19. Деветнаесетта збирка песни „Самотија“ (1994) Јован Котески

ЈОВАН КОТЕСКИ
САМОТИЈА (1994)


Најпознати песни од оваа збирка:
1. Мрестилиште
2. Стихови за бел Дунав
3. Скулптура



МРЕСТИЛИШТЕ

Што да ти кажам, Татко, осамен сум.
(Осамен Ангел на Света Софија.)
Понекогаш сум Демон,
'ржи стихија во мене, ме корне,
бран врз бран се урива,
крилјата кренати в небо
се растопени калаи. . .

На темелот се враќам преку папочна врвка,
се испусти лозата
крикови стежнаа ко сури греди.
Орото што тргна в небо се растури,
само пресна солза, ораница,
зрее во влажно око.

Сакам да ја споделам
светлината со тебе, Татко,
да се престорам ноќно мрестилиште
пред сенката на твојата сенка да прашам:
"Стрвна птицо,
гракот ти се разнесол ко скинат партал,
клунот ти се престорил
челичен ченгел од крик,
канџите ти смрзнале во топло крвје,
-"Што ми грачиш, Гавране море, на каменот?!"


СИНКАМЕН

Синкамен во пластови го одредува крајот?
Од кај на кај до мене?
Со око не се оградува,
со допир не се смирува.
Синкамен потекува од просторот
што не го мери мера,
(вечна небеска закана?)
Ни рака го допира,
ни кожа го покира,
постои во натрупани грамади
како да бара душа во мене.
Не знам што го навело наваму
се крие во себе ко амеба.
Сунѓер од кој истекла водата. . .
Синкамен во сина синдилија
благовестие, будна стража,
раскопнети множества. . .
Оваа сина симфонија
напредува во секнат бунар.
Се множи во сина Ала синевината,
синкамен ме делка во статуа
и ме понесува
до кревкото течение на заборавот.

А ниту да про'рти зрно.

РЕКА

В река се вгнездиле скрами, троски.
Реката ми вели: "Те сонувам!
Те фати матната нека те носи. . ."
Реката и жената се исти.
Едната застарува, другата подмладува,
а двете се разлеваат
врз моиве 'рѓосани коски.

Реката созрева во јасна слика -
во осама дарува опали, сафири,
можеби од друга комета
се овие сјајни пердуви разгранети -
додека бегам преку мостот со срп
позајмен од млада Месечина
барам блажено богатство во бранот
да си ја одрежам својата смрт.

Од мостот би скокнал в река
(на премин сите ние сме сигурни) ,
сите ние ги врзуваме двата краја,
двете заѕвечкани пранги ги тегнеме
до сините очи на Океанот.


СИНИ СЕ БОДЕЖИТЕ


Сини се бодежите -
раката свиткана в грч
го повлекува змејот
го растопува на сонцето.

Треба да се гледа длабоко во реката,
таа го мазне окото на слепиот,
никогаш не ќе го наслика жива рака
она што крвари од пламенот.

Некој избезумен се јанѕи од дното:
"Не знаев дека железна свирка
ќе ги зароби ѕверовите во скок
врз мојата напластена сенка!"

Бодеж од рог, од млада брадавица
на цицка, бодеж од заб на коњ
што си го пасе времето.
Другото е исткаено од лелеци.


СКАМЕНЕТ СОКОЛ


Млади тела во страст
пласт по пласт
ги грчат лицата.
Ние: ѕверот во тебе
и пламенот во мене
не сме под клуч.

В бунар се дави мачка.

Квачка ги збира ѕвездите
меѓу вселенските чуда
жолти пилиња - копилиња.
Не знам зошто
сонував луѓе од по театрите
ме спроведуваа горе . . .

(Ако се сеќавам?)

Сонував скаменет сокол
од дланките на Татко
колваше растурена пченица . . .
В бездна го барав своето Јас
како што бара гнездо
светлата ѕвезда - Деница.

Телото ми е куќа крвта покуќнина!


ЗАМРЗНАТ ЛЕБЕД


- Што да правам, докторе?
Во свеста ми се врти
воденичен камен, меле. . .
Не дека жена ме изневерува
туку просто не верува
дека зад решетки ја гледам!
Ја гледам заробена
во купиште мраз, а жал ми е, леле,
што стана слика бледа!
И’ го поткревам ф'станот
па маж сум, нели, ебаго,
а таа - замрзнат лебед,
статуа е од натемаго!
Некој Голем се вселил
меѓу нас па не глода,
со сабја димискија не дели,
не дави во капка вода!
Без причина од грло и’ пробива
крик на осамена пауница,
рони монистра од страст,
ги ниже на друга ѕуница! -

(Додека докторот, споро
со глава климнува и откинува
лист по лист од цветот,
музички акорд низ свеста минува
по белите коридори. А веќе
денот лицето си го покажува
натажува и ублажува . . .)

- Да, можно е, жена во таа доба
обично е откината нота
од петолинието на светот
и морничаво кружи со злоба,
со злоба го потхранува цветот.
Но тоа е прашање за показ!
Ти немаш никаков доказ
дека токму таа
кафезот си го скроила
и дилемите си ги преброила . . .

Ако ораш со 'рѓосан плуг,
вината за слабата жетва
не барај ја кај друг! -

- Што да правам, докторе?
Помагај! -


ГРЕШНА БОГОРОДИЦА

И’ го коваа калпакот
и’ го строеја ковчегот
и’ го мереа брегот.
(Евин, додуша.)

Тесна и’ е облеката
широка и’ е желбата
крвта - понорница
и’ блика од страст.
Земно поило и доило.

Жената - зорница
лажно огледало
со сто лица,
сред зандана
сама в самица.

Благословен и’ е медот
на усните,
газејќи по моето тело
како по зрело жито,
низ слепо сито се провира.
Стигнува да ми намигнува.

Јас кренат орел
таа кликтава орлица
се мешаме во матна
понорница. Да родиме
еднаш веќе да се ослободиме . . .

Родот ни дотечува чист
името златно.
На платно
невино ја сликам
грешна Богородица
од род - одродица.
(Наконтена Перивлептос!)

Наоколу
небото кипти од белина,
од мракот на нејзиниот мрак
шикнува млз
виделина. Само, Оче

прва е, прва Ева
во мојот живот скуден,
исткаена од грев
во триж толку грева
разнесена плева . . .
Рудник во нејзиниот рудник,
ама во печката
на мојата магија
е жешка магма,
Кумова Слама во око
на ранобудник . . .
Од крвта и’ прска зрела трска,
убавина, а веќе
нежност збрана
в крвава рана,
Жена - цвеќе,
скапоцен камен
распарчен в пламен.

ЈАС - СО ГЛАВА НА БИК


Бидејќи ѕиркав
низ клучалките, во мазгалките
под светлост на свеќа
ги отворав тајните врати со збор
меѓу мермерните плочи и столбови
виденијата ми се покажаа
на самото место:
бидејќи им ги зобав како цреши
сладострасните усни на жените
- мажените и немажените -
бедејќи со дланки
им ги мазнев облите колкови
што ги подаваа како превтасано тесто,
а меѓу нозете им џвакаше она што се вика
плот, страст, пизма, песочна дина, оаза -
со глава на бик,
а со копито на човек - чувствував,
како по својата совест да си газам!

Бидејќи ми нудеа
сосем откриени цицки
жените - мажените и немажените -
ми се подаваа со вкус
на миризливи праски,
а со раце ми ги тегнеа моиве раце
за со прстите
да им ги сучам пупките кафејави, зрели,
ко ветерот што ги сучи тревите во топли бранови:
бидејќи од нив пиев колку што можев и колку што сакав
нежност, убост, грубост, вжештеност, свежина,
откога им ја пренесов својата светлина
во нивната светлина,
ме префрлаа во својот мрак,
како износено бреме, како тежина,
за во својата самотија
да си го прековувам зборот довек
јас - со глава на бик,
а со копито на испустен човек! . . .


ЛИТАК МУДЕР

. . . Сред чумово оро, Татко, осамне сум.
Малев, премалев
ме свитка болест.
Ко славеј в сеник Прличев пое. А оној
Арсениј, рисјанин од анагорски Кинчи - лаг
е со нова визија.
Татне оро в зар.
Се селев со Шелеви ко вон од лешник
што прави ешко. На пат
икс вошкат, коскат човек,
сон не ме вреба, пушач без жар.
Оца ми, думам:
Селам прави Мила пред Црне од Вапила,
литак мудер.
Лук крадел Дракула, вол едрат, стрв - и
ошумоглавени, збрлавени, засек на чума . . .




ИЗГОРЕНИЦИ


Истамбул, Атина, Скопје, - виа Трст, Ница,
халуцинација на осакатени лица.
Пресечен пат на дрога до бога,
анализа во Пиза, онанија, наркоманија . . .
Уф, телата на Кира, Силвија, Ана
(како што забележа хроничарот)
се престорија светол чад -
изгореници на цигари од марихуана . . .


ПОЕТОТ НАЗИМ ХИКМЕТ


Поетот Назим Хикмет, градинар, комшија,
има колиба со покривка сламеножолта.
Сади и вади хризантема. - А бре, Назиме,
ти снесе ли јајца во трнот
змијата на поезијата
или ги раѓа живи?! - Кажи, да знам,
зашто кога ја слекував својата кошула
жена ми ми подаде друга, мошне пошарена
дарежливо велејќи: "Од змија е -
таа се преслече, тебе да те облече,
колку е топла, ќе се увериш и сам!" -

Две сестри скоро врснички, насилнички, врескаат
како кози по прч! Ушиве ни ги парчат со екање.
"Ако и тоа ти е мелодија, вели Хикмет,
тогаш ние сме ти празни војнички матарки,
само ушиве ни се блазнат од мемекање!"

ПОЕТОТ ЈАНИС РИЦОС


Поетот Јанис Рицос на островски брег
пред узреани плодови зад решетки
на тенка жица од бузуки изведува
Месечева соната. Наспроти брановите, ноќе
забодува нож на масата, во лебот . . .
Ја исплакува безнадежната самотија
на своите браќа. И - исчезнува моќен,
натоварен со струните на Бетовен, глув.

- А бре, Рицосе! Нели нигде не се стигнува
со затворање во себе, по претставата, кажи? -
Со јагленосани ноти од торбата вадиш сомун сув,
им го разделуваш на осудениците, без апанажа!
Низ ќелијата се сноваш ко сениште стапка по стапка,
а толу си присутен како да си еден во сите!
Те утешува само сознанието дека си капка
од растурен бран врз карпа што се издигнува . . .


НАШИОТ ЗДИВ


Коњот ме гледа со око на човек.
Се засилува пламен од фурната
блиску сме до лебот, виното, Татковината,
меѓу заглотените меѓи на Балканот
по рабовите на прославениот Медитеран
воини сме на секогаш изгубени битки,
на урнати свети походи . . .
Секој век е можно најсвиреп век,

- а овој?! -

Тој што се греел
на пенушка од смрека
во душата на дрвото чувствува мајчинство.
Една брчка на лице на фреска
може да те закрепи за 1000 години!
Јас сум поет на испразнети амбари
женските имоти се проколненија,
размножени снежни фурии . . .
Во погледот на жената с'ска змија
очите и’ се прелеваат во рулки - парулки
два скапоцени камења
распарчени на чело!
Споменот за убавото е запишан на рабуш.
Светот дува на шарени кавали.

Додека го фрлам семето од дланка
птиците веќе се распеани хорови.
Рожбата ја носам в пазува, Татко
заматени се огледалата на нашиот здив.


ЛАВАЛО И ГРАКАЛО


- Пис! - куче
ако ја свиткаш опашката
в газ,
ќе те сонувам со крвава
ѕвезда на чело
јас.

Ѕверу -
не ти дојде умот.
(Мојот и онака одамна одлета.)
- Пис! - куче
кај мене гавран
долета.

Море куршум за тебе
лавало. В чело!
Ајде -
ќе ти ги искубам перјата
стрвна птицо. Гракало!
(Се грчи моево лице.)

Гавранот клунот
во дробот
ми го пика,
кучето забот
во бутот ми го рие,
Тројцата крвариме ние.

- Иш! - гавран
- Пис! - куче
- Блик! - крвје.
Со болка од пична жила
ги храниме
планинските врвје!

ЗАР УШТЕ ПОТАМУ, БОЖЕ


Стежнува морно, луничаво сениште,
некој од кулата татнежливо се гласи:
"Што лежиш, што чекаш,
станувај и запиши ги гласовите во ноти!
Слушаш ли, 'ржи коњот, рика волот,
од столбот жицата одѕвонува во етерот,
бакарот си го покажува срцето од злато,
а ти си ја разлеал бојата на сонот
и сликаш! Престани да ми го сркаш медот,
на пладнина ламбата да ми ја потпалуваш!
Еј, чуј: јазикот ти е -
бодликаво клинче, ќе ти го откорнам од грлото,
ќе ти ги наличам сите лишки и тишки
да се пцукаат на отворено прет тебе!
Само со тоа нема да пројдеш.
Ќе ти го згмечам вратот со запрежно тркало,
боските на мајка ти ќе и’ ги исечам
со распарчени срчи! Вилиците на дедо ти
ќе зреат на зелени кукурци! И знај:
не шегувај се со мене, кога ти велам,
збери си ги останките од растурени коски!

Низ триумфалната капија
ќе те одведам на плажа
со грбот свртн кон водата
ќе збираш школки
и ќе си го видиш во купот бисери
твојот распарчен череп!

Ќе наврне снег само за тебе,
додека Сонцето им ги позлатува
измазнетите колкови на стројните жени,
ти ќе се престориш остров
со топол мразулец од гејзерот!
Ќе бликаш самотен в небо . . .
Ќе видиш мноштва зла
а само за едно ќе раскажуваш:
спермата на татковата ти сперма
плива наназад
како давеник во матна вода!
Ќе те проголта самотија
во сини вирови на испустена душа.
Златна птица со клун
ќе ти ја колва семката
за да ти про'рти семка од лејка. . .
Во буништето од излижани спомени
ќе носиш купиште разлазени змии
додека водениот орел квачи смрт
ти ќе си ја квачиш својата песна!"

Истоштен од студена пот, се огласувам:
"Зар уште погоре, зар уште потаму, Боже!"


ВОДЕНИОТ ОРЕЛ

Водениот орел се израмнува
во пливањето, во летањето
да се одигра војна
треба да се има коњ, меч,
во наездата на тенковите
потребно е огледало
распарчено од гранати.

Натемаго врзан со збор
го плаши насилство,
дрвото врзано со корен
е двојно насилство.

Работата е приведена до крај,
влажноста што истекува од суша
е знак на владеење
на владици без душа.

Јавнати безумства
на ѕвездени дории
сипаат морничав дожд,
зрната прскаат в зелен пламен
од румените ѕидишта на зората
летот на водениот орел со клун
сврдлува в камен.

Да се вагаше умот,
да се вагаше разумот,
јазикот на живинчето
да беше говорен -
кучето што ме гледа
ќе знаев што го боли.

Пих, во долгата година
куршум излетува од мене
куршум влетува во тебе,
глув куршум драмата ни ја парчи!

- Жено моја, дали остана мед
да ја примамиме пчелата
да ни исучи свеќи од восок? -

Водениот орел
квачи вселенски јајца,
зимата клоцна, касна, тупка,
'ркулец излетува од барутна пупка,
- ќе роди смртоносен бериќет годинава! -

Бојното поле, тоа ти е -
'ржење, кликање, рикање
и уште лавеж врз лавеж
на гладни митралези
пред кои и каменот се скаменува.


ТАТКО МЕ БАРА


Пред една неповратна глутница
Татко рече: "Демони кружат
околу нашава куќа
излетуваат како од напуштен гроб!
Без знак за смисла и размисла
ние, налуничавите, осакатените
не можеме да врземе едно со друго . . .
Со векови сееме и жнееме коб."

Од врв планина
сончева пајажина
го враќа каменот на Сизиф, суров,
никогаш толку светлина
само од еден извор!
Зениците од Зенитот
се топли вимиња, на самиот срт
се молзат самите себе.
Оваа распалавена светлина
везшумно ромори
во надојдена плима.
Белите цутови
го сонуваат плодот
од коренот соковите извираат
и ја напојуваат светлината
што ги крунисува со смрт.

"Од три страни сонце грее!"
Прегорен од жештина
Гавранот кружи
врз зажарениот јаглен
на Сонцето.
Во секое зрно
по еден заробен вулкан дреме,
ги надогнува моиве чадосани коски -
поцрнети знаци на земјата.
Музиката се предава низ ромор,
а јас, со своето грозоморно ЈАС,
гледам узреано жито - оптегнат мртовец!
По гумењата на ноќта
кружи мисла, пчела
и сега знам
во безмилосната беспоштедна борба
на мравките гладијатори
назлам протечува оган!
Мостовите од пченични сламки
се поцврсти
од мостовите железни
на Сан Франциско!

Ме барал ли некој мене
о с а м е н и о т?
- А, да! - Татко ме бара. -


ПОСЛАНИЕ


Да го извлечеме 'рѓосаниот анџар
од градите на Свети Размо во црквата
потребни се денови, години, векови . . .
Веќе сме чиста пометенија
на бамбаќерно платно в небо
секавиците истураат невина крв;
реката е наострена кама од јазик,
земјата, суров непоправлив збор.
Врз сафирите на шумата
се трупаат сончеви грамади,
поезијата е напишана со езерска трска
тенка ем висока!

Послание на времето кажува -
(низ раскостени коски
може трева да никне,
може змија да ползи,
може да се собере подземна сила.)

Во гневот Болен Дојчин
го уби Црна Арапина, всушност -
тој и’ се одмазди на самотијата во себе.



СКАПОЦЕНОСТИ


Од скиците за бачот и бачилото
ја зачував само онаа на Евтихиј
со бакарна подлога во основата:

во земјен сад кипе млеко
во млекото шумат лисја
во лисјата струи сок

т е р е з и ј а н а
с к а п о ц е н о с т и

во лисјата струи сок
во млекото шумат лисја
во земјен сад кипе млеко.

И уште: врз детските гробови на ридот
се разгранува росен јоргован . . .

Боже! Сред оваа самотија
ме награди со пресна солза
пред јагнето одлетано со крилја на Ангел.


НА СЕСТРА АНГЕЛИНА


На сестра Ангелина
некој саможивник и’ се ѕвери
со зажарено око
ја гледа од Млечниот Пат
додека сонцето
нурка кон дното на бездната
кон ништожноста,
космичен ветер и’ ги корне дрвјата
и’ ги крши гранките
и’ го парчи црниот бисер . . .
И’ ја префрлува топката - полна Месечина
од едниот на другиот морничав срт,
на Кораб.

На сестра Ангелина
рацете и’ се подземни корења
среде раздробена земја
рони суви жолтици,
рони пресна пепел,
од вените и’ пруси млака крв . . .
Лицето и’ е бело злато
од цвеќето на усните
лакомо пие зората.


САМОТИЈА


Брате мој,
Ме боли самотијата во себе
пишти ко змија в оган.
Тишината е згустена кал.
Станувам мета на туѓи погледи.
Напуштен од рода и порода
се ежам во студена пот,
што дека имам таблица
со свети писанија, кога таа
на свената жолта детелина
со мене игра среќа на лото!
Ме дои ко рулче в постела,
ме одведува в театар
да гледам претстави
од наострена џган!
Ме облекува во штавена кожа
ме прогонува низ житни полиња
каде што српот шурува со класјето . . .
Ме мунѕосува со напупена уста, без срам,
ми ги покажува очните белки, со презир.
Не знам што и’ должам, што ми должи,
но ние сме во постојана завада.
Се обидувам да избегам од себе,
но не е лесно да се излезе
од сопствената кожа. По навика
се решив без опит и вера
да гледам топло пламено цвеќе
се’ додека не му летнат латиците!
Со самотијата во себе што се гризам
сме нови сијамски близнаци
родени во исто време. Ме плаши
војната на ѓаволите по патот
што си играат стрижи - мижи- татара.


ВРНЕ, РОМОРИ . . .


Со денови ромори, врне до гуша
суводолица се одлева
чиниш расплакана аровна душа . . .

Нешто ми тежи
а знам дека планината
скриена под густа магла
е мачка орјатка што се ежи . . .

Свртени кон зајдисонце
а наврнати до гола кожа,
ги прашувам овчарите со свирки
- Каков бајрак треба да се развие
и на која страна да се носи?! -

Ми оговараат: "Во правец на трите ножа!"

Ги слушам гласовите на ќосовите
што доаѓаат како од бунар празен,
а некој во долината кади темјан,
некој кој од искони е благословен,
со невидливо копито згазен!

Додека волот заграбува зелен страк
и ги надува гајдите - слабини,
овчарите плетат претсказанија
за скорешните снегови по брегови,
од студени морници на очи ми паѓа мрак.

Врне, ромори
со скришна намера - човек
остри секира во светол сек,
драмата ќе се одвие во узреан нагон!
Така било, така ќе остане до век!

Маж и жена
како една во друга утока
се мешаат во матна река.
Се превртуваат сплеткани јагули,
фатени во ситни мрежи . . .
Само од помислата колку им е убаво
Господе, грлово ми се суши,
срцево ми се крежи!

Жената посакува да врне дожд
со часови, со денови да паѓа,
во млазот на реката на страста
сака да се престори сенка на видра
што ќе се врти на црвено вретено
сред вртлогот што буи и се раѓа . . .

Мажот погледнува низ прозорец -
планината се крие во тесто од магла . . .
Волкот се облекува во својата сенка,
во долината капе крв ко зрела дренка . . .

Во мислата на жената лее дожд,
ромори, се ниже врз стакло
капе по сламена стреа;
во погледот на мажот се лее бол,
се топи суво злато, сî се позлатува
како невестинска дреа . . .


ДЕТСКИ КРИКОВИ


Печал до печал алосан печал в кал.
Со печалбарите, Татко, го префрли
мостот наречен "Дримско Грло"
"Туѓина пуста јабана . . ." А јас знам -
гледана од далеку - земјо македонска,
убава си. Убава си со крвавото копито
на коњот. Црвен од пламен
коњот претрчува низ мене, 'ржи
ги пренесува бежанците низ пределот.
Откриваме мамутски стапки. . .

Во топла августовска ноќ
над зазреани пченки- Месечина
ни го потпалува исконот
и со крлук на страста ја доловуваме нежноста
што потоа одненадеж в џенем исчезнува.
Знам, пред палатата изградена во сонот
алеите се построени зад мислата,
дрворедите неподвижно дремат
пред белите саркофази на бескрајот . . .
Не шумоли златна ѕвездена прав,
во топла августовска ноќ
се влече сребрена нишка - самотија.
Врз легнат кристал од бол
со црвено бреме врз песок
осамен сум, Татко, осамен
отвори ми ги вратите закатанчени
низ просторот со прокуди да лунѕам . . .
За да си откопам тунел во себе
позајмувам сврдли од детски крикови . . .





САМО ВИНОТО МИ ЈА ПЛАКНЕ ДУШАВА!



По години, откако се врати Татко
од туѓина за да си умре дома
потпивнувајќи вино - матечина, рече:
"Надај го увото наваму, да ти кажам:
не се слушаше звукот на синџирите
ни звукот на кршење коски . . .Така,
ме втераа ничкосан на грб, ко в гроб
во темница - самица без врати и пенџери.
Ме прашува дали уште крепи земјата?
Под ноктите ми забодувааа спици.
- Ха, ха, ха. - здравоживо!
Се почувствував поотпразнет млаз од бунар . . .

Само виното ми ја плакне душава!

Море какво стакло, уф, уф,
каква стаклена менаџерија!
Море стаклена посатка, невеста,
напрсти стои! Ако дојде кај мене
ќе и’ ја испијам нежноста.
Опојност, што друго, нели,
таа ми продава на вересија?
Море стаклена боца, уф, уф,
со око од устинка гледа во мене,
та што ти има лично грло! . . .
Ќе и’ го испијам бисерот,
облечена во црно грозје
ги крепи моиве батисани коски.
Уф, уф, не ја препродавам?!"


СТИХОВИ ЗА БЕЛ ДУНАВ



По долги години, во еден европски град
безобѕирно ми се заканува бел Дунав!
Не дека ќе ме нападне,
не дека како крпа
ќе мора да ме одвлече
до голите корења на врбите,
до гнилото тиње на морето,
не дека ќе мора да ме черечат
големи морски риби (и мали!),
туку . . ., гледајќи кај живеел Татко
во еден напреден, убав свет,
во складна цивилизација, лелекам!

Чекорам по широка патека
крај ќилим од тревната мов
гледам девојка со црна чанта
како да носи ташаци во неа!
На момето задникот му се расцветал.

Овде чекорел Татко мој
но немал смелост да скокне в река,
да и’ го поцрвени белиот образ.
Гулабите ја серат катедралата
за која Кафка напиша повест,
- посвета на светицата од Варвара!
Море ќе скокнам во бел Дунав.
Поетот Хласко ми се лути:
"Не оди, вели, во моравските ниви
не носи ги светите ликови на Браќата!
Таму се твоите сестри, единки,
во големи купишта складираат
зрела пченка. Токму. Така."
Море ќе скокнам во бел Дунав,
ќе го разбранувам со умисла!
Поетот Хласко потврдува:
"Овде е ул. "Маршал Малиновски" бр. 2
зад железничка станица
кукавицата го снесе јајцето
во туѓо гнездо, назорум . . ."

Излегувам од дворот на катедралата
и тргнувам право кон бел Дунав,
на патот ја сретнувам сенката на Татко -
се кикоти мошне грозно од спротива:
"Ќе ми се фати овој бел Дунав! . . ."

Пее крај Дунав сенката на Татко -
"девет лути рани сите куршумлии,
а десетта рана со нож прободена!"

Ми се заканува бел Дунав
но јас му ги покажувам забите,
му ги покажувам катниците,
му ги покажувам очните дупки
низ кои водата тече неповратно
крај плочата на цар Трајан.

Го себав Дунав, бел Дунав на врапито,
го прелетав со "Де- це- 9!"

Од водата избегав како од оган.


ДЕН ДО КОСКЕНДЕН . . .


Ден по ден во стрв и страв
од можни атомски печурки:
Ден до коскенден - Велигден,
Ден до коскенден - Петровден,
Ден до коскенден - Спасовден,
Ден до коскенден - Илинден,
Ден до коскенден - Куковден!

(Слика на поетот за стихијата)

Дрпа куче со крвава челуст
живо месо. Сопка врз сопка в клопка,
црнила збрани в крвави рани.
Во пресни јами мрши гнијат,
сред мртви чети мртви се кријат.
Коњот морничаво ребра брои,
мртвата чета мртво се строи . . .
Во оваа мешаница, во оваа гнојна турканица
од пизма во пизма во катаклизма
музика со црни ноти се плоти
и роси, крваво роси врз црни коси . . .
Луѓе божјаци, сираци, самаци, клети
коска до коска, непрегледна троска.
Тоа е црн повеј ѕвездата што ја крие,
сред чумаво оро збираме черепи ние . . .
Овие крикови, овие пцости гнасни,
овие пегави лица, некогаш сладострасни,
со вилици раздробени ко згазени жаби
гротлото што врие, безмилосно го зграби . . .

ПЕТЕЛ


На петелот во дворот му се топорам:
Крилјата ќе ти ги зберам в китче,
канџите ќе ти ги врзам в снопче,
низ газникот ќе ти го протнам клунот
што ја крвареше зората. - Чуј, пих! -
вратот ќе ти го обесам на глуварче!

Отечени ми се униве, поместени очиве,
грлото ми е суво, зборот недоумен.
Знај, крилото нема да ја пренесува муграта
од едниот на другиот брег
како што пренесуваше грешни души
кајчето на Харон.

Ќе го наполнам грнето чопенки
ќе знам, за "коликокош"*
сум ти нанижал црвен гердан на вратот;

со знајното и незнајното
со слава на боговите, какво фајде - ајде
кога со Татко кон дното летаме.

*Во некои села на Македонија до денес се задржал пагански празничен ритуал, наречен "коликокош".


ПЕРУНИКА


Жолт предел на припек
се оптегнал ко пресен мртовец.
Еден ден и јас ќе станам жолт,
свеќа со восочно лице!
Ќе се загледувам
од другата страна на бескрајот.
Меѓу жолтите жита на припекот
и белата вода во слапот
моето лице од мразулец гол
ќе точи сончева срма . . .
Дрвото отсечено ќе плива во моиве очи.
Ќе се преселам во сенка
со чело потпрено на дланките,
мислата ќе ми биде одлетана
усвитена пчела што кружи . . .
(Пчелите се разбираат со ѕуење.
Низ пареата, Мајка, од земјен сад
ќе ми ја пречистува душава осамена
и повторно ќе ме роди
во сина перуника од бол . . .

Пред болот и’ реков:
"Ти напреднала ткаенината, Мајко,
конецот што го влечеш низ брдило
е крвна жила што во топлина те озарува!"
(Рацете на Мајка и денес ме потсетуваат
на цутени гранки во миризлива градина,
на невин извор низ дулец што се лее . . .)

Понекогаш, природата, во единство дарува
страк нежност, грст убост,пласт виделина!

Сега, низ споменот, кога мајсторството на Мајка
е само едно одлетано цутче од вишна,
ја сфаќам тежината на богатството во целина
и со истиот сјај што грее,
со јарки бои во мисла скришна,
болскоти скапоцен камен
што ни во времето не потемнува,
а се прелева во нов пламен.


АВТОГРАМ


Бре -
во ателјето еден намќор - вајар
со длето распарчува глинена глава,
(кучето до него се тресе од покора.)
Појдов на ридот зад селските робишта
да ја гледам провалијата на облаците
кога се прелеваат во течен метал . . .
На една од мермерните плочи
посакав да го втиснам својот автограм.
Луѓето во црквата пееја молитва,
кубето се дуеше од влага и мувла . . .
Чекорев меѓу суви пенушки
се потсетив дека некогаш тоа беше
бујато лозје. Што кажува човек кога е сам?!
Ми се згрози сознанието дека ловците
фазаните ги кубат уште живи!
Наспроти очекувањата, во воденицата,
штракалките тропаа, воденичар немаше . . .
Потоа сјаен фенер запали Вечерницата.
Облаците крвареа меѓу сино и жолто.


СКУЛПТУРА


Скулптурата на Татко постои излеана
во мојата свест. Во осама.
Восок од кој истекол медот.
Оваа скапоцена направа
ќе исчезне рамно со мене
и никој не ќе знае
дека сум постоел јас
и дека постоел со мене Татко.
Ги пуштил рацете како осуденик,
го фатил мигот на природата,
но природата го фатила во болест
како што падарот фаќа крадец
со зрели дуњи натоварен . . .
Што може да каже една скулптура
направена од аматер во алабастер
од расеана мисла, од гнасна совест?
Татко мој, веќе коските ти се згниени
под црвените пластови на варовникот.
Се враќам натоварен со негасена вар,
ја отворам вратата на споменарот,
земјата расцветува во земја.
Како кучиња касаат трендафилите, Татко,
трнот останува трн, ја боцка душата.
А оваа скулптура што ја носам
Во свеста, змиино клопче е, ќе се откине
од моето око кога наскоро ќе згаснам,
кога ќе се престорам прав и пепел.



АНГЕЛОТ - СПАСИТЕЛ

"Дали светот е подруг
од оној што го гледаме?"
- прашува осамнеиот поет.

- Подруг е! -

Не е така сî црно, помислува затвореникот
оптегнат на гола штица,
додека му ја предава душата на сонот
телото му е избраздена сува земја
прелетана од ноќен ќукален.

И тогаш помислува, не без причини,
дека една шурка налик на славопојка
тече по челото на Ангелот - Спасител,
додека во ќелијата се згустува тишина
тој ја згустува својата брежна мисла.

По правило, меѓу две високи планини
има една Голема Порта отворена
низ која минало нашето детство
со шарено знаменце незаборав.

Сонот не води до неможните предели
на она што го има, што се гледа,
ако сликите на сонот се вистина
нека ти се мнаожат на оној свет!

Како истоштена гладна кучка
душата наутро се прибира во телото,
затвореникот ги оптега нозете, гледа
некој му ги испогазил шарените цвеќиња!

Озрачен од поројните морници
осудениот дознава дека
во целината на постоењето, сепак
има нешто што потиснува и уште подалеку
од ѕвездената бездна . . .Се уверува
дека има рај во жуборењето на изворот,
во ладовината под дабот,
во сечилото на молњата;
дека рајот е меѓу две зажарени тела
превртени во трева со страст за рожба.
Со нова принова во земниот рај
тие го осмислуваат Универзумот
и се пробиваат уште подлабоко
низ светлите и темни коридори . . .
Белата вода од изворот
тече наспроти моите илузии
за ништожноста на светот, Боже!


ДОМ

На зрно грозје
октет, јак ас е,
оса - кип.
А јас, Татко,
во борч до гуша
барав камен
де овде, де онде
по каменолом,
речно корито,
тешка скрка.
Барав камен
во глува ноќ,
жолт, зелен камен
во црна мисла,
а што најдов?
Да кренам дом
најдов бел пламен
во страдна душа.

Лето Господово, 1994 г.

За Јован Котески

1. Целосна блог-архива за животот и творештвото на македонскиот поет Јован Котески (1932-2001). Блогот ги содржи целокупните поетски збирки на Јован Котески од 1958 до 2000, како и неговата лична и творечка архива.

2.Материјалите од блогот се слободни за користење во лични, образовни и научни цели. Забранета е нивна употреба за комерцијални цели и без наведување на изворот и авторот.

3.Сите дериватни дела (правењето песни, раскази, романи, музика, сликарство, вајарство, документарци, филмови, стрипови, спотови, танц, фотографија, дизајн, мода, видео-игри, виртуелни светови... научни и стручни текстови, теорија и филозофија, публицистика... врз основа на песните од Котески) се дозволени, доколку не се користат за комерцијални цели и доколку се наведе изворот и авторот.

4.Авторот на дериватските дела мора целосно да го наведе текстот на оваа лиценца (на истиот начин како што се појавува овде).

5. Доколку некој автор спомнат на блогот смета дека се повредени неговите/нејзините авторски права, може да ја контактира Јасна Котеска на jasnak@gmail.com

...за Јован Котески од Јасна Котеска

Линкови за Јован Котески

Multimedia


Каменоресци. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк
Кајмакчалан. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк

База на податоци за книгите на Котески

Базата ги содржи:
1. Насловот на збирката
2. Годината на издавање
3. Издавачот и серијата
4. Пагинација и димензии на книгата
5. ISBN (кадешто го има)
6. Насловна корица

I. Збирки песни

1. Насмевка пред зорите (1958)
2. Земја и страст (1958)
3. Злодоба (1963)
4. Тежина (1965)
5. Пеплосија (1966)
- Земја и страст, 2 изд. (1971)
6. Сенки (1972)
7. Зелени порти (1975)
8. Хераклеја (1978)
9. Поморија (1981)
10. Бденија и сновиденија (1982)
11. Полилеј (1983)
12. Плодови (1984)
13. Тапија (1985)
14. Сончева белегија (1990)
15. Живожарица (1990)
16. Морници (1991)
17. Ралица (1992)
18. Лелејка (1994)
19. Самотија (1994)
20. Трагач (1996)
21. Приќе (1997)
22. Одрон (1998)
23. Разор (1999)
24. Кртечина (2000)

II. Избор од поезијата

1. Злодоба (1992) - избор
2. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - избор
3. Празник (1995) - избор
4. Решетки (1996) - избор од затворската лирика
5. Јован Котески (2000) - тротомен избор
6. Сончева белегија (2008) - избор

III. Препеви

1. Pesme/Песни (1974) - српски
2. Dragoste si moarte (1981) - романски
3. Strah i duša (1984) - српски
4. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - англиски, француски, руски.

IV. Песни за деца

1. Глувчето со двоглед (1991)

V. Книги за Котески

1. Поезијата на Јован Котески (2003) од Миодраг Друговац

Избрани песни

Јован Котески
АЛКИ (1984)

(старзаманско оро, по војната)


Писнува свирката на катун Еѓупци,
збива планината в подмолен татон.
Едно старче ја крева раката,
ногата ја подава како да влегува в гроб,
го фаќа ритамот на расплаканото пиле
и опа! - го почнува орото. Еден по друг
како алка со алка се врзува синџирот,
се издолжува од премалени тела.
На крајот од овој божји сплет
едно извалкано детиште со лице пердувче
го крева рачето во знак на лага
и со камшикот сплетен од живи тела
почнува да го камшикува господа
скриен во свирката што плаче.


Jован Котески
Трагач (1995)
поема

- извадок-

Пред да избереш девојка за жена
најпрвин избери огледало
на кое ќе се огледува муце од видра!
Според бојата на земјата по која се втиснуваат
твоите траги
одреди ѝ го тварот, не заборавај го зборот!
Храни ја извесно време со суво грозје
како што се хранат канаринките.
Пред да зачекориш во подвигот погледни ѝ ги забите
(бели?)
кажи ѝ неколку простени молитви гласно и јасно!
Наостри ја сабјата како секавица
низ Димна гора за да ти се гледа . . .
Потковај го коњот наопаку со клинци
- жолти дукати.
Не пропуштај го галавниот адут - виното.
Пред да избереш девојка за жена
појди на чешма и со часови гледај го млазот вода . . .


Колку и да ти се открива како светица
таа ќе ти ја одземе силата, човеку, не Господ.
Не срди се што не ти ја дополнила чашата
течен ќилибар, таа ја знае суровата мера.
И не бегај од неа како овчар од магла,
не оставај ја усвитена фурна,
таа ќе го пече тоа што ќе го рече
па макар ти да се здробиш на парчиња во Солунско!
Не број го времето со часови, денови, години,
симни го јарчето на сржбата од вратот
и врати се кај што се врти вретеното . . .
Инаку таа знае да биде и црвена мравка,
ќе ти ги растури името и куќата.
Ќе те остави гол како пиштол
а своите рудни богатства на имањето
ќе му ги отстапи на Беле Костурчето
што ќе ѝ ги прекопува со жешка казма!