ЈОВАН КОТЕСКИ
Злодоба (1963)
Најпознати песни од оваа збирка:
1. Селска сиромаштија
2. Остани Дојчине
3. Кајмакчалан
4. Смртта на војникот
РУЖА
Оваа ружа крие во себе смрт,
а има толку чисто тело!
Долината го довикува срцето
со румен одѕив од сонце.
О мили спомени, о драги ѕвона
како пред многу години
на овој цвет болна
сликата на мајка ми
исчезнува . . . бистри води,
совршени солзи и цветови.
СЕЛСКА СИРОМАШТИЈА
Легната до мене,
ти во мене лаеш
селска сиромаштијо.
Ме процепуваш ноќе
пресечен церов труп,
срце од гламна црно.
Нагризани од болеста
Ние сè ти дадовме,
а ти нè подгонуваш
со слабиот добиток
во дебела зима.
ЅИДАР
Пријателе, мајсторе, брате!
Наведни се, бакни ја земјата и огледај се
во својот живот мачен.
Годините те преселуваа
по скелињата како ѕидар,
сонцето го поздравуваше
со венец од плетена слама
и од виново годишно доба
ти процветуваше крвта во пламен,
но ти остана со оној тежок здив,
со оној длабок бакнеж од камен
што те притискаше до гроба.
ЗАД ЈАМНЕНИ ПУСТИ
Леле црни камења
поцрнети сестри
оцрнети спомени.
По каменоломите
и луѓето пеат
со глас од кукавица.
Навечер крај реките
од синџири робје
ѕвонат селски ѕвона.
Леле црни камења!
Како да се довтаса
далечна Малесија
зад Јамнени пусти.
СЕСТРИ
Ги заборавивме
родните сестри
со нивниот бол
што беше наш бол,
со нивните очи
што беа наша добрина,
со нивните коси
што беа нашата смрт.
Ги заборавивме
родните сестри,
тие драги камења
од спомените!
ЅИДАРИ
Се допира омраза
до сивиот бетон,
а носиме омраза
во срца изгорени.
Треба да се догради
свенатиот скелет
за да го докренеме
до срцето човечко.
Потем ќе си навлезат
црвените мрави
кој од кое колено.
Пролет е. Расплакана
како бела книга
во рацете стуткана.
Дома ќе донесеме
и љубов и солзи,
но повеќе омраза.
ОСТАНИ ДОЈЧИНЕ
Тоа беа години
на глад и измама.
Мајките ги продаваа децата
за корка леб. Не се продава срцето!
Леле, не се продава срцето
од светол спомен.
- Остани Дојчине уште оваа пролет,
жити здравје остани
крај белите води што течат.
Ќе сееме пченка на каменот,
ќе пукне зрно на каменот
и топла солза ќе капне
на тврдото срце од каменот. -
А што да се рече за луѓето
што немаат за себе леб,
што како ѕидари тргуваат со маки
по патиштата ракувајќи го денот.
А децата обезглавени крај реките
ја бакнуваат земјата од Јуда
и таа раѓа камења и омраза.
Вишни и земја . . .
- Ќе го гледаме сонцето и ќе се радуваме,
остани Дојчине златен! -
ТЕЖИНА
Веќе те носам со години
како откината, сува земја.
Те носам, а да незнам
дека ти беше мојот живот
и мојата јабана.
Доаѓаш ској здив
и ме откинуваш како во оној април,
кога се допре чиста до мене,
кога се откина почиста од мене!
А да незнам кога се стурна
како распукана, сува земја
несетна, топла, осамена
со нежно ветре и тежок здив.
Не можам а да те сватам,
кога со години те носам
како откината, сува земја
Тебе, што првпат те сретнувам во себе,
а којзнае колку страсно те губам!
ДЕТЕ ШТО ПЛАЧЕ
Ти си обесправено, малечко,
ти плачеш. Твојот мек плач
го отвори срцето камено.
Крваво,
сонцето ќе зајде зад горје, зад морје,
зад бело бигорје.
Преку оној рид
Мајка ќе дојде со везник уморина.
Кога и жетвата отсонува глад,
Светот е сосема глув
за да ги чуе нашите сребрени гласој.
- Молчи ми, малечко мое, молчи ми!
Вечер ќе си броиме црни греди
и ѕвезда ќе падне во нашиот двор,
а како мртовец ќе лежи пченката
жолта од сушите, сува од години гладни . . .
Ти си обесправено, малечко,
ти плачеш. Светот е сосема слеп
за да ја здогледа нашата тага.
Мајка ќе дојде со везник уморина
кога сите сенки ќе никнат над земјата
како чисти икони, како гладни жили . . .
ПЕЧАЛБАРИ
1.
Ќе дојде пролетта. Кукавиците
ќе пукаат по своја рожба,
жените ќе излезат по сребро
над реките, земјата ќе мирува . . .
И сè ќе има свое тајно име
и пелинот и каменот и небото
и тие што не се вратиле повеќе дома
ќе испратат топли поздрави
по сонцето. Само ние ќе удираме
со црни крила
по сивите карпи на времето.
Никаква музика не ќе нî исплаче,
никаков дом не ќе нî прибере
нас тргнати, изгубени, неми.
Само ќе се сетиме дека сме живеале
некаков отуѓен, мачен живот.
2.
Некои рекоа:
" . . . не ќе се вратат заминатите . . .",
а и тие што се вратија
со земја се зафатија
и ја проколнаа својата мајка.
КАМЕНОРЕСЦИ
1.
Се враќаа крај реката тие аскети
огребани од времето и маката.
Рекоа, на некоја дворана во Персија
направиле гола жена од камен.
И оној човек со чекан на колкот
го отежнал чекорот како од планина,
очите не носеа пресечен даб,
којзнае што носеа тие од туѓина.
2.
- Мојот син, праша жената.
- Ќе дојде Сандре, стрино,
остана да ги доземе парите!
После се сети како на своја рака
и уште повеќе се сети за него
закопан меѓу луѓето во болницата,
во втората венеричка болница
на третиот спрат, 24 - лево.
ПЕТ ГОДИНИ
Како да бев те видел,
како да бев ручал со тебе
пет години. Како да беше
моја жена, како да беше!
Детето остана на мојот врат
ѕвонец на времето, гласило.
Јас те заборавив, сети ме.
Како да беше моја жена
и по белината на телото
и по животот. Пет години,
сети ме, пет години . . .
БЕЛИ ТОНОВИ
Пролетта, како сновалка на бела преѓа,
се заплеткува, се пресипува
на ледината, зад градината,
до чешмата од спомени чиста!
Далечни, темни, длабоки гласови,
никогаш недопрени до нашата душа,
а вечно откинати од нас самите.
Гласови сребрени, гласови меки
- пролетни гласови
дојдени до сенката на нашата среќа
некогаш барана, никогаш ненајдена
сега изгубена. Руменило едноставно
по образите на девојките, по цутовите,
по голите камени ридишта
прокипува - пред само ние да пристигнеме,
исчезнува - пред само ние да помислиме.
Ослободена, како светлина од дофат
душата го напушта телото, трепери . . .
А можеше да биде сè наше, но не е!
ВО ЗЛОДОБА
На Кораб сребрени ножеви
снег и цвет. Со црн коњ
по бел друм Секула замина.
Кучкин сине, во злодоба, каде?
Само во сонот се мерка
јаболко златно и смрт.
Радика гласот од јужна земја
го скри во пените и рика.
Кучкин сине, во злодоба, каде?
ИЗВОР
Ти што протече крај мене
а со жедни усни не ме допре,
ме соѕида со црни камења
што го крепат твоето матно дно
во моето корито.
Сега си ја гледам својата сенка
како ми процветува црвено.
Шумот твој се оддалечува од мене
и ја раскажува гладната милост
за случајноста.
Ти си извор со бела вода . . .
Широко е твоето грло,
студени се легнатите камења
по присоите
и засенчените венци на тајните врати
пред нашата жедост,
студени се.
Извираш од подземното скровиште
и течеш,
течеш како девојче со строга става
што знае напати да се разбранува,
што знае напати покорно да биде!
ЗМИЈА
И коњот бега како сенка
под матно небо. Сосем сам,
со тоа нежно чудо си играм
како со дете. А зелен плам
се шири, како од мај се враќа
и шарен поздрав во зер ми праќа
- Ти човеку, од кој си род?
КУЛА
Како што треба црвец во дрво
што упростува, упропастува,
а беспаќето го најавува
со трошен прескок преку времето;
така и ние згризавме сами
совест и прсти, да те видиме,
како се рониш и како паѓаш
димноглава висино, во овој сон.
ВЕЧЕРЕН ПЕЈСАЖ
Во градината (сè уште)
смрт и перуники.
Овената рака за љубов.
Од горите слегува ноќта,
крај белите сенки на гробјето.
- Ништо не зборувај, не!
Славејот граден од нежност
ги поттурнува лисјето
на бледо винена лоза.
Сî беше тивко, сè.
Само зад голите ридје
ноќта пропаѓаше
до една самотна ѕвезда.
ГРОБОВИ
Дојдовме
до најстарите гробови
на ридот.
Земјата црвена
сонува земја.
Колку зајдисонца
зад нашите брегови,
а колку сонца!
Камена пустино,
во очите на мојот коњ
- ништо си.
Само ѕвони пролетта
со сребрена струна
над детските гробови.
МРТВО СЕЛО
Ноќе се довикува самотијата
преку отворените врати
на мртвото село.
Прагот ги потемнува чекорите
и останува гол до каменот,
тагувајќи за некоја лоза
тука погребана.
Прозорците жмиркаат кон ѕвездите
и празен шепот се одронува
по мртвите ѕидишта неми.
Сенките коваат бог,
во мртвото село од време
слегува времето . . .
Јоргованот истурен во небото
пие сончевина
и млако си дотекува
до својот непознат корен.
Никогаш рака од девојче
не ќе го загради сонцето
на своите растурени коси.
Само ќе довикува мртвото село
кон мртвиот вековен сон
што дреме во каменот.
ПОСЛЕДНИОТ СОН НА РЕЗБАРОТ
Ќе отседнам
до дрвото суво, ореово
Слободен,
за да ме удри топлиот ветер
што доаѓа од земјата на пластови,
та да си отпочинам.
Да умрам како човек со чесен збор,
или како туѓинец во своја земја!
О браќа!
Кога ме прекорувате
ја ранувавте сочната младост на лозите,
ја откинувавте зрелата љубов на гроздовите,
- ја проколнувавте својата мајка.
Таа што ме задои со горчлив спомен
и ме отфрли по распаќата,
да црнеам.
Со парче смеа во крвта,
а веќе срушен како столетен даб,
седнувам, небаре да си ја одмерам сенката
што ќе ме надживее.
Седнувам на овој поцрнет камен
до дрвото суво, ореово
Слободен,
За да го досонувам својот вековен сон,
како што ми доликува мене, догроба.
Допрен со нечуен глас
помеѓу дрвото и душава,
јас се довикувам со вековите
и ја разгрнувам татковината
што што ќе ме осветли,
со моето разлистено длето.
МОЛИТВА НА СКИТНИКОТ
Земја
Вие што фаќавте со голи раце
змии и девојки, ви благодарам вам
неколкувековната сиромаштија.
Вратете ми ја низ солзите . . .
Во нив ќе го стоплам срцето на земјата
и ќе го разлистам дедовиот корен
до вашиот скаменет бол.
Господ
Ги пуштивме тажачките низ вековите
да присоберат жито и вино, мед и масло
и да надонесат уште неколку купишта челични лостови
за да ги превртуваме
становитите камења во срцето.
Жито и вино, мед и масло, Господе помилуј!
А ти,
милувајќи ги поубавите жени, свадбарките,
и селаните што те делкаа како камен
додека ја закрилуваа твојата мајка
урвокосница, црвојадина, вејкрпа,
- ти заспа.
Тогаш,
сакајќи или не, во пустини брежни
го подигнавме твојот храм
и со везови од памтивек ја закитивме
Стана наша.
Господе!
Што ќе рече за тебе
измачениот народ
поробениот?
Ги пуштивме тажачките низ вековите
да те најдат. Господе,
што станува со тебе скиснат?
ПРОШЕТКА
Има едно бегство
потешко од сите музики
Има едно дете што јаде прашина
и една вода
што ги раздробува коските
на мртвите луѓе
и ги превртува скалите
Има еден човек со откопано око
ја чита нежноста
и се доближува до срцето
како убав бог
Има еден пакосен свет
бел свет
како бело ленено платно
Има една смрт
што квачи на сите отворени врати
и сè работи како набожна жена
И има една земја
црна земја
што ја лаат трите месечини
и едно палаво куче
"ПАЉАЧИ"
Ме потпалија соковите на земјата
како зелена лоза, како детелина,
како напуштена ледина сред планина
што го бранува своето трепетно билје
пред елените, во глуво доба, насамо.
- Кој ли ме научи да предам златни конци?
Моето стебленце заврза тројни лисје,
повисоко од соковите што ме крепат -
мојата сенка се искачи над врбите;
пониско од коренот падна омразата,
- се сруши мојата совест. И сосем сама
се подадов на сонцето, дознав, исчезнав . . .
А зошто?! - Вцрвенета како пресно вино
ги дочекав жедните усни на времето
и отидов со друг. Отидов. Пуста земја
и високосоѕидан дом и јужен ветер
и широк, отворен пат кон морето бесно
ми везеа црвена ружа на градите.
Потоа дојдоа луѓето добри, бедни
и нî нарекоа - "Паљачи". Тој проклет збор!
Таа измислица здивна музика бела и горка
како водопад бел низ сино-сиви карпи.
- Паљачо нежен, Паљачо груб, црн Паљачо!
ВИСОЧИНИ
(Човечко паѓање)
Се напнуваме
да го доискажеме тој зелен сон,
тоа стрмно подземје на висините!
Под чекорот
како под зинато грло
виси одмаздата.
- Кој ќе биде победен? -
Како од древно време
кантарот на љубовта
завист мери.
Којзнае по колку години
со сосем скршени крила
ќе слеземе самотни.
А веќе на дофат
планината се затемнува,
небото се затестува
и облакот рикнува
по нашата презрела совест
Тој древен пад,
таа стрмна незгода
на висините!
Со смртта се довикуваме
како со своја сестра,
- неродена.
Напни, ненапни.
Изворите те корнат,
сенките те заробуваат
за една висина нова.
ДЛАБОКО РИКАЊЕ
(Нарушена хармонија)
Во мајчината утроба скриј се,
ќе те открие овој пеколен глас
ова длабоко рикање на луѓе - бикови
огледани во своја крв, ќе те открие
и со ножеви од срцето до срцето
ќе ја параат твојата малечка љубов.
Пријателе, човеку, то што ја посади нежноста
со звукот на зборот мајчин,
ќе те прободе јазикот како со рог
длабоко во срцето ќе те прободе,
ти можеш да умреш со пискот -
со грутка земја во окото.
Човекот води бик
рика во срцето и корне.
Ги отнавме сите води,
ги пуштивме сите гајди
и посадивме црвен кукурек во черепот
рикај де,
бику пред куќата кутнат.
Твоето срце кренато нагоре
рика. Го допира земјата. Де,
уште еден крик и ете
ти ќе ја посадиш со црно семе.
Ако се здробиш ќе го победува небото.
Ти само напни со срцето,
окото ќе ти капне како роса,
ти само напни со срцето
и ќе ја посадиш со црно семе.
Телото ги разделува водите,
над гробот клекнува пелин.
Рогот сам ќе ти труби
смрт од срцето
и ќе те здроби рикот
во крикот стишен на времето.
Ноќта отворена во тревите
ѕвезди ружи - ружи ножеви
и ѕвечи смртта грозно.
Налакти се Симоне
на черепот свој.
Рогот те процепува,
ти ми носиш сонце,
гласот дојде сам.
Во крвта цветот пролетен
се огледува. Заби кремен!
ќе те пресечам стеблике млада,
ќе ја запалам својата гладна страст.
КАЈМАКЧАЛАН
Луѓе
раскорнете ја коскарницата
нека се затрчаат черепите
низ стрмните падини
на Кајмакчалан.
Велат,
на каменот изгорела тревата,
мајката го исплакала синот,
времето ја заборавило мајката.
Јас не знам кој со кого
и кој за кого во кој ден,
се кренал духот како магла
што пасе ноќе по присоите . . .
Дошле преку отворено море
да го срушат својот бран,
на Кајмакчалан.
Можеби до черепот лежи
черепот на тој што убивал,
черепите се слични
со каменот.
Јас не знам кој со кого
и кој за кого во кој ден,
но ова чудо од коски
ме плаши!
СМРТТА НА ВОЈНИКОТ
(Слика од детство)
"Одмотете се, рече капларот.
Можеби и ние ќе се вратиме
Повеќе дома. Марвеци дозна
како се копа со нокти во каменот."
"Марвеци, викнаа војниците,
нека ти е лесна земјата, Марвеци.
Денеска жената повеќе тежи
од пресушената трева под нозете . . ."
Како си умираа во април!
Татковината им подари
волнени палта и смрт.
Вториот војник молчеше.
ПОЖАРИ
Се крунисавте сами. Потонавте.
Вашиот совршен занес допре до најтенките
преѓи на дрвото
милувајќи ја сносливата прашина на времето,
вашата музика имаше преден застој
до онаа форма без визија
каде небото и земјата папсуваа.
И што? Насон невидени, голи,
силни колку милозвучниот вител на оганот,
дојдовте да ги успиете очите
на едно болно дете,
штотуку преплетено во заборав.
Познат е зелениот пламен на шумите
Длабок.
од тоа темно предгорје на љубовта
секој си понесол скамнета искра.
Позната е онаа нежна љубов
на пожарите
што се искачува до совршена кула,
со темел во пепелта.
КАМЕЊА
Камењата како големи скелети мируваат,
залетани кон темниот простор на небото.
Нивните изделкани форми од којзнае какви
предградија
се качуваат, слегуваат и се подаваат кон сонцето,
потпирајќи ја вечноста на своите пеплосани дланки.
Камењата во себе кријат музика, што ќе го
надживее
имагинарното царство на пчелите и пештерите.
Надвиснати, тие се довикуваат преку темниот глас
на сопствените сенки, што ги придружуваат до нивниот
заборав.
Има црвени камења, камења со бели сенки и тие
ги врзуваат реките со чисти и свежи зори.
Но најголемите камења
лежат подчекорот на луѓето,
туркајќи ги нив,
тие ја откорнуваат
најубавата музика не времето
и со свежина нова и чиста
патуваат некаде.