Душко Наневски за Јован Котески (1975)

Душко Наневски


ЈОВАН КОТЕСКИ

ЗЕЛЕНИ ПОРТИ (1975)


Се будам а под сончев вруток бел,
шарени цвеќиња ми изникнале в рака.

Јован Котески, Зелени порти

Пред извесно време имав прилика да слушнам дека на еден фестивал особен впечаток оставиле езгиите од македонскиот народен мелос. Кога прашав што се тоа езгии, ми беше одговорено дека тоа се оние музички творби, кога овчарот или гајдарот, ќе ги земат кавалот или гајдата, и, не исполнувајќи никаква позната мелодија, не придружувајќи никаков обред од тага или од задоволство, ја ноаѓаат мелодијата на својата душа, што ја исполнуваат за себе, со еден збор: кога творат. Не знам зошто првата асоцијација што притоа ми дојде на поетски план, се заврза за поезијата на Јован Котески. Можеби тоа дојде оттаму што токму езгиите, на извесен начин, ја одредуваат природата на неговата поезија. И тој е поет со вродена дарба, неоптоварена со поетики и естетички начела, кој пишува на природен начин, кога му пее душата, и тоа со еден изразит наивитет, што привлекува како и езгијата, среде толку талентирани и верзирани, модерни македонски поети.
Тој наивитет беше согледан во поезијата на Јован Котески уште од првите негови збирки: “Насмевка пред зорите” (1958) и особено од позначајната негова книга “Земја и страст” (1958), како негова впечатлива особеност со која се разликува од другите македонски поети. Но она што притоа не беше доволно согледано мислам дека е невиноста на неговото пеење, поради што имаме и доверба во неговото чувство. По таа линија може да се направи една интересна паралела меѓу него и јунаците на Живко Чинго од извонредната книга “Пасквелија”. Како што е познато, и кога им доаѓаат непознати војници да ги убиваат, овие добри луѓе привлекуваат токму со она што му недостига на модерниот свет: кроткост, љубов и невиност, со својата сочувана човечка душа, што се открива како ретка оаза во модерното време. Нешто слично се доживува и при средбаат со стиховите на Јован Котески: низ една кротка поезија на страдање, додека мислиме дека е наивен, тој се покажува супериорен во благородноста. Така, гледајќи ги апсурдот и трагиката на модерниот човек, во песната “Сизиф”, тој го сожалува и му го нуди она што најмногу му треба: “во жед, о Сизифе, збери сила / јас ќе ти позајмам сончеви крила”. Помошта што ја нуди, се осмислува во поентата: да стигне побргу до првата вода, барем да си ја ублажи маката. Индиректно, со тоа е изразен и неговиот единствен творечки став, од кој јасно произлегува дека & одредува само благородна функција на песната.
За поезијата на Јован Котески, во нашата критичка свест, веќе е врежано, не без основа, мислењето дека тој е поет со фолклорна инспирација, дури и со украси од срмениот вез на народната орнаментика. Меѓутоа, за разлика од спомнатите збирки, како и од другите негови книги: “Злодоба” (1963) и “Тежина” (1965), во кои националните и социјалните мотиви ги обојуваше со фолклорни шари, во “Зелени порти” тој веќе излегува од зачараноста со магичното дејство на народната поезија. Овде би можеле да зборуваме само за извесни сочувани врски со некои традиционални симболи, низ кои всушност се изразува неговиот идентитет со она што се вика македонска душа: кога го “шпара на гради змија” во кобен час (“Змија”), кога со името ја зема и самовилската белина на девојката што “лепо ткае со нејната става” (“Грумка”), во печалбарската тага на жената што станала “гердан од солзи, кој се кине кај што сакаш“ (“Елегија”), и во светата слика на мајката, “со тивка болка синовита”, во асоцијација со кукавицата (“Црно пиле”). Тоа е с#, и не би било коректно, ако не се рече дека и овие песни во структурата и изразот се остварени со оригинален напор и доволно дистанцирани од народната поетика. Но има нешто друго што паѓа во очи, кога се разгледува оваа поезија на релација со народната. Мислам дека Котески продолжува една убава традиција со тоа што непосредно и постојано разговара со природата, што сите мисли и чувства ги обликува во слики од пејзажот, дотаму што можел и да рече: “се будам, а под сончев вруток бел / шарени цвеќа ми изникнале в рака”. На тој начин, неговата имагинација постојано се пресоздава низ допири со еден рустикален свет од неговото рурално потекло, што & дава основен белег на неговата поезија.
Можеби во таа рустикалност на неговиот свет има нешто анахроно, што заостанува зад урбаниот пејзаж на модерното доба. Но токму во тоа може да биде и драгоценоста на оваа поезија. Иако и кај него има извесни немири што го одржуваат во врска со модерното време, кога, на пример, му се чини “ќе има глад и јад и пресно клање” (“Житие”), тој на интересен начин се заштитува од рефлексиите на болот, јадот или стравот, низ постојано враќање меѓу сликите од природата. Од овој агол гледана, неговата поезија сугерира и една идеја, говори за една пронајдена алтернатива, не само за бегство, туку и за живеење далеку од урбаната мора, сред свежи слики што се чинат од некој друг свет. За тој свет, самиот поет на едно место убаво вели: “Најдов златен порој, но тој таму тежи / зад гори зад мори, зад бели бигори”. Всушност, со тој примамлив контраст, тој пак изразува една подлабока црта на модерниот свет, кој с# повеќе е во потрага по спокојот на исконската природа. Тоа, меѓу другото, го постига и со блесокот на чувствата, со благата светлина што зрачи од поетските слики, низ кои се претопува урбаниот немир во лирски доживувања.
Во врска со ова, сакам да истакнам и една изразита поетска вредност што ја донесува Котески во книгата “Зелени порти”. Мислам дека тој овде постигнал еден повисок степен на сублимација. По сублимноста на некои песни, тој како да има нешто мошне блиско до лиризмот на Константин Миладинов од “Голапче” кога душевноста ја прелева во нежни облици. Таа сублимација толку е лирична, што во неа речиси не се гледаат првичните мотиви и идеи, сета книга е исткаена од чувства, претчувства и настроенија. Дури, во неа не може да се одгатне ни симболиката на насловот “Зелени порти”. Само на две места , патем, среќаваме за нив непосреден израз: кога во “Призвук” вели “затворени стојат тие порти вити / наконтени пред ликот на бога”, што асоцира на порти од олтар, и во насловната песна, кога во еден ламент на љубовта, спомнува некои “зелени порти во таен двор”, што не е доволно за поодредени заклучоци. Можеби тие зелени порти се само поетски симбол за неговите премини од светот на стварноста во светот на имагинацијата, во која, со еден ритам на срцето, ја остварува својата сублимна лирика.

Притоа, сакам да одбележам уште еден, неодминлив, чисто естетски квалитет на новата поезија на Јован Котески, што се огледува во структурата и формата на песната. Во македонската поезија, во времето на барањата на модерниот израз, наеднаш беше прекината певноста, со напуштање на врзаниот стих и ориентација кон слободниот верс. Меѓутоа, по извесно време, некои поети согледаа дека метричката структура може да биде творечки агенс, или дека созвучијата во стихот му даваат извесно чародејство на поетскиот збор. Така, низ обнова на врзаниот стих, создадени се неколку убави постигања во современата македонска поезија: “Нарциса” од Чедо Јакимовски, кој ја негува музичката линија на песната, “Летен дожд” од Владо Урошевиќ, кој донесе складни импресии од пејзажот, сонетните форми во “Постела од трње” од Петар Бошковски, каде тој пронајде и свој ритам за магичните синтагми и идиоми. Кон нив сега, со збирката “Зелени порти”, која целосно е остварена во метрички структури, и Јован Котески ги хармонизира поетските слики, низ што доаѓа до израз и благородниот звук на неговата лира. Тоа особено се чувствува кога буди “звук од прстен што дреме во метал сјаен”, во тажната, сугестивна мелодика на “Црно пиле”, или кога ги следи птиците, гулабот или славејот од “Слекувањето на Ена”. Иако, очигледно, насекаде не е вешт версификатор, и како слухист, тој, во најубавите песни, излеал неколку чисти мелодии, потенцирајќи го магичниот впечаток со многу внатрешни рими и созвучја.
Навистина, во пеењето на Јован Котески има нешто скромно што во однос на водечките македонски поети, го остава на втор план. Но, исто така, во неговата поезија има и нешто што е реткост, што заслужува и поголемо внимание. Затоа што вистинската уметност во основа се води од благородни принципи, тихиот, благороден звук на неговата лира може да остане потрајна вредност од некои наметливи новитети од европската мода, а со времето може да биде оценет и над оние што сега прават ефект со бруталноста на зборот, со она што се вика сурова поезија, се разбира, кога ќе и’ мине модата.

За Јован Котески

1. Целосна блог-архива за животот и творештвото на македонскиот поет Јован Котески (1932-2001). Блогот ги содржи целокупните поетски збирки на Јован Котески од 1958 до 2000, како и неговата лична и творечка архива.

2.Материјалите од блогот се слободни за користење во лични, образовни и научни цели. Забранета е нивна употреба за комерцијални цели и без наведување на изворот и авторот.

3.Сите дериватни дела (правењето песни, раскази, романи, музика, сликарство, вајарство, документарци, филмови, стрипови, спотови, танц, фотографија, дизајн, мода, видео-игри, виртуелни светови... научни и стручни текстови, теорија и филозофија, публицистика... врз основа на песните од Котески) се дозволени, доколку не се користат за комерцијални цели и доколку се наведе изворот и авторот.

4.Авторот на дериватските дела мора целосно да го наведе текстот на оваа лиценца (на истиот начин како што се појавува овде).

5. Доколку некој автор спомнат на блогот смета дека се повредени неговите/нејзините авторски права, може да ја контактира Јасна Котеска на jasnak@gmail.com

...за Јован Котески од Јасна Котеска

Линкови за Јован Котески

Multimedia


Каменоресци. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк
Кајмакчалан. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк

База на податоци за книгите на Котески

Базата ги содржи:
1. Насловот на збирката
2. Годината на издавање
3. Издавачот и серијата
4. Пагинација и димензии на книгата
5. ISBN (кадешто го има)
6. Насловна корица

I. Збирки песни

1. Насмевка пред зорите (1958)
2. Земја и страст (1958)
3. Злодоба (1963)
4. Тежина (1965)
5. Пеплосија (1966)
- Земја и страст, 2 изд. (1971)
6. Сенки (1972)
7. Зелени порти (1975)
8. Хераклеја (1978)
9. Поморија (1981)
10. Бденија и сновиденија (1982)
11. Полилеј (1983)
12. Плодови (1984)
13. Тапија (1985)
14. Сончева белегија (1990)
15. Живожарица (1990)
16. Морници (1991)
17. Ралица (1992)
18. Лелејка (1994)
19. Самотија (1994)
20. Трагач (1996)
21. Приќе (1997)
22. Одрон (1998)
23. Разор (1999)
24. Кртечина (2000)

II. Избор од поезијата

1. Злодоба (1992) - избор
2. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - избор
3. Празник (1995) - избор
4. Решетки (1996) - избор од затворската лирика
5. Јован Котески (2000) - тротомен избор
6. Сончева белегија (2008) - избор

III. Препеви

1. Pesme/Песни (1974) - српски
2. Dragoste si moarte (1981) - романски
3. Strah i duša (1984) - српски
4. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - англиски, француски, руски.

IV. Песни за деца

1. Глувчето со двоглед (1991)

V. Книги за Котески

1. Поезијата на Јован Котески (2003) од Миодраг Друговац

Избрани песни

Јован Котески
АЛКИ (1984)

(старзаманско оро, по војната)


Писнува свирката на катун Еѓупци,
збива планината в подмолен татон.
Едно старче ја крева раката,
ногата ја подава како да влегува в гроб,
го фаќа ритамот на расплаканото пиле
и опа! - го почнува орото. Еден по друг
како алка со алка се врзува синџирот,
се издолжува од премалени тела.
На крајот од овој божји сплет
едно извалкано детиште со лице пердувче
го крева рачето во знак на лага
и со камшикот сплетен од живи тела
почнува да го камшикува господа
скриен во свирката што плаче.


Jован Котески
Трагач (1995)
поема

- извадок-

Пред да избереш девојка за жена
најпрвин избери огледало
на кое ќе се огледува муце од видра!
Според бојата на земјата по која се втиснуваат
твоите траги
одреди ѝ го тварот, не заборавај го зборот!
Храни ја извесно време со суво грозје
како што се хранат канаринките.
Пред да зачекориш во подвигот погледни ѝ ги забите
(бели?)
кажи ѝ неколку простени молитви гласно и јасно!
Наостри ја сабјата како секавица
низ Димна гора за да ти се гледа . . .
Потковај го коњот наопаку со клинци
- жолти дукати.
Не пропуштај го галавниот адут - виното.
Пред да избереш девојка за жена
појди на чешма и со часови гледај го млазот вода . . .


Колку и да ти се открива како светица
таа ќе ти ја одземе силата, човеку, не Господ.
Не срди се што не ти ја дополнила чашата
течен ќилибар, таа ја знае суровата мера.
И не бегај од неа како овчар од магла,
не оставај ја усвитена фурна,
таа ќе го пече тоа што ќе го рече
па макар ти да се здробиш на парчиња во Солунско!
Не број го времето со часови, денови, години,
симни го јарчето на сржбата од вратот
и врати се кај што се врти вретеното . . .
Инаку таа знае да биде и црвена мравка,
ќе ти ги растури името и куќата.
Ќе те остави гол како пиштол
а своите рудни богатства на имањето
ќе му ги отстапи на Беле Костурчето
што ќе ѝ ги прекопува со жешка казма!