насловот на збирката
2. Годината на издавање
3. Издавачот и серијата
4. Пагинација и димензии на книгата
5. ISBN (кадешто го има)
6. Насловна корица

I. Збирки песни

1. Насмевка пред зорите (1958)
2. Земја и страст (1958)
3. Злодоба (1963)
4. Тежина (1965)
5. Пеплосија (1966)
- Земја и страст, 2 изд. (1971)
6. Сенки (1972)
7. Зелени порти (1975)
8. Хераклеја (1978)
9. Поморија (1981)
10. Бденија и сновиденија (1982)
11. Полилеј (1983)
12. Плодови (1984)
13. Тапија (1985)
14. Сончева белегија (1990)
15. Живожарица (1990)
16. Морници (1991)
17. Ралица (1992)
18. Лелејка (1994)
19. Самотија (1994)
20. Трагач (1996)
21. Приќе (1997)
22. Одрон (1998)
23. Разор (1999)
24. Кртечина (2000)

II. Избор од поезијата

1. Злодоба (1992) - избор
2. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - избор
3. Празник (1995) - избор
4. Решетки (1996) - избор од затворската лирика
5. Јован Котески (2000) - тротомен избор
6. Сончева белегија (2008) - избор

III. Препеви

1. Pesme/Песни (1974) - српски
2. Dragoste si moarte (1981) - романски
3. Strah i duša (1984) - српски
4. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - англиски, француски, руски.

IV. Песни за деца

1. Глувчето со двоглед (1991)

V. Книги за Котески

1. Поезијата на Јован Котески (2003) од Миодраг Друговац

Избрани песни

Јован Котески
АЛКИ (1984)

(старзаманско оро, по војната)


Писнува свирката на катун Еѓупци,
збива планината в подмолен татон.
Едно старче ја крева раката,
ногата ја подава како да влегува в гроб,
го фаќа ритамот на расплаканото пиле
и опа! - го почнува орото. Еден по друг
како алка со алка се врзува синџирот,
се издолжува од премалени тела.
На крајот од овој божји сплет
едно извалкано детиште со лице пердувче
го крева рачето во знак на лага
и со камшикот сплетен од живи тела
почнува да го камшикува господа
скриен во свирката што плаче.


Jован Котески
Трагач (1995)
поема

- извадок-

Пред да избереш девојка за жена
најпрвин избери огледало
на кое ќе се огледува муце од видра!
Според бојата на земјата по која се втиснуваат
твоите траги
одреди ѝ го тварот, не заборавај го зборот!
Храни ја извесно време со суво грозје
како што се хранат канаринките.
Пред да зачекориш во подвигот погледни ѝ ги забите
(бели?)
кажи ѝ неколку простени молитви гласно и јасно!
Наостри ја сабјата како секавица
низ Димна гора за да ти се гледа . . .
Потковај го коњот наопаку со клинци
- жолти дукати.
Не пропуштај го галавниот адут - виното.
Пред да избереш девојка за жена
појди на чешма и со часови гледај го млазот вода . . .


Колку и да ти се открива како светица
таа ќе ти ја одземе силата, човеку, не Господ.
Не срди се што не ти ја дополнила чашата
течен ќилибар, таа ја знае суровата мера.
И не бегај од неа како овчар од магла,
не оставај ја усвитена фурна,
таа ќе го пече тоа што ќе го рече
па макар ти да се здробиш на парчиња во Солунско!
Не број го времето со часови, денови, години,
симни го јарчето на сржбата од вратот
и врати се кај што се врти вретеното . . .
Инаку таа знае да биде и црвена мравка,
ќе ти ги растури името и куќата.
Ќе те остави гол како пиштол
а своите рудни богатства на имањето
ќе му ги отстапи на Беле Костурчето
што ќе ѝ ги прекопува со жешка казма!