Слободан Мицковиќ за Јован Котески (1978)

Слободан Мицковиќ

ЈОВАН КОТЕСКИ (1978)


1.

Јован Котески е поет кој својот поетски свет го гради врз сопствените внатрешни доживувања барајќи го нивниот корен надвор од себе. Неговите возбуди се постојано инспирирани со она што околу себе го гледа, што го доживува и забележува но тие се, истовремено, одделени од своите поводи зашто патот на нивното пројавување води низ сензибилната поетска внатрешност. Сликата на она што Котески го гледа минува, најпрво, низ емотивното ниво на неговата податливост кон надворешноста, меѓутоа, таа се менува, се надградува и се заматува во натамошните нејзини патишта: таа влегува во однос со други слики и доживувања, се усложнува во контекстот на асоцијациите што ги буди, се упростува во допирот со рамките што Котески & ги поставува во песната. Затоа поезијата на Котески не е веднаш разбирлива а ниту, пак, клучевите на нејзиното сфаќање имаат само една шифра.

Приоѓајќи им на песните Котески, пред се’, има сосема јасна претстава за тоа дека тој не ги пишува за некого, дека тој никому одредено не ги упатува. Тоа е една слобода што во поезијата тешко се достасува. Отворајќи ги за себе просторите на таа слобода Котески песните ги пишува заради нив самите, ги соопштува најпрво на сопствените љубопитства, трепети и стравови, ги отвора најнапред кон својата потреба тие песни да бидат дел од неговите разговори со себе и со светот. Тоа е, значи, поезија што е интимна на еден специфичен начин зашто и интимата што трепери во нив има широки граници, далечни хоризонти и напори да се превозмогне нејзиниот непремост, нејзината суштина која е токму во тоа – да го стесни просторот на поетот во неговата целосна и нераскинлива затвореност. Затоа поезијата на Котески, во основа, не е херметичка, не е само шифра на една внатрешна состојба со која се полни песната без да можат нејзините текови да воспостават поширок и позначаен контакт со сето она што е надвор од неа, што не е таа.

Котески ги остварува пробивите на својата песна надвор од нејзиниот формален круг на неколку начини. Тука е пред се’ јазикот со кој зборува Котески. Неговиот јазик е пронаоѓан во еден специфичен говор, полн со архаизми, полн со значења што се наталожиле во зборовите така што нивната употреба никогаш не може да биде докрај прецизна, докрај во служба на една идеја, што е една од основните претпоставки на затворената поезија. Кај Котески таа непрецизност во кажувањето, пресметана и барана, песната ја прави повеќезначна и послоевита. Втората можност за комуникација оваа поезија ја бара во употребата на прозодијата: песните звуковно, мелодиски се насочени кон една сугестивност што треба да н& го досоопшти расположението од кое е потокната. Тоа особено се однесува на вториот циклус од книгата “Сенки”, на “Вртолум”. Патем да споменеме дека песните од тој циклус се повпечатливи зашто во нив едно поетски искуство, што Котески го гради кај себе веќе дваесетина години, се среќава со нови хоризонти и нови сознанија. Третата можност за контакт со нас Котески ја воспоставува низ мотивите што ги избира – тие се блиску до нас, го знаеме нивното потекло и имаме во себе некој однос кон нив и пред допирот со оваа поезија (песните Комита, Стоби). Навлегувањето во песните, потоа, н& отвора можности да го најдеме во себе клучот за нивното доживување.

Градени врз принципот на тој непрекинлив монолог со самиот себе, поттикнат од доживувањето на надворешните поводи, песните Котески кај нас предизвикуваат, најпрво, впечаток на фрагментарност – тие како да почнуваат од мигот кога поетот ги согледал во себе многубројните можности за говорење па од нив, откога ги исцрпил и извршил, одбрал само една која н& ја соопштува во песната. Меутоа, фрагментарноста на песните се надминува со целосноста и доследноста на поетскиот приод кон секоја песна, консеквентен и непрекинлив во целата книга, односно во секој циклус одделно. Ако песната “Клетва” н& се стори дека е само дел од нешто што не е целото соопштено, ние ќе бидеме во право, но ќе треба да ја поврземе во нас, со песната “Во злодоба” од поранешните книги на Котески.

И оваа книга, “Сенки”, ако ја согледаме во пошироката панорама на потското творештво на Котески, ќе го почувствуваме она што неговите песни го носат: оној страв пред ноќните сенки и сили, онаа восхитенот од носталгичните чувства што поетот ги бара во себе и ги воздигнува во песните и некој грч што постојано трепери во оваа поезија.


2.

Книгата песни на Јован Котески “Хераклеја” е целосно одредена тематски со насловот: во неа се говори за древниот град Хераклеја, за неговите судбини и мината. Меѓутоа, во книгата тематскиот зафат не е најбитен, зашто поетот се стреми низ песните кои се посветени на Хераклеја да говори за сопственото доживување на нејзиниот свет. Во песните се проткајува една упорна нишка на мисловната апаратура на поетот која непрестајно се труди да го изнајде во Хераклеја она што за поетот е релевантно во мигот кога тој го открива тој древен град, значи да открие и осмисли состојби на сопствениот живот. Затоа “Хераклеја” не е книга која стриктно се држи за својата тема туку е едно поетско творење кое се инспирира со темата, ја надградува и ја збогатува, ја проширува и ја извлекува од нејзината временска и просторна лоцираност за да го достигне општиот поетски проблем ма траењето и опстојувањето.

Котески во повеќе песни во оваа книга ја зема за едно поетско милје сегашната реалност на Хераклеја и тоа милје го исполнува со една евидентна актуелност. Во песната “Амфитеатар” вели “…и почнуваме да ја подготвуваме сопствената драма”. Приодот кон еден ваков вид поетска проблематизација Котески го користи и низ другите песни во книгата. Трагајќи по нишките на судбината на оние луѓе и жени кои останале од древноста извајани во мермерот Котески говори за судбината воопшто, за минливоста на времето и на животот и за трајноста на убавината, за постојаноста на човечкото дело. Во еден број песни, како што е “Пирова победа”, “Тезеј”, “Одисеј”, “Песна за Арес”, поетот користи поетска постапка која се потпира и врз нашето предзнаење; ги изведува своите асоцијации од оној слој на општопознатите факти за античките јунаци и богови. Меѓутоа, напорот на поетот и тука е насочен кон препознавање на дамнешната судбина во сегашната состојба на нашата свест, во сегашните морални дилеми кои и овој свет ги познава како што биле познати и во древноста.

Треба да се истакне дека книгата на Котески ја прифаќа древната судбина на Хераклеја како сопствена, како дел од судбината која луѓето ја имале на почвата врз која сега ние се наоѓаме. Тоа значи дека поетот не се откажува ниту од таа далечна традиција која припаѓала на една друга култура, на еден дамнешен систем на човековата организација: за него Хераклеја е негова сопствена традиција со самото тоа што може да ја допре, да ја доживее и да ја почувствува силата на поетското во нејзината судбина. На тој начин поезијата во “Хераклеја” уште во таа појдовна позиција се определува за поезијата како моќ да се премостат времињата, да се допре до човековите проблеми преку тој мост низ вековите.

За Јован Котески

1. Целосна блог-архива за животот и творештвото на македонскиот поет Јован Котески (1932-2001). Блогот ги содржи целокупните поетски збирки на Јован Котески од 1958 до 2000, како и неговата лична и творечка архива.

2.Материјалите од блогот се слободни за користење во лични, образовни и научни цели. Забранета е нивна употреба за комерцијални цели и без наведување на изворот и авторот.

3.Сите дериватни дела (правењето песни, раскази, романи, музика, сликарство, вајарство, документарци, филмови, стрипови, спотови, танц, фотографија, дизајн, мода, видео-игри, виртуелни светови... научни и стручни текстови, теорија и филозофија, публицистика... врз основа на песните од Котески) се дозволени, доколку не се користат за комерцијални цели и доколку се наведе изворот и авторот.

4.Авторот на дериватските дела мора целосно да го наведе текстот на оваа лиценца (на истиот начин како што се појавува овде).

5. Доколку некој автор спомнат на блогот смета дека се повредени неговите/нејзините авторски права, може да ја контактира Јасна Котеска на jasnak@gmail.com

...за Јован Котески од Јасна Котеска

Линкови за Јован Котески

Multimedia


Каменоресци. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк
Кајмакчалан. Антонио Павловски. Студио Пешевски. Линк

База на податоци за книгите на Котески

Базата ги содржи:
1. Насловот на збирката
2. Годината на издавање
3. Издавачот и серијата
4. Пагинација и димензии на книгата
5. ISBN (кадешто го има)
6. Насловна корица

I. Збирки песни

1. Насмевка пред зорите (1958)
2. Земја и страст (1958)
3. Злодоба (1963)
4. Тежина (1965)
5. Пеплосија (1966)
- Земја и страст, 2 изд. (1971)
6. Сенки (1972)
7. Зелени порти (1975)
8. Хераклеја (1978)
9. Поморија (1981)
10. Бденија и сновиденија (1982)
11. Полилеј (1983)
12. Плодови (1984)
13. Тапија (1985)
14. Сончева белегија (1990)
15. Живожарица (1990)
16. Морници (1991)
17. Ралица (1992)
18. Лелејка (1994)
19. Самотија (1994)
20. Трагач (1996)
21. Приќе (1997)
22. Одрон (1998)
23. Разор (1999)
24. Кртечина (2000)

II. Избор од поезијата

1. Злодоба (1992) - избор
2. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - избор
3. Празник (1995) - избор
4. Решетки (1996) - избор од затворската лирика
5. Јован Котески (2000) - тротомен избор
6. Сончева белегија (2008) - избор

III. Препеви

1. Pesme/Песни (1974) - српски
2. Dragoste si moarte (1981) - романски
3. Strah i duša (1984) - српски
4. Поезија, Poetry, Poesie, Поэзия (1993) - англиски, француски, руски.

IV. Песни за деца

1. Глувчето со двоглед (1991)

V. Книги за Котески

1. Поезијата на Јован Котески (2003) од Миодраг Друговац

Избрани песни

Јован Котески
АЛКИ (1984)

(старзаманско оро, по војната)


Писнува свирката на катун Еѓупци,
збива планината в подмолен татон.
Едно старче ја крева раката,
ногата ја подава како да влегува в гроб,
го фаќа ритамот на расплаканото пиле
и опа! - го почнува орото. Еден по друг
како алка со алка се врзува синџирот,
се издолжува од премалени тела.
На крајот од овој божји сплет
едно извалкано детиште со лице пердувче
го крева рачето во знак на лага
и со камшикот сплетен од живи тела
почнува да го камшикува господа
скриен во свирката што плаче.


Jован Котески
Трагач (1995)
поема

- извадок-

Пред да избереш девојка за жена
најпрвин избери огледало
на кое ќе се огледува муце од видра!
Според бојата на земјата по која се втиснуваат
твоите траги
одреди ѝ го тварот, не заборавај го зборот!
Храни ја извесно време со суво грозје
како што се хранат канаринките.
Пред да зачекориш во подвигот погледни ѝ ги забите
(бели?)
кажи ѝ неколку простени молитви гласно и јасно!
Наостри ја сабјата како секавица
низ Димна гора за да ти се гледа . . .
Потковај го коњот наопаку со клинци
- жолти дукати.
Не пропуштај го галавниот адут - виното.
Пред да избереш девојка за жена
појди на чешма и со часови гледај го млазот вода . . .


Колку и да ти се открива како светица
таа ќе ти ја одземе силата, човеку, не Господ.
Не срди се што не ти ја дополнила чашата
течен ќилибар, таа ја знае суровата мера.
И не бегај од неа како овчар од магла,
не оставај ја усвитена фурна,
таа ќе го пече тоа што ќе го рече
па макар ти да се здробиш на парчиња во Солунско!
Не број го времето со часови, денови, години,
симни го јарчето на сржбата од вратот
и врати се кај што се врти вретеното . . .
Инаку таа знае да биде и црвена мравка,
ќе ти ги растури името и куќата.
Ќе те остави гол како пиштол
а своите рудни богатства на имањето
ќе му ги отстапи на Беле Костурчето
што ќе ѝ ги прекопува со жешка казма!